Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  март 2014

Зошто плачеме?

Зошто плачеме?

ОД ДЕНОТ кога ќе се родиме, плачењето е нераздвоен дел од нашиот живот. Еден експерт објаснува дека, кога сме биле бебиња, плачењето ни служело како еден вид „акустична папочна врвца“, зашто едно бебе плаче за да го добие она што му е потребно, било во емоционален било во физички поглед. Но, зошто плачеме и како возрасни, кога можеме да се изразиме и на други начини?

За емоционалните солзи има разни причини. Можеби плачеме кога сме тажни, разочарани или кога чувствуваме физичка или душевна болка. Но, емоционални солзи може да ни потечат и кога сме пресреќни, кога ќе ни олесни поради нешто или кога ќе постигнеме некој успех — во овој случај тоа се солзи радосници. Солзите може да бидат и „заразни“. „Кога ќе видам дека некој плаче — сеедно од која причина — солзите сами ми потекуваат“, вели Марија. Можеби ти се случува да заплачеш и за нереални ситуации, на пример, кога гледаш филм или кога читаш книга.

Без разлика на причината, плачењето е моќно средство за невербална комуникација. Во книгата Возрасните и плачењето (Adult Crying) се вели дека „плачењето е еден од ретките начини на кои можеш да кажеш толку многу за толку малку време“. Солзите предизвикуваат реакција. На пример, на повеќето луѓе им е тешко да останат рамнодушни кога некој тажно плаче, зашто солзите се знак дека нешто го тишти. Како реакција на неговите солзи, може ќе се обидеме да го утешиме или да му помогнеме.

Некои стручњаци сметаат дека плачењето е корисен вентил за нашите емоции, но ако имаме навика да ги задржуваме солзите, тоа може да ни се одрази врз здравјето. Други, пак, велат дека сѐ уште нема научни докази дека плачењето е корисно за физичкото и психичкото здравје. Како и да е, според анкетите, 85 отсто од жените и 73 отсто од мажите изјавиле дека се чувствуваат подобро откако ќе се исплачат. „Понекогаш, едноставно морам да се исплачам“, објаснува Ноеми. „После тоа сум посмирена и појасно ги гледам работите — такви какви што се.“

Според анкетите, 85 отсто од жените и 73 отсто од мажите изјавиле дека се чувствуваат подобро откако ќе се исплачат

 Но, ова чувство на олеснување не е резултат само на солзите. Многу голема улога има и начинот на кој другите реагираат на нашите солзи. На пример, ни олеснува кога другите се поттикнати да нѐ утешат или да ни помогнат кога ќе нѐ видат како плачеме. Но, кога нашите солзи не предизвикуваат никаква реакција кај другите, може да се чувствуваме засрамено или отфрлено.

Очигледно, сѐ уште има многу неразјаснети работи во врска со плачењето. Сепак, едно знаеме со сигурност — солзите се една од фасцинантните емоцинални реакции што Бог ги всадил во нас.