Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  март 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Вистината за создавањето

Вистината за создавањето

МИЛИЈАРДИ луѓе имаат прочитано или слушнато што вели Библијата за настанувањето на вселената. Библискиот извештај стар 3.500 години започнува со добро познатите зборови: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“.

Меѓутоа, многу луѓе не се свесни за фактот дека верските водачи на христијанскиот свет, вклучувајќи ги и таканаречените креационисти и фундаменталисти, го извртиле библискиот извештај за создавањето и измислиле безброј приказни кои отстапуваат од она што го вели Библијата. Овие измислени сказни им противречат на научните факти. Иако ваквите приказни ги нема во Библијата, тие биле причина некои луѓе да гледаат на библискиот извештај како на обична бајка.

За жал, повеќето луѓе не ни знаат што навистина кажува Библијата за создавањето. Таа, всушност, дава многу логично и разумно објаснување за настанувањето на вселената. Освен тоа, нејзиното објаснување е во склад и со научните откритија. Да, можеби пријатно ќе се изненадиш од она што Библијата го кажува за создавањето!

ТВОРЕЦ КОЈ НЕМА ТВОРЕЦ

Библискиот извештај за создавањето се темели на фактот дека постои Врховно Битие, Семоќен Бог кој создал сѐ. Кој е и каков е тој? Библијата ни кажува дека тој е многу поинаков од божествата прифатени во поголемите религии и во современото општество. Тој е Творецот на сѐ што постои, но повеќето луѓе знаат многу малку за него.

  • Бог е личност. Тој не е некоја неопределена, безлична сила која бесцелно лебди низ вселената. Тој размислува и има чувства и цели.

  • Бог има неограничена моќ и мудрост. Ова објаснува зошто сите созданија, особено живите суштества, имаат толку сложена градба.

  • Бог ги создал сите елементи од кои е составен материјалниот свет. Според тоа, не е можно тој да биде составен од елементите што самиот ги создал. Тој има духовно, нематеријално тело.

  • Времето како фактор нема никакво влијание врз постоењето на Бог. Тој постоел отсекогаш и ќе постои засекогаш. Според тоа, него никој не го создал.

  • Бог има име, Јехова, кое се користи илјадници пати во Библијата.

  • Јехова Бог ги сака луѓето и се грижи за нив.

 ЗА КОЛКУ ВРЕМЕ БОГ ЈА СОЗДАЛ ВСЕЛЕНАТА?

Библијата вели дека Бог ги создал „небото и земјата“. Меѓутоа, оваа изјава е толку општа што од неа не може да се добие претстава за тоа колку време било потребно за да се создаде вселената или на кој начин била создадена. Тогаш, има ли основа раширеното верување на креационистите дека Бог ја создал вселената за шест дословни дена од по 24 часа? Оваа идеја, која повеќето научници ја отфрлаат, се темели на едно сосема погрешно разбирање на библискиот извештај. Да видиме што навистина вели Библијата.

Во Библијата нема поткрепа за тврдењето на фундаменталистите и креационистите дека деновите на создавањето биле дословни денови од по 24 часа

  • Во Библијата нема поткрепа за тврдењето на фундаменталистите и креационистите дека деновите на создавањето биле дословни денови од по 24 часа.

  • Библијата честопати го користи изразот „ден“ за да укаже на периоди со различно времетраење. Во некои случаи не е кажано колку долго траеле тие периоди. Пример за тоа е извештајот за создавањето запишан во библиската книга 1. Мојсеева.

  • Според библискиот извештај, можно е секој од шесте дена на создавање да траел илјадници години.

  • Пред да почне првиот ден на создавање, Бог веќе ја создал вселената, вклучувајќи ја и Земјата на која во тоа време немало живот.

  • По сѐ изгледа, шесте дена на создавање биле долги периоди во кои Јехова Бог ја подготвувал Земјата за да можат луѓето да живеат на неа.

  • Библискиот извештај за создавањето не се коси со научните сознанија во врска со тоа колку е стара вселената.

ДАЛИ БОГ СЕ ПОСЛУЖИЛ СО ЕВОЛУЦИЈА?

Многу луѓе кои не веруваат во Библијата ја прифаќаат теоријата дека живите суштества настанале од нежива материја преку непознати и неконтролирани процеси. Наводно, во еден момент настанал организам сличен на бактерија кој почнал да се дели и од кој постепено се развиле сите видови организми што постојат денес. Ова би значело дека и луѓето, кои се неверојатно сложени, настанале од бактерија.

Теоријата на еволуција ја прифаќаат и многумина кои ја сметаат Библијата за Божја Реч. Тие веруваат дека Бог ја создал првата форма на живот на Земјата, а потоа едноставно го надгледувал и веројатно го водел процесот на еволуција. Меѓутоа, Библијата ни кажува нешто сосема друго.

Библискиот извештај за создавањето не е во судир со науката која потврдува дека може да настанат варијации во рамките на еден вид

  • Според Библијата, Јехова Бог ги создал сите основни видови растенија и животни, како и првите маж и жена кои биле совршени и обдарени со способност да се осознаваат себеси и со особини како што се љубовта, мудроста и правдата.

  • Факт е дека растенијата и животните што ги создал Бог со текот на времето доживеале промени кои довеле до разлики меѓу припадниците на истиот вид. Во многу случаи, тие разлики се прилично големи.

  • Библискиот извештај за создавањето не е во судир со науката која потврдува дека може да настанат варијации во рамките на еден вид.

 СОЗДАНИЈАТА — СЛИКА ЗА СОЗДАТЕЛОТ

Во средината на 19 век, британскиот биолог Алфред Расел Волас бил истомисленик со Чарлс Дарвин во врска со теоријата на еволуција по пат на природна селекција. Сепак, за овој познат еволуционист се вели дека рекол: „Секој што е спремен да размисли подлабоко за работите може и во најситните клетки, и во крвта, и по целата Земја, и низ целата ѕвездена вселена... да види докази дека некој го осмислил сето тоа“.

Речиси две илјади години пред Волас, во Библијата било кажано: „Зашто, [Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Одвреме-навреме можеби е добро за момент да размислиш за неверојатно сложените творби во природата — од најмалата тревка до безбројните небесни тела. Кога го набљудуваш творештвото, можеш да го видиш Творецот.

Но, можеби се прашуваш: ‚Ако постои Бог кој со љубов создал сѐ, тогаш зошто го допушта страдањето? Дали ги оставил на милост и немилост своите созданија на Земјата? Што ни носи иднината?‘ Во Библијата има уште многу други вистини за Бог, вистини за кои повеќето луѓе не се свесни затоа што се затскриени од човечки филозофии и верски учења. Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, со задоволство ќе ти помогнат да ја испиташ чистата вистина од Библијата и да дознаеш повеќе за Творецот и за иднината на луѓето.

Нешто повеќе

КНИГИ И БРОШУРИ

Дали животот е Божје дело?

Важно ли е што веруваш во врска со потеклото на животот?

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Дали некои делови од Библијата се противречни?

Делови од Библијата изгледаат противречно. Разгледај некои принципи за да дојдеш до точниот одговор.

СТРАЖАРСКА КУЛА

Можеш ли да го видиш невидливиот Бог?

Дознај како можеш да гледаш со „очите на срцето“.