Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  февруари 2014

 ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Константин

Константин

Константин бил првиот римски император кој се изјаснил како христијанин. Со тоа извршил силно влијание врз светската историја. Тој ја прифатил оваа религија, која претходно наидувала на жестоко противење, и така создал поволни услови за настанувањето на христијанскиот свет. На тој начин, таканареченото христијанство станало „најсилниот општествен и политички елемент“ кој извршил влијание врз историјата (The Encyclopædia Britannica).

ЗОШТО вреди да дознаеш нешто повеќе за овој римски император? Ако те интересира христијанството, би требало да знаеш дека политичките и религиозните манипулации на Константин извршиле влијание — и сѐ уште влијаат — врз верувањата и обичаите на многу цркви. Да видиме како.

ЦРКВИТЕ — ОЗАКОНЕТИ ЗА ЛИЧНИ ЦЕЛИ

Во 313 год. од н.е., Константин владеел со Западното Римско Царство, а Лициниј и Максиминус владееле со Источното Римско Царство. Константин и Лициниј им дале верска слобода на сите луѓе, вклучувајќи ги и христијаните. Константин го штител христијанството затоа што сметал дека со помош на религијата ќе го обедини своето царство. *

Меѓутоа, Константин бил крајно изненаден кога сфатил дека меѓу христијанските цркви има поделби. Бидејќи му одело во прилог меѓу нив да владее слога, тој се обидел да воспостави, а потоа и да наметне едно „исправно“ учење. За да ја стекнат неговата наклоност, бискупите морале да прават отстапки во поглед на верата. Оние што постапувале така биле ослободени од данок и добиле огромна заштита од царот. Историчарот Чарлс Фриман рекол: „На оние што понудиле ‚исправна‘ верзија на христијанското учење им бил отворен патот не само до небото туку и до големо богатство на Земјата“. На тој начин свештениците  станале моќни елементи во световните кругови. „Црквата добила заштитник, но добила и господар“, вели историчарот Арнолд Џонс.

„Црквата добила заштитник, но добила и господар“ (Арнолд Џонс, историчар)

КАКВО ХРИСТИЈАНСТВО НАСТАНАЛО?

Како резултат на сојузот меѓу Константин и бискупите, настанала една религија со учења што биле делумно христијански, а делумно пагански. Ништо друго не можело ни да се очекува бидејќи целта на овој император не била да се најде вистинската религија, туку истовремено да постојат повеќе религии. На крајот на краиштата, тој бил владетел на една паганска империја. За да ги задоволи и христијаните и паганите, тој решил да биде „двосмислен во своите постапки и во своето владеење“, напишал еден историчар.

Иако изјавувал дека се залага за христијанството, Константин седел на две столици бидејќи воопшто немал расчистено со паганството. На пример, се занимавал со астрологија и гатање — окултни практики што се осудени во Библијата (5. Мојсеева 18:10-12). На триумфалната порта на Константин што се наоѓа во Рим, тој е прикажан како им принесува жртви на пагански божества. Продолжил да го почитува богот на сонцето со тоа што исковал монети со ликот на ова божество и го ширел неговиот култ. А кон крајот на својот живот дозволил во едно гратче во Умбрија (Италија) да се изгради храм во кој ќе служат свештеници. Храмот бил посветен на Константин и на неговото семејство.

Константин се крстил како „христијанин“ дури неколку дена пред својата смрт, во 337 год. од н.е. Многу изучувачи сметаат дека не се крстил порано затоа што сакал да ја задржи политичката поддршка и од христијанските и од паганските кругови во неговото царство. Се разбира, поради неговиот начин на живот и поради тоа што се крстил толку доцна, се доведува во прашање искреноста на неговата вера во Христос. Сепак, едно е сигурно — црквата што ја озаконил Константин станала моќен политички и религиозен елемент, кој му свртел грб на Христос и ги подал рацете кон светот. Меѓутоа, во врска со своите следбеници, Исус рекол: „Не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14). Од таа црква — која станала световна — произлегле безброј христијански религии.

Што значи сето тоа за нас? Тоа значи дека не треба слепо да ги прифатиме учењата на некоја црква, туку треба да ги преиспитаме во светло на Библијата (1. Јованово 4:1).

^ пас. 6 Се водат големи дебати околу тоа дали Константин бил искрен во своите христијански убедувања. Таквите сомневања се должат и на тоа што „толерирал пагански култови, дури и при крајот на своето владеење“, како што стои во едно дело.

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Обожавај го Бог на исправен начин

На какви проблеми можеш да наидеш додека ги споделуваш своите верувања со другите? Како би можел да им сведочиш без да ги навредиш?