Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  ноември 2013

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Како да зборувате за секстинг

Како да зборувате за секстинг

ПРЕДИЗВИК

Си чул дека секстингот е вообичаена појава меѓу младите. Можеби се прашуваш: ‚Дали мојот тинејџер би го правел тоа‘?

Сакаш да зборуваш за ова со твоето дете, ама како? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме како некои млади почнале со секстинг и зошто треба да те интересира оваа тема. *

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

  • Некои тинејџери праќаат пораки со сексуална содржина за да флертуваат со некој што им се допаѓа.

  • Понекогаш некоја девојка може да испрати слика на која е разголена бидејќи на тоа ја тера некое момче.

  • Едно момче може да испрати слика од разголена девојка до многу луѓе или за да ги забавува своите другари или за да ѝ се одмазди на девојката затоа што му раскинала.

Која и да е причината, тинејџер со мобилен телефон в рака може да си навлече големи проблеми. „Доволно е само едно кликнување и животот да ти се смени засекогаш“, пишува во книгата CyberSafe.

Многу луѓе не сфаќаат дека, штом некој ќе стави фотографија на Интернет, повеќе нема контрола над неа. Според еден извештај на Федералното истражно биро на САД (ФБИ), една 18-годишна девојка „извршила самоубиство откако фотографија на која била гола и која таа му ја испратила од мобилен на својот дечко била препратена уште на стотици тинејџери во нејзиното училиште. Се вели дека другите ученици, кои продолжиле да ја препраќаат сликата, ја задевале и ја малтретирале девојката“.

Секстингот повлекува и правни прашања. На пример, во некои места, против малолетниците што им испраќале сексуално експлицитни слики на други малолетници била поднесена тужба за детска порнографија и биле регистрирани како сексуални напасници. Како родител и ти може да сносиш одговорност ако договорот за мобилниот телефон е на твое име или ако не преземеш мерки да го заштитиш твоето дете од секстинг.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Постави јасни правила. Иако не можеш да имаш целосна контрола над тоа што прави твоето дете со мобилниот, можеш да се погрижиш да ги знае правилата — како и последиците ако ги прекрши. Имај на ум и дека, како родител, ти имаш право да го проверуваш мобилниот телефон на твојот тинејџер. (Библиско начело: Ефешаните 6:1.)

Помогни му на твојот тинејџер да размислува за последиците. Би можел да речеш: „Има многу мислења за тоа што сѐ спаѓа во секстинг. Како ти би го дефинирал овој израз?“ „Што мислиш, какви слики се недолични?“ „Во некои места е кривично дело малолетник да испраќа разголени слики од друг малолетник. Дали и ти мислиш дека тоа е толку сериозна работа?“ „Зошто може да се каже дека секстингот е погрешен во морален поглед?“ Внимателно слушај што ќе ти каже и помогни му да размислува за последиците. (Библиско начело: Евреите 5:14.)

Размислувај за последиците

Разгледајте замислена ситуација. На ќерка ти би можел да ѝ речеш: „Да речеме дека некој дечко тера една девојка да му прати непристојни пораки. Што треба да направи девојката? Да попушти само за да не си го расипе пријателството со него? Да одбие, но сепак да флертува со него? Да го раскине пријателството? Да каже на некој возрасен?“ Помогни ѝ на ќерка ти добро да размисли за оваа работа. Се разбира, на сличен начин можеш да разговараш и со син ти. (Библиско начело: Галатите 6:7.)

Разбуди го кај твојот тинејџер чувството за исправно. Поставувај му прашања како што се: Колку ти е важно да имаш добра репутација? По кои особини би сакал другите да те знаат? Какво мислење би имал за себе ако понижиш некого со тоа што ќе испратиш непристојна слика? Какво мислење би имал за себе ако цврсто се држиш за она што е исправно? Помогни му на твојот тинејџер ‚да зачува чиста совест‘ (1. Петрово 3:16).

Дај му добар пример. Библијата вели дека Божјата мудрост е чиста и нелицемерна (Јаков 3:17). Дали ова се гледа во твоите морални вредности? „Ние самите треба да дадеме добар пример и да не гледаме слики и интернет-страници кои прикажуваат непристојни или незаконски работи“, пишува во книгата CyberSafe.

^ пас. 5 „Секстинг“ значи испраќање слики, текстови или клипови со еротска содржина по мобилен телефон. За да дознаеш нешто повеќе, посети ја нашата интернет-страница jw.org/mk и прочитај ја онлајн статијата „Младите прашуваат — што треба да знам за секстингот?“ (Кликни на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ТИНЕЈЏЕРИ)