Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  август 2013

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Ако ќерка ти намерно се повредува

Ако ќерка ти намерно се повредува

ПРЕДИЗВИК

Дознаваш дека ќерка ти намерно се повредува себеси. ‚Но, зошто?‘ се прашуваш. ‚Дали сака да се самоубие?‘

Веројатно не. Сепак, ако ќерка ти се самоповредува, * мора да ѝ се помогне. Како можеш да ѝ помогнеш? Прво, размисли која би можела да биде причината за таквото однесување. *

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Дали само затоа што е популарно меѓу младите? Точно е дека некои млади почнуваат да се повредуваат затоа што чуле дека и други го прават тоа. Дури и ако е така, самоповредувањето не е само обичен моден тренд. Зошто? Оној што се повредува себеси обично го прави тоа скришно и многу се срами од таа навика. „Не сакав никој да знае за она што го правев“, вели Селија (20). * „Многу добро ги криев лузните.“

Дали оној што се повредува само сака да привлече внимание? На некои можеби токму тоа им е целта. Но, оваа статија зборува за оние кои кријат дека се повредуваат и кои не ги користат лузните и модринките за да привлечат внимание. Сепак, една девојка која се повредувала себеси вели дека посакувала некој да ги забележи нејзините лузни и да се дознае за она што го прави, бидејќи на тој начин ќе можела порано да добие помош.

Тогаш, зошто намерно се повредуваат? Може да има многу причини за самоповредувањето, но вистинската причина зошто еден млад човек се повредува обично е емоционалната болка која тешко може да ја искаже со зборови. Во својата книга Cutting, Стивен Левенкрон, стручњак по ментално здравје, за оние кои намерно се повредуваат вели дека се „лица кои физичката болка ја користат како лек за емоционалната“.

Оние што се повредуваат себеси обично чувствуваат емоционална болка која тешко може да ја искажат со зборови

Што ако се обвинуваш себеси како родител? Наместо постојано да се обвинуваш дека ти си придонел ќерка ти да се самоповредува, размислувај како да ѝ помогнеш да престане со таа навика.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Помогни ѝ на ќерка ти да ти се отвори. Од помош можат да бидат следниве предлози.

Пружи утеха. Ако ќерка ти ти каже дека се повредува себеси, обиди се да не изреагираш панично. Наместо тоа, зборувај мирно и пружи ѝ утеха. (Библиско начело: 1. Солуњаните 5:14.)

Прашувај без да осудуваш. На пример, би можел да кажеш: „Знам дека немаш секогаш убаво мислење за себе. Што е тоа што најмногу те нервира кај тебе?“ Би можел да прашаш: „Што можам јас да направам кога си вознемирена или депримирана?“ или „Што мислиш, што би можел да направам јас за да имаме подобра комуникација?“ Потоа ислушај ја без да ја прекинуваш. (Библиско начело: Јаков 1:19.)

Помогни ѝ да има реална слика за себе. Оние кои се повредуваат себеси обично се концентрираат на своите маани. Затоа, обиди се да ѝ помогнеш на ќерка ти да ги види своите позитивни страни. Би можел дури и да ѝ предложиш да си запише барем три работи што ѝ се допаѓаат кај неа. „Тоа што си ги запишав своите јаки страни ми помогна да сфатам дека всушност имам и добри особини“, вели една млада девојка која се вика Бријана. *

Поттикни ја да му се моли на Јехова Бог. Библијата вели: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). „Се терав да му ги искажам моите чувства на Јехова Бог, особено кога ми доаѓаше да се повредувам“, вели Лорена (17). „Тоа ми помогна уште повеќе да се трудам да прекинам со навиката.“ (Библиско начело: 1. Солуњаните 5:17.)

^ пас. 5 Самоповредувањето е навика со која некој си нанесува штета на своето тело, сеедно дали со сечење, удирање или на некој друг начин.

^ пас. 5 Иако во оваа статија зборуваме во женски род, начелата важат и за двата пола.

^ пас. 7 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 15 Самоповредувањето честопати е резултат на депресија или некое друго нарушување. Во таков случај можеби ќе биде потребно да се побара медицинска помош. Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на лекување. Меѓутоа, христијаните треба да се уверат дека начинот на лекување што ќе го изберат не ги прекршува библиските начела.

Нешто повеќе

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Зошто намерно се повредувам?

Многу млади се самоповредуваат. Ако и ти си еден од нив, што може да ти помогне?