Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  април 2013

 ИНТЕРВЈУ | БРЕТ ШЕНК

„Уверен сум дека животот е Божје дело“

„Уверен сум дека животот е Божје дело“

Брет Шенк е пензиониран советник за животна средина од САД. Тој ја проучувал заемната поврзаност меѓу растенијата, животните и животната средина. Зошто верува дека постои Творец кој го создал животот? Разбудете се! зборуваше со него за неговата вера и професија.

Кажете ни нешто за Вас.

Татко ми беше машински инженер. Често со жар ми зборуваше за математика и наука. Како дете, бев импресиониран од растителниот и животинскиот свет во потоците и вировите во близина на мојот дом во Њу Париз (Охајо, САД). Затоа, се запишав на студии по екологија на Универзитетот Пердју.

Ве интересираше ли религија?

Да. Татко ми ме поттикна да ја проучам лутеранската религија на која припаѓавме. Го изучував грчкиот коине, еден од јазиците на кои била пишувана Библијата. Тоа многу го зголеми моето ценење за оваа книга.

Кое беше Вашето гледиште за теоријата на еволуција?

Мојата црква ја прифаќаше теоријата на еволуција, а и моите колеги веруваа во неа. Никогаш не се ни посомневав дека не е точна. Но, во исто време верував и во Бог. Мислев дека двете верувања не си противречат. Иако ја ценев Библијата, не верував дека е од Бог.

Што го промени Вашиот став кон Библијата?

Двајца Јеховини сведоци, Стив и Сенди, дојдоа кај нас. Тие ни покажаа мене и на жена ми Деби дека, иако Библијата не е научна книга, сепак е научно точна. На пример, за Бог во неа се вели: „Тој престојува над кругот на земјата“ (Исаија 40:22). Во неа уште пишува: „Тој... ја држи земјата обесена на ништо“ (Јов 26:7). Во тој период, за моите истражувања од областа на екологијата користев сателитски снимки, па затоа овие стихови ме импресионираа. Тие биле напишани многу векови пред да бидат направени снимки на кои се гледа дека Земјата е круг и  дека не е обесена на ништо. Проучувајќи ја Библијата со Стив и Сенди, јас и Деби дознавме за многуте пророштва што се исполниле, видовме дека содржи практични совети и дава логични објаснувања. Со текот на времето, се уверив дека Библијата е Божја Реч.

Кога го променивте Вашето мислење за потеклото на животот?

Еднаш, Стив ми ги покажа овие недвосмислени зборови од Библијата: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав“ (1. Мојсеева 2:7). Значи, за потеклото на првиот човек има јасно документирани податоци. Ова ме наведе да се запрашам: Дали она што стои во Библијата е во склад со научните факти? Стив ме поттикна да го истражам тоа, и така и направив.

Што откривте за еволуцијата?

Многу работи. Една е дека теоријата на еволуција се труди да го објасни потеклото на видовите. Живите организми имаат органи што вршат важни функции, на пример, срце, бели дробови и очи. Освен тоа, дури и на микроскопско ниво, во самите клетки можеме да видиме ‚машини‘ што се неверојатно создадени. Од каде сите овие творби? Еволуционистите тврдат дека во природата автоматски се бираат најдобрите механизми, зашто успеваат да опстанат само живите суштества што ги имаат тие механизми. Но, оваа идеја не го дава одговорот на прашањето: Од каде дошле сите тие механизми? Увидов дека многу научници не веруваат дека теоријата на еволуција може да го даде одговорот. Еден професор по зоологија во доверба ми кажа дека не верува во ниедно од учењата за еволуција. Но, јавно не ги изнесуваше своите мислења од страв да не ја изгуби работата.

Дали Вашите сознанија од екологијата Ви ја зајакнаа верата?

Да. Дел од работата ми беше да проучувам каква е меѓусебната зависност меѓу живите организми. На Земјата, сите живи организми зависат од нешто. Да ги земеме за пример цвеќињата и пчелите. Бојата, мирисот, нектарот и структурата на цвеќињата се така создадени за да ги привлечат пчелите и да ги напрашат со полен. Пчелите, пак, се создадени да го соберат нектарот и да го однесат поленот од едно цвеќе до друга билка што ќе ја опрашат. Очигледно, цвеќињата и пчелите се создадени заемно да си помагаат.

‚Отпорноста на целокупниот жив свет на Земјата ме уверува дека животот е Божје дело‘

Во еден екосистем можеме да ја видиме заемната поврзаност во големи размери. Екосистем е заедница во која живеат можеби илјадници видови животни, растенија, бактерии и габи. Сите животни зависат од растенијата од кои добиваат храна и кислород, а повеќето цветни растенија зависат од животните. Иако екосистемите се неверојатно сложени, а организмите во нив се кревки, тие можат да опстојуваат со милијарди години. Дури и ако дојде до големи штети поради загадување, кога ќе се отстрани загадувачот, набрзо повторно ќе се развие сложен екосистем. Кога размислувам за отпорноста на целокупниот жив свет на Земјата, уверен сум дека животот е Божје дело.

Зошто станавте Јеховин сведок?

Многу ме загрижуваше колку човекот ја уништува животната средина. Знам дека иако се отпорни, екосистемите не се неуништливи. Јеховините сведоци ми покажаа што вели Библијата за тоа — дека Бог ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18). Тие зборови многу ми значеа. Продолжив да ја проучувам Библијата и со текот на времето се уверив дека надежта што ја дава Библијата е веродостојна.

Многу сакам да зборувам со другите за моите верувања, а ја имам проучувано Библијата и со некои научници. На 55 години отидов во предвремена пензија за да можам повеќе време да посветам на тоа да им помагам на луѓето да го запознаат Оној што го создал животот и да дознаат која е неговата намера со нашата прекрасна планета.