Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  април 2013

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како да се стави крај на семејното насилство

Како да се стави крај на семејното насилство

Ситуација 1: Родителите на Ирена * ѝ се на гости. Многу убаво си поминуваат со ќерката и зетот и си прават пријатен муабет. Кој родител не би бил горд со таков зет? Толку е добар со нивната ќерка.

Ситуација 2: Филип врие од бес. И повторно, како и секогаш, ќе го истури врз жена му — ќе ја шамара, ќе ја клоца, ќе ја кубе или ќе ѝ ја удира главата од ѕид.

МОЖЕБИ ќе се изненадиш, но и во двете ситуации станува збор за истиот брачен пар.

Како што е случај со голем број од оние што си го малтретираат семејството, и Филип знае да глуми — пред другите и пред родителите на жена му чиниш мед му тече од устата. Но, кога е сам со неа, станува ѕвер.

Многу мажи како Филип израснале во семејство во кое насилството било секојдневие, па и како возрасни мислат дека таквото однесување е сосема нормално. Но, семејното насилство е далеку од  нормално. Затоа, многу луѓе се шокирани кога ќе чујат дека некој ја тепа жена си.

Сепак, семејното насилство е загрижувачка реалност. На пример, една анкета спроведена во САД покажа дека центрите за пријавување семејно насилство добиваат во просек по 16 повици во минута. Семејното насилство е епидемја од светски размери и е присутно во сите културни, економски и социјални групи. Но, бидејќи голем број од случаите не се пријавуваат, без сомнение ситуацијата е многу полоша од она што го покажуваат статистиките. *

Сите тие извештаи за семејно насилство го наметнуваат прашањето: Како може еден маж да се однесува толку нечовечно со некого, особено со својата жена? Може ли еден таков човек да се смени?

Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, веруваат дека советите од Библијата можат да им помогнат на насилните сопружници да се сменат. Лесно ли е да се направи таква промена? Не. Можно ли е да се направи таква промена? Да! Поуките од Библијата им помогнале на мнозина да го остават насилството и да се однесуваат со другите љубезно и со почит (Колошаните 3:8-10). Да ја разгледаме приказната на Трој и Валери.

Каква беше вашата врска во почетокот?

Валери: Вечерта кога се свршивме, Трој толку силно ме удри што цела седмица имав модринка. Многу ми се извинуваше и ми вети дека нема да му се повтори. Колку често ги слушав тие зборови низ годините!

 Трој: Сѐ ме вадеше од такт — на пример, ако вечерата не беше готова навреме. Еднаш ја удрив Валери со рачката од пиштолот. Другпат толку ја претепав што помислив дека ја убив. Потоа, за да ѝ втерам страв во коски, на нашиот син му држев нож под грло и ѝ се заканував дека ќе го убијам.

Валери: Живеев во постојан страв. Имаше ситуации кога морав да избегам од дома и да почекам Трој да се смири. Но, колку и да ме тепаше, неговите зборови ме болеа многу повеќе од ударите.

Трој, дали отсекогаш си бил насилен?

Трој: Да, уште од дете. Растев со насилство. Татко ми редовно ја тепаше мајка ми пред нас децата. Кога тој нѐ напушти, мајка ми почна да живее со друг маж, кој исто така ја тепаше. Освен тоа, тој ја силуваше сестра ми — а и мене. Отиде во затвор за тоа. Се разбира, тоа не е оправдание за моето однесување.

Валери, ти реши да останеш во брак со Трој. Зошто?

Валери: Ми беше страв да го напуштам. Си мислев: ‚Што ако тргне да ме бара и ме убие? Или што ако ги убие моите родители? Што ако го пријавам и си направам уште полошо?‘

Кога почнаа да се менуваат работите?

Трој: Жена ми почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Отпрвин бев љубоморен што има нови пријатели и си мислев дека морам да ја спасам од таа чудна „секта“. Затоа станав уште понасилен, и тоа не само со Валери туку и со Сведоците. Но, еднаш нашиот четиригодишен син Даниел, кој страдаше од епилептични напади, беше во болница речиси три седмици. За тоа време, Сведоците направија многу за нас — дури и ја чуваа нашата шестгодишна ќерка Дезире. Еднаш еден Сведок дојде од трета смена право во болницата и остана со Даниел за да може Валери малку да отспие. Грижата на овие луѓе — истите тие луѓе со кои бев толку дрзок — вистински ме допре до срце. Сфатив дека пред свои очи гледам што значи да се биде вистински христијанин. Затоа ги прашав Сведоците дали може да ја проучувам  Библијата со нив. Проучувајќи ја, научив како треба и како не треба еден маж да се однесува со својата жена. Засекогаш расчистив со насилството и навредите. По некое време и јас станав Јеховин сведок.

Кои библиски начела ти помогнаа да се смениш?

Трој: Ги има многу. Во 1. Петрово 3:7 Библијата вели дека треба ‚да ја почитувам‘ жена ми. Во Галатите 5:23 сме поттикнати на „благост“ и на „самосовладување“. Во Ефешаните 4:31 е осуден ‚навредливиот говор‘. Во Евреите 4:13 пишува дека „сѐ е... откриено пред очите“ на Бог. Тоа значи дека Бог гледа што правам, дури и кога другите луѓе не гледаат. Исто така, научив дека мора да го сменам друштвото, зашто „лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Моите стари пријатели всушност ме поттикнуваа на насилство. Тие сметаа дека е во ред да тепаш жена за да ја држиш „под контрола“.

Што мислите сега за вашиот брак?

Валери: Трој е Јеховин сведок веќе 25 години. Сите овие години тој е навистина добар, љубезен и обѕирен со мене.

Трој: Не можам да ги избришам болката и страдањето што му ги нанесов на моето семејство, а жена ми ни најмалку не заслужи да се однесувам така со неа. Но, со нетрпение го чекам времето кога ќе се исполнат зборовите од Исаија 65:17, кога нема ни да се сеќаваме на овој мрачен период од нашиот живот.

Каков совет би им дале на семејствата што се борат со семејно насилство?

Трој: Ако го малтретираш семејството, било физички било вербално, мораш да си признаеш себеси дека ти треба помош, и потоа побарај ја. Помош ти е достапна на разни начини. Она што мене ми помогна да го искоренам насилството беше тоа што ја проучував Библијата со Јеховините сведоци и дружењето со нив.

Валери: Немој да правиш споредби со другите и немој веднаш да прифаќаш совет од луѓе кои мислат дека знаат што е најдобро за тебе. Иако можеби нема сите приказни да завршат како мојата, среќна сум што не кренав раце од мојот брак, зашто сега е многу подобро.

ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО

Библијата вели: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање“ (2. Тимотеј 3:16). Исто како Трој, многу сопружници што го малтретирале своето семејство ги примениле библиските совети и успеале да го сменат своето однесување и начинот на размислување.

На многу мажи им помага тоа што ја проучуваат Библијата

Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за тоа како Библијата може да му помогне на твојот брак? Повеќе информации можеш да добиеш од Јеховините сведоци во твоето место или на www.jw.org/mk.

^ пас. 3 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 8 Факт е дека и прилично голем број мажи се малтретирани од жените. Меѓутоа, во најголем број од пријавените случаи на семејно насилство, сторителите се мажите.