Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  март 2013

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Како да му поставиш правила на тинејџер

Како да му поставиш правила на тинејџер

ПРЕДИЗВИК

Твојот тинејџер ти вели дека си престрог. Од друга страна, родителскиот инстинкт ти вели дека не е така. Можеби си велиш: ‚Ако малку му попуштам, ќе направи некоја беља!‘

Ти треба да му поставиш разумни правила на твојот тинејџер. Но, најпрво, треба да разбереш зошто воопшто има одбивност кон правила. *

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Заблуда: Ниту еден тинејџер не сака правила. Тоа е неизбежен дел од пубертетот.

Факт: Помала е веројатноста еден тинејџер да се бунтува ако родителите му постават разумни правила и ако разговараат со него за нив.

Иако можеби постојат повеќе причини за бунтовниот дух на тинејџерот, родителите можат несвесно да го разгоруваат ако нивните правила се крути или ако не одговараат на возраста на детето. Размисли за следново:

  • Крути правила. Кога родителите поставуваат правила и не оставаат место за никаква отстапка, тогаш тинејџерот има чувство дека правилата се поставени за да го држат под контрола, а не за да го штитат. Како резултат на тоа може да почне скришно да го прави токму она што родителите му го забраниле.

  • Не одговараат на возраста. „Затоа што јас велам така.“ Можеби овие зборови се доволни за едно мало дете, но еден тинејџер сака да слушне и објаснување. На крајот на краиштата, утре можеби ќе си замине од дома и ќе треба самиот да донесува сериозни одлуки. Многу подобро е да научи да размислува и да носи добри одлуки додека сѐ уште живее со тебе.

Но, што можеш да направиш ако ниедно од правилата што му ги поставуваш не му се допаѓа?

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Прво, имај на ум дека тинејџерите треба — а длабоко во себе тие дури и сакаат — да имаат некакви граници. Затоа, постави правила и потруди се твојот тинејџер јасно да ги разбере. „Кога на тинејџерите ќе им се постават јасни граници и кога знаат дека родителите ги контролираат во разумна мера, помали се шансите да се впуштат во проблематично однесување“, стои во книгата Letting Go With Love and Confidence. Од друга страна, родителите кои им даваат преголема слобода на своите деца оставаат впечаток дека не им е грижа за нив. А тоа со гаранција води до бунтовност. (Библиско начело: Изреки 29:15.)

Тогаш, како да покажеш разумност? Дозволи му на твојот тинејџер да каже што мисли за семејните правила. На пример, ако те замоли да се врати дома подоцна, ислушај го зошто го бара тоа. Кога знае дека било земено предвид сѐ што кажал, постои поголема веројатност да ја почитува твојата одлука — дури и ако не се согласува со неа. (Библиско начело: Јаков 1:19.)

Но, пред да донесеш одлука, не губи го од вид следново: Точно е дека тинејџерите обично сакаат да имаат поголема слобода отколку што треба. Но, точно е и дека родителите обично им даваат помалку слобода отколку што би можеле. Затоа, внимателно размисли кога твојот тинејџер ќе побара нешто од тебе. Дали веќе покажал дека е одговорен? Дали во оваа ситуација можеш да попуштиш? Биди флексибилен ако има простор за тоа. (Библиско начело: 1. Мојсеева 19:17-22.)

Освен што ќе го сослушаш мислењето на твојот тинејџер, објасни му и што е она што тебе те загрижува. На тој начин, го учиш да ги зема предвид не само своите желби туку и чувствата на другите. (Библиско начело: 1. Коринќаните 10:24.)

На крај, донеси одлука и објасни му ги причините. Дури и ако не е најзадоволен со одлуката, веројатно ќе биде среќен што има родители кои се спремни да го сослушаат. Не заборавај дека го учиш како да реагира кога ќе стане возрасен. Со тоа што поставуваш разумни правила и дискутираш за нив со својот тинејџер, ти му помагаш да израсне во зрела личност. (Библиско начело Изреки 22:6.)

^ пас. 5 Иако во оваа статија за тинејџерот се зборува во машки род, начелата во неа важат за двата пола.