Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Врати се кај Јехова

 ДЕЛ 5

Врати се кај својот Пастир

Врати се кај својот Пастир

Дали и ти се соочуваш со некои од предизвиците кои беа спомнати во оваа брошура? Ако да, не си единствениот. Голем број верни слуги на Бог во минатото и денес имале слични предизвици. Јехова им помогнал да ги надминат, а ќе ти помогне и тебе.

Јехова нема да те остави ни за миг, туку ќе ти помага да му се вратиш

 БИДИ УВЕРЕН дека Јехова нема да те остави ни за миг, туку ќе ти помага да му се вратиш. Тој ќе ти даде сила да се справиш со грижите, да ги залечиш повредените чувства и да стекнеш чиста совест која ќе ти донесе внатрешен мир. Тоа ќе те поттикне повторно да почнеш да му служиш на Јехова заедно со соверниците. И ти ќе го доживееш она што го доживеале некои христијани од првиот век за кои апостол Петар напишал: „Бевте како залутани овци, но сега се вративте кај пастирот и чувар на вашите души“ (1. Петрово 2:25).

Најдоброто нешто што можеш да го направиш е да се вратиш кај Јехова. Зошто? Затоа што така ќе го израдуваш неговото срце (Изреки 27:11). Како што знаеш, тој има чувства и нашите постапки влијаат врз него. Се разбира, Јехова не нѐ присилува да го сакаме и да му служиме (5. Мојсеева 30:19, 20). Во врска со тоа, еден библиски изучувач рекол: „Нашето срце е како една врата која може да се отвори само однатре. Никој не може да нѐ присили да ја отвориме ако ние не сакаме“. Кога со љубов му служиме на Јехова, ја отвораме таа врата. Така многу го радуваме нашиот Бог и му даваме еден скапоцен дар — нашата верност. Навистина, ништо не може да се спореди со среќата што ја чувствуваме кога му го даваме на Јехова она што го заслужува (Дела 20:35; Откровение 4:11).

Освен тоа, кога ќе се вратиш кај Јехова, ќе ги задоволиш своите духовни потреби (Матеј 5:3). Многу луѓе низ целиот свет се прашуваат: ‚Зошто постоиме?‘ Тие копнеат да дознаат која е смислата на животот. Бидејќи Јехова нѐ создал со духовни потреби, ништо друго не ни носи поголемо задоволство од тоа да му служиме од љубов (Псалм 63:1-5).

Јехова сака да се вратиш кај него. Од каде можеш да бидеш сигурен? Па, размисли за следново: Додека ја подготвувавме оваа брошура многу се молевме. Потоа, веројатно некој старешина или соверник ти ја даде да ја прочиташ. Ти реши да го направиш тоа и да ја земеш при срце нејзината порака. Сето ова е доказ дека Јехова не те заборавил, туку дека нежно те привлекува кон себе (Јован 6:44).

Многу е утешно тоа што Јехова не ги заборава своите слуги кои се оддалечиле од него. Една сестра по име Дона го почувствувала тоа на своја кожа. Таа вели: „Постепено се оддалечив од вистината, но често размислував за Псалм 139:23, 24, каде што стои: ‚Проникни во мојата внатрешност о Боже и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!‘ Знаев дека не припаѓам во овој свет затоа што никогаш вистински не се вклопував во него. Ми стана јасно дека моето место е во Јеховината организација. Сфатив дека Јехова не ме напушти мене, туку јас се оддалечив од него и требаше да му се вратам. Многу сум среќна што го сторив тоа!“

„Сфатив дека Јехова не ме напушти мене, туку јас се оддалечив од него и требаше да му се вратам“

Од сѐ срце се молиме и ти повторно да ја почувствуваш радоста што ја дава Јехова (Неемија 8:10). Никогаш нема да зажалиш што си се вратил кај Јехова.