Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Врати се кај Јехова

 ДЕЛ 1

„Ќе ги побарам изгубените“

„Ќе ги побарам изгубените“

Додека безгрижно си пасела трева на пасиштето една овчичка малку по малку се оддалечила од стадото. Сега е изгубена и не знае каде да оди. Веќе не може да ги види ниту другите овчички ниту пастирот. Почнува да се спушта мрак. Таа беспомошно талка во долината во која демнат грабливци. Но, одеднаш слуша еден познат глас — гласот на нејзиниот пастир. Тој ѝ притрчува, ја зема во прегратка, нежно ја покрива со својата наметка и ја носи дома.

ВО БИБЛИЈАТА, Јехова се споредува себеси со пастир. Тој нѐ уверува: „Јас ќе ги побарам своите овци и ќе се погрижам за нив“ (Езекиел 34:11, 12).

„Овци од моето пасиште“

Кои се овците на Јехова? Тоа се луѓето кои го сакаат и му служат. Во Библијата пишува: „Да паднеме ничкум и да му се поклониме! Да клекнеме пред Јехова, својот Творец! Зашто, тој е нашиот Бог, а ние сме народот на неговото пасиште и овците кои ги чува неговата рака“ (Псалм 95:6, 7). Исто како дословните овци, слугите на Јехова со радост го следат својот Пастир. Дали се безгрешни? Не. Понекогаш, Божјите слуги се како „расеани“, ‚загубени‘ и „залутани“ овци (Езекиел 34:12; Матеј 15:24; 1. Петрово 2:25). Сепак, кога некој негов слуга  ќе се оддалечи, Јехова не крева раце од него, туку се надева дека еден ден ќе му се врати.

Дали Јехова сѐ уште е твој Пастир? Како покажува дека е Пастир денес? Да разгледаме три начини.

Ни обезбедува духовна храна. Јехова вели: „На добри пасишта ќе ги пасам... ќе почиваат во добро трло и ќе пасат на сочни пасишта“ (Езекиел 34:14). Јехова секогаш навреме ни дава разновидна духовна храна која нѐ освежува и закрепнува. Се сеќаваш ли на некој говор, статија или видеоклип преку кој Јехова одговорил на твоите молби за помош? Зарем тоа не те уверува дека Јехова се грижи за тебе лично?

Нѐ штити и ни дава сила. Јехова ветува: „Ќе ги вратам заскитаните, ќе ги преврзам ранетите и ќе ги закрепнам болните“ (Езекиел 34:16). Тој ги зајакнува оние што се исцрпени и притиснати од грижи. Јехова нежно им ги преврзува раните на своите повредени овчички и им помага да закрепнат — дури и ако биле повредени од некој соверник. Тој ги бара оние кои заскитале и кои можеби се борат со негативни чувства, и ги враќа назад во стадото.

Чувствува одговорност да се грижи за нас. „Ќе ги избавам од сите места низ кои се распрснаа“, вели Јехова. „Ќе ги побарам изгубените“ (Езекиел 34:12, 16). За Јехова, ниту една изгубена овчичка не е изгубен случај. Тој знае кога некоја овца е изгубена, ја бара и се радува кога ќе ја најде (Матеј 18:12-14). Јехова ги нарекува своите верни слуги „овци мои, овци од моето пасиште“ (Езекиел 34:31). И ти си една овчичка од неговото стадо за која тој многу се грижи.

За Јехова, изгубената овчичка не е изгубен случај, и тој многу се радува кога ќе ја најде

„Дај ни нови денови како што беа некогаш“

Зошто Јехова те бара и те повикува да се вратиш кај него? Затоа што сака да бидеш среќен. Тој ветува дека ќе пушти „дождови на благослов“ врз своите слуги (Езекиел 34:26). Тоа не е празно ветување. Ти веќе на своја кожа си почувствувал дека овие зборови се вистинити.

Сети се на времето кога го запозна Јехова. Како се чувствуваше кога ги дозна неговото име и неговата намера со луѓето? Дали се сеќаваш колку ти беше убаво со браќата и сестрите на собирите и конгресите? Зарем не беше радосен и исполнет кога му зборуваше за добрата вест на некое заинтересирано лице?

Можеш повторно да ја почувствуваш истата радост. Божјите слуги во минатото се молеле: „Врати нѐ, Јехова, кај себе, и ние спремно ќе си дојдеме! Дај ни нови денови како што беа некогаш!“ (Плач Еремиин 5:21). Јехова ја услишил нивната молитва. Тие се вратиле кај него и повторно почнале да му служат со радост (Неемија 8:17). Јехова и тебе ќе ти помогне да му се вратиш.

Но, можеби нема да ти биде лесно да го направиш тоа. Да разгледаме некои предизвици и да видиме што ќе ти помогне да ги надминеш.