Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Угледајте се на нивната вера

 ПЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Храбро се зазела за Божјиот народ

Храбро се зазела за Божјиот народ

1-3. а) Зошто Естира била преплашена кога требало да се појави пред својот маж? б) Кои прашања поврзани со Естира ќе ги разгледаме?

ЕСТИРА кратко застанала за да го смири чукањето на своето срце. Уште малку и ќе била во дворот на царската палата во Суза. Потоа продолжила да чекори. Никогаш не ѝ било потешко. Сѐ околу неа било грандиозно. Столбовите меѓу кои минувала биле раскошно украсени, а статуите величествени. На ѕидовите од глазирана цигла блескале релјефи на крилести бикови, лавови и стрелци. И самото место на кое се издигнувал дворецот било внимателно избрано. Од него се ширела прекрасна глетка на снежните планински врвови на венецот Загрос и на кристално чистите води на реката Чоаспес. Во секој детаљ на тоа здание можела да се препознае големата моќ на владетелот кој себеси се нарекувал „големиот цар“. Естира со сите сили се обидувала да го потисне стравот што го чувствувала. Зошто се плашела? Зар не одела кај својот маж?

2 Естира му била жена на персискиот цар Ахасвер. * На прв поглед би можело да се каже дека имала сѐ што би посакала една жена. Но, Ахасвер ни оддалеку не бил човек каков што би посакала за маж една девојка од Божјиот народ. Тој не бил како Авраам, кој понизно се согласил да ја послуша својата жена, Сара, како што му рекол Бог (1. Мој. 21:12). Царот не го познавал Богот на Естира, Јехова, и не му бил важен неговиот закон. Ахасвер строго се држел за персискиот закон, а Естира знаела дека само по неколку мигови ќе ја прекрши одредбата според која никој не смее да се појави неповикан пред царот. Таа не била повикана, а сепак решително продолжила да оди кај него. Знаела дека тој потег може да ја чини живот. Додека чекорела кон внатрешниот двор, во кој царот од својот престол можел да ја види, веројатно се чувствувала како да оди на губилиште. (Прочитај Естира 4:11; 5:1.)

 3 Зошто била спремна да се изложи на таква опасност? И што можеме да научиме од оваа извонредна жена? Прво, да видиме како воопшто дошло до тоа Естира да стане персиска царица.

Потеклото на Естира

4. Што знаеме за потеклото на Естира, и како дошло до тоа да живее со својот братучед Мардохеј?

4 Естира била сираче. За нејзините родители не знаеме многу. Библијата кажува дека на својата ќерка ѝ го дале името Адаса, што е хебрејски збор за „мирта“, грмушка со прекрасни бели цветови. Кога тие умреле, грижата за Естира ја презел нејзиниот братучед Мардохеј, кој бил многу постар од неа. Овој добар човек се сожалил на девојчето, па го зел кај себе и го исчувал како своја ќерка (Ест. 2:5-7, 15).

Мардохеј имал добри причини да се гордее со Естира

5, 6. а) Како Мардохеј ја одгледал Естира? б) Каков живот имале Естира и Мардохеј во Суза?

5 Мардохеј и Естира биле изгнаници и живееле во персиската престолнина Суза. Веројатно морале да трпат презир и омаловажување поради својата вера и Законот за кој се држеле. Мардохеј често ѝ зборувал на Естира за нивниот милостив Бог, Јехова. Ѝ раскажувал како Јехова многупати во минатото го избавувал својот народ од неволјите и ја уверувал дека, ако е потребно, ќе го направи тоа пак (3. Мој. 26:44, 45). Тие разговори толку ги зближиле што се приврзале како да се татко и ќерка.

6 По сѐ изгледа Мардохеј служел во царскиот дворец во Суза и со другите слуги ‚седел при царската порта‘ (Ест. 2:19, 21; 3:3). Библијата не открива што правела Естира додека растела, но можеме да претпоставиме дека добро се грижела за Мардохеј и за неговиот дом, кој најверојатно се наоѓал во сиромашниот дел на градот, од другата страна на реката. Без сомнение одела на пазарот, на кој златарите, сребрарите и останатите трговци ги продавале своите производи. Тогаш Естира не ни помислувала дека еден ден ќе живее во раскош и ќе има најразновиден накит.

 Имала „убаво лице“

7. Зошто Астина веќе не била царица, и што направил царот?

7 Еден ден, по свеченоста што ја приредил цар Ахасвер, низ целиот град се зборувало за она што се случило во неговата палата. Откако своите видни гости ги почестил со одбрани јадења и вина, на слугите им наредил да ја повикаат преубавата царица Астина, која во тој момент била на гозбата што ја приредила за жените. Но, Астина не ја исполнила желбата на царот и одбила да дојде. Ахасвер бил бесен затоа што го посрамила пред сите. Ги прашал своите советници како да ја казни царицата. Тие му рекле да ѝ го одземе царското достоинство и да ѝ го предаде на друга жена што ќе биде подобра од неа. Царот го послушал нивниот совет и испратил слуги низ целата земја за да побараат убави девици и да ги доведат во палатата за да си избере нова царица (Ест. 1:1—2:4).

8. а) Зошто Мардохеј можеби бил загрижен за Естира додека растела? б) Кое урамнотежено гледиште го дава Библијата за физичката убавина? (Прочитај и Изреки 31:30.)

8 Не ни е познато што мислеле Мардохеј и Естира за одлуката на царот. Како и да било, Библијата ја опишува Естира како девојка со убава става и убаво лице (Ест. 2:7). Иако на Мардохеј несомнено му било мило што девојчето кое го чувал пораснало во таква убавица, знаел дека физичката убавина е безвредна ако не е надополнета со особини како што се мудроста и понизноста. Без тие особини една личност лесно може да стане суетна и дрска и да открие дека не ја краси внатрешна убавина. Затоа, Библијата дава урамнотежено гледиште за надворешната убавина. (Прочитај Изреки 11:22.) Естира допрва требало да покаже каква личност е и што крие во срцето.

9. а) Што се случило кога слугите на царот ја забележале Естира, и зошто разделбата меѓу Мардохеј и Естира сигурно била тешка? б) Зошто Мардохеј дозволил Естира да се омажи за човек што не го обожавал Јехова? (Вклучи ја и рамката.)

9 Во потрагата по нова царица, слугите на царот ја забележале убавата Естира и ја одвеле во царската палата (Ест. 2:8). Мардохеј сигурно со тешко срце се разделил од неа затоа што ја сакал како ќерка. Тој не сакал Естира да се омажи за човек што не го обожава Јехова, па макар и да е цар, ама бил со врзани раце. * Свесен во каква средина ќе се најде, последните мигови што ги поминал со неа најверојатно ги искористил за да ѝ даде неколку мудри совети. Естира го впивала секој негов збор. На патот кон царската палата размислувала што ја чека таму и каков ќе ѝ биде животот понатаму.

 Стекнувала ‚сѐ поголема наклоност кај сите што ја гледале‘

10, 11. а) Како можела да влијае врз Естира новата средина? б) Како Мардохеј покажал колку бил загрижен за Естира?

10 Естира се нашла во еден свет кој ѝ бил потполно непознат. Била доведена во палатата заедно со многу други девојки од сите краишта на царството. Бидејќи израснале во различни услови, несомнено зборувале на различни јазици и имале поинакви погледи на животот. Сите биле под надзор на чуварот Хигеј и морале да поминат низ едногодишен третман за разубавување кој вклучувал масажи со мирисливи масла (Ест. 2:8, 12). Во таква средина, во која сѐ се вртело околу убавината, девојките лесно можеле да станат суетни, опседнати со својот изглед и љубоморни една на друга. Како сето ова влијаело на Естира?

11 Мардохеј добро знаел како изгледа животот во царскиот  дворец и разбирливо е што бил загрижен за Естира. Во Библијата пишува дека секој ден доаѓал пред дворот на женската куќа за да дознае како е и што се случува со неа (Ест. 2:11). Она малку што го дознал, можеби од слугите на царот, го исполнило со татковска гордост. Зошто?

12, 13. а) Каков впечаток им оставила Естира на сите околу неа? б) Зошто на Мардохеј му било мило што дознал дека Естира не го открила своето еврејско потекло?

12 Естира му оставила на Хигеј толку убав впечаток што тој бил посебно добар кон неа. Дури ѝ дал седум слугинки и ја преместил во најдобриот дел од женската куќа. Но, не бил само тој воодушевен од неа. Во извештајот пишува: „Сето тоа време Естира стекнуваше сѐ поголема наклоност кај сите што ја гледаа“ (Ест. 2:9, 15). Малку е веројатно дека само убавината би оставила толку силен впечаток врз луѓето. Но, Естира не била само една убава девојка. Таа имала и прекрасна личност.

Естира знаела дека понизноста и мудроста се многу поважни од убавината

 13 Иако била препуштена сама на себе, и понатаму му останала послушна на Мардохеј и ‚не кажувала ниту за својот народ ниту за своите роднини‘ затоа што така ја поучил Мардохеј (Ест. 2:10). Зошто ѝ рекол никому да не спомнува ништо за своето потекло? Затоа што му било познато дека достоинствениците во царскиот дворец имаат предрасуди кон Евреите. Сигурно му било мило што Естира постапувала според неговиот мудар совет дури и кога тој не ја гледал.

14. Како можат младите денес да го следат примерот на Естира?

14 Ако се угледаат на Естира, младите можат да ги радуваат своите родители. Дури и ако нивните родители не се во близина, можат да постапуваат исправно и да им се спротивстават на лошите влијанија кога ќе се најдат во друштво на површни, неморални и расипани луѓе. Со тоа ќе ги израдуваат и своите родители и својот небесен Татко. (Прочитај Изреки 27:11.)

15, 16. а) Со што го освоила Естира срцето на царот? б) Зошто на Естира можеби не ѝ било лесно да се навикне на промените во животот?

15 Кога дошло време да се појави пред царот, на Естира ѝ било дозволено да земе од женската куќа сѐ што ќе посака, на пример, раскошен накит и фустани. Но, таа постапила скромно и не побарала ништо повеќе од она што ѝ рекол Хигеј (Ест. 2:15). Очигледно сфатила дека нема да го освои срцето на царот само со убавина и дека тој многу повеќе ќе ги цени скромноста и понизноста, особини што ретко ги гледал на својот двор. Дали била во право?

16 Извештајот вели: „Царот ја засака Естира повеќе отколку сите други жени, и таа ја придоби неговата наклоност и љубов повеќе од сите други девици. Тој ѝ го стави царскиот турбан на главата и ја направи царица наместо Астина“ (Ест. 2:17). Животот на оваа понизна млада Еврејка од корен се променил. Станала царица, жена на најмоќниот владетел во тоа време! Дали заради тоа се возгордеала и почнала да мисли дека никој не ѝ е рамен? Ни најмалку!

17. а) Како Естира и понатаму му била послушна на Мардохеј? б) Зошто примерот на Естира е важен и за нас денес?

17 Дури и тогаш, Естира се држела за советот на Мардохеј и никому не кажувала дека е Еврејка. А кога Мардохеј открил дека некои во палатата коваат завера против царот и планираат да го убијат, Естира во негово име му го пренела тоа на царот и нивниот злобен план пропаднал (Ест. 2:20-23). Со својата понизност и послушност покажала цврста вера во Бог. Колку ни е потребен примерот на Естира денес, кога бунтовноста и своеглавоста се секојдневие, и ретко кој смета дека вреди да се биде послушен. Но, оние што имаат силна вера во Бог многу ја ценат таа особина и се трудат да ја покажуваат во својот живот, исто како Естира.

 Верата на испит

18. а) Зошто Мардохеј одбил да му се поклони на Аман? (Види ја и фуснотата.) б) Како верните мажи и жени денес го следат примерот на Мардохеј?

18 По таа случка, царот Ахасвер поставил на висока положба еден човек по име Аман. Го назначил за управител на целото Царство, што значи дека му бил главен советник и дека според власта и угледот што ги имал бил веднаш по него. Царот дури заповедал дека секој мора да му се поклони и да падне ничкум пред Аман (Ест. 3:1-4). Иако Мардохеј го почитувал царот, не ја послушал оваа заповед затоа што сметал дека се коси со Божјиот закон. Зошто? Аман бил потомок на Агаг, царот на Амалик кој бил убиен од Божјиот пророк Самоил (1. Сам. 15:33). Амаличаните биле толку злобни што на себе си го навлекле Јеховиниот гнев и станале непријатели на неговиот народ. Затоа Бог ги осудил * (5. Мој. 25:19). Ниту еден Евреин што му бил верен на својот Бог не можел да се поклони пред Амаличанин. Тој чин бил против сите принципи на Мардохеј, па затоа останал непоколеблив во својата одлука. И многу други Божји слуги низ историјата го ставиле својот живот на коцка затоа што живееле според зборовите: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29).

19. Каква цел имал Аман, и како го убедил царот да му помогне да ја оствари?

19 Кога Аман видел дека Мардохеј не му се поклонува, зоврел од бес. Желен за одмазда, не се задоволил само со тоа да дигне рака на Мардохеј туку сакал да ги истреби и сите Евреи што живееле во Персиското Царство. Затоа ги оцрнил пред царот. Својот презир кон нив го покажал така што не ги удостоил ниту со тоа да им го спомне името, туку за нив зборувал како за „народ распрснат меѓу народите и одвоен од нив“. Што е уште полошо, ги обвинил за побуна со тоа што рекол дека не ги држат персиските закони. Му рекол на царот дека, откако ќе заповеда да се истребат, во неговата ризница ќе приложи огромна сума пари. * Ахасвер го извадил од раката својот печатен прстен и му го дал на Аман за да може да го спроведе на дело она што го наумил (Ест. 3:5-10).

20, 21. а) Како одредбата на Аман влијаела врз Евреите кои живееле во Персиското Царство, вклучувајќи го и Мардохеј? б) Каква порака ѝ пратил Мардохеј на Естира?

20 Царските гласници ја разнеле веста за ова по целото  царство и наскоро сите знаеле што го чека еврејскиот народ. Можеме да си замислиме како се чувствувале Евреите во Ерусалим кога слушнале што им се спрема. Тие се вратиле од ропството во Вавилон и со тешка мака настојувале да го обноват уништениот град. Со оглед на тоа што градските ѕидишта сѐ уште лежеле во урнатини, народот бил без никаква заштита. Кога страшната вест за одредбата на царот дошла до ушите на Мардохеј, можеби веднаш помислил на своите сонародници во далечниот Ерусалим, а и на пријателите, познаниците и соседите што живееле во Суза. Скршен од болка и тага, ја раскинал својата облека, се облекол во козина и се посипал со пепел, па излегол среде градот и почнал горко да плаче. За тоа време, Аман пиел со царот. Воопшто не го засегала болката што им ја нанел на Евреите. (Прочитај Естира 3:12—4:1.)

21 Мардохеј знаел дека ќе мора нешто да преземе. Кога Естира чула колку го погодила одредбата на царот, му пратила облека за да ја симне козината од себе, но тој не сакал да ја прифати. Ако претходно се прашувал зошто неговиот Бог, Јехова, допуштил Персијците да ја земат неговата сакана роднина, сега, по сѐ изгледа, почнал да ја согледува причината за таквиот необичен развој на настаните. Затоа, ѝ порачал на царицата Естира да оди кај царот, да го моли за милост и  „пред него да се заземе за својот народ“ (Ест. 4:4-8).

22. Зошто Естира се плашела да се појави пред својот маж? (Види ја и фуснотата.)

22 Од тие зборови, на Естира ѝ се стегнало срцето. Била свесна дека ја чека најголемиот испит на нејзината вера и ја обзел страв. Тоа јасно се гледа од пораката што му ја пратила на Мардохеј, со која го потсетила дека според царскиот закон секој што ќе се појавел неповикан пред царот, го чекала смртна казна. Ќе бил поштеден единствено ако царот го испружел својот златен жезол. Естира добро знаела што се случило кога царицата Астина не ја послушала царската заповед да се појави пред него, па имала причина да претпостави дека ни таа нема да помине неказнето ако ја прекрши неговата одредба. Му рекла на Мардохеј дека царот веќе 30 дена не ја повикал кај себе. Поради тоа, најверојатно мислела дека веќе не е во милоста на царот, кој лесно си го менувал мислењето * (Ест. 4:9-11).

23. а) Со кои зборови Мардохеј ѝ ја зајакнал верата на Естира? б) Зошто вреди да се следи примерот на Мардохеј?

23 За да ѝ ја зајакне верата на Естира, Мардохеј одговорил со следниве зборови: „Ако молчиш во овој час, помош и избавување за Евреите ќе дојде од друга страна“. Ако не се зазела за Евреите, можела ли да очекува дека ќе биде поштедена кога ќе почне нивното прогонство? Мардохеј покажал непоколеблива вера во Јехова. Знаел дека тој никогаш нема да допушти неговиот народ да биде истребен или неговите ветувања да останат неисполнети (Ис. Нав. 23:14). Ја прашал Естира: „Кој знае дали не си дошла до царското достоинство токму заради часот каков што е овој?“ (Ест. 4:12-14). Зар  Мардохеј не ни дал одличен пример? Тој имал потполна доверба во својот Бог, Јехова. Дали и ние имаме таква доверба? (Изр. 3:5, 6).

Верата посилна од стравот од смртта

24. Како Естира покажала вера и храброст?

24 Естира знаела дека нема време за двоумење. Му порачала на Мардохеј: „Оди, собери ги сите Евреи што се наоѓаат во Суза, па сите заедно постете за мене — три дена и три ноќи да не јадете и да не пиете. И јас ќе постам со своите девојки“. Својата порака ја завршила со зборови од кои се гледаат храброст и силна вера во Бог. Едноставно рекла: „Ако треба да загинам, ќе загинам“ (Ест. 4:15-17). Тие три дена сигурно се молела посесрдно од кога и да било порано. Кога конечно дошол пресудниот ден, облекла царска облека и направила сѐ што требало за да изгледа убаво. Потоа тргнала.

Естира си го ризикувала животот за да го заштити Божјиот народ

25. Опиши што се случило кога Естира се појавила пред својот маж.

25 Како што беше опишано во почетокот на ова поглавје, Естира се упатила кон престолот. Можеме само да претпоставиме колку загрижена била и колку горливо се молела во себе. Кога влегла во дворот спроти царскиот престол, можела да го види Ахасвер седнат на престолот. Можеби се обидувала да го прочита изразот на неговото лице. Ако требало да почека, секој миг мора да ѝ се чинел како вечност. Царот сигурно се изненадил кога ја здогледал, но потоа изразот на лицето му смекнал. Тогаш го испружил кон неа златниот жезол. Бил спремен да ја сослуша (Ест. 5:1, 2).

26. Зошто на вистинските христијани им е потребна храброст, и зошто тоа што го направила Естира било само почеток?

26 Естира храбро се зазела за својот Бог и за својот народ и со тоа на сите Божји слуги им оставила прекрасен пример на кој можат да се угледаат. Вистинските христијани денес ги ценат таквите примери. Исус рекол дека неговите вистински следбеници ќе имаат самопожртвувана љубов. (Прочитај Јован 13:34, 35.) За да покажеме таква љубов, честопати и ние ќе треба да бидеме храбри како Естира. Но, средбата со царот била само почеток. На нејзиниот народ сѐ уште му се заканувала смртна казна. Како да го увери царот дека неговиот омилен советник, Аман, е злобен сплеткар? Ќе успее ли да го спаси својот народ? Одговорот ќе го добиеме во следното поглавје.

^ пас. 2 Се смета дека Ахасвер е друго име на Ксеркс I, кој владеел со Персиското Царство во почетокот на 5 век пр.н.е.

^ пас. 9 Види ја рамката „Прашања во врска со Естира“ во 16. поглавје.

^ пас. 18 Аман можеби бил еден од последните Амаличани затоа што „остатокот“ од тој народ бил убиен уште во деновите на царот Езекија (1. Лет. 4:43).

^ пас. 19 Аман му понудил на царот 10.000 сребрени таланти, сума што во денешно време одговара на стотици милиони евра. Ако Ахасвер бил Ксеркс I, таа понуда му била мошне примамлива. На Ксеркс I му требале многу пари за војната против Грција, која долго време ја одложувал. Во таа војна Ахасвер бил поразен.

^ пас. 22 Ксеркс I бил познат како превртлив и суров човек. Тоа се гледа од еден запис на грчкиот историчар Херодот. Тој напишал дека во текот на војната што ја водел против Грција, Ксеркс заповедал да се наредат бродови кои служеле како мост за да се премине теснецот Хелеспонт. Но, на морето настанала бура која го уништила мостот. Тогаш Ксеркс наредил да им се отсечат главите на оние што го надгледувале поставувањето на мостот, па дури им заповедал на војниците да го казнат Хелеспонт со тоа што ќе ја камшикуваат водата додека кажуваат секакви навреди. Во истата војна, еден богат човек го замолил Ксеркс да го ослободи неговиот син од воена обврска. Таа молба толку го разбеснила Ксеркс што наредил синот да биде пресечен напола, а неговото тело да биде изложено на јавно место како предупредување за другите војници.