Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Угледајте се на нивната вера

 ДВАНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Бил утешен од својот Бог

Бил утешен од својот Бог

1, 2. Кои настани се одиграле во еден многу важен ден од животот на Илија?

ИЛИЈА трчал додека од намуртеното небо леел дожд. Воопшто не помислувал да запре. Го чекал долг пат, сѐ до Језраел. Трчал толку брзо што ги престигнал коњите кои ја влечеле кочијата на цар Ахав. Од каде овој човек, кој веќе бил во поодминати години, имал таква натчовечка сила? ‚Јеховината рака била над него.‘ (Прочитај 1. Царевите 18:46.)

2 Илија останал сосема сам на патот. Капките дожд му се тркалале по лицето и му го замаглувале погледот. Но, тоа воопшто не му било важно затоа што низ мислите му се вртеле настаните што се одиграле рано тој ден, ден што засекогаш ќе му остане во сеќавањето. Неговиот Бог, Јехова, извојувал величествена победа над лажниот бог Ваал и го прославил своето големо име. Планината Кармил ќе остане засекогаш запаметена затоа што токму таму Јехова на чудесен начин преку Илија го разоткрил вистинското лице на пророците на Ваал. Стотици од тие злобни лажговци со право биле погубени. Илија сигурно сѐ уште ја помнел молитвата која од врвот на планината му ја кажал на Јехова, преколнувајќи го да пушти дожд и да ѝ стави крај на сушата што три и пол години правела пустош низ земјата. Јехова го услишил. Темни облаци надвиснале над Кармил и долгоочекуваниот дожд конечно почнал да ја натопува жедната почва (1. Цар. 18:18-45).

3, 4. а) Во што бил цврсто уверен Илија додека трчал кон Језраел? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Задлабочен во своите мисли, сѐ повеќе се приближувал кон Језраел, кој бил оддалечен од планината Кармил околу 30 километри. Трчал по дождот и ветрот, цврсто уверен дека обожавањето на Ваал еднаш засекогаш ќе биде искоренето од Израел. Можеби си помислил дека цар Ахав едноставно нема да остане рамнодушен по сѐ што се случило и дека не му преостанува ништо друго освен да се откаже од обожавањето на Ваал, да ги осуети намерите на својата злобна жена, царицата Језавела, и да престане да ги прогонува Јеховините верни слуги.

„Илија... трчаше пред Ахав дури до Језраел“

4 Кога сѐ ни оди од рака, сосема нормално е да сме полни со надеж. Веруваме дека нашите проблеми еднаш засекогаш ќе се  решат и дека сѐ во животот ќе ни тргне на подобро. Не е ништо чудно ако и Илија си го мислел истото. На крајот на краиштата, тој бил човек со исти чувства како нашите (Јак. 5:17, фус.). Сепак, на проблемите на Илија воопшто не им се гледал крајот. Само неколку часа подоцна го обзел неопислив страв и толку се разочарал што посакал да умре. Што довело до таков ненадеен пресврт? Како во тие тешки мигови Јехова му помогнал на својот слуга повторно да има вера и храброст? Да видиме.

Неочекуван пресврт на настаните

5. Дали Ахав му оддал чест на Јехова по она што се случило на планината Кармил?

5 Како сето она што се случило влијаело врз Ахав? Дали барем со нешто покажал дека станал свесен за Божјата моќ и дека почнал да размислува поинаку? Кога стигнал во својата палата во Израел ‚ѝ раскажал на Језавела сѐ што направил Илија и како ги погубил со меч сите пророци‘ (1. Цар. 19:1). Ахав не кажал ниту збор за Јехова, Богот на Илија. Чудата што ги видел со свои очи ги сметал за дело на обичен човек. Очигледно не сфатил дека треба да му оддаде чест на Јехова Бог. А како реагирала неговата одмаздољубива жена кога чула што се случило?

6. Каква порака Језавела му испратила на Илија?

6 Секој збор на Ахав ја исполнувал Језавела со сѐ поголем бес. Веднаш повикала гласник и по него му испратила заканувачка порака на Илија. Рекла: „Боговите нека ми направат така, и кон тоа уште нека ми додадат, ако утре во ова време не го направам со твојата душа истото што ти си го направил со душата на секој од нив!“ (1. Цар. 19:2). Језавела не се шегувала. Се заколнала во својот живот дека ќе се одмазди за пророците на Ваал и дека Илија нема жив да ја дочека следната ноќ. Гласникот веројатно го пронашол Илија во некоја скромна куќичка во Језраел, каде што се засолнил од бурата што беснеела. Како се чувствувал кога среде ноќ слушнал што му се спрема?

Обесхрабрен и уплашен

7. Како влијаела врз Илија заканата од Језавела, и што направил?

7 Доколку Илија се надевал дека битката против обожавањето на Ваал наскоро ќе заврши, сите негови надежи за миг се срушиле. Добро знаел каква е Језавела. Веќе без ронка милост наредила да бидат погубени голем број верни пророци на Јехова, а изгледало дека тој ќе биде следниот. Не знаеме што сѐ му минувало низ глава, но неговата реакција е сосема разбирлива. Библијата вели: „Тој се исплаши“. Дали веќе почнал да си замислува каква ужасна смрт го чека? Ако потонал во такви мисли, не е ништо чудно што сета храброст брзо исчезнала од неговото срце. Го обзел толкав страв што ‚побегнал за да си ја спаси душата‘ (1. Цар. 18:4; 19:3).

Ако сакаме да останеме храбри, не смееме постојано да размислуваме за она што нѐ плаши

8. а) Зошто може да се каже дека и Петар имал сличен проблем како Илија? б) Што учиме од Илија и од Петар?

 8 Илија не бил единствениот верен човек што му подлегнал на стравот. По многу векови, истото му се случило и на апостол Петар. Во една прилика, кога тој и неколку апостоли биле во чамец и ги фатила бура, го виделе Исус како им се приближува одејќи по Галилејското Море. Петар го замолил да му овозможи и тој да оди по водата. Во почетокот храбро тргнал кон Исус, но кога ‚го видел бурниот ветар‘, ја изгубил храброста и почнал да тоне. (Прочитај Матеј 14:30.) Од Илија и од Петар учиме нешто многу важно. Ако сакаме да останеме храбри, не смееме постојано да размислуваме за она што нѐ плаши. Треба да мислиме на Бог, кој ни дава надеж и сила.

„Доста ми е!“

9. Опиши ги патувањето и чувствата на Илија додека бегал.

9 Заканата од Језавела му втерала страв в коски на Илија, па веднаш побегнал. Така стигнал во Вирсавеја, град кој се наоѓал околу 150 километри југозападно од Језраел, во близина на јужната граница на Јуда. Таму го оставил својот слуга ‚а самиот отишол на ден одење во пустината‘. Можно е да тргнал уште на изгрејсонце и, гледајќи да побегне што подалеку од царицата која ја барала неговата глава, со себе не понел ни храна. Со скршен дух и без ронка надеж, под врелото сонце со мака се пробивал низ пустиот и негостољубив предел. Но, стравот бил посилен од уморот и го терал да продолжи. А во приквечерината, кога огромната црвена топка на небото почнала да тоне кон запад, Илија решил да побара засолниште. По цел ден одење, потполно изнемоштен седнал под едно дрво, единственото засолниште што го нашол во таа пустелија (1. Цар. 19:4).

10, 11. а) Што ни покажува молитвата на Илија? б) Според наведените стихови, опиши како се чувствувале и други верни луѓе кога биле обесхрабрени.

10 Тогаш Илија повикал кон Јехова: „Земи ја сега мојата душа, зашто не сум подобар од своите прататковци“ (1. Цар. 19:4). Овие зборови покажуваат во колку длабок очај бил. Се чувствувал потполно безвредно затоа што мислел дека не може веќе за никого да направи ништо добро, токму како и неговите прататковци, кои почивале во смртен сон (Проп. 9:10). Сосема е разбирливо што извикнал: „Доста ми е!“ Мислел дека веќе нема смисла да живее и дека само смртта може да му ги скрати маките.

11 Дали треба да нѐ изненади тоа што овој верен човек го обзеле вакви чувства? И многу други верни Божји слуги во минатото,  како што биле Ревека, Јаков, Мојсеј и Јов, понекогаш чувствувале толку силна душевна болка што смртта им била помила од животот (1. Мој. 25:22; 37:35; 4. Мој. 11:13-15; Јов 14:13).

12. Како можеме да се угледаме на Илија кога сме потиштени?

12 Во денешниве времиња, кои Библијата ги нарекува „особено тешки“, ретко кој може да им побегне на проблемите и грижите. Затоа е разбирливо што понекогаш и верните Божји слуги се потиштени (2. Тим. 3:1). Примерот на Илија ни покажува дека во тешки околности најдобро е да му го излееме своето срце на Јехова, цврсто уверени дека тој е „Богот на секоја утеха“. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4.) Во тоа се уверил и Илија.

Јехова му влеал сила на својот пророк

13, 14. а) Како Јехова покажал грижа за својот драг пророк? б) Зошто нѐ теши мислата дека Јехова знае сѐ за нас, дури и нашите ограничувања?

13 Како се чувствувал Јехова додека од небото го гледал својот верен пророк кој лежел под дрвото во пустината и го молел да умре? Библијата ни открива колку љубов и разбирање покажал кон него. Кога Илија потонал во сон, Јехова му пратил еден ангел. Ангелот со нежен допир го разбудил и му рекол: „Стани и јади“. Илија станал и пред себе видел топла мирислива погача и стомна со вода. Извештајот вели дека го изел лебот, ја испил водата и повторно заспал. Веројатно толку бил задлабочен во своите мачни мисли што не се ни сетил да му се заблагодари на ангелот. Како и да е, по некое време, можеби пред зори, ангелот повторно го разбудил и му рекол: „Стани и јади, зашто патот е претежок за тебе“ (1. Цар. 19:5-7).

14 Јехова го испратил ангелот да го зајакне Илија затоа што го чекал далечен пат кој не можел да го изоди со сопствени сили. Навистина е утешно тоа што Богот на кој му служиме ги знае нашите ограничувања подобро од нас! (Прочитај Псалм 103:13, 14.) Што се случило откако Илија се одморил и се најал?

15, 16. а) Што можел да направи Илија откако Јехова го закрепнал? б) Зошто треба да го цениме начинот на кој Јехова ни дава сила во денешно време?

15 Во Библијата пишува: „Стана, јадеше и пиеше, па, закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи дури до планината на вистинскиот Бог, до Хорив“ (1. Цар. 19:8). Исто како Мојсеј, кој живеел 600 години пред него, и како Исус, речиси 1.000 години по него, Илија не јадел ништо 40 дена и 40 ноќи (2. Мој. 34:28; Лука 4:1, 2). Иако проблемите и грижите што го мачеле не биле решени, храната што Јехова на чудесен начин му ја дал го закрепнала. Овој постар човек неуморно пешачел низ непрегледната пустина повеќе од еден месец и на крајот стигнал до местото каде што тргнал.

16 И денес, Јехова им влева сила на своите слуги за да му служат истрајно. Поуките што ни ги дава преку својата Реч и  преку публикациите нѐ зајакнуваат духовно (Мат. 4:4). Нашите проблеми нема да исчезнат со самото тоа што учиме за Бог и живееме според библиските вистини, но тоа ќе ни влее сила да ги пребродиме дури и оние искушенија кои ни изгледаат претешки. Исто така, ќе ни ја зајакне надежта во „вечен живот“ (Јован 17:3).

17. Каде отишол Илија, и зошто тоа место било од големо значење?

17 Илија пешачел повеќе од 300 километри сѐ додека најпосле не стигнал до планината Хорив. Тоа било многу значајно место затоа што таму Јехова Бог, преку еден ангел, долго време пред тоа разговарал со Мојсеј од грмушката што горела, а подоцна го склучил и сојузот на Законот со израелскиот народ. Таму Илија се засолнил во некоја пештера за да преноќи.

Како Јехова го утешил и го зајакнал Илија

18, 19. а) Кое прашање му го поставил ангелот на Илија, и што одговорил тој? б) Од кои три причини Илија бил толку потиштен?

18 Во пештерата на планината Хорив, на Илија му дошла „Јеховината реч“. Очигледно преку еден ангел, Јехова го прашал: „Што правиш овде, Илија?“ Тоа прашање сигурно не звучело грубо бидејќи Илија осетил дека може искрено да си каже сѐ што го мачи, па затоа рекол: „Ревнував за Јехова, Богот над војските, зашто Израеловите синови го оставија твојот сојуз, ги разурнаа твоите жртвеници и со меч ги убија твоите пророци. Останав само јас, а сега сакаат и мене да ми ја земат душата“ (1. Цар. 19:9, 10). Овие негови зборови ни откриваат од кои три причини бил толку потиштен.

19 Прво, Илија си мислел дека целиот негов труд во службата за Бог бил залуден. Со години ‚ревнувал за Јехова‘ трудејќи се да го прослави неговото свето име и ги поттикнувал своите сонародници да му се вратат на вистинскиот Бог. Но, се чинело дека ситуацијата во Израел со секој изминат ден станувала сѐ полоша. Народот сѐ уште му бил неверен на Јехова и ги кршел неговите закони, а обожавањето на Ваал се ширело низ земјата како чума. Второ, Илија се чувствувал осамен. Му рекол на Јехова: „Останав само јас“. Не е ништо чудно што си мислел дека веќе нема ниту еден човек кој му е верен на Јехова. И трето, на Илија му било страв. Многу други пророци веќе биле убиени и бил сигурен дека нема да помине ништо подобро од нив. На Илија веројатно не му било лесно искрено да си каже што го мачи. Сепак, не дозволил гордоста или срамот да го спречат да му се довери на својот Бог. Со тоа што ‚му го излеал срцето‘ на Јехова, им дал добар пример на сите негови верни слуги (Пс. 62:8).

20, 21. а) Опиши што видел Илија од влезот на пештерата. б) Во што требало да се увери Илија по она што го видел?

20 Дали Јехова обрнал внимание на чувствата на Илија? Од сѐ што се случило потоа, Илија можел да види колку Јехова се  грижи за него. Кога ангелот му рекол да стане и да дојде на влезот од пештерата, веднаш послушал. Одеднаш задувал толку силен ветар што расцепувал планини и кршел карпи, а неговото заглушувачко фучење сигурно одекнувало низ планината. Илија веројатно си го покрил лицето со дланките, цврсто стегајќи ја наметката од грубо крзно за да не му ја одвее ветрот. А потоа, почувствувал како тлото под него силно се тресе. Само што поминал земјотресот, пред Илија пламнал оган чии пламени јазици го принудиле да се повлече во пештерата (1. Цар. 19:11, 12).

Јехова му ја покажал на Илија својата величествена моќ за да го утеши и охрабри

21 Во извештајот пишува дека Јехова не бил ниту во ветрот, ниту во земјотресот, ниту во огнот. Илија знаел дека Јехова не е некој измислен бог, како што бил Ваал, чии обожаватели сметале дека јава на облаците и дека носи дождови. Јехова е вистинскиот Бог кој управува со сите сили на природата. Сепак, тие природни сили се само делче од неговата неизмерна моќ бидејќи тој е неспоредливо повеличествен од сѐ што создал. Затоа, за него Библијата вели: „Ни небесата, ни небото над небесата не можат да те соберат“ (1. Цар. 8:27). Што сакал Јехова да му каже на Илија кога му покажал кои сили ги држи под своја контрола? Сакал да го увери дека нема причина да се плаши од Ахав и Језавела штом најмоќната личност во вселената е на негова страна. (Прочитај Псалм 118:6.)

22. а) Како тивкиот и благ глас го уверил Илија дека не е бескорисен? б) Чиј можеби бил тивкиот и благ глас? (Види ја фуснотата.)

22 Откако поминал огнот, настапила тишина и Илија чул „тивок и благ“ глас, кој повторно го прашал: „Што правиш овде?“ * Илија пак кажал што го мачело. Без сомнение почувствувал олеснување кога почнал да зборува за своите чувства. Но, зборовите што му ги пренел тој „тивок и благ“ глас посебно го утешиле, затоа што го увериле дека Јехова воопшто не го смета за бескорисен. Како Јехова покажал дека ја цени неговата ревносна служба? Му открил дека има намера од Израел да го искорени обожавањето на Ваал и дека тој ќе има важна улога во тоа. Исто така, му дал конкретни упатства и му рекол да продолжи со својата  пророчка служба. Ова го уверило Илија дека никој и ништо не може да го спречи Бог да го исполни она што го наумил (1. Цар. 19:12-17).

23. На кои два начина Јехова му помогнал на Илија да се избори со чувствата на осаменост?

23 Јехова не му помогнал на Илија да го победи само стравот туку и осаменоста. Како го сторил тоа? Прво, му рекол да го најде човекот кој се викал Елисеј и да го помаза за пророк што ќе служи во Израел по него. Елисеј требало долги години да му биде соработник на Илија и да му помага во извршувањето на пророчката служба. Таа помош му дошла во вистински момент. Второ, зборовите кои потоа му ги кажал Јехова му влеале нова сила. Тој му рекол: „Во Израел оставив седум илјади луѓе, сите кои не ги свиткаа колената пред Ваал и не го бакнаа со својата уста“ (1. Цар. 19:18). Илија без сомнение бил пресреќен кога чул дека меѓу народот имало илјадници други луѓе кои му биле оддадени на Јехова. Тој пророк требало да продолжи со својата служба и заради нив. Требало да остане цврст и верен за да им помогне и тие да му останат оддадени на Јехова во текот на тешките времиња кога поголемиот број негови сонародници застанале против Бог. Илија сигурно бил трогнат од Јеховината грижа што ја почувствувал во зборовите на неговиот гласник.

Ако ѝ дозволиме да нѐ води, Библијата може да биде како „тивок и благ“ глас

24, 25. а) Како можеме и ние денес да го слушаме тивкиот и благ глас на Јехова? б) Зошто можеме да бидеме уверени дека Илија ја прифатил утехата што му ја дал Јехова?

24 Додека ги гледал зачудувачките сили на природата што Јехова му ги покажал, Илија веројатно почувствувал страхопочит кон него. И ние со добра причина остануваме без зборови кога ќе помислиме на величествената моќ што ја има Јехова, а се гледа во она што го создал (Рим. 1:20). Јехова и денес ја покажува својата сила ‚за да ги заштити оние што му се оддадени со цело срце‘ (2. Лет. 16:9). Најмногу ни помага преку својата Реч, Библијата. (Прочитај Исаија 30:21.) Ако ѝ дозволиме да нѐ води, Библијата може да биде како тој „тивок и благ“ глас. Преку неа, Јехова и нас денес нѐ советува, нѐ охрабрува и нѐ уверува во својата љубов.

25 Дали Илија ја прифатил утехата што му ја дал Јехова на планината Хорив? Се разбира. Набргу тој повторно почнал со жар да ја извршува својата пророчка служба која му ја дал Јехова и продолжил храбро да се бори против обожавањето на Ваал. Ако дозволиме Јехова Бог да нѐ теши преку „утехата од Писмата“, и ние ќе можеме да му служиме храбро и верно, како Илија (Рим. 15:4).

^ пас. 22 ,Тивкиот и благ‘ глас веројатно бил гласот на истиот ангел кој, според 1. Царевите 19:9, на Илија му ја пренел „Јеховината реч“. Иако на Илија му се обратил гласник на Јехова, во 15. стих од истото поглавје едноставно пишува дека со него разговарал Јехова. Тоа нѐ потсетува на извештајот во кој пишува дека преку еден ангел, Јехова го водел Израел до Ветената земја. За ангелот, Јехова рекол: „Тој го носи моето име“ (2. Мој. 23:21). Иако не можеме со сигурност да кажеме кој бил тој ангел, вредно е да се забележи дека пред да дојде на Земјата, Исус служел како „Речта“, односно како посебен гласник, кој во името на Јехова им пренесувал упатства на неговите слуги (Јован 1:1).