Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Угледајте се на нивната вера

 ДЕВЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Добар татко и верен Божји слуга

Добар татко и верен Божји слуга

1, 2. а) Со какви промени се соочиле Јосиф и неговото семејство? б) Која лоша вест требало Јосиф да ѝ ја каже на Марија?

ЈОСИФ го зел и последниот врзоп, го ставил врз грбот на своето магаре и внимателно го прицврстил. Кога се исправил, нежно го поттапнал магарето и погледнал околу себе. Треперливата месечина фрлала бледа светлина врз празните и тивки улички на Витлеем. Јосиф длабоко воздивнал кога помислил на долгиот и напорен пат што ги чека него и неговото малечко семејство. Со немир во срцето размислувал за Египет. Како ќе го научат новиот јазик? Ќе се приспособат ли на животот меѓу луѓе што не го почитуваат нивниот Бог?

2 Не му било лесно да ѝ ја каже лошата вест на својата сакана жена, Марија, но Јосиф собрал сили и зборувал со неа. Ѝ раскажал дека на сон му се појавил еден ангел и му рекол дека цар Ирод сака да го убие нивното дете, па затоа морале веднаш да заминат од Витлеем. (Прочитај Матеј 2:13, 14.) Тие зборови многу ја погодиле Марија. Ни таа ни Јосиф не можеле да разберат зошто некој би сакал да му наштети на нивното детенце кое никому не направило ништо лошо. Сепак, имале доверба во Јехова, па го послушале неговото предупредување и тргнале на пат.

3. Опиши во какви околности Јосиф и неговото семејство заминале од Витлеем. (Види ја и сликата.)

3 Под закрилата на ноќта, додека жителите на Витлеем спокојно спиеле, Јосиф, Марија и Исус крадешкум излегле од градот и тргнале на југ. Раната зора почнала да го облева небото со нежни бои, но Јосиф имал премногу грижи за да ја забележи нивната убавина. Се прашувал што го чека по патот и како ќе изгледа нивниот живот во далечната, непозната земја во која тргнале. Како тој, обичен дрводелец, ќе успее да го заштити семејството против кое се нафрлил моќниот цар? Ќе може ли на Марија и на Исус да им обезбеди сѐ што им е потребно за живот? Ќе ја оправда ли довербата што во него ја покажал Јехова — да го одгледа и воспита неговиот Син? Иако можеби се сомневал во себе, Јосиф се фатил во костец со тешкотиите што го снашле него и неговото семејство и покажал што значи да се биде добар родител. Сите ние, а особено татковците, имаме добри причини да се угледаме на верата на овој понизен човек.

 Го штител своето семејство

4, 5. а) Што му се случило на Јосиф откако се свршил со Марија? б) Со кои зборови ангелот го охрабрил Јосиф да ја прифати одговорната задача?

4 Да се вратиме на почетокот на приказната, на времето кога Јосиф од Назарет се свршил со ќерката на еден човек по име Или. Јосиф знаел дека Марија е чесна девојка која се држи за Божјиот закон. Затоа, веста дека е бремена го шокирала. Не можел да си поверува дека тоа му се случува. Сепак, бидејќи ѝ го посакувал најдоброто на Марија, имал намера тајно да се разведе од неа за да не ја изложи на јавен срам. * Јехова видел во каква дилема е Јосиф и затоа му пратил ангел кој во сон му објаснил дека Марија забременила преку светиот дух и дека синот што ќе го роди „ќе го спаси својот народ од неговите гревови“. Ангелот го успокоил со зборовите: „Не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена“ (Мат. 1:18-21).

5 Јосиф бил праведен човек што верно му служел на Бог, па затоа постапил онака како што му рекол ангелот. На себе презел многу одговорна задача — се согласил да го одгледа Божјиот првороден Син, кого Бог особено го сакал. Кога цезарот кој тогаш бил на власт наредил да се попише населението во целото Царство, Јосиф со својата жена, која веќе била во поодмината бременост, се упатил во Витлеем, гратчето од кое потекнувало неговото семејство. Затоа Исус се родил таму.

6-8. а) Каде и како продолжиле да живеат Јосиф и неговото семејство? б) Што покажува дека Сатана ја испратил ѕвездата? (Види ја и фуснотата.)

6 По пописот, Јосиф и неговото семејство не се вратиле во Назарет, туку останале да живеат во Витлеем, кој се наоѓал во близина на Ерусалим. Иако биле сиромашни, Јосиф правел сѐ што било во негова моќ за да го заштити семејството од немаштија и од секакви грижи. А кога Исус имал повеќе од една година, нивниот живот неочекувано повторно се сменил.

7 Еден ден кај нив дошле неколку мажи, астролози од исток, најверојатно од далечниот Вавилон. Овие луѓе побарале да го видат детето за кое било проречено дека ќе стане цар на Евреите, а до куќата на Јосиф и Марија ги довела една ѕвезда. Тие покажале голема почит кон нивното семејство.

8 Сепак, колку и да биле добронамерни, овие астролози го довеле во голема опасност животот на малиот Исус. Ѕвездата што ја следеле ги одвела прво во Ерусалим, а дури потоа во Витлеем. * Во Ерусалим, астролозите му кажале на злобниот цар Ирод дека го бараат детето што ќе стане цар на Евреите. Поради тоа, Ирод го обзела љубомора и гнев.

9-11. а) Зошто ни Ирод ни Сатана не можеле да успеат во своите намери? б) Какво било патувањето до Египет, за разлика од она што е кажано во некои апокрифни книги?

 9 Но, сето ова внимателно го набљудувал некој далеку помоќен од Ирод и од Сатана. Јехова Бог се погрижил на неговиот Син да не му се случи ништо лошо. Што направил? Бидејќи знаел дека астролозите имаат намера повторно да појдат во Ерусалим и да му кажат на Ирод каде се наоѓа детето, во сон ги предупредил да не се враќаат кај овој злобен цар, туку да се вратат во својата земја по друг пат. (Прочитај Матеј 2:1-12.)

10 Набргу откако астролозите си заминале, Јехова испратил кај Јосиф ангел со порака: „Стани, земи ги детето и мајка му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам да се вратиш, зашто Ирод ќе го бара детето за да го погуби“ (Мат. 2:13). Јосиф веднаш постапил точно како што му заповедал ангелот, затоа што ништо не му било толку важно колку сигурноста на неговото дете. А бидејќи астролозите што дошле да му се поклонат на Исус со себе донеле скапоцени дарови — „злато, темјан и смирна“, сиромашното семејство на Јосиф потполно неочекувано добило и доволно средства за патот до далечниот Египет.

Јосиф храбро и несебично го штител своето дете

11 Во некои приказни што можат да се најдат во апокрифните книги, патувањето на Јосиф и Марија се опишува на многу нереален начин. Во нив стои дека малиот Исус со чудо го скратил нивното патување, дека го одбранил своето семејство од разбојници, па дури и дека ѝ наредил на една палма да ги спушти своите гранки за Марија да набере урми. * Но, тие приказни се далеку од реалноста. Тоа било долго, напорно патување до една непозната земја.

Јосиф се откажал од личната удобност поради своето семејство

12. Што можат да научат родителите од Јосиф?

12 Јосиф е добар пример за сите родители. Тој ја оставил работата во Витлеем и се откажал од личната удобност за да го заштити семејството од опасноста што му се заканувала. На грижата за семејството гледал како на света должност која му ја доверил самиот Јехова. Во денешниов свет демнат многу опасности кои можат да ги расипат децата во морален поглед, па дури и да им го загрозат животот. На родителите не им е ни малку лесно да ги изведат децата на прав пат. Затоа мајките и татковците кои, како Јосиф, даваат сѐ од себе за да ги заштитат своите деца, заслужуваат голема пофалба!

 Се грижел за своето семејство

13, 14. Зошто Јосиф и Марија се вратиле во Назарет?

13 По сѐ изгледа, Јосиф, Марија и Исус не останале долго во Египет, бидејќи кратко потоа ангелот му рекол на Јосиф дека Ирод умрел. Затоа се вратиле во својата родна земја. Така се исполнило она што Јехова го кажал долго време пред тоа преку еден пророк: „Од Египет го повикав својот син“ (Мат. 2:15). Јосиф очигледно одиграл важна улога во исполнувањето на ова пророштво. Но, дали било безбедно да се вратат во Витлеем?

14 Јосиф не сакал да им го загрози животот на својата сакана жена и син. Знаел дека наследникот на Ирод, царот Архелај, бил злобен и суров како неговиот татко. Бог во сон го предупредил Јосиф дека сѐ уште постои опасност детето да биде убиено, па затоа овој разумен човек решил да отиде со семејството што подалеку од Ерусалим и од сите опасности што се криеле во тој град. Отишол на север, во Галилеја, и повторно се населил во Назарет. Таму, тој и Марија започнале нов живот. (Прочитај Матеј 2:19-23.)

15, 16. Каков занает имал Јосиф и какви алатки користел?

15 Јосиф морал напорно да работи за да се грижи за своето семејство, иако живееле скромно и биле задоволни со основното. Дрводелскиот занает со кој се занимавал бил многу напорен. Не било лесно да се исечат стеблата и да се довлечкаат до местата на кои се обработувале. Ништо полесно не било ни подготвувањето на материјал за куќи, бродови, мостови, запрежни коли, тркала, јареми и разни земјоделски алатки (Мат. 13:55). Дрводелците во библиски времиња често работеле близу до своите куќи, под ведро небо или во малечки работилници.

16 Дрводелскиот занает најчесто се пренесувал од колено на колено, и Јосиф најверојатно го научил занаетот од својот татко. Во неговата работилница сигурно имало најразновидни алати, како што се винкла, висок, креда, секира, пила, тесла, чекан, дрвен чекан, длето, сврдел, разни лепила, па дури и шајки, кои во тоа време не биле евтини.

17, 18. а) Што научил Исус од својот татко? б) Зошто Јосиф морал напорно да работи?

17 Исус несомнено често го набљудувал Јосиф додека работел во својата работилница. Можеме да си го замислиме како со широко отворени очи гледа додека грубото парче дрво во силните и вешти раце на неговиот очув се претвора во прекрасно парче мебел  или желно исчекувана играчка. Јосиф го учел Исус уште од малечок да прави некои едноставни работи вклучени во обработката на дрвото, како на пример, да ги измазни рапавите површини со сува кожа од риба. Од него Исус брзо научил и која е разликата меѓу дрвото од дива смоква, даб или маслинка.

Јосиф му го пренел дрводелскиот занает на својот син

18 Јосиф се грижел и за емоционалните потреби на своето семејство и му посветувал време, љубов и внимание. Тие силни раце што Исус ги гледал како сечат и делкаат дрво биле и нежни раце што го милувале и тешеле него, мајка му и неговите братчиња и сестрички. Освен тоа, знаел дека неговото семејство, кое сѐ повеќе растело, бара многу одрекувања. Бидејќи тој и Марија на крајот добиле барем уште шест деца, требало напорно да работи за да ги прехрани (Мат. 13:55, 56).

Јосиф знаел дека најважно било да се грижи за духовните потреби на своето семејство

19. Како Јосиф му помагал на своето семејство да има близок однос со Бог?

19 Меѓутоа, Јосиф не бил преокупиран со својата работа затоа што бил свесен колку е важно неговото семејство да има близок однос со Бог. Своите деца ги поучувал за Јехова и за неговите закони. Со Марија редовно ги носеле во најблиската синагога, каде што гласно се читал и се толкувал Божјиот закон. Лесно можеме да си замислиме како Исус, на враќање од синагогата, им поставува многу прашања на своите родители и како Јосиф стрпливо го поучува своето љубопитно синче. Јосиф ги ценел годишните празници и во тие прилики го носел целото семејство во Ерусалим, кој од нивниот дом бил оддалечен 120 километри. За да стигнат до Ерусалим за Пасхата и да се вратат дома, требало да одвојат и до две седмици.

Јосиф редовно го носел своето семејство во храмот во Ерусалим

20. Како можат семејните поглавари да го следат примерот на Јосиф?

20 Со таквото постапување Јосиф им дал одличен пример на денешните христијани што имаат семејство. Тие се свесни дека на своите деца треба да им посветат време и внимание и дека треба нивното духовно добро да го ставаат пред сѐ друго, вклучувајќи ги и материјалните удобности. Токму затоа прават сѐ што можат да ја одржуваат Семејната вечер и да ги носат на христијанските состаноци и конгреси. Освен тоа, не сметаат дека премногу се бара од нив затоа што, исто како Јосиф, добро знаат колку е важно нивните деца да стекнат близок однос со Бог.

‚Загрижено го барале‘

21. Каде оделе Јосиф и неговото семејството за време на Пасхата, и кога Јосиф и Марија се загрижиле што го немало Исус?

21 Кога Исус имал 12 години, Јосиф, како и обично, го повел своето семејство во Ерусалим. Било пролет, време кога се славела Пасхата, и многу семејства заедно оделе во Ерусалим за да го одбележат празникот. По долгото патување, на хоризонтот  можеле да се видат познатите контури на Ерусалим, кој се издигал над останатата околина. Мнозина, како што се приближувале до градот, почнувале да ги пеат познатите псалми за искачување (Пс. 120—134). Во градот се слеале стотици илјади луѓе. По празникот, сите тие полека почнале да се враќаат назад. Јосиф и Марија биле меѓу мноштвото што се враќало во Галилеја. Изгледа биле толку зафатени со грижата околу своите помали деца што не се вознемириле премногу поради тоа што го немало Исус. Си помислиле дека е со некои од роднините или пријателите. Дури по еден ден одење се загрижиле затоа што не знаеле каде е Исус (Лука 2:41-44).

22, 23. Што направиле Јосиф и Марија кога виделе дека го нема Исус, и што му рекла Марија кога го нашле?

22 Во паника, почнале да го бараат меѓу роднините и пријателите,  но тој како да пропаднал в земја. На крајот се вратиле во Ерусалим. Замисли си колку поинакви и пусти им изгледале улиците додека оделе по нив и гласно го повикувале Исус. Каде би можело да биде нивното дете? Откако го барале цели три дена, биле избезумени од страв и неизвесност. Што сѐ не им минало низ главата во тие моменти! Можеби Јосиф почнал да мисли дека го изневерил Јехова затоа што не го чувал добро неговиот син. На крајот, го нашле Исус во храмот како седи меѓу најдобрите познавачи на Законот. Кога го здогледале, им паднал камен од срце (Лука 2:45, 46).

23 Исус ги слушал овие учени луѓе и им поставувал прашања, а тие биле одушевени од остроумноста и од одговорите на детето. Но, Марија и Јосиф биле зачудени. Во евангелијата не пишува како реагирал Јосиф во тој момент, но зборовите на Марија јасно покажуваат што чувствувале и двајцата: „Дете, зошто ни  го направи тоа? Татко ти и јас загрижено те баравме“ (Лука 2:47, 48).

24. Каква реална слика дава Библијата за родителството?

24 Така, Библијата со само неколку зборови ни дава реална слика дека родителството, колку и да е убаво, со себе си носи предизвици и тешкотии, дури и кога се работи за совршено дете. Сосема е разбирливо што многу родители се прашуваат дали во овие тешки времиња ќе успеат добро да ги воспитаат своите деца и дали ќе им помогнат да израснат во зрели и одговорни личности. Но, мислата дека Јехова знае како се чувствуваат може да ги утеши.

25, 26. Што им одговорил Исус на своите родители, и како веројатно се чувствувал Јосиф поради зборовите на својот син?

25 Исус, пак, тие неколку дена бил на единственото место на светот каде што се чувствувал најблизу до својот небесен Татко. Таму жедно впивал сѐ што можел да научи за Јехова. Бидејќи не разбрал веднаш зошто се толку исплашени, малку зачудено ги прашал: „Зошто сте ме барале? Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ (Лука 2:49).

26 Јосиф сигурно многупати помислувал на овие зборови. Веројатно секојпат го исполнувале со чувство на татковска гордост. Тоа не е ништо чудно, затоа што го чувал своето посвоено синче со многу љубов и внимание и му помагал да развие близок однос со својот небесен Татко. Годините поминати со Јосиф му помогнале на Исус уште како дете да почувствува каков е еден добар татко.

27. Ако си татко, каква одговорност имаш, и зошто треба да се угледаш на Јосиф?

27 И денес, татковците имаат голема одговорност. На своите деца треба да им пружат љубов и да им влеат чувство на сигурност, но и да им помогнат да се зближат со својот небесен Татко. Јосиф е добар пример и за родителите што имаат посвоени деца. Ако размислуваат за тоа како тој постапувал со Исус, несомнено на секое свое дете ќе му покажат дека го ценат и го сакаат. (Прочитај Ефешаните 6:4.)

 Верно му служел на Бог

28, 29. а) Што дознаваме за Јосиф од зборовите запишани во Лука 2:51, 52? б) Како Јосиф му помогнал на Исус да стане мудар?

28 Иако во Библијата се наведени само уште неколку работи за животот на Јосиф, вреди да бидат спомнати. На пример, во евангелието според Лука пишува дека Исус ‚им бил послушен‘ на родителите и дека ‚растел, напредувал во мудроста и уживал сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето‘. (Прочитај Лука 2:51, 52.) Што дознаваме за Јосиф од овие зборови? Со оглед на тоа што Исус, кој бил совршен, го почитувал и го слушал својот очув, можеме да заклучиме дека Јосиф бил добар поглавар на семејството.

29 Спомнавме дека Исус ‚напредувал во мудроста‘. Би било нелогично да заклучиме дека Јосиф немал важна улога во тоа. Во првиот век, Евреите имале изрека која е позната до ден-денес. Според неа, само луѓето што биле неоптоварени со секојдневните обврски можеле да станат мудри, додека обичните смртници, како што биле дрводелците, земјоделците и ковачите, не можеле да делат правда и да судат и не им било местото таму каде што се кажуваат мудрости. Но, од својот очув, скромен дрводелец, уште како дете Исус слушнал многу мудри поуки кои му помогнале да се зближи со Јехова. Освен тоа, подоцна со својот живот покажал колку бесмислена е таа изрека.

30. Каков пример им оставил Јосиф на семејните поглавари?

30 Јосиф во голема мера е заслужен и за тоа што Исус израснал во зрел и способен маж. Освен што се грижел за него додека бил дете, му помагал да стане вешт и во својот занает. Библијата ни открива дека Исус не бил познат само како синот на дрводелецот туку и како „дрводелецот“ (Мар. 6:3). Значи, Исус научил од Јосиф вреден занает. И христијаните денес можат да се угледаат на Јосиф така што ќе се трудат да им пренесат на децата знаење кое ќе им биде од практична корист во животот и ќе им овозможи да се издржуваат кога ќе пораснат.

31. а) Според доказите, кога умрел Јосиф? (Вклучи ја  рамката.) б) Каков пример ни оставил Јосиф?

31 Кога Исус се крстил на возраст од околу 30 години и започнал со својата служба на Земјата, Библијата повеќе не го спомнува Јосиф. Очигледно, Марија тогаш била вдовица. (Види ја рамката  „Кога умрел Јосиф?“) Сепак, Јосиф оставил неизбришлива трага врз животот на своите најблиски — ги штител, се грижел за нив и верно му служел на Бог. Тој понизен и верен човек оставил пример на кој можат да се угледаат сите христијани.

^ пас. 4 Во тоа време, свршувачката се сметала за речиси еднакво сериозна врска како бракот.

^ пас. 8 Таа „ѕвезда“ не била природен небесен феномен, ниту, пак, била испратена од Бог. Сатана ја искористил оваа натприродна појава за да го спроведе својот злобен план да го убие Исус.

^ пас. 11 Библијата јасно покажува дека Исус го направил „своето прво чудо“ дури откако се крстил (Јован 2:1-11).