Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Угледајте се на нивната вера

 ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Научил да биде милостив

Научил да биде милостив

1. Какво патување го чекало Јона, и како се чувствувал кога ќе помислел на градот во кој одел?

ЈОНА имал доволно време за размислување. Го чекал долг пат од преку 800 километри. Знаел дека ќе му биде потребен најмалку еден месец за да го помине. Најпрво, морал да одлучи дали да тргне по краткиот или по долгиот пат, кој бил побезбеден. А потоа требало да патува преку безброј долини и планински превои. Најверојатно требало да ја заобиколи огромната Сириска Пустина, да премине неколку големи реки, каква што била Еуфрат, и да преноќева меѓу непознати луѓе по градовите и селата на Сирија, Месопотамија и Асирија. Како што одминувале деновите, чувствувал сѐ поголем страв од помислата на градот во кој одел. А со секој изминат чекор бил сѐ поблизу до него. Тој град бил Ниневија.

2. Како Јона научил дека не може да побегне од својата задача?

2 Јона бил сигурен во едно: Овојпат нема да може едноставно да тргне во друг правец и да побегне од својата задача. Еднаш веќе се обидел да го направи тоа. Како што видовме во претходното поглавје, Јехова стрпливо го поучил со тоа што пуштил силна бура и на чудесен начин го спасил така што го проголтала една огромна риба. По три дена, рибата го исфрлила жив на брегот. Тоа што го доживеал го исполнило со страхопочит и сега бил спремен да ја изврши својата задача (Јона, погл. 1 и 2).

3. Која особина на Јехова се гледа од начинот на кој постапил со Јона, и кое прашање се поставува?

3 Кога Јехова по вторпат го испратил во Ниневија, тој послушно тргнал  на долг пат кон исток. (Прочитај Јона 3:1-3.) Но, дали Јона ги сменил своите ставови после она што му се случило? Да не заборавиме, Јехова бил милостив кон него со тоа што не дозволил да се удави, не го казнил за непослушноста и му дал втора шанса да ја изврши задачата што ја добил. Дали Јона научил и самиот да биде милостив кон другите? На несовршените луѓе честопати им е тешко да бидат милостиви. Да видиме што можеме да научиме од Јона.

Порака на осуда и неочекувана реакција

4, 5. Зошто Ниневија била „значаен град“ во очите на Јехова, и што учиме од тоа за Бог?

4 Јона не гледал на Ниневија онака како што гледал Јехова. Во Библијата читаме: „Ниневија беше значаен град во очите на Бог“ (Јона 3:3). Според извештајот, Јехова трипати ја нарекол асирската престолнина „големиот град“ (Јона 1:2; 3:2; 4:11). Зошто Јехова ја сметал Ниневија за голем, односно значаен град?

5 Ниневија била меѓу најстарите градови, еден од првите што ги основал Нимрод после Потопот. Таа била голем град  кој заедно со околните градови сочинувал една урбана целина. Биле потребни три дена одење за да се помине од едниот до другиот крај (1. Мој. 10:11; Јона 3:3). Ниневија била импресивна, со раскошни храмови, високи ѕидини и други големи градби. Но, на Јехова Бог не му било важно тоа. Нему му биле важни луѓето во неа. За тоа време, Ниневија била град со огромен број жители. Иако правеле злобни работи, Јехова сакал да им помогне. За него е многу вреден животот на секој човек и тој знае дека секој може да се покае и да научи да го прави она што е добро.

Ниневија била огромен град во кој луѓето правеле многу гревови

6. а) Зошто Јона уште повеќе се уплашил кога влегол во Ниневија? (Види ја и фуснотата.) б) Што ни покажува за Јона тоа што им проповедал на луѓето во Ниневија?

6 Кога Јона конечно влегол во Ниневија, можеби уште повеќе се уплашил од тоа што видел колку многу жители има во неа. * Пешачел цел ден, навлегувајќи сѐ подлабоко во таа раздвижена метропола. Додека одел, веројатно барал соодветно место за да ја објавува својата порака. Но, како се разбирал со тие луѓе? Дали научил асирски? Дали Јехова му овозможил да го зборува тој јазик преку чудо? Тоа не го знаеме. Можеби Јона ја објавувал пораката на хебрејски, својот мајчин јазик, и имал преведувач кој им ја пренесувал на жителите на Ниневија. Како и да било, неговата порака била едноставна и сигурно не им била пријатна на луѓето. Јона им велел: „Уште само четириесет дена и Ниневија ќе биде уништена“ (Јона 3:4). Тој смело ја повторувал пораката. За тоа му биле потребни голема храброст и вера, истите особини што и нам денес ни се потребни повеќе од кога и да е порано.

Пораката на Јона била едноставна и сигурно не им била пријатна на Ниневијците

7, 8. а) Како реагирале Ниневијците на пораката што им ја пренел Јона? б) Што направил царот на Ниневија кога ја чул пораката што ја објавувал Јона?

7 Со својата порака, Јона им го привлекол вниманието на Ниневијците. Без сомнение, очекувал непријателска и насилна реакција. Наместо тоа, се случило нешто неочекувано — луѓето го слушале! Неговата порака се расчула со секавична брзина. За кратко време, целиот град зборувал за кобното пророштво на Јона. (Прочитај Јона 3:5.) Богати  и сиромашни, мажи и жени, млади и стари — сите почнале да се каат. Од жал, престанале да јадат. Веста за она што се случувало меѓу народот брзо стигнала и до ушите на царот.

На Јона му требале вера и храброст за да проповеда во Ниневија

8 Кога царот ја слушнал пораката што ја објавувал Јона, се исплашил од Бог и се покајал. Станал од својот престол, го соблекол раскошното царско руво, облекол козина каква што носел и неговиот народ, па дури и ‚седнал во пепел‘. Со своите „големци“, односно благородници, издал проглас за пост, така што постот веќе не бил спонтана реакција на народот туку државна заповед. Наредил да носат козина сите, дури и стоката. * Понизно признал дека неговиот народ бил виновен за злодела и насилство. Исто така, изразил надеж дека вистинскиот Бог ќе се смилостиви кога ќе види дека се покајале. Царот рекол: „Можеби вистинскиот Бог... нема да го покаже својот разгорен гнев, па нема да изгинеме“ (Јона 3:6-9).

9. Во што се сомневаат некои критичари, и од каде знаеме дека не се во право?

9 Некои критичари се сомневаат дека жителите на Ниневија можеле да се променат толку брзо. Меѓутоа, библиските изучувачи сметаат дека таквата реакција е во склад со суеверната и превртлива природа на луѓето од древните култури. Освен тоа, и Исус Христос подоцна спомнал дека луѓето во Ниневија се покајале. (Прочитај Матеј 12:41.) А тој добро знаел што зборува бидејќи од небото го гледал она што се случувало (Јован 8:57, 58). Факт е дека никогаш не треба да мислиме дека е невозможно некои луѓе да се покаат, без оглед на тоа колку злобни ни изгледаат нам. Само Јехова може да види што има во срцето на еден човек.

Божјата милост наспроти човечката крутост

10, 11. а) Како реагирал Јехова кога Ниневијците се покајале? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова не згрешил со тоа што ја осудил Ниневија?

10 Како реагирал Јехова кога Ниневијците се покајале? Јона подоцна напишал: „Вистинскиот Бог ги виде нивните  дела, дека се вратија од својот лош пат, и затоа на вистинскиот Бог му падна жал што им се закани со неволја, и не им ја нанесе“ (Јона 3:10).

11 Дали ова значи дека Јехова признал дека згрешил кога ги осудил жителите на Ниневија? Не. Библијата покажува дека Јеховината правда е совршена. (Прочитај 5. Мојсеева 32:4.) Оправданиот гнев што Јехова го чувствувал кон Ниневијците стивнал затоа што видел дека се смениле и дека казната која им ја одредил веќе не би била соодветна. Се појавила прилика да им покаже милост.

12, 13. а) Како Јехова покажува дека е разумен, прилагодлив и милостив? б) Дали Јона бил лажен пророк?

12 Јехова не е крут, бесчувствителен ниту, пак, суров Бог, каков што честопати го прикажуваат верските водачи. Напротив, тој е разумен, прилагодлив и милостив. Кога ќе реши да ги казни злобните, прво ги опоменува преку своите претставници на Земјата затоа што сака злобните да го направат истото што го направиле и жителите на Ниневија — да се покаат и да се ‚одвратат од своите зли патишта‘ (Езек. 33:11). Јехова му рекол на својот пророк Еремија: „Кога ќе му кажам на некој народ и на некое царство дека ќе го откорнам, ќе го сотрам и ќе го уништам, а тој народ се одврати од своето зло за кое му зборував, ќе зажалам што сакав да му нанесам неволја“ (Ерем. 18:7, 8).

Бог многу сака злобните луѓе да се покаат и да се променат, како што направиле жителите на Ниневија

13 Дали тоа значи дека Јона бил лажен пророк? Не. Неговото пророштво послужило како предупредување и со тоа ја исполнило својата цел. Откако жителите на Ниневија биле опоменати за нивните злодела, престанале да ги прават. Меѓутоа, било јасно дека Бог ќе ја изврши над нив својата пресуда ако почнеле да постапуваат по старо. Подоцна, токму тоа и се случило (Соф. 2:13-15).

14. Како реагирал Јона кога Јехова покажал милост кон Ниневија?

14 Како реагирал Јона кога видел дека градот не бил уништен како што прорекол? Во извештајот читаме: „На Јона му беше многу криво поради тоа, па се разгневи“ (Јона 4:1). Тој дури и кажал молитва што звучи како да го прекорува Семоќниот! Сметал дека ќе било подобро да си останел дома, во својата земја. Рекол дека знаел оти Јехова нема да ја уништи Ниневија и тоа дури го искористил како изговор за својот обид да избега во Тарсис. Потоа се молел да умре и рекол дека смртта му е помила од животот. (Прочитај Јона 4:2, 3.)

15. а) Од кои причини Јона можеби се налутил и се вознемирил? б) Како постапил Јехова со овој вознемирен пророк?

15 Зошто Јона се чувствувал така? Не знаеме што сѐ му доаѓало во мислите, но знаеме дека ѝ навестил пропаст на  Ниневија пред сите нејзини жители, и тие му поверувале. Но, Ниневија не била уништена. Дали се плашел дека ќе му се смеат или дека ќе го прогласат за лажен пророк? За што и да се работело, не му било драго што луѓето се покајале и што Јехова милостиво им простил. Напротив, изгледа дека тонел сѐ подлабоко во очај затоа што сѐ повеќе го обземале чувства на повредена гордост, огорченост и самосожалување. Меѓутоа, милосрдниот Бог на Јона сѐ уште гледал нешто добро кај овој вознемирен пророк. Наместо да го казни затоа што покажал непочитување, Јехова само благо му поставил едно прашање со кое сакал да го поттикне да размисли. Го прашал: „Зар имаш право да се лутиш?“ (Јона 4:4). Дали Јона му одговорил нешто? Библијата не ни го открива тоа.

16. Во кои работи некој би можел да има поинакво мислење од Јехова, и што можеме да научиме од извештајот за Јона?

16 Лесно е да го осудиме Јона за неговата постапка, но треба да имаме на ум дека не е ништо чудно несовршените луѓе да имаат поинакво мислење од Бог. На пример, некои можеби ќе речат дека Јехова требало да спречи некоја трагедија или дека требало веднаш да ги казни злобните, па дури и дека досега требало да му стави крај на овој свет. Извештајот за Јона нѐ потсетува дека, кога имаме поинакво мислење од Јехова Бог, секогаш треба ние да го смениме нашето гледиште — а не тој.

Како Јехова го поучил Јона

17, 18. а) Што направил Јона откако заминал од Ниневија? б) Зошто Јехова направил да никне тиква?

17 Овој разочаран пророк заминал од Ниневија. Но, не отишол дома туку тргнал кон планините на исток од кои можел да се види целиот крај. Таму си направил мала сеница и седнал под неа за да види што ќе се случи со градот. Можеби сѐ уште се надевал дека ќе го види уништувањето на Ниневија. Како Јехова го научил овој своеглав човек да биде милостив?

18 Во текот на ноќта, Јехова направил над Јона да израсне една тиква. Кога се разбудил, Јона го видел ова бујно растение чии широки лисја држеле многу поголема сенка од неговата малечка сеница. Веднаш се разведрил. Тој многу ѝ се израдувал на тиквата. Можеби си мислел дека тоа што чудесно се појавила е знак дека Бог е со него и го благословува. Меѓутоа, Јехова не сакал само да го спаси Јона од горештината и од неговата неоправдана лутина, туку и да го поучи нешто. Сакал да му допре до срцето. Затоа Бог направил и други чуда. Пуштил еден црв да ја подгризе тиквата.  Потоа пуштил „жежок источен ветар“ и настанала таква жега што Јона почнал „да губи свест“. Тој повторно се разочарал и се молел да умре (Јона 4:6-8).

19, 20. Што му рекол Јехова на Јона за тиквата?

19 Јехова повторно го прашал Јона дали има право да се лути, овојпат заради тиквата што се исушила. Наместо да се покае, Јона почнал да се правда со зборовите: „Имам право што сум лут до смрт“. Тогаш дошло вистинското време Јехова да му ја даде главната поука (Јона 4:9).

Бог ја употребил тиквата за да го научи Јона да биде милостив

20 Бог го поттикнал Јона да размисли дали било во ред да се лути што се исушила една обична тиква која тој ниту ја засадил ниту направил да порасне, туку израснала прекуноќ. Потоа го прашал: „А мене да не ми биде жал за Ниневија, голем град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат што е десно, а што лево, а покрај тоа и многу стока?“ (Јона 4:10, 11). *

21. а) Која важна поука Јехова му ја дал на Јона? б) Како може извештајот за Јона да ни помогне искрено да се преиспитаме?

 21 Сфаќаш ли која важна поука сакал да му ја даде Јехова на својот пророк? Јона не мрднал ни со прст за да израсне тиквата. Од друга страна, Јехова им дал живот и ги одржувал во живот луѓето од Ниневија, како што ги одржува и сите други суштества на Земјата. Како можело едно обично растение за Јона да биде повредно од животот на 120.000 луѓе и на нивната многубројна стока? Зар причината не била тоа што почнал да размислува себично? И зар не му било жал за тиквата само затоа што имал корист од неа? Дали и неговата лутина во врска со Ниневија не била поттикната од себични мотиви — од гордост и од желба да си го обели образот, да докаже дека бил во право? Извештајот за Јона може да ни помогне искрено да се преиспитаме. Кој од нас не е склон кон себичност? Колку благодарни треба да сме што Јехова стрпливо нѐ учи да бидеме несебични, сочувствителни и милостиви како него!

22. а) Дали Јона ја прифатил поуката да биде милостив? б) Што треба да научи секој од нас?

22 Но, дали Јона ја зел при срце таа поука? Книгата што го носи неговото име завршува со едно прашање од Јехова кое останало неодговорено. Некои критичари приговараат на тоа што Јона не дал никаков одговор. Меѓутоа, немало ни потреба да даде директен одговор. Самата негова книга претставува одговор. Доказите покажуваат дека Јона е тој што ја напишал книгата која го носи неговото име. Замисли си го како, по враќањето во својата родна земја, го запишува она што му се случило. Не е тешко да си го претставиме овој пророк — тогаш како постар, помудар и попонизен човек — како со жалење ниша со главата додека ги опишува своите грешки, својата непослушност и својата неспремност да биде милостив. Јона очигледно ја прифатил важната поука што Јехова му ја дал на таков мудар начин. Тој научил да биде милостив. Ќе научиме ли и ние? (Прочитај Матеј 5:7.)

^ пас. 6 Ниневија имала повеќе од 120.000 жители. Се проценува дека Самарија, престолнината на десетплеменското царство Израел, во времето на Јона имала од 20.000 до 30.000 жители — што не било ни една четвртина од бројот на жители на Ниневија. Во својот процут, Ниневија веројатно била најголемиот град во светот.

^ пас. 8 Овој податок можеби е необичен, но во старо време навистина се случувало такво нешто. Грчкиот историчар Херодот запишал дека древните Персијци во една прилика наредиле и животните да се вклучат во обредите со кои се оплакувал некој омилен војсководец.

^ пас. 20 Тоа што жителите на Ниневија не знаеле што е десно а што лево, значело дека не ги знаеле Божјите мерила, како што ни малите деца не знаат што е добро а што лошо.