Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Угледајте се на нивната вера

 ПРВО ПОГЛАВЈЕ

„Иако е мртов, сѐ уште зборува“

„Иако е мртов, сѐ уште зборува“

1. Зошто семејството на Адам и Ева не можело да влезе во рајската градина? Што посакувал Авел?

АВЕЛ за момент се тргнал од своите мисли и погледнал кон стадото овци кое мирно си пасело на падината. Но, веќе следниот миг повторно потонал во мислите, со погледот вперен кон хоризонтот. Иако во далечината гледал само нејасни контури, знаел дека мечот со пламено сечило, кој бил поставен на влезот од рајската градина, не престанувал да се врти и дека никогаш повеќе никој нема да може да влезе во поранешниот дом на неговите родители. Додека ветрето си поигрувало со неговата коса, Авел со воздишка погледнал кон небото и по којзнае кој пат се запрашал: „Дали јазот меѓу Бог и луѓето некогаш ќе биде премостен?“ Ништо друго не посакувал повеќе од тоа.

2-4. Во која смисла ни зборува Авел?

2 Авел му бил втор син на Адам. Живеел на самиот почеток од човечката историја и умрел пред речиси 60 векови. Иако неговото тело веќе одамна е претворено во прав, Библијата вели дека тој сѐ уште зборува. Што значи ова? Зар во Библијата не пишува дека „мртвите не се свесни за ништо“? (Проп. 9:5, 10). Освен тоа, во неа не можеме да прочитаме ниту еден збор на Авел. Тогаш, како е можно сѐ уште да зборува?

3 Под водство на светиот дух, апостол Павле го рекол следново за Авел: „Поради таа вера, иако е мртов, сѐ уште зборува“. (Прочитај Евреите 11:4.) Што сакал да каже Павле со ова? Авел бил првиот човек кој изградил цврста вера во Бог. Иако живеел пред илјадници години, верата што ја красела неговата личност била толку впечатлива што може да ни го смени животот и нам. Ако се угледаме на овој извонреден Божји слуга и ако се трудиме да изградиме цврста вера како неговата, можеме да „чуеме“ како тој ни зборува.

4 Но, како да се угледаме на Авел и да изградиме вера како неговата кога во Библијата е кажано толку малку за него? Сепак, и тоа малку ни открива многу. Да видиме што.

Растел кога светот бил во зародиш

5. Што мислел Исус кога рекол дека Авел живеел „од основањето на светот“? (Види ја и фуснотата.)

5 Исус рекол дека Авел живеел „од основањето на светот“.  (Прочитај Лука 11:50, 51.) Дали овие зборови ги кажал само затоа што Авел се родил на почетокот од човечката историја? Не. Со изразот „светот“ веројатно мислел на луѓето кои би можеле да бидат откупени од ропството на гревот. Иако Авел бил четвртиот човек на светот, најверојатно е првиот кому Бог сметал дека може да му бидат простени гревовите. * Ниту неговите родители ниту неговиот постар брат не му дале добар пример. Значи, Авел не растел во идеални услови.

6. Какви родители имал Авел?

6 Иако светот бил во својот зародиш, над човечкото семејство се надвиснале темни облаци од тага. Адам и Ева сигурно биле убави луѓе полни со енергија. Но, направиле кобна грешка која скапо ги чинела. Иако биле совршени и имале можност да живеат вечно, се побуниле против Јехова Бог и биле истерани од својот дом, рајската градина. Своите желби ги ставиле пред сѐ друго — дури и пред доброто на своите деца. Заради тоа што биле себични и непослушни, ги изгубиле совршенството и вечниот живот (1. Мој. 2:15—3:24).

7, 8. Што рекла Ева кога се родил Каин, и што можеби мислела со тоа?

7 Надвор од градината, Адам и Ева воделе вистинска борба за опстанок. Сепак, кога им се родило првото дете, во нив се разбудила надеж. Му го дале името Каин, што значи „добиен, стекнат“, а Ева рекла: „Добив син со помош на Јехова“. Нејзините зборови покажуваат дека таа можеби го имала на ум ветувањето што Јехова го дал во рајската градина — дека една жена ќе роди потомок кој еден ден ќе го уништи Злобниот што ги навел Адам и Ева да му згрешат на Бог (1. Мој. 3:15; 4:1, фус.). Дали  можеби Ева си помислила дека таа е жената од пророштвото, а дека Каин е ветениот потомок?

8 Ако мислела така, била во голема заблуда. Освен тоа, ако таа и Адам го воспитале Каин во тој дух, му направиле повеќе штета отколку корист бидејќи така само ја потхраниле гордоста во неговото несовршено срце. По некое време, Ева родила и втор син, но за него не можеме да прочитаме ниту една театрална изјава. Му го дале името Авел, што може да значи „воздишка“ или „суета“ (1. Мој. 4:2). Дали со изборот на тоа име сакале да покажат дека од Авел немале толку големи очекувања?

9. Каква поука од Адам и Ева можат да извлечат денешните родители?

9 Родителите денес можат да извлечат важна поука од она што го направиле Адам и Ева. Родители, на што ќе ги поттикнувате своите деца? Дали со своите зборови и постапки во нив ќе потхранувате гордост, себичност и желба за истакнување или ќе ги учите да го засакаат Јехова Бог и да станат блиски со него? За жал, првите родители не успеале да ја исполнат својата родителска должност. Сепак, за нивните потомци имало зрак надеж.

Како Авел изградил вера во Бог?

10, 11. Со што се занимавале Каин и Авел? Која особина ја стекнал Авел?

10 Адам ги учел своите синови да работат сѐ што требало за да се прехрани семејството. Така, Каин станал земјоделец, а Авел овчар.

11 Меѓутоа, Авел знаел дека има нешто многу поважно отколку само да се задоволат физичките потреби. Со текот на годините стекнал вера во Бог, особина по која останал трајно запаметен во Божјата Реч. Како успеал во тоа кога неговите родители му свртеле грб на Бог? Што му помогнало да го запознае Јехова и да изгради силна вера во него? Ќе спомнеме три цврсти темели врз кои почивала неговата вера.

12, 13. Како тоа што го набљудувал Јеховиното творештво му помогнало на Авел да стекне вера?

12 Јеховиното творештво. Кога Јехова ги истерал Адам и Ева од рајската градина, ја проколнал земјата да раѓа трње и троскот. Оттогаш, обработувањето на земјата било макотрпно. Сепак, Адам и неговото семејство можеле да живеат од она што ќе го родела. Освен тоа, не биле проколнати животните, вклучувајќи ги птиците и рибите, а не биле проколнати ниту планините, езерата, реките, морињата, небото, облаците, сонцето, месечината и ѕвездите. Каде и да погледнел, Авел можел да види докази за неизмерната љубов, мудрост и добрина на Јехова Бог, оној што создал сѐ. (Прочитај Римјаните 1:20.) Верата на Авел се зајакнувала кога со ценење размислувал за сето тоа.

Тоа што размислувал за творештвото му помогнало на Авел да стекне вера и да се увери дека Творецот го сака

13 Авел сигурно често размислувал за Јехова. Бидејќи бил овчар, своите овци ги водел по ридовите, низ долините и преку  реките барајќи сочни пасишта, бистри извори и сигурни засолништа каде што ќе можеле да ја минат ноќта. Сето ова му давало убави прилики да размислува за својот Творец. Додека ги набљудувал овците, на кои им бил потребен пастир што ќе ги води на пасишта, ќе ги штити и ќе се грижи за нив, можеби честопати си помислувал дека и на човекот му треба некој многу помудар и помоќен од него за да го води, штити и да се грижи за него. Без сомнение, своите мисли и чувства му ги искажувал на Јехова во молитва, а благодарение на тоа неговата вера сѐ повеќе растела.

14, 15. За кои работи што ги кажал Јехова, Авел можел длабоко да размислува?

14 Јеховините ветувања. Адам и Ева сигурно им раскажале на своите синови зошто Бог ги истерал од рајската градина. Значи, Авел можел длабоко да размислува за многу работи.

15 Насекаде околу себе можел да види како се исполнува она што Јехова им го рекол на неговите родители. Земјата раѓала трње и троскот, токму како што кажал Јехова кога ја проколнал. Се исполнило и она што ѝ го рекол на Ева — дека бременоста и породувањето ќе ѝ бидат болни. Авел можел да го види тоа од прва рака кога неговата мајка била бремена со неговите помали браќа и сестри. Јехова кажал и дека Ева ќе има неурамнотежена потреба од љубовта и вниманието на својот сопруг, а дека Адам ќе господари над неа. Авел уште од мали нозе гледал како гревот влијае врз односот меѓу неговите родители. Насекаде забележувал докази дека она што ќе го каже Јехова секогаш се исполнува. Затоа имал цврсти причини да верува дека ќе се исполни и Божјето ветување дека ќе се роди еден потомок кој ќе ги отстрани последиците од гревот направен во рајската градина (1. Мој. 3:15-19).

16, 17. Што можел Авел да научи од херувимите?

16 Јеховините слуги. Авел не можел да се угледа на никого од своето семејство. Но, луѓето не биле единствените суштества обдарени со разум што во тоа време живееле на Земјата. Кога ги истерал Адам и Ева од рајската градина, Јехова се погрижил  во неа да не можат да влегуваат ниту тие ниту нивните потомци. На влезот од градината поставил херувими, како и меч со пламено сечило кој постојано се вртел. (Прочитај 1. Мојсеева 3:24.)

17 Замисли си го малиот Авел како ги гледа херувимите. Нивниот изглед покажувал дека се многу моќни. А и пламениот меч кој се вртел сигурно влевал страхопочит. Дали Авел некогаш забележал дека на тие ангели им здодеало да стојат на едно исто место? Дали видел дека ја оставиле задачата што им ја дал Јехова? Не. Од ден на ден, од година на година, тие интелигентни и моќни суштества со децении мирно стоеле на влезот од рајската градина. Колку поинакви од неговите родители биле овие верни Божји слуги! Набљудувајќи ги херувимите, Авел можел да сфати што значи верно да му се служи на Јехова, а тоа несомнено му помогнало и самиот да стекне непоколеблива вера во него.

Набљудувајќи ги херувимите, Авел можел да сфати што значи верно да му се служи на Јехова

18. Каков темел за нашата вера имаме денес?

18 Тоа што Авел длабоко размислувал за творештвото, за она што го ветил Јехова и за неговите верни слуги, му помогнало да стекне цврста вера. Тогаш, зар не е вистина дека тој, преку својата вера, „иако е мртов, сѐ уште зборува“? Особено младите можат многу да научат од Авел. Дури и ако членовите на нивното семејство не му служат на Јехова, тие можат да стекнат вера во него. И денес, творештвото ни открива многу работи за нашиот Творец. Освен тоа, ја имаме и целата Библија, како и многу Божји слуги на чија вера можеме да се угледаме. Ако својата вера во Јехова ја градиме на тие темели, можеме да бидеме сигурни дека ќе биде цврста и непоколеблива, исто како верата на Авел.

 Зошто жртвата на Авел била подобра?

19. Која важна работа ја сфатил Авел со текот на времето?

19 Цврстата вера го поттикнала Авел да му покаже на Јехова дека сака да му угоди. Но, што може да му даде еден обичен смртник на Творецот на целата вселена? Јасно е дека луѓето не можат да му дадат ништо што тој го нема. Сепак, Авел сфатил една важна работа: Ако на својот небесен Татко кој е полн со љубов му го даде најдоброто што го има и ако тоа го направи од срце, Јехова многу ќе се израдува.

Авел, за разлика од Каин, со вера му принел жртва на Јехова

20, 21. Какви жртви принеле Каин и Авел, и што направил Јехова?

20 Авел решил да му принесе на Јехова како жртва неколку овци од своето стадо. Внимателно ги избрал најдобрите што ги имал, првините, и ги издвоил најквалитетните делови од животните. Во меѓувреме, и Каин сакал да побара наклоност и благослов од Бог, па затоа решил да му принесе плодови од својот род. Но, мотивите кои се криеле во неговото срце биле поинакви од мотивите на Авел. Тоа излегло на виделина кога и двајцата му ги принеле на Јехова своите жртви.

21 По сѐ изгледа и двајцата направиле жртвеници врз кои ги запалиле жртвите. Можеби жртвениците ги подигнале во близина на рајската градина, пред очите на херувимите, кои во тоа време биле единствените претставници на Јехова на Земјата. Што направил Јехова? Во Библијата читаме: „Јехова погледна со одобрување на Авел и на неговата жртва“ (1. Мој. 4:4). Библијата не ни открива на кој начин Бог го покажал своето одобрување.

22, 23. Зошто Јехова ја прифатил жртвата на Авел?

22 Зошто Бог ја прифатил жртвата на Авел? Дали причината била самата жртва? Точно е дека Авел принел живо суштество на кое му ја пролеал скапоцената крв. Дали можеби на некој начин сфатил колку голема вредност би можела да има една таква жртва во очите на Јехова? Неколку века по смртта на Авел, Јехова им рекол на Израелците да му принесуваат како жртва јагне што немало маана. Тие жртви биле претслика на жртвата на неговиот совршен Син, „Божјето Јагне“, кој ја пролеал својата крв за гревовите на мнозина (Јован 1:29; 2. Мој. 12:5-7). Меѓутоа, малку е веројатно дека Авел го знаел тоа.

23 Сепак, можеме да бидеме сигурни дека Авел го принел за жртва најдоброто што го имал. Јехова погледнал со одобрување не само на жртвата туку и на Авел, затоа што видел дека жртвата ја принел од искрена љубов и со цврста вера.

24. а) Зошто проблемот не бил во жртвата што ја принел Каин? б) Во кој поглед Каин е сличен на многу луѓе денес?

24 А што може да се каже за жртвата на Каин? Библијата открива дека Јехова ‚не погледнал со одобрување на Каин и на неговата жртва‘ (1. Мој. 4:5). Проблемот не бил во самата  жртва, затоа што подоцна Божјиот закон дозволувал да се принесуваат земјоделски производи (3. Мој. 6:14, 15). За Каин, Библијата вели дека ‚неговите дела биле зли‘. (Прочитај 1. Јованово 3:12.) Исто како многу луѓе денес, тој очигледно мислел дека е доволно само да остави надворешен впечаток дека му е верен на Бог. Но, од неговите постапки јасно можело да се види дека не го сакал Јехова и дека во неговото срце немало вера.

25, 26. Какво предупредување му дал Јехова на Каин, но што направил тој?

25 Дали Каин, откако видел дека Јехова не ја прифатил неговата жртва, помислил дека би било подобро да се угледа на својот брат? За жал, не. Што е уште полошо, неговото срце се исполнило со омраза. Јехова видел како размислува Каин и стрпливо се обидел да го вразуми. Го предупредил дека неговото размислување може да го доведе до сериозен грев. За да му помогне да го смени начинот на кој размислувал и постапувал, Бог го прашал: „Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил?“ (1. Мој. 4:6, 7).

26 Каин не го послушал Бог. Еден ден го викнал Авел, кој не ни помислувал каква намера има неговиот постар брат, да појде со него во полето. Таму го нападнал и го убил (1. Мој. 4:8). Со тоа, во извесна смисла, Авел бил првиот човек што умрел заради својата вера во Бог, првиот маченик. Но, иако бил мртов, приказната за него не завршила.

27. а) Зошто можеме да бидеме уверени дека Авел ќе воскресне? б) Што треба да направиме за да можеме еден ден да се запознаеме со Авел?

27 Во симболична смисла, крвта на Авел викала кон Јехова Бог барајќи правда. Бог се погрижил правдата да биде задоволена со тоа што го казнил злобниот Каин за она што го направил (1. Мој. 4:9-12). Од Авел навистина имаме што да научиме. Иако во споредба со другите луѓе од негово време живеел кратко, можеби сѐ на сѐ стотина години, оставил неизбришлив печат во библиската историја. Умрел, но знаел дека неговиот небесен Татко, Јехова, го сака и гледа со одобрување на неговите постапки (Евр. 11:4). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова го чува во своето сеќавање и дека ќе го воскресне во рајот што наскоро ќе го воспостави на Земјата (Јован 5:28, 29). Дали и ние ќе бидеме таму? Да, но само ако се угледаме на Авел и ако се трудиме да стекнеме цврста вера како неговата.

^ пас. 5 Изразот „основањето на светот“ е поврзан со зачнувањето и раѓањето на првото дете. Тогаш, зошто Исус го спомнува Авел, а не Каин, кој бил првороден син на Адам и Ева? Одлуките и постапките на Каин покажале дека намерно се побунил против Јехова Бог. По сѐ изгледа, ниту Каин ниту неговите родители нема да бидат меѓу оние кои Бог ќе ги откупи од гревот и ќе ги воскресне во новиот свет.