Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Угледајте се на нивната вера

 ДВАЕСЕТ И ВТОРО ПОГЛАВЈЕ

Останал лојален и покрај испитите

Останал лојален и покрај испитите

1, 2. На што се надевал Петар додека Исус зборувал во Капернаум, но што се случило?

ПЕТАР со исчекување ги набљудувал лицата на луѓето што го слушале Исус. Се наоѓале во синагогата во Капернаум, град на северниот брег на Галилејското Море. Таму, Петар живеел и работел како рибар, а таму живееле и многу негови пријатели, роднини и луѓе со кои работел. Петар сигурно се надевал дека и неговите сограѓани ќе гледаат на Исус како што гледал тој и дека со одушевување ќе сакаат да учат за Божјето Царство од најголемиот Учител што некогаш живеел. Но, изгледало дека тој ден нема да биде така.

2 Многумина престанале да го слушаат Исус. Некои гласно приговарале бидејќи не се согласувале со она што го кажувал. Но, Петар најмногу бил вознемирен од реакцијата на некои од Исусовите ученици. Нивните лица повеќе не зрачеле ниту од радост што научиле нешто важно, ниту од возбуда што откриле нешто ново, ниту од среќа што ја дознале вистината. Овојпат биле вознемирени, па дури и огорчени. Некои отворено рекле дека Исусовите зборови се тешки. Повеќе не сакале да го слушаат, си заминале од синагогата и престанале да го следат. (Прочитај Јован 6:60, 66.)

3. Како верата му помогнала на Петар?

3 Тоа биле тешки моменти за Петар и за другите апостоли. Ни Петар не го сфатил потполно она што го кажал Исус тој ден. Сигурно му било јасно зошто на прв поглед Исусовите зборови звучеле шокантно. Но, што направил Петар? Тоа не било ни прв ни последен пат неговата лојалност кон Господарот да биде ставена на испит. Да видиме како верата му помогнала на Петар да надмине слични предизвици и да остане лојален.

Останал лојален кога многумина престанале да го следат Исус

4, 5. Во кои ситуации Исус постапил спротивно на очекувањата на луѓето?

4 Не еднаш Петар бил изненаден од постапките и зборовите  на Исус. Во многу ситуации неговиот Господар ќе кажел или ќе направел нешто што било спротивно на она што другите го очекувале од него. Само еден ден претходно, Исус со чудо нахранил мноштво од илјадници луѓе. Затоа, тие се обиделе да го постават за цар. Меѓутоа, многумина се изненадиле од неговата реакција. Тој се повлекол, а на учениците им рекол со чамец да отпловат кон Капернаум. Додека ноќта пловеле по немирното Галилејско Море, Исус повторно ги изненадил апостолите кога одел по разбрануваната вода. Тогаш на Петар му дал една важна поука за верата.

5 Кога осамнало утрото, виделе дека мноштвото ги стигнало следејќи ги со чамци. Но, тие луѓе не ги следеле затоа што сакале да чујат духовни вистини, туку затоа што сакале Исус пак да ги нахрани со чудо. Исус ги прекорил бидејќи мислеле само на материјални работи (Јован 6:25-27). Разговорот продолжил во синагогата во Капернаум, каде што Исус рекол нешто неочекувано. Тој дал една важна поука што не можела лесно да се разбере.

6. Која споредба им ја кажал Исус на луѓето, и како реагирале тие?

6 Исус не сакал тие луѓе да гледаат во него само некој што им дава дословна храна. Напротив, сакал да сфатат дека тој им дава духовна храна од Бог и дека со својот живот и со својата смрт ќе им овозможи на луѓето да живеат вечно. Затоа им кажал една споредба. Се споредил себеси со мана, односно со лебот што дошол од небото во времето на Мојсеј. Кога некои почнале да приговараат на тоа, Исус кажал уште една впечатлива споредба. Рекол дека, за да добијат живот, треба да го јадат неговото тело и да ја пијат неговата крв. Во тој момент, луѓето што го слушале почнале уште повеќе да негодуваат. Некои рекле: „Овие зборови се тешки! Кој може да ги слуша?“ Дури и многу негови ученици престанале да го следат * (Јован 6:48-60, 66).

7, 8. а) Што не сфаќал Петар во врска со Исус? б) Како одговорил Петар на прашањето што им го поставил Исус на апостолите?

7 Што направил Петар? Сигурно бил збунет од она што го рекол Исус. Ни тој сѐ уште не сфаќал дека Исус морало да умре за да ја изврши Божјата волја. Дали бил на искушение да го остави Исус како што направиле другите ученици тој ден? Не, Петар имал една особина поради која бил многу поинаков од нив. Која?

8 Исус ги прашал апостолите: „Да не сакате и вие да си одите?“ (Јован 6:67). Тој им се обратил на сите 12-мина, но  како и обично, Петар бил тој што одговорил. Можеби бил најстар. Како и да е, бил најотворен од сите и изгледа дека речиси никогаш не се двоумел да го каже она што го мисли. Во таа прилика ги кажал следниве незаборавни зборови: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот!“ (Јован 6:68).

9. Како Петар покажал дека му е лојален на Исус?

9 Зар овие зборови не те трогнуваат? Верата во Исус му помогнала на Петар да стекне една извонредна особина — лојалноста. Нему му било јасно дека Исус е единствениот Спасител и дека тој ги спасува луѓето проповедајќи за Божјето Царство. Петар знаел дека, иако некои работи го збунуваат, нема друг човек што може да му помогне да добие Божја милост и вечен живот.

Треба да се држиме за учењата на Исус дури и кога се спротивни на нашите очекувања или на она што нам лично ни се допаѓа

10. Како можеме и ние да бидеме лојални како Петар?

10 Дали и ти мислиш така? За жал, многумина денес тврдат дека го сакаат Исус, но не му се лојални. Да му бидеме лојални на Христос значи да ги сакаме неговите учења, како што ги сакал и Петар. Затоа, треба да се запознаеме со тие учења, да ги разбереме и да живееме според нив — дури и кога се спротивни на нашите очекувања или на она што нам лично ни се допаѓа. Исус сака да добиеме вечен живот, но тоа ќе биде можно само ако му останеме лојални. (Прочитај Псалм 97:10.)

Останал лојален и кога бил укорен

11. Каде одел Исус со своите следбеници? (Види ја и фуснотата.)

11 Кратко по тие настани, Исус тргнал со своите апостоли и со некои други ученици на едно долго патување на север. Снежниот врв на планината Хермон, која била најсеверната точка од Ветената земја, понекогаш можел да се види дури и од сините води на Галилејското Море. Додека се искачувале минувајќи покрај селата во близина на Цезареја Филипова, планината им се чинела сѐ повисока. * Во ваква пријатна околина, со поглед на југ кон Ветената земја, Исус им поставил на своите следбеници едно важно прашање.

12, 13. а) Зошто Исус сакал да знае што мислат луѓето за него? б) Како од зборовите на Петар се гледа колкава вера имал во Исус?

12 „Што велат луѓето, кој сум јас?“ — ги прашал Исус. Можеме само да си замислиме како Петар го гледа Исус во очи и повторно се уверува колку добар, мудар и прониклив е неговиот Господар. Исус сакал да знае до какви заклучоци  дошле луѓето врз основа на она што го виделе и чуле. Неговите ученици одговориле на тоа прашање повторувајќи некои од погрешните претстави што ги имале луѓето за него. Но, тој сакал да дознае нешто повеќе. Го интересирало дали и неговите најблиски следбеници имале такви погрешни гледишта. Затоа ги прашал: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ (Лука 9:18-20).

13 Петар повторно одговорил прв. Смело и со јасни зборови го кажал она што многу од присутните го мислеле во своите срца. „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“, рекол тој. Можеме да си замислиме како Исус со срдечна насмевка го пофалува Петар. Исус го потсетил дека лично Јехова Бог — а не некој човек — им ја објавил таа важна вистина на луѓето што искрено веруваат. Петар сфатил една од најголемите вистини што Јехова дотогаш ја имал откриено — кој е одамна проречениот Месија, или Христос! (Прочитај Матеј 16:16, 17.)

14. Кои важни должности Исус му ги доверил на Петар?

14 Во едно пророштво, Христос бил наречен каменот што ќе го отфрлат градителите (Пс. 118:22; Лука 20:17). Имајќи ги на ум таквите древни пророштва, Исус открил дека Јехова ќе основа собрание на истиот тој камен, односно карпа, за кој Петар штотуку јасно кажал кој е. Тогаш му доверил на Петар некои многу важни должности во тоа собрание. Не го поставил над другите апостоли, како што тврдат некои, туку му доверил одговорни задачи. Му ги дал „клучевите на царството“ (Мат. 16:19). Петар добил чест да им објави на три групи луѓе дека имаат можност да влезат во Божјето Царство — прво на Евреите, потоа на Самарјаните и на крајот на не-Евреите.

15. Зошто Петар го прекорил Исус, и што му рекол?

15 Меѓутоа, подоцна Исус рекол дека од оние на кои им е дадено многу, многу и ќе се бара. Во случајот со Петар се гледа колку се точни овие зборови (Лука 12:48). Исус продолжил да открива важни вистини за Месијата, вклучувајќи го и тоа дека многу скоро ќе пострада и ќе умре во Ерусалим. Петар се вознемирил кога го чул тоа. Го тргнал Исус настрана и го прекорил со зборовите: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ (Мат. 16:21, 22).

16. Како Исус го исправил размислувањето на Петар, и што можеме да научиме од тоа?

 16 Без сомнение, Петар го кажал тоа со најдобри намери, па затоа веројатно многу се изненадил од реакцијата на Исус. Тој му го свртел грбот на Петар, погледнал во другите ученици — кои веројатно размислувале слично како Петар — и рекол: „Бегај од мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Мат. 16:23; Мар. 8:32, 33). Сите можеме многу да научиме од зборовите на Исус. Лесно може да почнеме да размислуваме човечки. Ако ни се случи тоа, дури и кога сакаме да помогнеме некому, може несвесно да ги застапуваме интересите на Сатана, а не на Бог. Но, како реагирал Петар?

17. Што мислел Исус кога му рекол на Петар „бегај од мене, Сатано“?

17 Тој сигурно бил свесен дека Исус не го сметал за Сатана во буквална смисла. Всушност, Исус не му се обратил на Петар на ист начин како што му се обратил на Сатана (Мат. 4:10). Кога му се обратил на Петар, на изворниот грчки јазик употребил поинакви зборови што може да се преведат како „оди зад мене“. Исус не го отфрлил својот апостол, кој имал многу добри особини, туку едноставно го исправил неговиот погрешен начин на размислување. Петар морал да престане да се истрчува пред својот Учител за да не му биде камен за спрепнување. Наместо тоа, требало да оди зад него и верно да го следи.

Ако сакаме да бидеме блиски со Исус Христос и со неговиот Татко, Јехова, мораме понизно да ги прифаќаме советите

18. Како Петар покажал дека е лојален, и како можеме да се угледаме на него?

18 Дали Петар се навредил, се налутил или почнал да се расправа? Не. Понизно го прифатил укорот. И во оваа ситуација покажал лојалност. На сите нас понекогаш ни треба совет. Ако сакаме и понатаму да бидеме блиски со Исус Христос и со неговиот Татко, Јехова Бог, мора понизно да ги прифаќаме советите и да учиме од нив. (Прочитај Изреки 4:13.)

Петар останал лојален дури и кога бил укорен

Неговата лојалност била наградена

19. Кои зборови на Исус ги збуниле неговите ученици, и што можеби си помислил Петар?

19 Потоа, Исус им кажал на своите ученици уште нешто што многу ги збунило: „Вистина, ви велам, некои од оние  што стојат овде нема да вкусат смрт додека не го видат Синот човечки како доаѓа како цар“ (Мат. 16:28). Без сомнение, тие зборови ја предизвикале љубопитноста на Петар. Што сакал да каже Исус со нив? Бидејќи Петар штотуку бил строго укорен, можеби си помислил дека нема да го добие тој посебен благослов за кој зборувал Исус.

20, 21. а) Опиши го видението на кое бил сведок Петар. б) Како разговорот меѓу ликовите од видението му покажал на Петар дека не бил во право?

20 Меѓутоа, откако поминала околу една седмица, Исус ги повел со себе Јаков, Јован и Петар на „една висока планина“. Можеби тоа била планината Хермон, која се наоѓала во близина. Веројатно било ноќ, бидејќи тројцата апостоли се мачеле да останат будни. Но, додека Исус се молел, една случка потполно им го растерала сонот (Мат. 17:1; Лука 9:28, 29, 32).

21 Исус се преобразил пред нивни очи. Лицето му станало блескаво и сјајно како сонце. Облеката му станала  блескаво бела. Потоа, покрај него се појавиле два лика — едниот го претставувал Мојсеј, а другиот Илија. Тие разговарале со Исус за ‚неговото заминување, кое требало да се случи во Ерусалим‘, односно неговата смрт и воскресение. Од ова Петар сфатил колку згрешил кога рекол дека Исус нема да страда и да умре! (Лука 9:30, 31).

22, 23. а) Како Петар покажал дека е срдечен и темпераментен човек? б) Што доживеале таа ноќ Петар, Јаков и Јован?

22 Петар посакал и тој да има некаков удел во ова извонредно видение, па дури и да направи нешто за да трае подолго. Изгледало како Мојсеј и Илија да си заминуваат откај Исус. Тогаш Петар рекол: „Учителе, добро ни е тука. Затоа, да подигнеме три шатори, еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија!“ Се разбира дека за двајцата Јеховини слуги од видението, кои веќе долго време биле мртви, не биле потребни шатори. Петар, всушност, не знаел што зборува. Сепак, зар не си привлечен кон овој срдечен и темпераментен човек? (Лука 9:33).

Петар, Јаков и Јован биле благословени со едно величествено видение

23 Таа ноќ, Петар, Јаков и Јован доживеале уште едно незаборавно искуство. Над планината се надвиснал еден облак. Од него се чул глас — гласот на Јехова Бог! Тој рекол: „Ова е мојот Син, избраникот! Него слушајте го!“ Потоа, видението го снемало и учениците повторно останале сами со Исус (Лука 9:34-36).

24. а) Зошто видението за преобразувањето било благослов за Петар? б) Како тоа видение може да ни помогне и нам?

24 Тоа видение навистина било голем благослов за Петар — но и за нас денес! Неколку децении подоцна, Петар напишал дека го смета за чест тоа што таа ноќ го видел Исус како славен небесен Цар и бил еден од ‚очевидците на неговата величественост‘. Ова видение потврдило многу пророштва од Божјата Реч и му ја зајакнало верата на Петар за да може да ги поднесе искушенијата што го чекале. (Прочитај 2. Петрово 1:16-19.) Тоа може да ни помогне и нам ако, исто како Петар, му останеме лојални на Исус, кого Јехова го поставил над нас, ако учиме од него, ако ги прифаќаме неговите укори и совети и ако секој ден понизно одиме по неговите стапки.

^ пас. 6 Луѓето што биле собрани во синагогата многу брзо го менувале своето мислење. Само еден ден претходно, одушевено го нарекле Исус Божји пророк (Јован 6:14).

^ пас. 11 Патувале скоро 50 километри низ предели со раскошна природна убавина. Тргнале од брегот на Галилејското Море, на околу 210 метри под морското ниво, и дошле на 350 метри надморска височина.