Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 14

Зошто треба да простуваме

Зошто треба да простуваме

ДАЛИ некогаш некој ти направил нешто лошо?— Дали те повредил на некој начин или ти рекол нешто нељубезно?— Треба ли со него да постапуваш на истиот нељубезен начин како што тој постапил со тебе?—

Ако некој човек им направи нешто лошо, многу луѓе ќе му направат и нему нешто лошо за да му вратат. Но, Исус поучувал дека треба да им простуваме на оние што ни прават лошо (Матеј 6:12). Што ако некој е нељубезен со нас многу пати? Колку пати треба да му простиме?—

Тоа сакал да го знае и Петар. Затоа, еден ден го прашал Исус: ‚Дали морам да му простам дури седум пати?‘ Седум пати не е доволно. Исус рекол: ‚Треба да простиш и седумдесет и седум пати‘ ако некој ти греши толку често.

Што сакал Петар да знае за простувањето?

Тоа е многу пати! Ние дури нема ни да запомниме толку многу грешки или лоши работи што некој ни ги направил, нели? Токму тоа сакал да ни го каже Исус: Не треба да се обидуваме да го запомниме бројот на грешките што другите може да ни ги направат. Ако тие замолат да им простиме, треба да им простиме.

Исус сакал да им покаже на своите ученици колку е важно да се простува. Затоа, откако  одговорил на прашањето на Петар, тој на учениците им раскажал една приказна. Сакаш ли да ја чуеш?—

Си бил еднаш еден добар цар. Тој бил многу љубезен. Дури им позајмувал пари на своите робови кога им требала помош. Но, дошол ден кога царот побарал од робовите што му биле должници да му ги вратат парите. Тогаш бил доведен еден роб, кој на царот му должел 60 милиони парички. Тоа се многу пари!

Што се случило кога робот го преколнувал царот да му даде повеќе време за да плати?

 Но, робот ги имал потрошено сите пари на царот и не можел да му ги врати. Затоа, царот наредил да го продадат. Царот рекол да се продадат и жената и децата на робот, и сѐ што имал тој. Потоа, со парите добиени од продажбата требало да му се плати на царот. Што мислиш, како се чувствувал робот?—

Тој клекнал пред царот и го преколнувал: ‚Те молам, дај ми уште малку време, и ќе ти вратам сѐ што ти должам‘. Да си бил ти царот, што ќе си направел со робот?— На царот му паднало жал за неговиот роб. Затоа му простил. Му рекол на робот дека не мора да му врати ништо од парите, дури ни една паричка од тие 60 милиони. Колку мора да бил среќен робот!

Но, што направил тој роб потоа? Отишол и нашол еден друг роб, кој му должел само сто парички. Го фатил за вратот и почнал да го дави, па му рекол: ‚Врати ми ги оние сто парички што ми ги должиш!‘ Можеш ли да си замислиш некој да направи такво нешто, особено откако царот му простил толку многу?—

Како постапил робот со другиот роб, кој не можел да му го врати долгот?

Робот, пак, што должел само сто парички бил сиромашен. Не можел да ги врати парите веднаш. Затоа паднал на колена пред другиот роб и го преколнувал: ‚Те молам, дај ми уште малку време, и ќе ти го вратам долгот‘. Требало ли човекот да му даде на другиот роб уште малку време?— Што ќе си направел ти?—

Овој човек не бил љубезен како што бил царот. Веднаш си ги сакал парите. И затоа што другиот роб не можел да му ги врати, го фрлил во затвор. Другите робови виделе што се случило, и не им се допаднало тоа. Им паднало жал за робот што бил во затвор. Затоа, отишле кај царот и му кажале.

 Ниту на царот не му се допаднало тоа што се случило. Тој многу му се налутил на робот што не сакал да прости. Затоа го повикал и му рекол: ‚Ти лош робу, зарем не ти го простив јас твојот долг? Зарем не требаше и ти да му простиш на другиот роб?‘

Што направил царот со робот што не сакал да прости?

Робот што не сакал да прости требало да извлече поука од добриот цар. Но, не го направил тоа. Затоа сега царот го фрлил тој роб во затвор сѐ додека не му ги врател тие 60 милиони парички. А, се разбира, во затвор никогаш не можел да ги заработи парите за да му ги врати на царот. Значи, би останал таму сѐ до својата смрт.

Кога ја завршил приказната, Исус на своите ученици им рекол: „На сличен начин и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од срце не му прости на својот брат“ (Матеј 18:21-35).

 Па, сите ние многу му должиме на Бог. Всушност, самиот наш живот доаѓа од Бог! Затоа, во споредба со она што ние му го должиме на Бог, другите луѓе ни должат малку. Она што тие ни го должат е како оние сто парички што едниот роб му ги должел на другиот. Но, она што ние му го должиме на Бог поради лошите работи што ги правиме е како оние 60 милиони парички што робот му ги должел на царот.

Бог е многу љубезен. Иако правиме лоши работи, тој ни простува. Не нѐ тера да му платиме со тоа што ќе ни го одземе животот засекогаш. Но, поуката што треба да ја запомниме е: Бог ни простува само ако ние им простуваме на другите луѓе што постапуваат лошо со нас. Тоа е нешто за кое треба да размислиме, нели?—

Што ќе направиш ти ако некој те замоли да му простиш?

Значи, ако некој ти направи нешто нељубезно, но потоа вели дека му е жал, што ќе направиш ти? Ќе му простиш ли?— А што ако тоа се случи многу пати? Дали и тогаш ќе му простиш?—

Ако ние сме оној што моли за простување, ќе сакаме другиот да ни прости, нели?— Затоа, и ние треба да го направиме истото за него. Не треба само да речеме дека му простуваме, туку треба навистина да му простиме од срце. Кога правиме така, покажуваме дека навистина сакаме да бидеме ученици на Големиот Учител.

За да разбереме колку е важно простувањето, да прочитаме и во Пословици 19:11; Матеј 6:14, 15 и Лука 17:3, 4.

Нешто повеќе

ИСУС — ПАТОТ, ВИСТИНАТА И ЖИВОТОТ

Поука за простувањето

Кога ѝ рекол на една жена која можеби била проститутка дека ѝ биле простени гревовите, дали Исус сакал да каже дека било во ред да се прекршува Божјиот закон?