Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 26

Зошто е тешко да се прави добро

Зошто е тешко да се прави добро

КОГА Савле правел лоши работи, кој се радувал?— Сатана Ѓаволот. Но, се радувале и верските водачи на Евреите. Потоа, кога Савле станал ученик на Големиот Учител и бил наречен Павле, тие верски водачи почнале да го мразат. Гледаш ли сега зошто е тешко еден ученик на Исус да прави добро?—

Што трпел Павле кога го правел она што било добро?

Еднаш првосвештеникот кој се викал Ананија им рекол на некои луѓе да го удрат Павле по лицето. Ананија дури се обидел и да го стави Павле в затвор. Павле многу страдал кога станал ученик на Исус. На пример, некои лоши луѓе го тепале и се обиделе да го убијат со големи камења (Дела 23:1, 2; 2. Коринќаните 11:24, 25).

Многумина ќе се обидат да нѐ натераат да правиме работи што не му се допаѓаат на Бог. Затоа, прашањето е: Колку го сакаш она што добро? Дали го сакаш толку многу што ќе правиш добро дури и тогаш  кога другите ќе те мразат поради тоа? За ова треба храброст, нели?—

Можеби се прашуваш: ‚Зошто луѓето да нѐ мразат поради тоа што правиме добро? Зарем не треба да им е мило?‘ Така би требало да биде. Честопати, Исус им се допаѓал на луѓето затоа што правел добри работи. Еднаш, сите луѓе од еден град се собрале пред вратата на куќата каде што бил тој. Тие дошле затоа што Исус ги лекувал болните (Марко 1:33).

Но, понекогаш на луѓето не им се допаѓало она што Исус го поучувал. Иако тој секогаш поучувал за она што било исправно, некои покажале голема омраза кон него затоа што ја  зборувал вистината. Вакво нешто се случило еден ден во Назарет, градот во кој Исус пораснал. Тој отишол во синагогата, место каде што еврејскиот народ се собирал за да го обожава Бог.

Таму Исус одржал еден убав говор од Писмото. Во почетокот, тоа им се допаднало на луѓето. Тие биле зачудени од убавите зборови што излегувале од неговата уста. Едвај можеле да поверуваат дека тоа бил младичот што пораснал во нивниот роден град.

Но, потоа Исус кажал нешто друго. Кажал дека имало прилики кога Бог покажал посебна наклоност кон некои луѓе што не биле Евреи. Кога Исус го кажал ова, луѓето во синагогата се разлутиле. Знаеш ли зошто?— Мислеле дека само тие ја имаат Божјата посебна наклоност. Мислеле дека тие се подобри од другите луѓе. Затоа го замразиле Исус поради она што го рекол. Знаеш ли што се обиделе да му направат?—

Библијата вели: ‚Го грабнаа Исус и го изведоа од градот. Го одведоа до работ на една планина и сакаа да го фрлат од гребенот и да го убијат! Но, Исус си замина од кај нив‘ (Лука 4:16-30).

Зошто овие луѓе се обидуваат да го убијат Исус?

Да ти се случело ова тебе, дали ќе си се врател повторно да зборуваш со тие луѓе за Бог?— За тоа треба храброст, нели?— Па, по околу една година, Исус пак се вратил во Назарет. Библијата вели: „Почна да ги поучува во нивната синагога“. Исус не престанал да зборува за вистината поради страв од луѓето што немале никаква љубов кон Бог (Матеј 13:54).

Еден друг ден, на сабат, Исус бил на едно место каде што имало човек со исушена рака. Исус имал моќ од Бог да го излекува тој човек. Но, некои од луѓето што биле таму се обидувале да му направат проблеми на Исус. Што сторил  Големиот Учител?— Најпрвин прашал: ‚Ако имавте една овца и ако таа ви паднеше во голема дупка на сабат, ќе ја извадевте ли?‘

Да, овцата ќе ја изваделе, иако на сабат, денот кога требало да одмораат. Затоа Исус рекол: ‚Уште подобро е да му се помогне на човек на сабат, бидејќи еден човек вреди повеќе од една овца!‘ Колку само било јасно дека Исус треба да му помогне на овој човек со тоа што ќе го излекува!

Исус му рекол на човекот да ја испружи раката. И веднаш, таа оздравела. Колку само бил среќен тој човек! А другите луѓе? Дали тие биле среќни?— Не. Тие уште повеќе го мразеле Исус. Излегле надвор и направиле планови да го убијат! (Матеј 12:9-14).

Така е и денес. Без разлика што правиме, никогаш не можеме да им угодиме на сите. Затоа, мора да одлучиме на кого навистина сакаме да му угодиме. Ако сакаме да им угодиме на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус Христос, тогаш мораме секогаш да правиме како што поучуваат тие. Но, ако постапуваме така, кој ќе нѐ мрази? Кој ќе ни отежнува да го правиме она што е добро?—

Сатана Ѓаволот. Но, уште кој друг?— Оние што Ѓаволот ги измамил да веруваат во погрешни работи. На верските водачи од своето време Исус им рекол: „Вие сте од вашиот татко, Ѓаволот, и сакате да ги вршите желбите на вашиот татко“ (Јован 8:44).

Има многу луѓе што му се допаѓаат на Ѓаволот. Исус ги нарекува „светот“. Што мислиш, кој е „светот“ за кој зборува Исус?— Па, да погледнеме во Јован, 15. поглавје, 19. стих и да видиме. Таму ги читаме овие зборови на Исус: „Да бевте дел од светот, светот ќе го сакаше своето. А бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“.

 Значи, светот што ги мрази Исусовите ученици се состои од сите луѓе кои не се негови ученици. Зошто светот ги мрази Исусовите ученици?— Размисли. Кој е владетел на светот?— Библијата вели: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“. Тој злобен е Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19).

Дали сега сфаќаш зошто е толку тешко да се прави добро?— Сатана и неговиот свет прават да биде тешко. Но, има и друга причина. Се сеќаваш ли која е таа?— Во 23. поглавје од оваа книга видовме дека сите сме родени со грев. Зарем нема да биде прекрасно кога гревот, Ѓаволот и неговиот свет ќе ги нема?—

Кога овој свет ќе помине, што ќе се случи со оние што прават добро?

Библијата ветува: „Светот поминува“. Ова значи дека сите оние што не се ученици на Големиот Учител ќе ги нема. Нема да им биде дозволено да живеат засекогаш. Знаеш ли кој ќе живее засекогаш?— Библијата понатаму вели: „Оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17). Да, само оние што прават добро, оние што ја вршат „Божјата волја“ ќе живеат засекогаш во Божјиот нов свет. Затоа, дури и да е тешко, сакаме да правиме добро, нели?—

Да ги прочитаме заедно овие стихови кои покажуваат зошто не е лесно да го правиме она што е добро: Матеј 7:13, 14; Лука 13:23, 24 и Дела 14:21, 22.