Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 34

Што ќе се случи ако умреме?

Што ќе се случи ако умреме?

КАКО што можеби веќе и знаеш, луѓето денес стареат, се разболуваат и умираат. Умираат дури и деца. Треба ли да се плашиш од смртта или од некој што умрел?— Знаеш ли што ќе се случи ако умреме?—

Па, никој жив денес не бил мртов и не оживеал за да ни го каже тоа. Но, кога Исус, Големиот Учител, бил на земјата, имало еден таков човек. Ако читаме за него, ќе дознаеме што им се случува на оние кои умираат. Тој човек му бил пријател на Исус и живеел во Витанија, гратче недалеку од Ерусалим. Се викал Лазар и имал две сестри, Марта и Марија. Да видиме што вели Библијата дека се случило.

Еден ден Лазар се разболува од тешка болест. Исус во тој момент е далеку од таму. Затоа, Марта и Марија испраќаат гласник да му каже на Исус дека нивниот брат Лазар е болен. Тоа го прават бидејќи знаат дека Исус може да дојде и да го оздрави нивниот брат. Исус не е лекар, но има сила од Бог, така што може да лекува секакви болести (Матеј 15:30, 31).

Меѓутоа, пред Исус да отиде да го види Лазар, Лазар толку се разболува што умира. Но, Исус им вели на своите ученици дека Лазар спие и дека Тој ќе оди да го разбуди. Учениците не разбираат што сака да каже Исус со тоа. Затоа, Исус јасно им вели: „Лазар умре“. Што покажува ова за смртта?— Да, дека таа е како кога некој  длабоко спие. Тоа спиење е толку длабоко што човек дури не ни сонува.

Исус сега доаѓа да ги посети Марта и Марија. Веќе биле дојдени и многу пријатели на семејството. Тие дошле за да ги утешат сестрите бидејќи нивниот брат умрел. Кога Марта слуша дека доаѓа Исус, оди да го пречека. Набрзо и Марија излегува да се види со Исус. Таа е многу тажна и плаче, и паѓа пред неговите нозе. Другите пријатели што одат по Марија исто така плачат.

Големиот Учител прашува каде го ставиле Лазар. Тогаш луѓето го водат Исус до пештерата каде што е погребан Лазар. Кога Исус гледа како сите луѓе плачат, и тој почнува да плаче. Знае колку е болно да ти умре некој што го сакаш.

Пред пештерата има еден камен, па затоа Исус вели: „Тргнете го каменот“. Треба ли да го тргнат?— Марта мисли дека не е добро да го направат тоа. Таа вели: „Господи, сега веќе сигурно смрди, бидејќи има четири дена“.

Но, Исус ѝ вели: „Зарем не ти реков дека ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ Исус сака да каже дека Марта ќе види нешто што ќе му донесе слава на Бог. Што ќе направи Исус? Кога го тргнуваат каменот, Исус гласно му се помолува на Јехова. Потоа, извикува со силен глас: „Лазаре, излези!“ Дали ќе излезе? Ќе може ли?—

Па, можеш ли да разбудиш некој што спие?— Да, ако викнеш со силен глас, тој ќе се разбуди. Но, можеш ли да разбудиш некого што спие во смрт?— Не. Сеедно колку гласно викаш, оној што умрел нема да те слушне. Ни ти, ни јас, ни кој и да било друг човек на земјата денес не може да направи ништо за да ги разбуди мртвите.

Што направил Исус за Лазар?

 Но, Исус е поинаков. Тој има посебна моќ од Бог. Затоа, кога тој го повикува Лазар, се случува нешто чудесно. Човекот што е мртов веќе четири дена излегува од пештерата! Вратен е во живот! Повторно може да диши и да оди и да зборува! Да, Исус го подига Лазар од мртвите (Јован 11:1-44).

Размисли за ова сега: Што се случило со Лазар кога умрел? Дали некој дел од него — душа или дух — излегол од неговото тело и отишол да живее на некое друго место? Дали душата на Лазар отишла на небото? Дали тој бил жив четири дена горе со Бог и со светите ангели?—

Не, не бил. Се сеќаваш, Исус рекол дека Лазар спие. Како е кога спиеш? Кога многу длабоко спиеш, не знаеш што се случува околу тебе, нели?— А кога ќе се разбудиш, не знаеш колку долго си спиел сѐ додека не погледнеш во часовникот.

 Така е и со оние што умреле. Тие не знаат ништо. Не чувствуваат ништо. И не можат да прават ништо. Така било со Лазар кога бил мртов. Смртта е како кога некој длабоко спие и не се сеќава на ништо. Библијата вели: „Мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, 10).

Каква била состојбата на Лазар кога бил мртов?

Размисли и за ова: Ако тие четири дена Лазар бил на небото, зарем нема да кажел нешто за тоа?— И ако бил на небото, зарем Исус ќе го врател на земјата од тоа прекрасно место?— Се разбира не!

Сепак, многу луѓе велат дека ние имаме душа, и велат дека душата живее откако умира телото. Велат дека душата на Лазар била жива некаде. Но, Библијата не вели така. Таа вели дека Бог го направил првиот човек Адам „жива душа“. Адам бил душа. Библијата исто така вели дека кога згрешил, Адам умрел. Тој станал „мртва душа“, и се вратил во правот од кој бил направен. Библијата вели дека сите потомци на Адам исто така наследиле грев и смрт (Битие 2:7; 3:17-19; Броеви 6:6NW; Римјаните 5:12).

Значи, јасно е дека ние немаме душа која е одвоена од нашето тело. Секој од нас е душа. И затоа што луѓето наследиле  грев од првиот човек Адам, Библијата вели: „Душа која греши ќе умре“ (Езекиел 18:4NW).

Зошто нема причина да се плашиме од умрените?

Некои луѓе се плашат од умрените. Тие не се ни приближуваат до гробишта бидејќи мислат дека мртвите имаат души кои се одвоени од телото и кои би можеле да им наштетат на живите. Но, може ли некој што е умрен да му наштети на некој што е жив?— Не, не може.

Некои луѓе дури веруваат дека умрените можат да се вратат како духови за да ги посетат живите. Затоа оставаат храна за умрените. Но, луѓето што го прават тоа всушност не веруваат во она што Бог го кажува за умрените. Ако веруваме во она што го вели Бог, нема да се плашиме од умрените. И ако навистина сме му благодарни на Бог за животот, тоа ќе го покажеме така што ќе го правиме она што Бог го одобрува.

Но, можеби се прашуваш: ‚Дали Бог ќе ги врати во живот децата што умреле? Дали навистина сака да ги врати?‘ Ајде да поразговараме понатаму за тоа.

Да прочитаме уште нешто во Библијата за состојбата на умрените и за тоа дека човекот е душа во Псалм 115:17; 146:3, 4 и Второзаконие 12:20.