Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 20

Дали секогаш сакаш да бидеш прв?

Дали секогаш сакаш да бидеш прв?

ДАЛИ познаваш некого што секогаш сака да биде прв?— Тој можеби ќе истурка некој друг за да застане прв во редот. Си го видел ли тоа?— Големиот Учител видел дури и како возрасни се обидуваат да ги добијат првите, или најважните, места. И не му се допаднало тоа. Да видиме што се случило.

Дали си видел како луѓето се обидуваат да бидат први?

Библијата ни кажува дека Исус бил поканет на една голема гозба во домот на еден фарисеј, кој бил важен верски водач. Откако пристигнал, Исус почнал да ги набљудува другите гости како доаѓаат и како ги избираат најдобрите места. Затоа, на оние што биле поканети им раскажал една приказна. Сакаш ли да ја слушнеш?—

 Исус рекол: ‚Кога некој те кани на свадба, не избирај го најдоброто, или најважното, место‘. Знаеш ли зошто Исус го рекол тоа?— Тој објаснил дека можеби е поканет некој што е уште поважен. Па така, како што можеш да видиш на сликата, оној што ја прави гозбата доаѓа и вели: ‚Дај му го твоето место на овој човек, а ти седни таму‘. Како ќе се чувствува гостинот тогаш?— Ќе се засрами затоа што сите други гости ќе видат како се преместува на помалку важно место.

Исус покажал дека не е исправно да го сакаме главното место. Тој рекол: ‚Кога си поканет на свадба, оди и седни на најдолното место. Тогаш, оној што те поканил можеби ќе дојде и ќе ти рече: „Пријателе, помести се на повисоко“. Тогаш ќе имаш чест пред сите други гости зашто седнуваш на подобро место‘ (Лука 14:1, 7-11).

Каква поука дал Исус кога раскажал за оние што ги заземале најдобрите, или првите, места?

Дали ја сфати поентата на Исусовата приказна?— Ајде, со еден пример, да видиме дали ја сфати. Замисли си дека се качуваш во еден преполн автобус. Треба ли да брзаш за да фатиш место и да оставиш некој постар да стои?— Дали на Исус би му се допаднало да направиш така?—

Некој може да рече дека на Исус не му е важно што правиме ние. Но, веруваш ли во тоа?— Кога бил на таа голема гозба во домот на фарисејот, Исус ги набљудувал луѓето како си избираат места. Зарем не мислиш дека тој е исто толку заинтересиран за она што го правиме ние денес?— Бидејќи сега Исус е на небото, тој сигурно е во добра положба да нѐ набљудува.

 Кога некој се обидува да биде прв, тоа може да создаде проблем. Честопати доаѓа до караница, и луѓето се лутат. Понекогаш ова се случува кога децата се возат заедно во автобус. Само што ќе се отворат вратите на автобусот, децата се туркаат да влезат први. Сакаат да ги зафатат најдобрите седишта, до прозорците. Што може да се случи тогаш?— Да, можат да се налутат еден на друг.

Тоа што некој сака да биде прв може да направи многу проблеми. Направило проблеми дури и меѓу апостолите на Исус. Како што научивме во 6. поглавје од оваа книга, тие се расправале за тоа кој од нив бил најголем. Што сторил Исус тогаш?— Да, ги исправил. Но, подоцна имале уште една расправија. Да видиме како започнала таа.

Апостолите, заедно со некои други луѓе, за последен пат патуваат со Исус  кон градот Ерусалим. Исус разговара со нив во врска со своето Царство, па така Јаков и Јован почнуваат да размислуваат за тоа да владеат со него како цареви. Тие дури и зборувале за тоа со нивната мајка, Салома (Матеј 27:56; Марко 15:40). Па така, додека се на пат кон Ерусалим, Салома доаѓа кај Исус, се поклонува пред него и бара една услуга.

„Што сакаш?“ — ја прашува Исус. Таа одговара дека би сакала Исус да им даде на нејзините синови да седнат до него во неговото Царство, едниот од десната страна а другиот од левата. Кога другите десет апостоли дознаваат што побарале Јаков и Јован од Исус преку својата мајка, што мислиш, како се чувствуваат?—

Што бара Салома од Исус, и со каков резултат?

Да, многу им се лути на Јаков и на Јован. Затоа Исус им дава некои добри совети на сите апостоли. Исус им кажува дека владетелите на нациите многу сакаат да бидат големи и важни. Тие сакаат да бидат на висока положба за сите  да им бидат послушни ним. Но, Исус им кажува на своите ученици дека не треба да бидат такви. Наместо тоа, Исус вели: „Кој сака да биде прв меѓу вас, мора да ви биде роб“. Замисли си! (Матеј 20:20-28).

Знаеш ли што прави еден роб?— Им служи на другите, и не очекува другите да му служат нему. Тој го зазема најниското, а не првото место. Постапува како да е најмалку важен, а не како да е најважен. И запомни, Исус рекол дека оној што сака да биде прв треба да постапува како да им е роб на другите.

Е сега, што мислиш, што значи ова за нас?— Дали еден роб ќе се расправа со господарот за тоа кој треба да го добие најдоброто место или кој да јаде прв? Што мислиш ти?— Исус објаснил дека еден роб секогаш го става господарот пред себеси (Лука 17:7-10).

Затоа, наместо да се обидуваме да бидеме први, што треба да правиме?— Да, треба да им бидеме како робови на другите. А тоа значи да ги ставаме другите пред нас. Тоа значи да ги сметаме другите за поважни од нас. Можеш ли да се сетиш на некои начини на кои можеш да ги ставиш другите на прво место?— Ајде да свртиме назад на страници 40 и 41 и уште еднаш да видиме некои начини на кои можеш да ги ставиш другите на прво место така што ќе им служиш.

Ќе се сетиш дека Големиот Учител ги ставал другите пред себеси така што им служел. Последната вечер што ја поминал со своите апостоли, тој дури клекнал на колена и им ги измил нозете. Ако и ние ги ставаме другите на прво место со тоа што им служиме, ќе им угодиме и на Големиот Учител и на неговиот Татко, Јехова Бог.

Да прочитаме уште неколку библиски стихови што нѐ охрабруваат да ги ставаме другите пред себеси: Лука 9:48; Римјаните 12:3 и Филипјаните 2:3, 4.