Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 37

Сеќавај се на Јехова и на неговиот Син

Сеќавај се на Јехова и на неговиот Син

ЗАМИСЛИ СИ дека некој ти дал прекрасен подарок. Како ќе се чувствуваш?— Дали ќе речеш само „благодарам“ и потоа сосема ќе го заборавиш оној што ти го дал или, пак, ќе се сеќаваш на него и на тоа што тој го направил за тебе?—

Јехова Бог ни дал прекрасен подарок. Го испратил својот Син на земјата да умре за нас. Знаеш ли зошто Исус морал да умре за нас?— Ова е нешто многу важно што треба да го разбереме.

Како што научивме од 23. поглавје, кога Адам го прекршил Божјиот совршен закон, направил грев. И ние сме добиле грев од Адам, кој е татко на сите нас. Тогаш, што мислиш, што ни е потребно?— Потребен ни е, така да се каже, еден нов татко, некој што живеел совршен живот на земјата. Што мислиш, кој може да биде тој татко за нас?— Исус.

Јехова го испратил Исус на земјата за да може да ни биде како татко наместо Адам. Библијата вели: „ ,Првиот човек Адам стана жива душа‘. Последниот Адам стана животодавен дух“. Кој бил првиот Адам?— Да, оној кого Бог го создал од земниот прав. Кој е вториот Адам?— Исус. Библијата го покажува ова кога вели: „Првиот човек [Адам] е од земјата и направен е од прав; вториот човек [Исус] е од небото“ (1. Коринќаните 15:45, 47; Битие 2:7).

Бидејќи Бог го зел животот на Исус од небото и го ставил во жената Марија, Исус не добил никаков грев  од Адам. Поради тоа Исус бил совршен човек (Лука 1:30-35). Затоа и еден ангел, кога Исус се родил, им рекол на овчарите: ‚Денес ви се роди Спасител‘ (Лука 2:11). Но, за да биде наш Спасител, што требало најпрвин да стане бебето Исус?— Требало да порасне и да стане возрасен човек, исто како Адам. Потоа Исус можел да стане ‚вториот Адам‘.

Исус, нашиот Спасител, ќе стане и наш „Вечен Татко“. Така е наречен во Библијата (Исаија 9:6, 7). Да, совршениот Исус може да стане наш татко наместо Адам кој станал несовршен кога згрешил. На тој начин можеме да избереме да го имаме ‚вториот Адам‘ за наш татко. Се разбира, самиот Исус, пак, е Син на Јехова Бог.

По што биле слични Адам и Исус, и зошто било толку важно тоа?

Со тоа што учиме за Исус, можеме да го прифатиме како наш Спасител. Се сеќаваш ли од што треба да бидеме спасени?— Да, од гревот и од смртта што сме ги наследиле од Адам. Совршениот живот на возрасен човек што Исус го жртвувал, или од кој се откажал за нас, е наречен откупнина. Јехова ја дал откупнината за да можат нашите гревови да бидат отстранети (Матеј 20:28; Римјаните 5:8; 6:23).

Сигурно не сакаме да заборавиме што направиле за нас Бог и неговиот Син, нели?— Исус им покажал на своите ученици еден посебен начин  што може да ни помогне да се сетиме што направил тој. Да позборуваме малку за тоа.

Ајде замисли си дека си во горната соба на една куќа во Ерусалим. Ноќ е. Исус и апостолите се седнати до една маса. На неа има печено јагне, лепчиња и црвено вино. Тие имаат еден посебен оброк. Знаеш ли зошто?—

Овој оброк треба да ги потсети на она што Јехова го направил стотици години пред тоа, кога неговиот народ, Израелците, биле робови во Египет. Во тоа време Јехова му рекол на  својот народ: ‚Секое семејство нека заколе јагне, и попрскајте ги со неговата крв надвратниците на вашите куќи‘. Потоа рекол: ‚Влезете во вашите куќи, и јадете го јагнето‘.

Како крвта на јагнето ги заштитила луѓето во Израел?

Израелците направиле така. Таа иста ноќ, низ земјата Египет поминал Божји ангел. Во повеќето куќи ангелот го убил првороденото дете. Но, кога на надвратниците ќе видел крв од јагне, ангелот ја одминувал таа куќа. Во тие куќи не умрело ниедно дете. Фараонот, царот на Египет, се уплашил од она што го направил Јеховиниот ангел. Затоа им рекол на Израелците: ‚Слободни сте. Излегувајте од Египет!‘ Тогаш, тие ги натовариле своите камили и магариња, и заминале.

Јехова не сакал неговиот народ да заборави како тој ги ослободил. Затоа му рекол: ‚Еднаш во годината мораш да јадеш оброк како оној што го јадеше вечерва‘. Овој посебен оброк тие го нарекле Пасха. Таа ноќ Божјиот ангел ‚поминал покрај‘ куќите обележани со крв (Излез 12:1-13, 24-27, 31).

Исус и неговите апостоли размислуваат за ова додека го јадат пасхалниот оброк. Потоа, Исус прави нешто многу важно. Но, пред да го направи тоа, му вели на неверниот апостол Јуда дека може да замине. Потоа, Исус зема едно од преостанатите лепчиња, се заблагодарува во молитва за него, го крши и им го подава на учениците. „Земете, јадете“, вели тој. Потоа им вели: ‚Овој леб значи моето тело кое ќе го дадам кога ќе умрам за вас‘.

Потоа Исус зема чаша црвено вино. Откако кажува уште една благодарна молитва, тој ја поддава чашата, и вели: „Пијте од неа сите“. И им вели: ‚Ова вино значи мојата крв. Наскоро ќе ја пролеам мојата крв за да ве ослободам од вашите гревови. Правете го ова за да се сеќавате на мене‘ (Матеј 26:26-28; 1. Коринќаните 11:23-26).

Што може да направи за нас крвта на Исус, која тој ја споредил со вино?

 Дали забележа дека Исус рекол дека учениците треба да го прават тоа за да се сеќаваат на него?— Никогаш повеќе немало да го имаат пасхалниот оброк. Наместо тоа, еднаш годишно требало да го имаат овој посебен оброк за да се сетат на Исус и на неговата смрт. Овој оброк се вика Господова вечера. Денес често го нарекуваме Меморијал. Тој нѐ потсетува на она што го сториле за нас Исус и неговиот Татко, Јехова Бог.

Лебот треба да нѐ поттикне да размислуваме за телото на Исус. Тој бил спремен да си го даде телото за ние да имаме вечен живот. А црвеното вино?— Тоа треба да нѐ потсети на вредноста на Исусовата крв. Таа е поскапоцена од крвта на пасхалното јагне во Египет. Знаеш ли зошто?— Библијата вели дека Исусовата крв може да ни донесе простување на гревовите. А кога ќе бидат отстранети сите наши гревови, повеќе нема да се разболуваме, да старееме и да умираме. Треба да мислиме на тоа кога сме присутни на Меморијалот.

Дали треба сите да јадат од лебот и да пијат од виното на Меморијалот?— Па, на оние што јадат и пијат Исус им рекол: ‚Вие ќе имате удел во моето царство и ќе седите на престоли на небото со мене‘ (Лука 22:19, 20, 30). Ова значело дека тие ќе одат на небото за да бидат цареви со Исус. Затоа, само оние што имаат надеж дека ќе владеат со Исус на небото треба да земат од лебот и од виното.

Но, дури и оние што не јадат од лебот и не пијат од виното треба да присуствуваат на Меморијалот. Знаеш ли зошто?— Затоа што Исус го дал својот живот и за нас. Штом одиме на Меморијалот, покажуваме дека не сме го заборавиле тоа. Се сеќаваме на Божјиот прекрасен дар.

Некои стихови што ја покажуваат важноста на Исусовата откупнина се и 1. Коринќаните 5:7; Ефешаните 1:7; 1. Тимотеј 2:5, 6 и 1. Петрово 1:18, 19.