Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 7

Послушноста те заштитува

Послушноста те заштитува

ДАЛИ би сакал да можеш да правиш сѐ што сакаш? Дали некогаш посакуваш веќе никој да не ти кажува што да правиш? Ајде, биди искрен и кажи ми што мислиш.—

Зошто треба да ги слушаш постарите?

Но, што е подобро за тебе? Дали е навистина мудро да правиш сѐ што сакаш? Или испаѓа подобро кога си им послушен на тато и на мама?— Бог вели дека треба да им бидеш послушен на родителите — значи, мора да има добра причина за тоа. Да видиме дали можеме да разбереме која е таа.

Колку години имаш ти?— Знаеш ли колку години има тато?— Колку години има мама или баба или дедо?— Тие живееле многу подолго од тебе. И колку подолго некој живее толку повеќе време има да учи. Тој слуша повеќе работи, гледа повеќе работи и прави повеќе работи секоја година. Затоа младите можат да учат од постарите.

Познаваш ли некој што е помал од тебе?— Дали ти знаеш повеќе од него или од неа?— Зошто знаеш повеќе?— Затоа што си живеел подолго. Си имал повеќе време да учиш од оној што е помал.

 А кој живеел подолго од тебе или од мене или од сите други?— Јехова Бог. Тој знае повеќе од тебе, а знае повеќе и од мене. Кога тој ни вели да правиме нешто, можеме да бидеме сигурни дека тоа е исправно, иако можеби е тешко. Дали си знаел дека еднаш дури и на Големиот Учител му било тешко да послуша?—

Еднаш Бог побарал Исус да направи нешто многу тешко. Исус се молел за тоа, како што гледаме овде. Тој се молел вака: „Ако сакаш, тргни ја оваа чаша од мене“. Со тоа што се молел вака, Исус покажал дека не му било секогаш лесно да ја врши Божјата волја. Но, како ја завршил својата молитва? Знаеш ли?—

Што можеме да научиме од молитвата на Исус?

Исус ја завршил со зборовите: „Нека не биде мојата волја, туку твојата“ (Лука 22:41, 42). Да, тој сакал да се врши Божјата волја, а не неговата. Потоа го правел она што Бог го сакал, наместо да го прави она што тој мислел дека ќе биде најдобро.

Што можеме да научиме од ова?— Учиме дека секогаш е исправно да го правиме она што ни го кажува Бог, иако можеби тоа не е лесно. Но, учиме и нешто друго. Знаеш ли што?— Учиме дека Бог и Исус не се истата личност, како што велат некои луѓе. Јехова Бог е постар и знае повеќе од својот Син, Исус.

Кога сме му послушни на Бог, покажуваме дека го сакаме. Библијата вели: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3). Значи, гледаш, сите ние треба да му бидеме послушни на Бог. Ти сакаш да му бидеш послушен, нели?—

 Ајде да ја отвориме Библијата и да видиме што вели Бог дека треба да прават децата. Ќе прочитаме што стои во Библијата во Ефешаните 6. поглавје, стихови 1, 2 и 3. Таму се вели: „Деца, бидете им послушни на своите родители во обединетост со Господ, зашто тоа е праведно: ‚Искажувај им чест на татка си и мајка си‘; што е првата заповед со ветување: ‚За да ти биде добро и да останеш долго на земјата‘ “.

Значи, гледаш, самиот Јехова Бог е тој што ти кажува да им бидеш послушен на тато и на мама. Што значи да им ‚искажуваш чест‘? Тоа значи да покажуваш почит кон нив. И, Бог ветува дека ако си им послушен на родителите, ќе „ти биде добро“.

Да ти раскажам една приказна за едни луѓе чии животи биле спасени затоа што биле послушни. Овие луѓе живееле многу одамна во големиот град Ерусалим. Повеќето луѓе од Ерусалим не го слушале Бог, па Исус однапред им кажал дека Бог ќе дозволи нивниот град да биде уништен. Но, исто така им кажал дека ќе можат да се спасат ако постапат исправно. Тој им рекол: ‚Кога ќе видите војски околу Ерусалим, ќе знаете дека неговото уништување се приближува. Тогаш е време да излезете од Ерусалим и да побегнете во горите‘ (Лука 21:20-22).

Како тоа што ја послушале заповедта на Исус ги спасило овие луѓе?

Па, точно како што рекол Исус, дошле војски за да го нападнат Ерусалим. Римските војски направиле логор околу него. Тогаш, од некоја причина, војниците си заминале. Повеќето од луѓето помислиле дека опасноста поминала. Затоа, останале во градот. Но, што им рекол Исус да прават?— Што ќе си направел ти да си живеел во Ерусалим?— Оние што навистина верувале во Исус ги оставиле своите домови и побегнале во планините далеку од Ерусалим.

Цела година во Ерусалим не се случило ништо. Втората година пак ништо не се случило. И третата година не се  случило ништо. Некои луѓе можеби си помислиле дека оние што излегле од градот биле глупави. Но, потоа, четвртата година, римските војски се вратиле. Повторно направиле логор околу Ерусалим. Сега било предоцна да се бега. Овој пат војските го уништиле градот. Повеќето од луѓето што биле во него умреле, а другите биле земени како заробеници.

Но, што се случило со оние што го послушале Исус?— Тие биле на сигурно. Биле далеку од Ерусалим. Затоа не им се случило ништо лошо. Послушноста ги заштитила.

Ако си послушен, дали тоа ќе те заштити и тебе?— Твоите родители можеби ти велат да не си играш на улица. Зошто ти го велат тоа?— Затоа што може да те удри некоја кола. Но, еден ден би можел да си помислиш: ‚Баш сега нема коли. Нема да ми се случи ништо лошо. И други  деца си играат на улица, а не сум видел да им се случи нешто лошо‘.

Зошто треба да бидеш послушен кога не гледаш никаква опасност?

Така мислеле и повеќето луѓе во Ерусалим. Откако римските војски си заминале, изгледало дека е безбедно. Па и други останале во градот. Затоа останале и тие. Однапред им било кажано, но тие не слушале. Како последица од тоа, ги изгубиле своите животи.

Да земеме и еден друг пример. Дали некогаш си играл со кибрит?— Можеби ќе ти изгледа забавно да го гледаш огнот кога ќе запалиш едно чкорче. Но, може да биде опасно да си играш со кибрит. Може да се запали целата куќа, и ти би можел да умреш!

Запомни, не е доволно да бидеш послушен само понекогаш. Но, ако си послушен секогаш, тоа ќе те заштити. И кој е тој што кажува: „Деца, бидете им послушни на своите родители“?— Бог. И запомни, тој го кажува тоа затоа што те сака.

Сега прочитај ги овие стихови што покажуваат колку е важно да се биде послушен: Пословици 23:22; Проповедник 12:13; Исаија 48:17, 18 и Колошаните 3:20.