Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 11

Помош од Божјите ангели

Помош од Божјите ангели

НЕКОИ луѓе велат дека веруваат само во она што можат да го видат. Но, тоа е смешно. Има многу вистински работи што никогаш не сме ги виделе со свои очи. Можеш ли да кажеш една од нив?—

На пример, што е со воздухот што го дишиме? Можеме ли да го осетиме?— Подигни ја раката, и дувни во неа. Почувствува ли нешто?— Да, но воздухот не можеш да го видиш, нели?—

Веќе зборувавме за духовните личности, кои не можеме да ги видиме. Научивме дека некои се добри, а други се лоши. Кажи некои добри духовни личности што не можеме да ги видиме?— Да, тоа се Јехова Бог, Исус и добрите ангели. Има ли и лоши ангели?— Библијата вели дека има. Кажи ми што научи за нив.—

Знаеме една работа — и добрите и лошите ангели се посилни од нас. Големиот Учител знаел многу за ангелите. Знаел затоа што пред да се роди како бебе на земјата, тој бил ангел. Живеел на небото со други ангели. Тој познавал милиони од нив. Дали сите ангели имаат имиња?—

Па, научивме дека Бог им дал имиња на ѕвездите. Затоа можеме да бидеме сигурни дека и сите ангели имаат имиња. А знаеме и дека тие можат да разговараат еден со друг, затоа што Библијата ни кажува дека има ‚ангелски јазик‘ (1. Коринќаните 13:1). Што мислиш, за што разговараат ангелите? Дали разговараат за нас кои сме на земјата?—

Знаеме дека ангелите на Сатана, демоните, се обидуваат да нѐ наведат да му бидеме непослушни на Јехова. Значи, тие  сигурно разговараат како да го направат тоа. Сакаат да бидеме како нив, па Јехова и нас да не нѐ сака. Но, што е со Божјите верни ангели? Што мислиш, дали и тие разговараат за нас?— Да, разговараат. Тие сакаат да ни помогнат. Ајде сега да ти кажам како некои Божји ангели им помогнале на луѓе што го сакале Јехова и му служеле.

На пример, имало еден човек што се викал Даниел, кој живеел во Вавилон. Многу луѓе во Вавилон не го сакале Јехова. Тие луѓе дури и донеле закон со кој требало да се казни секој што му се молел на Јехова Бог. Но, Даниел не престанал да му се моли на Јехова. Знаеш ли што му направиле тие на Даниел?—

Да, лошите луѓе направиле Даниел да биде фрлен во јама со лавови. Таму Даниел бил сосема сам со гладните лавови. Знаеш ли што се случило тогаш?— „Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори  устите на лавовите“, рекол Даниел. Тој воопшто не бил повреден! Ангелите можат да прават прекрасни работи за оние што му служат на Јехова (Даниел 6:18-22).

Што направил Бог за да го спаси Даниел?

Исто така, Петар еднаш бил во затвор. Сигурно се сеќаваш дека Петар му бил пријател на Големиот Учител, Исус Христос. На некои луѓе не им се допаднало кога Петар им кажал дека Исус е Божји Син. Затоа тие го ставиле Петар во затвор. Го чувале војници за да не побегне. Дали имало некој што можел да му помогне?—

Петар спиел меѓу двајца стражари, а на рацете имал синџири. Но, Библијата вели: ‚Гледај, Јеховин ангел дојде, и во  затворската ќелија блесна светлина. Допирајќи го Петар отстрана, ангелот го разбуди, велејќи: „Стани брзо!“ ‘

Како еден ангел му помогнал на Петар да излезе од затвор?

Тогаш, синџирите од рацете на Петар паднале! А ангелот му рекол: ‚Облечи се, обуј ги сандалите и следи ме‘. Стражарите не можеле да ги запрат бидејќи ангелот му помагал на Петар. Потоа дошле до една железна порта, и се случило нешто чудно. Портата сама се отворила! Овој ангел го ослободил Петар за тој да може да продолжи да проповеда (Дела 12:3-11).

Можат ли Божјите ангели да ни помогнат и на нас?— Да, можат. Дали ова значи дека тие никогаш нема да дозволат некој да нѐ повреди?— Не, ангелите не спречуваат да бидеме повредени ако правиме глупави работи. Но, дури и ако не правиме глупави работи, сепак може да бидеме повредени. На ангелите не им е кажано да спречат да ни се случи такво нешто. Наместо тоа, Бог им дал една посебна работа.

Библијата зборува за еден ангел што на луѓето насекаде им кажува да го обожаваат Бог (Откровение 14:6, 7). Како ангелот им го кажува ова? Дали вика од небото за секој да го чуе?— Не, наместо тоа, учениците на Исус на земјата разговараат со другите за Бог, а ангелите ги водат во нивната работа. Ангелите се грижат оние што навистина сакаат да знаат за Бог да имаат прилика да чујат. Ние можеме да учествуваме во тоа проповедничко дело, а ангелите ќе ни помогнат.

Но, што ако луѓето кои не го сакаат Бог ни прават проблеми? Што ако нѐ стават во затвор? Дали ангелите ќе нѐ ослободат?— Би можеле. Но, не го прават тоа секогаш.

Што му кажува ангелот на Павле?

Еднаш, Исусовиот ученик Павле бил затвореник. Патувал на еден брод за време на голема бура. Но, ангелите не го ослободиле веднаш. Ова било затоа што и други луѓе требало да  чујат за Бог. Еден ангел рекол: „Не плаши се, Павле. Ти мораш да застанеш пред цезарот“. Да, Павле требало да биде одведен кај светскиот владетел, цезар, за да може да му проповеда. Ангелите секогаш знаеле каде бил Павле, и му помагале. Тие ќе ни помогнат и на нас ако вистински му служиме на Бог (Дела 27:23-25).

Има и една друга важна работа што ќе ја направат ангелите, и тоа наскоро. Божјето време да ги уништи лошите луѓе е многу близу. Сите оние што не го обожаваат вистинскиот Бог ќе бидат уништени. Оние што велат дека не веруваат во ангели затоа што не можат да ги видат, ќе сфатат колку многу грешеле (2. Солуњаните 1:6-8).

Што ќе значи тоа за нас?— Ако сме на иста страна со Божјите ангели, тие ќе ни помогнат. Но, дали сме на нивна страна?— Да, ако му служиме на Јехова. А ако му служиме на Јехова, ќе им кажуваме на другите луѓе и тие да му служат.

За да научиш повеќе за тоа како ангелите влијаат врз животите на луѓето, прочитај Псалм 34:7; Матеј 4:11; 18:10; Лука 22:43 и Дела 8:26-31.