Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 2

Писмо од еден Бог што те сака

Писмо од еден Бог што те сака

КАЖИ ми, која книга најмногу ја сакаш?— Некои деца ќе изберат книга за животните. Други, пак, ќе изберат книга со многу слики. Може да биде забавно да се читаат такви книги.

Но, најдобрите книги на светот се оние што ни ја кажуваат вистината за Бог. Една од тие книги е поскапоцена од сите други. Знаеш ли која е таа?— Библијата.

Зошто Библијата е толку важна?— Затоа што е од Бог. Таа ни кажува за него и за добрите работи што тој ќе ги направи за нас. Исто така, ни покажува што треба да правиме за да му угодиме. Таа е како едно писмо од Бог.

Бог можел да ја напише целата Библија на небото и потоа да му ја даде на човекот. Но, не го направил тоа. Иако мислите биле на Бог, тој употребил свои слуги на земјата да го запишат најголемиот дел од Библијата.

Како Бог го направил тоа?— За да разбереш, размисли за ова. Кога слушаме нечиј глас на радио, тој глас може да доаѓа од човек што е далеку. Кога гледаме телевизија, можеме дури и да гледаме слики на луѓе во други земји од светот, и можеме да слушаме што зборуваат.

Луѓето можат да се качат дури и на Месечината со своите вселенски бродови, и оттаму да испраќаат пораки овде на земјата. Дали си го знаел ова?— Ако луѓето можат да го прават тоа, дали може и Бог да испраќа пораки од небото?— Се разбира дека може! И, тоа го направил долго време пред луѓето да имаат радио или телевизија.

Од каде знаеме дека Бог може да ни зборува од толкава далечина?

 Мојсеј бил човек кој, всушност, чул како зборува Бог. Мојсеј не можел да го види Бог, но можел да го чуе Божјиот глас. Милиони луѓе биле таму кога се случило тоа. Всушност, тој ден Бог предизвикал да се затресе една цела планина, а имало и грмотевици и молњи. Луѓето знаеле дека зборува Бог, но многу се уплашиле. Затоа му рекле на Мојсеј: „Нека не ни зборува Господ, за да не изумреме!“ Подоцна Мојсеј ги запишал работите што Бог ги кажал. А она што го запишал Мојсеј се наоѓа во Библијата (Излез 20:18-21).

Мојсеј ги напишал првите пет книги од Библијата. Но, не пишувал само тој. Бог употребил околу 40 мажи да напишат  делови од Библијата. Овие мажи живееле пред долго, долго време, и биле потребни многу години за да се заврши Библијата. Да, било потребно време од околу 1.600 години! Чудно е тоа што некои од овие мажи никогаш не се сретнале меѓу себе, а сепак, сѐ што напишале е потполно складно.

Како се викаат овие библиски писатели?

Некои мажи што ги употребил Бог за да ја пишуваат Библијата биле славни. Иако бил пастир, Мојсеј станал водач на нацијата Израел. Соломон бил цар, а бил и најмудриот и најбогатиот човек на светот. Но, другите писатели не биле толку славни. Амос одгледувал дрвја што раѓаат смокви.

Покрај тоа, еден библиски писател бил лекар. Знаеш ли како се викал?— Се викал Лука. Друг писател бил даночник, човек што собира данок. Тој се викал Матеј. Еден друг, пак, бил правник, стручњак за еврејскиот религиозен закон. Тој напишал повеќе библиски книги од кој и да е друг писател. Знаеш ли како се викал?— Се викал Павле. А Исусовите ученици Петар и Јован, кои исто така биле библиски писатели, биле рибари.

Многумина од овие библиски писатели пишувале за работи што Бог требало да ги направи во иднина. Од каде ги знаеле тие работи уште пред да се случат?— Бог им ги дал информациите. Им кажал што ќе се случи.

До времето кога Исус, Големиот Учител, дошол на земјата, бил напишан еден голем дел од Библијата. Сети се, Големиот Учител бил на небото. Тој знаел што направил Бог. Дали верувал дека Библијата е од Бог?— Да.

Кога разговарал со луѓето за Божјите работи, Исус читал од Библијата. Понекогаш им кажувал напамет што стоело таму. Исто така, тој ни донел и други информации од Бог. Исус рекол: „Токму она што го чув од него, го зборувам во  светот“ (Јован 8:26). Исус чул многу работи од Бог бидејќи живеел со Бог. А каде можеме да читаме за работите што ги кажал Исус?— Во Библијата. Сите тие биле запишани за да ги читаме ние.

Се разбира, кога Бог употребил луѓе за да ја запишат, тие пишувале на јазикот што го зборувале секој ден. Затоа, поголемиот дел од Библијата бил напишан на хебрејски, мал дел на арамејски и еден голем дел на грчки јазик. Затоа што повеќето луѓе денес не знаат да читаат на тие јазици, Библијата била преведена на други јазици. Денес, делови од Библијата можат да се читаат на повеќе од 2.260 јазици. Замисли си! Библијата е писмо од Бог до луѓето насекаде. Но, сеедно колку пати била препишувана, пораката сепак е од Бог.

Она што го кажува Библијата е  важно за нас. Таа е напишана многу одамна. Но, ни кажува за работи што се случуваат денес. А ни кажува и за она што Бог ќе го направи во блиска иднина. Она што го вели таа е возбудливо! Тоа ни дава прекрасна надеж.

Кои работи можеш да ги научиш ако ја читаш Библијата?

Исто така, Библијата ни кажува како Бог сака да живееме. Ни кажува што е исправно и што е погрешно. Тоа треба да го знаеме и ти и јас. Таа ни кажува за луѓе кои правеле лоши работи и за тоа што им се случило, за да можеме да ги избегнеме неволјите што ги имале тие. Исто така, ни кажува за луѓето што постапувале исправно и за добрите резултати што произлегле од тоа. Сето ова било напишано за наше добро.

Но, за да имаме најголема корист од Библијата, треба да го знаеме одговорот на едно прашање. А тоа е: Кој ни ја дал Библијата? Што мислиш ти?— Да, целата Библија е од Бог. Тогаш, како ќе покажеме дека сме навистина мудри?— Ако го слушаме Бог и ако го правиме она што го кажува тој.

Затоа, треба да одвоиме време да ја читаме Библијата заедно. Кога ќе добиеме писмо од некој што многу го сакаме, го читаме одново и одново. Тоа ни е скапоцено. И Библијата треба да ни биде таква бидејќи таа е писмо од Оној што најмногу нѐ сака. Таа е писмо од еден Бог што те сака.

Сега, одвој уште неколку минути за да ги прочиташ следниве стихови што покажуваат дека Библијата е навистина Божја реч, напишана за наша корист: Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16, 17 и 2. Петрово 1:20, 21.