Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 13

Оние што станале ученици на Исус

Оние што станале ученици на Исус

Кој е овој човек, и како станува ученик на Исус?

КОЈ е најдобриот слуга на Бог што некогаш живеел?— Точно, Исус Христос. Што мислиш, можеме ли и ние да бидеме како него?— Па, Библијата вели дека тој ни дал пример за да го следиме. И, тој исто така нѐ повикува да бидеме негови ученици.

Дали знаеш што значи да се биде ученик на Исус?— Тоа значи неколку работи. Прво, мораме да учиме од него. Но, тоа не е сѐ. Мораме и навистина да веруваме во она што го вели тој. Ако навистина веруваме, тогаш ќе го правиме она што ни го кажува тој.

Многу луѓе велат дека веруваат во Исус. Што мислиш, дали сите тие се навистина негови ученици?— Не, повеќето не се. Можеби одат во црква. Но, многумина од нив никогаш не нашле време да учат за она што го поучувал Исус. Всушност, ученици на Исус се само оние што го следат неговиот пример.

Ајде да позборуваме за некои од оние што биле ученици на Исус кога тој бил човек на земјата. Еден од првите што стануваат ученици е Филип. Тој оди да го најде својот пријател Натанаел (кој се вика и Вартоломеј), кого го гледаш како седи под едно дрво. Кога Натанаел доаѓа кај Исус, Исус му вели: ‚Еве чесен човек, вистински Израелец‘. Натанаел е изненаден и прашува: „Од каде ме познаваш?“

Кои се тие што Исус ги повикува да станат негови ученици?

 „Те видов пред да те повика Филип, додека беше под смоквата“, вели Исус. Натанаел е зачуден што Исус точно знаел кој бил тој, па затоа му вели: „Ти си Синот Божји, ти си Цар на Израел“ (Јован 1:49).

Јуда Искариот, Јуда (кој се викал и Тадеј) и Симон

Други станале ученици на Исус еден ден пред Филип и Натанаел. Тоа се Андреј и брат му Петар, како и Јован и можеби неговиот брат Јаков (Јован 1:35-51). Меѓутоа, по некое време, овие четворица се враќаат на својот рибарски занает. Потоа, еден ден, додека оди покрај Галилејското Море, Исус ги здогледува Петар и Андреј како ја фрлаат рибарската мрежа во морето. Исус ги повикува: „Елате по мене“.

Јаков (синот на Алфеј), Тома и Матеј

Одејќи малку понатаму, Исус ги здогледува Јаков и Јован. Тие се во еден чамец со својот татко и ги крпат своите  рибарски мрежи. Исус и нив ги повикува да го следат. Што ќе си направел ти ако Исус те повикал тебе? Дали веднаш ќе си заминел со него?— Овие луѓе знаат кој е Исус. Знаат дека е испратен од Бог. Затоа веднаш го напуштаат својот рибарски занает и го следат Исус (Матеј 4:18-22).

Натанаел, Филип и Јован

Откако станале ученици на Исус, дали овие луѓе секогаш постапувале исправно?— Не. Можеби се сеќаваш дека тие дури и се расправале меѓу себе за тоа кој од нив е најголем. Но, тие го слушале Исус, и биле спремни да се променат. Ако сме спремни да се промениме, и ние можеме да бидеме ученици на Исус.

Јаков (братот на Јован), Андреј и Петар

Исус повикал секакви луѓе да му бидат ученици. Еднаш, кај Исус дошол еден млад богат владетел и го прашал како може да добие вечен живот. Кога богатиот владетел рекол дека е послушен на Божјите заповеди уште од дете, Исус го повикал: ‚Дојди и биди мој ученик‘. Знаеш ли што се случило?—

Па, кога дознал дека да се биде ученик на Исус мора да биде поважно од тоа да се биде богат, човекот многу се нажалил. Тој не станал ученик на Исус затоа што повеќе ги сакал своите пари отколку Бог (Лука 18:18-25).

Откако проповедал речиси една и пол година, Исус избрал 12 негови ученици да бидат апостоли. Апостолите биле мажи што тој ги испратил да вршат една посебна работа. Ги знаеш ли нивните имиња?— Да видиме дали ќе можеме да ги научиме. Погледни ги овде нивните слики, и види дали ќе можеш да ги кажеш нивните имиња. Потоа, обиди се да ги кажеш нивните имиња напамет.

Кои биле овие жени што му помагале на Исус кога одел да проповеда?

На крајот, еден од 12-те апостоли станал лош. Тоа бил Јуда Искариот. Потоа, за апостол бил избран еден друг ученик. Знаеш ли како се викал?— Се викал Матиј. Подоцна, Павле  и Варнава исто така станале апостоли, но не биле меѓу тие 12 (Дела 1:23-26; 14:14).

Како што научивме во 1. поглавје од оваа книга, Исус покажувал интерес за малите деца. Зошто го правел тоа?— Затоа што знаел дека и тие можат да станат негови ученици. Всушност, децата честопати ги кажуваат работите на таков начин што дури и возрасните ги слушаат и сакаат да научат повеќе за Големиот Учител.

И многу жени станале ученици на Исус. Некои патувале со него кога одел да проповеда во други градови. Тоа го правеле Марија Магдалена, Јоана и Сусана. Тие  можеби и му правеле јадење и ја переле неговата облека (Лука 8:1-3).

Сакаш ли и ти да бидеш ученик на Исус?— Запомни, ако само кажеме дека сме негови ученици, не значи дека навистина сме. Мораме да постапуваме како негови ученици каде и да сме, а не само кога одиме на христијанските состаноци. Можеш ли да се сетиш на кои места е важно да постапуваме како ученици на Исус?—

Да, треба да го правиме тоа дома. Но, уште едно место е училиштето. Она што ни ти ни јас не треба никогаш да го заборавиме е дека за да бидеме вистински ученици на Исус, мораме да постапуваме како него по цел ден, секој ден, каде и да сме.

Каде е важно да постапуваме како ученици на Исус?

Сега, да го прочитаме заедно она што го кажува Библијата за учениците на Исус, во Матеј 28:19, 20; Лука 6:13-16; Јован 8:31, 32 и 1. Петрово 2:21.