Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 10

Исус има моќ над демоните

Исус има моќ над демоните

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ зошто еден од Божјите ангели станал Сатана Ѓавол?— Себичната желба да биде обожаван го навела да се сврти против Бог. Дали и други ангели почнале да го следат Сатана?— Да. Библијата ги нарекува ‚ангели на Сатана‘, или демони (Откровение 12:9).

Дали овие лоши ангели, или демони, веруваат во Бог?— ‚Демоните веруваат дека Бог постои‘, вели Библијата (Јаков 2:19). Но, сега се плашат. Се плашат затоа што знаат дека Бог ќе ги казни поради лошите работи што ги прават. Што лошо прават тие?—

Библијата вели дека тие ангели го напуштиле својот вистински дом на небото и дошле на земјата за да живеат како луѓе. Тоа го направиле бидејќи сакале да имаат сексуални односи со убавите жени на земјата (Битие 6:1, 2; Јуда 6). Што знаеш ти за сексуалните односи?—

Сексуални односи се кога мажот и жената стануваат  блиски на еден многу посебен начин. Потоа, во мајката може да расте бебе. Но, погрешно е ангелите да имаат сексуални односи. Бог сака сексуални односи да имаат само маж и жена што се во брак. Така, ако се роди бебе, мажот и жената ќе можат да се грижат за него.

Што лошо направиле овие ангели?

Кога ангелите зеле човечки тела и имале сексуални односи со жените на земјата, нивните бебиња што пораснале станале џинови. Тие биле многу лоши, и ги повредувале луѓето. Затоа Бог пуштил еден голем потоп за да ги уништи џиновите и сите лоши луѓе. Но, на Ное му дал задача да изгради арка, или еден голем брод, за да ги спаси неколкуте луѓе што постапувале исправно. Големиот Учител рекол дека она што се случило во Потопот е важно да се запомни (Битие 6:3, 4, 13, 14; Лука 17:26, 27).

Знаеш ли што се случило со лошите ангели кога дошол Потопот?— Тие престанале да ги користат човечките тела што си ги направиле, и се вратиле на небото. Но, повеќе не можеле да бидат ангели на Бог, па затоа станале ангели на Сатана, или демони. А што се случило со нивните деца, со џиновите?—  Тие умреле во Потопот. А тоа се случило и со сите други луѓе што не го послушале Бог.

Зошто денес на земјата има повеќе проблеми од кога и да било порано?

Од времето на Потопот па наваму, Бог не им дозволува на демоните повторно да стануваат луѓе. Но, иако не можеме да ги видиме, демоните сѐ уште се обидуваат да ги наведат луѓето да прават многу лоши работи. Тие прават повеќе проблеми од кога и да било порано. Така е затоа што се фрлени од небото на земјата.

Знаеш ли зошто не можеме да ги видиме демоните?— Затоа што тие се невидливи. Но, можеме да бидеме сигурни дека се живи. Библијата вели дека Сатана ‚ги заведува луѓето во целиот свет‘, а неговите демони му помагаат (Откровение 12:9, 12).

Можат ли Ѓаволот и неговите демони да нѐ заведат, или да нѐ измамат и нас?— Да, можат, ако не пазиме. Но, не треба да се плашиме. Големиот Учител рекол: ‚Ѓаволот нема власт над мене‘. Ако останеме блиски со Бог, тој ќе нѐ штити од Ѓаволот и од неговите демони (Јован 14:30).

Важно е да знаеме кои лоши работи ќе нѐ тераат да ги правиме демоните. Затоа, размисли. Кои лоши работи ги правеле демоните кога дошле на земјата?— Пред Потопот, тие имале сексуални односи со жени, нешто што не било исправно да го прават ангели. Денес на демоните им се допаѓа кога луѓето не се послушни на Божјите закони во врска со сексуалните односи. Да те прашам: Само кој треба да има сексуални односи?— Во право си, само луѓето што се во брак.

Денес некои млади момчиња и девојчиња имаат сексуални односи, но тоа е погрешно. Библијата зборува за машкиот „полов орган“ (NW), или пенис (Левит 15:1-3). Женскиот полов орган се вика вагина. Јехова ги создал овие делови на телото за една посебна цел која била само за луѓето што се во брак. Демоните се среќни кога луѓето прават работи што  Јехова ги забранил. На пример, на демоните им се допаѓа кога едно момче и едно девојче си играат со пенисот или со вагината на другиот. Ние не сакаме да ги направиме демоните среќни, нели?—

Има и нешто друго што демоните го сакаат, но Јехова го мрази. Знаеш ли што е тоа?— Насилството (Псалм 11:5). Насилство е кога луѓето се лоши и ги повредуваат другите. Сети се, тоа го правеле џиновите, синовите на демоните.

Демоните сакаат и да ги плашат луѓето. Понекогаш можеби се преправаат дека се некои луѓе што умреле. Дури можат и да ги имитираат гласовите на оние што умреле. На тој начин демоните измамиле многу луѓе и ги навеле да веруваат дека умрените се живи и дека можат да разговараат со живите луѓе. Да, демоните прават многу луѓе да веруваат во духови.

Затоа, мораме да се пазиме Сатана и неговите демони да не нѐ измамат. Библијата предупредува: ‚Сатана се обидува да изгледа како добар ангел, а  неговите слуги го прават истото‘ (2. Коринќаните 11:14, 15). Но, всушност, демоните се лоши. Да видиме како можат тие да се обидат да нѐ наведат да бидеме како нив.

Каде учат луѓето многу за насилството и за неисправниот секс и за духови?— Зарем не е тоа додека гледаат некои телевизиски програми и филмови, додека играат компјутерски и видеоигри, додека одат на Интернет и читаат стрипови? Дали тоа што ги правиме овие работи нѐ приближува кон Бог, или кон Ѓаволот и неговите демони? Што мислиш ти?—

Што може да се случи ако гледаме насилство?

А што мислиш, кој сака да слушаме и да гледаме лоши работи?— Да, Сатана и неговите демони. Тогаш, што треба да правиме ти и јас?— Треба да читаме, да слушаме и да гледаме работи што се добри за нас и што ќе ни помогнат да му служиме на Јехова. Можеш ли да се сетиш на некои од тие добри работи што можеме да ги правиме?—

Што е добро да правиме?

Ако го правиме она што е добро, немаме причина да се плашиме од демоните. Исус е посилен од нив, и тие се плашат од него. Еден ден демоните викале по Исус: „Дали дојде да нѐ уништиш?“ (Марко 1:24). Зарем нема да бидеме среќни кога ќе дојде време Исус да ги уништи Сатана и неговите демони?— Во меѓувреме, можеме да бидеме сигурни дека Исус ќе нѐ заштитува од демоните ако останеме блиски со него и со неговиот небесен Татко.

Да прочитаме што треба да правиме во 1. Петрово 5:8, 9 и Јаков 4:7, 8.