Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 43

Кои се наши браќа и сестри?

Кои се наши браќа и сестри?

ЕДНАШ Големиот Учител поставил едно изненадувачко прашање. Тоа било: „Која е моја мајка и кои се мои браќа“ (Матеј 12:48). Би можел ли ти да одговориш на тоа прашање?— Веројатно знаеш дека мајка му на Исус се викала Марија. Но, дали ги знаеш имињата на неговите браќа?— Дали имал и сестри?—

Библијата вели дека браќата на Исус се викале „Јаков и Јосиф и Симон и Јуда“. Исус имал и сестри што биле живи кога тој проповедал. Бидејќи Исус бил првороден, сите тие биле помали од него (Матеј 13:55, 56; Лука 1:34, 35).

Дали и браќата на Исус биле негови ученици?— Библијата вели дека во почетокот тие ‚не практикувале вера во него‘ (Јован 7:5). Меѓутоа, подоцна, Јаков и Јуда станале негови ученици, па дури напишале и книги во Библијата. Дали знаеш кои книги ги напишале тие?— Да, книгите Јаков и Јуда.

Иако во Библијата не се спомнати имињата на сестрите на Исус, знаеме дека тој имал најмалку две сестри. Меѓутоа, можеби имал и повеќе. Дали овие сестри станале негови ученици?— Библијата не кажува, па затоа не знаеме. Но, знаеш ли зошто Исус го поставил прашањето: „Која е моја мајка и кои се мои браќа?“— Ајде да откриеме.

Исус ги поучувал своите ученици, кога некој го прекинал велејќи: „Мајка ти и твоите браќа стојат надвор и бараат да зборуваат со тебе“. Тогаш, Исус ја искористил таа прилика  за да им даде една важна поука, така што го поставил тоа изненадувачко прашање: „Која е моја мајка и кои се мои браќа?“ Тој ја испружил раката кон своите ученици и одговорил извикнувајќи: „Еве! Мојата мајка и моите браќа!“

Потоа Исус објаснил што мислел со тоа, велејќи: „Секој кој ја врши волјата на мојот Татко кој е на небото, тој ми е брат и сестра и мајка“ (Матеј 12:47-50). Ова покажува колку Исус се чувствувал близок со своите ученици. Тој нѐ поучил дека неговите ученици му биле како вистински браќа, сестри и мајки.

Што објаснил Исус, кои биле негови браќа и сестри?

Во тоа време, и самите браќа на Исус — Јаков, Јосиф, Симон и Јуда — не верувале дека Исус е Божји Син. Тие сигурно не верувале во она што ангелот Гавриел ѝ го кажал на мајка им (Лука 1:30-33). Значи, можеби биле и лоши со Исус. Секој што постапува така не е вистински брат или сестра. Дали ти е познат некој што бил лош со својот брат или сестра?—

 Библијата ни кажува за Исав и Јаков и за тоа дека Исав толку се разлутил што рекол: ‚Ќе го убијам брат ми Јаков‘. Мајка им Ревека толку се уплашила што го испратила Јаков на друго место за да не може Исав да го убие (Битие 27:41-46). Меѓутоа, по многу години Исав се променил, го прегрнал Јаков и го бакнал (Битие 33:4).

Со текот на времето, Јаков имал 12 синови. Но, постарите синови на Јаков не го сакале својот помлад брат Јосиф. Му биле љубоморни затоа што тој му бил омилен син на татко им. Затоа го продале на некои трговци со робови, кои биле на пат за Египет. Потоа на татко им му рекле дека Јосиф го убила дива ѕверка (Битие 37:23-36). Зарем тоа не било ужасно?—

Подоцна на браќата на Јосиф им станало жал за тоа што го направиле. Затоа Јосиф им простил. Можеш ли да видиш на кој начин Јосиф бил како Исус?— Самите апостоли на Исус побегнале кога тој бил во неволја, а Петар дури и одрекол дека го познава. Сепак, како и Јосиф, Исус им простил на сите нив.

Каква поука треба да извлечеме од она што Каин му го направил на Авел?

 Потоа, тука се и двајцата браќа Каин и Авел. И од нив можеме да извлечеме поука. Бог видел во срцето на Каин дека не го сака вистински својот брат. Затоа Бог му рекол на Каин дека треба да го промени своето однесување. Ако вистински го сакал Бог, Каин ќе обрнел внимание. Но, тој не го сакал Бог. Еден ден, Каин му рекол на Авел: ‚Ајде да одиме во полето‘. Авел отишол со Каин. Додека биле во полето сами, Каин толку силно го удрил својот брат што го убил (Битие 4:2-8).

Библијата ни кажува дека од ова треба да извлечеме една посебна поука. Дали знаеш која е таа?— ‚Ова е пораката што ја чувте од почетокот: Треба да имаме љубов еден кон друг; не како Каин, кој дојде од злобниот‘. Значи, браќата и сестрите треба да се сакаат едни со други. Не треба да бидат како Каин (1. Јованово 3:11, 12).

Зошто би било лошо да бидеме како Каин?— Затоа што Библијата вели дека тој ‚дошол од злобниот‘, Сатана Ѓаволот. Бидејќи Каин постапувал како Ѓаволот, било исто како Ѓаволот да му е татко.

Дали гледаш зошто е толку важно да ги сакаш твоите браќа и сестри?— Ако не ги сакаш, чии деца ќе ги имитираш?— Децата на Ѓаволот. Ти не би сакал да бидеш такво дете, зарем не?— Тогаш, како можеш да докажеш дека сакаш да бидеш дете на Бог?— Така што вистински ќе ги сакаш твоите браќа и сестри.

Но, што е тоа љубов?— Љубов е длабоко чувство внатре во нас кое нѐ тера да сакаме да им правиме добро на другите. Ние покажуваме љубов кон другите кога имаме нежни чувства кон нив и кога правиме добри работи за нив. А кои се наши браќа и сестри што треба да ги сакаме?— Сети се, Исус поучувал дека тоа се оние што се дел од големото христијанско семејство.

Како можеш да покажеш дека го сакаш твојот брат?

 Колку е важно да ги сакаме овие христијански браќа и сестри?— Библијата вели: „Кој не го љуби својот брат [или својата сестра] кого го видел, не може да го љуби Бог кого не го видел“ (1. Јованово 4:20). Значи, не можеме да сакаме само некои од христијанското семејство. Мораме да ги сакаме сите. Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Дали ги сакаш сите браќа и сестри?— Запомни, ако не ги сакаш, не можеш вистински да го сакаш ни Бог.

Како можеме да покажеме дека вистински ги сакаме нашите браќа и сестри?— Па, ако ги сакаме, нема да ги избегнуваме затоа што не сакаме да разговараме со нив. Ќе се однесуваме пријателски со сите нив. Секогаш ќе им правиме добро и ќе бидеме спремни да делиме со нив. И, ако некогаш се во неволја, ќе им помогнеме, затоа што ние навистина сме едно големо семејство.

Кога вистински ги сакаме сите наши браќа и сестри, што докажува тоа?— Тоа докажува дека сме ученици на Исус, Големиот Учител. И, зарем тоа не е она што секој од нас сака да биде?—

За тоа како да се покажува љубов кон нашите браќа и сестри се зборува и во Галатите 6:10 и 1. Јованово 4:8, 21. Зошто не ја отвориш твојата Библија и не ги прочиташ тие стихови?

Нешто повеќе

ПОУЧЕТЕ ГИ СВОИТЕ ДЕЦА

Тие пишувале за Исус

Научи нешто за осумте писатели на Библијата кои живееле во исто време со Исус и кои пишувале за неговиот живот.