Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 17

Како да бидеме среќни

Зошто Јехова е „среќниот Бог“?

Како да бидеме среќни

СИТЕ ние сакаме да бидеме среќни, нели?— Но, многу луѓе не се навистина среќни. Знаеш ли зошто?— Затоа што не ја научиле тајната на среќата. Тие мислат дека ќе бидат среќни ако имаат многу материјални работи. Но, кога ќе ги добијат овие работи, нивната среќа не трае долго.

Еве што е тајната која е многу важна. Големиот Учител рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Значи, како може некој да биде среќен?— Да, така што ќе им дава работи на другите и што ќе прави нешто за нив. Го знаеше ли тоа?—

Ајде уште малку да размислиме за ова. Дали Исус рекол дека некој што добива подарок нема да биде среќен?— Не, не рекол така. Ти сакаш да добиваш подароци, нели?— Секој сака. Среќни сме кога добиваме убави работи.

 Но, Исус рекол дека среќата е уште поголема кога даваме. Тогаш, што мислиш, кој им дал на луѓето повеќе работи од кој и да е друг?— Да, Јехова Бог.

Библијата вели дека Бог „им дава на сите живот и здив и сѐ“. Тој ни дава дождови од небото, а и сонце, така што растенијата растат и имаме храна за јадење (Дела 14:17; 17:25). Не е ни чудо што Библијата го нарекува Јехова „среќниот Бог“! (1. Тимотеј 1:11). Тоа што им дава на другите е една од работите што го прават Бог среќен. А кога даваме ние, тоа може и нас да нѐ направи среќни.

Што може да те направи посреќен од тоа самиот да ги изедеш сите твои колачиња?

Тогаш, што е тоа што можеме ние да им го дадеме на другите? Што мислиш ти?— Понекогаш за подарокот треба да дадеш пари. Ако го купуваш подарокот од продавница, ќе мораш да платиш за него. Значи, ако сакаш да дадеш таков подарок, можеби ќе мораш да штедиш пари сѐ додека не собереш доволно за да го купиш подарокот.

Но, сите подароци не мора да се купат од продавница. На пример, кога е жешко, една чаша ладна вода навистина освежува! Затоа, кога ќе му дадеш еден таков подарок на некој што е жеден, можеш да ја почувствуваш среќата што доаѓа од давањето.

Некој ден ти и мама би можеле да правите колачиња. Тоа би било забавно. Но, што ќе можеш да направиш со некои од тие колачиња што ќе ти донесе уште поголема среќа отколку сите да ги изедеш сам?— Да, можеш да му подариш неколку на некое свое другарче. Ќе сакаш ли некогаш да го направиш тоа?—

 На Големиот Учител и на неговите апостоли им била позната среќата што доаѓа од давањето. Дали знаеш што им дале тие на другите луѓе?— Тоа било најдоброто нешто на светот! Тие ја знаеле вистината за Бог и радосно ја споделувале оваа добра вест со другите. Ова го правеле без да сакаат некој да им даде пари за она што го давале.

Еден ден, апостол Павле и неговиот добар пријател, ученикот Лука, сретнале една жена која исто така сакала да ја има среќата што доаѓа од давањето. Ја сретнале покрај една река. Павле и Лука отишле таму затоа што чуле дека тоа било место за молитва. И навистина, кога стигнале, нашле некои жени како се молат.

Павле почнал да им кажува на тие жени за добрата вест за Јехова Бог и за неговото Царство. Една од нив се викала Лидија, и таа ги слушала со големо внимание. Потоа, Лидија сакала да направи нешто за да покаже дека навистина ѝ се допаднала добрата вест што ја чула. Затоа упорно ги молела Павле и Лука: „Ако сте просудиле дека сум верна на Јехова, влезете во мојата куќа и останете“. И едноставно ги натерала да појдат во нејзиниот дом (Дела 16:13-15).

Што им вели Лидија на Павле и на Лука?

На Лидија ѝ било мило што овие Божји слуги дошле кај неа дома. Таа ги сакала бидејќи тие ѝ помогнале да научи за Јехова и за Исус и за тоа како луѓето би можеле да живеат засекогаш. Ја направило среќна тоа што можела да им даде храна за да јадат и место за да се одморат. Значи, давањето ја направило Лидија среќна затоа што таа навистина сакала да дава. Тоа е нешто кое треба да го запомниме. Некој може да ни рече дека мора да дадеме подарок. Но, ако навистина не сакаме да го сториме тоа, давањето нема да нѐ направи среќни.

Зошто Лидија е среќна што може да се погрижи за Павле и за Лука?

На пример, што ако имаш бомбончиња кои сакаш ти да си ги изедеш? Ако ти речам дека мораш да му дадеш неколку на друго дете, ќе бидеш ли среќен да го сториш тоа?— Но, што ако  имаш бомбончиња кога ќе се сретнеш со некое другарче што многу го сакаш? Ако без никој да ти каже ти текне да му дадеш неколку, зарем тоа нема да те направи среќен?—

Некогаш толку многу сакаме некого што би му дале сѐ, па дури и ништо да не остане за нас. Како што расте нашата љубов кон Бог, истото треба да го чувствуваме и кон Него.

Зошто оваа сиромашна жена била среќна затоа што дала сѐ што имала?

Големиот Учител знаел една сиромашна жена што го чувствувала тоа. Ја видел во храмот во Ерусалим. Таа имала само две мали парички; тоа биле сите пари што ги имала. Но, и двете ги пуштила во кутијата како прилог, или подарок, за храмот. Никој не ја натерал да го направи тоа. Повеќето од луѓето што биле таму не ни знаеле што направила. Таа постапила така затоа што сакала да го направи тоа и затоа што навистина го сакала Јехова. Била среќна затоа што можела да даде (Лука 21:1-4).

Има многу начини на кои можеме да даваме. Можеш ли да се сетиш на некои од нив?— Ако даваме затоа што навистина сакаме да даваме, ќе бидеме среќни. Затоа Големиот Учител ни кажува: „Давајте“ (Лука 6:38). Ако даваме, ќе ги направиме другите среќни. А најсреќни од сите ќе бидеме ние!

Да прочитаме уште нешто за тоа како давањето донесува среќа, во Матеј 6:1-4; Лука 14:12-14 и 2. Коринќаните 9:7.