Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 6

Големиот учител им служел на другите луѓе

Големиот учител им служел на другите луѓе

ДАЛИ ти е убаво кога некој прави нешто добро за тебе?— Па, и на другите луѓе им е убаво кога некој прави нешто добро за нив. На сите ни е убаво. Големиот Учител знаел дека е така, и секогаш правел нешто за другите. Тој рекол: ‚Не дојдов за да ми служат, туку за да служам‘ (Матеј 20:28).

За што се расправале учениците на Исус?

Затоа, ако сакаме да бидеме како Големиот Учител, што мораме да правиме?— Мораме да им служиме на другите. Мораме да им правиме добро. Точно е дека многу луѓе не прават така. Всушност, повеќето луѓе секогаш сакаат другите да им служат ним. Едно време дури и Исусовите следбеници размислувале така. Секој од нив сакал да биде најголем или најважен.

Еден ден Исус патувал со своите ученици. Кога дошле во градот Капернаум, близу до Галилејското Море, сите влегле во една куќа. Таму Исус ги прашал: ‚За што се расправавте по патот?‘ Тие молчеле бидејќи по патот се расправале меѓу себе кој бил поголем (Марко 9:33, 34).

Исус знаел дека не е исправно некој од неговите ученици да мисли дека е најголем. Затоа, како што видовме во првото  поглавје од оваа книга, тој ставил меѓу нив едно мало дете и им рекол дека треба да бидат понизни како тоа детенце. Но, сепак, тие не извлекле поука. Затоа, кратко пред да умре, Исус им дал една поука што никогаш не ја заборавиле. Што направил тој?—

Па, додека јаделе сите заедно, Исус станал од масата и ја соблекол својата горна облека. Зел крпа и си ја врзал околу половината. Потоа зел леген и го наполнил со вода. Неговите ученици сигурно се прашувале што ќе направи. Додека го гледале, Исус дошол кај секој од нив, се наведнал и му ги измил нозете. Потоа им ги избришал нозете со крпата. Замисли си! Што ако таму си бил и ти? Како ќе ти било?—

Каква поука им дал Исус на своите ученици?

Неговите ученици сметале дека не е исправно Големиот Учител да им служи на таков начин. Тие се засрамиле. Всушност, Петар не сакал да му дозволи на Исус да му ја направи оваа понизна услуга. Но, Исус рекол дека е важно да го стори тоа.

Ние денес обично не си ги миеме нозете еден на друг. Но, ова се правело кога Исус бил на земјата. Знаеш ли зошто?— Па, во земјата каде што живееле Исус и неговите ученици, луѓето носеле отворени сандали на боса нога. Затоа, кога оделе по земјени патишта, на нозете им се лепела прашина. Било љубезно да му се измие прашината од нозете на некој што дошол на гости.

Но, овој пат никој од учениците на Исус не се понудил да им ги измие нозете на другите. Затоа, самиот Исус го направил тоа. На тој начин, Исус им дал на своите ученици една важна поука. Требало да ја сфатат таа поука. А треба да ја сфатиме и ние денес.

Знаеш ли која е поуката?— Откако ја облекол својата горна облека и повторно седнал до масата, Исус објаснил: „Знаете  ли што ви направив? Вие ми се обраќате со: ‚Учителе‘ и: ‚Господи‘, и со право велите, бидејќи тоа и сум. Според тоа, ако јас, иако Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг“ (Јован 13:2-14).

Што можеш да направиш ти за да им помогнеш на другите?

Со ова Големиот Учител покажал дека сака неговите ученици да си служат еден на друг. Тој не сакал тие да мислат само на себеси. Не сакал да мислат дека се толку важни што другите треба секогаш ним да им служат. Тој сакал тие да бидат спремни да им служат на другите.

Зарем ова не било една добра поука?— Ќе бидеш ли и ти како Големиот Учител и ќе им служиш ли на другите?— Сите ние можеме да правиме нешто за другите. Тоа ќе ги направи среќни.Но, најмногу од сѐ, тоа ќе ги направи среќни и Исус и неговиот Татко.

Не е тешко да им се служи на другите луѓе. Ако набљудуваш, ќе видиш дека за другите можеш да направиш многу работи. Сега размисли: Што можеш да направиш за да ѝ помогнеш на мама? Знаеш дека таа многу работи за тебе и за  другите од семејството. Можеш ли да ѝ помогнеш?— Зошто не ја прашаш?

Можеби можеш да ја поставиш масата пред да јадете како семејство. Или можеби можеш да ги кренеш нечистите чинии од масата откако семејството ќе заврши со јадењето. Некои деца го фрлаат ѓубрето секој ден. Што и да направиш, ти ќе им служиш на другите, како што им служел Исус.

Имаш ли помали браќа и сестри на кои можеш да им служиш? Сети се дека Исус, Големиот Учител, им служел дури и на своите ученици. Ако им служиш на твоите помали браќа и сестри, ќе бидеш сличен на Исус. Што можеш да направиш за нив?— Можеш да им помогнеш да научат да си ги средуваат играчките откако ќе завршат со играње. Или можеш да им помогнеш да се облечат.  Или, пак, можеш да им помогнеш да си го наместат креветот. Ти текнува ли што друго би можел да направиш за нив?— Тие ќе те сакаат поради тоа, исто како што учениците го сакале Исус.

И на училиште можеш да им служиш на другите — на твоите соученици или на учителот. Ако некому му паднат книгите, ќе биде љубезно од тебе да му помогнеш да ги собере. Би можел да се понудиш да ја избришеш таблата или да направиш нешто друго за твојот учител. Љубезна услуга е дури и некому да му ја отвориш вратата.

Понекогаш луѓето нема да ни се заблагодарат за тоа што им служиме. Што мислиш, дали тоа треба да нѐ спречи да правиме добро?— Не! Многу луѓе не му се заблагодариле на Исус за добрите дела. Но, тоа не го спречило да прави добро.

Затоа, никогаш не воздржувај се да им служиш на другите луѓе. Сети се на Големиот Учител, Исус, и секогаш настојувај да го следиш неговиот пример.

За повеќе стихови во врска со помагањето на другите луѓе, прочитај Пословици 3:27, 28; Римјаните 15:1, 2 и Галатите 6:2.