Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 8

Други се на повисока положба од нас

Други се на повисока положба од нас

СИГУРЕН СУМ, ќе се сложиш дека има некои што се на повисока положба, или поголеми и посилни — и од тебе и од мене. Што мислиш ти, кој е на повисока положба?— Јехова Бог. А што е со неговиот Син, Големиот Учител? Дали и тој е на повисока положба од нас?— Се разбира.

Исус живеел кај Бог на небото. Тој бил духовен Син, или ангел. Дали Бог направил и други ангели, или духовни синови?— Да, и тоа повеќе милиони. Овие ангели се исто така на повисока положба и помоќни се од нас (Псалм 104:4; Даниел 7:10).

Се сеќаваш ли како се викал ангелот што разговарал со Марија?— Тоа бил Гавриел. Тој ѝ рекол на Марија дека нејзиното бебе ќе биде Божји Син. Бог го ставил животот на својот духовен Син во Марија, и така Исус можел да се роди како бебе на земјата (Лука 1:26, 27).

Што му кажале веројатно Марија и Јосиф на Исус?

Веруваш ли во ова чудо? Веруваш ли дека Исус живеел кај Бог на небото?— Исус рекол дека живеел таму. Од каде ги знаел Исус тие работи? Па, кога бил дете, можеби Марија му кажала што ѝ рекол Гавриел. Веројатно и Јосиф му кажал на Исус дека вистински Татко му е Бог.

Кога Исус се крстил, Бог дури прозборел од небото, велејќи: „Ова е мојот Син“  (Матеј 3:17). А ноќта пред да умре, Исус се молел: „Татко, прослави ме крај себе со славата што ја имав крај тебе пред да биде светот“ (Јован 17:5). Да, Исус барал повторно да се врати да живее кај Бог на небото. Како можел да живее таму?— Само ако Јехова Бог повторно го направел невидлива духовна личност, или ангел.

Да те прашам сега нешто многу важно. Дали сите ангели се добри? Што мислиш ти?— Па, едно време сите биле добри. Така било затоа што Јехова ги создал, а сѐ што прави тој е добро. Но, потоа, еден од ангелите станал лош. Како дошло до тоа?

За да го добиеме одговорот, мораме да се вратиме назад во времето кога Бог ги направил првиот маж и првата жена, Адам и Ева. Некои луѓе велат дека приказната за нив едноставно е измислена. Но, Големиот Учител знаел дека таа била вистинска.

Кога ги направил Адам и Ева, Бог ги ставил во прекрасна градина во едно место наречено Еден. Тоа бил парк, рај. Тие можеле да имаат многу деца, големо семејство, и да живеат во Рајот засекогаш. Но, требало да извлечат една важна поука. Тоа е поуката за која веќе зборувавме. Да видиме дали можеме да се сетиме на неа.

Како можеле Адам и Ева да живеат засекогаш во Рај?

 Јехова им рекол на Адам и на Ева дека можат да јадат од кое и да било овошје на дрвјата во градината — колку што сакаат. Но, имало едно дрво од кое тие не требало да јадат. Бог им кажал што ќе се случи ако јадат. Тој рекол: ‚Навистина ќе умрете‘ (Битие 2:17). Значи, која поука требало да ја научат Адам и Ева?—

Тоа била поуката за послушност. Да, животот зависи од послушноста кон Јехова Бог! Не било доволно Адам и Ева само да речат дека ќе му бидат послушни. Тие морале да го покажат тоа со своите постапки. Ако му биле послушни на Бог, ќе покажеле дека го сакаат и дека сакаат тој да им биде Владетел. Тогаш ќе можеле да живеат засекогаш во Рајот. Но, ако јаделе од тоа дрво, што ќе покажело ова?—

Со тоа ќе покажеле дека, всушност, не биле благодарни за она што им го дал Бог. Дали ти ќе си го послушал Јехова да си бил таму?— Во почетокот, Адам и Ева биле послушни. Но, потоа, некој на повисока положба од нив ја измамил Ева. Ја навел да му биде непослушна на Јехова. Кој бил тој?—

Кој направил змијата да зборува со Ева?

 Библијата вели дека со Ева зборувала една змија. Но, ти знаеш дека змијата не може да зборува сама од себе. Тогаш, како оваа змија зборувала?— Еден ангел направил да изгледа дека зборува змијата. Но, всушност, зборувал ангелот. Тој ангел почнал да размислува за лоши работи. Сакал Адам и Ева да го обожаваат него. Тој сакал да го прават она што ќе им го кажел тој. Сакал да го заземе местото на Бог.

Така, тој лош ангел ставил погрешни мисли во главата на Ева. Преку змијата, тој ѝ рекол: ‚Бог не ви ја кажал вистината. Нема да умрете ако јадете од тоа дрво. Ќе станете мудри како Бог‘. Дали ти ќе си поверувал во она што го кажал тој глас?—

Ева почнала да посакува нешто што Бог не ѝ го дал. Јадела од плодот на забранетото дрво. Потоа му дала и на Адам. Тој не верувал во она што го рекла змијата. Но, желбата да биде со Ева била посилна од неговата љубов кон Бог. Затоа и тој јадел од дрвото (Битие 3:1-6; 1. Тимотеј 2:14).

До што довело тоа?— Адам и Ева станале несовршени, остареле и умреле. А затоа што тие биле несовршени,  сите нивни деца биле исто така несовршени и, на крајот, остареле и умреле. Бог не лажел! Животот навистина зависи од послушноста кон него! (Римјаните 5:12). Библијата ни кажува дека ангелот што ја излажал Ева е наречен Сатана Ѓаволот, а другите ангели што станале лоши се наречени демони (Јаков 2:19; Откровение 12:9).

Што им се случило на Адам и на Ева откако му станале непослушни на Бог?

Дали сега можеш да разбереш зошто добриот ангел што бил направен од Бог станал лош?— Затоа што почнал да размислува за лоши работи. Сакал тој да биде прв. Знаел дека Бог им рекол на Адам и на Ева да имаат деца, и сакал сите тие да го обожаваат него. Ѓаволот сака сите да му бидат непослушни на Јехова. Затоа се обидува да стави лоши мисли во нашите глави (Јаков 1:13-15).

Ѓаволот вели дека никој не го сака Јехова вистински. Вели дека ти и јас не го сакаме Бог и дека не сакаме вистински да го правиме она што го кажува Бог. Вели дека сме му послушни на Јехова само тогаш кога сѐ ни оди како што сакаме ние. Дали Ѓаволот е во право? Дали сме ние такви?

Големиот Учител рекол дека Ѓаволот е лажливец! Исус докажал дека навистина го сака Јехова така што му бил послушен. А Исус не му бил послушен на Бог само кога било лесно. Цело време му бил послушен, дури и кога другите луѓе му го отежнувале тоа. Тој му останал верен на Јехова сѐ до својата смрт. Затоа Бог го вратил во живот за да живее засекогаш.

Тогаш, што би рекол ти, кој е нашиот најголем непријател?— Да, тоа е Сатана Ѓаволот. Можеш ли да го видиш?— Се разбира, не! Но, ние знаеме дека тој постои и дека е на повисока положба и помоќен е од нас. Сепак, кој е на повисока положба од Ѓаволот?— Јехова Бог. Затоа знаеме дека Бог може да нѐ заштити.

Прочитај за Оној што треба да го обожаваме: Второзаконие 30:19, 20; Исус Навин 24:14, 15; Пословици 27:11 и Матеј 4:10.