Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 9

Треба да им се спротивставиме на искушенијата

Треба да им се спротивставиме на искушенијата

ДАЛИ некогаш некој побарал од тебе да направиш нешто погрешно?— Дали те натерал да го направиш тоа? Или, дали ти кажал дека ќе биде забавно и дека сигурно нема да биде погрешно ако постапиш така?— Кога некој ни го прави тоа, тој се обидува да нѐ искуша.

Што треба да правиме кога некој нѐ искушува? Треба ли да попуштиме и да постапиме погрешно?— Тоа нема да му се допадне на Јехова Бог. Но, знаеш ли кој би бил среќен?— Да, Сатана Ѓаволот.

Сатана е непријател на Бог, а Сатана е и наш непријател. Ние не можеме да го видиме бидејќи тој е дух. Но, тој може да нѐ види нас. Еден ден Ѓаволот разговарал со Исус, Големиот Учител, и се обидел да го искуша. Да откриеме што направил Исус. Така ќе знаеме да постапиме исправно кога некој ќе нѐ искушува.

На што можеби Исус почнал да се сеќава кога се крстил?

Исус секогаш сакал да ја врши Божјата волја. Тој отворено го покажал тоа така што се крстил во реката Јордан. Веднаш по крштавањето на Исус, Сатана се обидел да го искуша. Библијата вели дека ‚небесата му се отвориле‘ на Исус (Матеј 3:16). Ова би можело да значи дека сега Исус почнал да се сеќава на сѐ во врска со својот претходен живот на небото кај Бог.

 По своето крштавање, Исус отишол во една пустелија за да размислува за работите на кои почнал да се сеќава. Поминале четириесет денови и ноќи. Сето тоа време Исус не јадел ништо, и така, веќе бил многу гладен. Токму во тој момент, Сатана се обидел да го искуша Исус.

Како Ѓаволот употребил камења за да го искуша Исус?

Ѓаволот рекол: „Ако си син Божји, кажи им на овие камења да станат лебови“. Колку само би било вкусно да се касне малку леб! Но, дали можел Исус да ги претвори камењата во лебови?— Да, можел. Зошто? Затоа што Исус, Божјиот Син, имал посебна моќ.

Дали ти ќе си претворел некој камен во леб ако Ѓаволот го побарал тоа од тебе?— Исус бил гладен. Тогаш, зарем не би било исправно да направи такво нешто барем еднаш?— Исус знаел дека е погрешно да ја користи својата моќ на таков начин. Јехова му дал таква моќ за да ги привлече луѓето кон Бог, а не да ја користи за себе.

Па така, наместо тоа, Исус му го рекол на Сатана она што е напишано во Библијата: ‚Нема да живее човек само од леб туку и од секој збор што излегува од Јеховината уста‘. Исус знаел дека да се прави она што му се допаѓа на Јехова е поважно дури и од тоа да се има храна за јадење.

Но, Ѓаволот повторно се обидел да го искуша. Го однел Исус во  Ерусалим и го ставил на еден висок дел од храмот. Потоа Сатана рекол: ‚Ако си син Божји, фрли се долу. Бидејќи е напишано дека Божјите ангели ќе те чуваат да не се повредиш‘.

Зошто Сатана го рекол ова?— За да го искуша Исус да направи нешто глупаво. Но, Исус пак не го послушал Сатана. Тој му рекол: ‚Напишано е: „Немој да го ставаш на испит Јехова, својот Бог“ ‘. Исус знаел дека е погрешно да го става на испит Јехова со тоа што ќе си го ризикува животот.

Сепак, Сатана не се откажал. Понатаму, тој го однел Исус на една многу висока планина. Таму му ги покажал сите царства, односно влади, на светот и нивната слава. Потоа, Сатана му рекол на Исус: „Сето ова ќе ти го дадам ако паднеш и ми извршиш чин на обожавање“.

Размисли за понудата на Ѓаволот. Дали сите царства, односно човечки влади, навистина му припаѓале на Сатана?— Па, Исус не рекол дека тие не се на Сатана. Ако Сатана не ги поседувал, Исус ќе го кажел тоа. Да, Сатана навистина е владетел на сите нации во светот. Библијата дури го нарекува „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31).

Зошто можел Сатана да му ги понуди на Исус сите овие царства?

Што би направил ти доколку Ѓаволот би ти ветил нешто ако би го обожавал?— Исус знаел дека е погрешно да го обожава Ѓаволот без разлика што ќе добиел од него. Затоа Исус рекол: ‚Бегај Сатано! Зашто Библијата вели Јехова твојот Бог да го обожаваш и да му служиш само нему‘ (Матеј 4:1-10; Лука 4:1-13).

Што ќе сториш ти ако некој те искушува?

И ние се соочуваме со искушенија. Знаеш ли кои се некои од нив?— Еве еден пример. Мама може да направи за десерт една вкусна пита или торта. Можеби ќе ти каже да не јадеш од неа додека не дојде време за јадење. Но, ти си многу гладен, па затоа можеби се наоѓаш во искушение да пробаш. Дали ќе ѝ бидеш послушен на мама?— Сатана сака да не ѝ бидеш послушен.

 Сети се на Исус. И тој бил многу гладен. Но, знаел дека да му се допадне на Бог е поважно од јадењето. Ти покажуваш дека си како Исус кога го правиш она што ти го вели мама.

Можеби други деца ќе те тераат да испиеш некои апчиња. Може да ти кажат дека од нив ќе ти биде многу убаво. Но, тие апчиња може да бидат дрога. Од неа може тешко да се разболиш, па дури и да умреш.  Можеби некој ќе ти даде цигара, во која исто така има дрога, и ќе те тера да пушиш. Што ќе направиш?—

Сети се на Исус. Сатана се обидел да го наведе да си го ризикува животот со тоа што му рекол да скокне од храмот. Но, Исус не го направил тоа. Што ќе сториш ти ако некој те тера да направиш нешто опасно?— Исус не го слушал Сатана. Не треба ни ти да слушаш некого што се обидува да те наведе да правиш лоши работи.

Зошто е погрешно да се користат ликови во обожавањето?

Можеби еден ден од тебе ќе се побара да извршиш чин на обожавање пред некој лик, нешто што Библијата вели дека не смееме да го правиме (Излез 20:4, 5). Тоа може да биде дел од некоја церемонија на училиште. Можеби ќе ти кажат дека дури нема да можеш веќе да одиш на училиште ако одбиеш да го сториш тоа. Што ќе направиш?—

Лесно е да се постапува исправно кога сите прават така. Но, да се прави она што е исправно може да биде прилично тешко кога другите се обидуваат да нѐ наведат да постапиме погрешно. Можеби велат дека она што тие го прават, всушност, и не е толку лошо. Но, најважното прашање е: ‚Што вели Бог за тоа?‘ Тој знае што е најдобро.

Сеедно што велат другите, ние никогаш не треба да правиме нешто што Бог вели дека е погрешно. На тој начин секогаш ќе го радуваме Бог, и никогаш нема да му угодиме на Ѓаволот.

Повеќе информации за тоа како да му се спротивставиш на искушението да постапиш погрешно може да се најдат во Псалм 1:1, 2; Пословици 1:10, 11; Матеј 26:41 и 2. Тимотеј 2:22.