Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 39

Бог не го заборава својот Син

Бог не го заборава својот Син

ИСУС плачел кога неговиот пријател Лазар умрел. Што мислиш, дали на Јехова му било тешко кога Исус страдал и умрел?— Библијата вели дека Бог може да биде ‚разжалостен‘, а некои работи што се случуваат може дури и да го ‚болат‘ (Псалм 78:40, 41NW; Јован 11:35).

Можеш ли да си ја замислиш болката што ја чувствувал Јехова додека гледал како умира неговиот драг Син?— Исус бил сигурен дека Бог нема да го заборави. Затоа последните зборови пред да умре му биле: „Татко, во твоите раце го доверувам својот [живот]“ (Лука 23:46).

Исус бил сигурен дека ќе биде воскреснат, дека нема да биде оставен „во пеколот“, односно во гробот. Откако Исус бил подигнат, апостол Петар го цитирал она што било напишано во Библијата за Исус, велејќи: „Душата Негова нема да се остави во пеколот и . . . телото Негово нема да види распаѓање“ (Дела 2:31; Псалм  15:10; обата ПСП). Не, воопшто немало време телото на Христос да се распадне во гробот и да замириса лошо.

Кога бил на земјата, Исус всушност им кажал на своите ученици дека нема да биде многу долго мртов. Им објаснил дека ќе ‚биде убиен, и на третиот ден ќе стане‘ (Лука 9:22). Затоа, всушност, учениците и не требало да бидат изненадени кога Исус бил воскреснат. Но, дали биле изненадени?— Ајде да видиме.

Петок е, околу три часот попладне. Големиот Учител умира на маченичкиот столб. Јосиф, еден богат член на Синедрионот, исто така тајно верува во Исус. Кога дознава дека Исус умрел, оди кај Пилат, римскиот управител. Тој прашува дали може да го симне од столбот телото на Исус за да го погребе. Потоа, Јосиф го носи телото на Исус во една градина каде што има гроб.

Откако го ставаат телото во гробот, на предната страна дотркалуваат голем камен. Така го затвораат гробот. Сега е третиот ден, недела. Сонцето уште не е изгреано, па затоа сѐ уште е темно. Крај гробот има луѓе што го чуваат. Главните свештеници ги испратиле таму. Знаеш ли зошто?—

И свештениците чуле како Исус рекол дека ќе биде воскреснат. Па затоа, за да ги спречат неговите ученици да го украдат телото и потоа да речат дека Исус бил подигнат од мртвите, свештениците стават чувари. Одеднаш, земјата почнува да се тресе. Во мракот блеснува зрак светлина. Тоа е Јеховин ангел! Војниците се толку уплашени што не можат да се помрднат. Ангелот оди до гробот и го отркалува каменот. Гробот е празен!

Зошто гробот е празен? Што се случило?

Да, токму така е како што подоцна рекол апостол Петар: „Бог го воскресна овој Исус“ (Дела 2:32). Бог го оживеал Исус и му дал тело какво што го имал пред да дојде на земјата. Тој бил воскреснат со духовно тело, какво што имаат  ангелите (1. Петрово 3:18). Значи, за да го видат луѓето, Исус мора да земе физичко тело. Го прави ли тоа?— Да видиме.

Сега сонцето веќе изгрева. Војниците се побегнати. Марија Магдалена и други жени што се ученици на Исус одат кон гробот. Тие си велат една на друга: ‚Кој ќе ни го отркала тој тежок камен?‘ (Марко 16:3). Но, кога стигнуваат до гробот, каменот е веќе отркалан. А гробот е празен! Мртвото физичко тело на Исус го нема! Марија Магдалена веднаш отрчува да најде некои од апостолите на Исус.

Другите жени остануваат кај гробот. Тие се прашуваат: ‚Каде би можело да биде телото на Исус?‘ Одеднаш се појавуваат двајца мажи во блескава облека. Тоа се ангели! Им велат на жените: ‚Зошто го барате Исус овде? Тој е подигнат од мртвите. Одете брзо и кажете им на неговите ученици‘. Можеш да си замислиш колку брзо трчаат жените! По патот ги среќава еден човек. Знаеш ли кој е тој?—

Тоа е Исус, кој зел физичко тело! И, тој им вели на жените: ‚Одете и кажете им на моите ученици‘. Жените се возбудени. Тие ги наоѓаат учениците и им велат: ‚Исус е жив! Го видовме!‘ Марија веќе им кажала на Петар и на Јован за празниот гроб. Сега и тие одат таму, како што можеш да видиш овде на сликава. Го гледаат лененото платно во кое бил завиткан Исус, но не знаат што да мислат. Сакаат да веруваат дека Исус повторно е жив, но тоа им изгледа премногу убаво за да биде вистинито.

За што можеби размислуваат Петар и Јован?

Подоцна истиот тој ден, недела, Исус им се појавува на двајца свои ученици што одат по патот кон селото Емаус. Исус оди и разговара со нив, но тие не го препознаваат бидејќи го нема истото физичко тело од порано. Го препознаваат дури кога Исус седнува да јаде со нив и кажува молитва. Учениците се толку возбудени што брзајќи се враќаат многу километри назад до Ерусалим! Можеби кратко по овој настан  Исус му се појавува на Петар за да му покаже дека е жив.

Потоа, истата неделна вечер подоцна, многу ученици се собрани во една соба. Вратата е заклучена. Одеднаш, Исус е тука, во собата со нив! Сега тие знаат дека Големиот Учител навистина повторно е жив. Замисли си само колку се среќни! (Матеј 28:1-15; Лука 24:1-49; Јован 19:38—20:21).

Во текот на 40 дена, Исус се појавува во различни физички тела за да им покаже на своите ученици дека е жив. Потоа си заминува од земјата и се враќа кај својот Татко на небото (Дела 1:9-11). Набрзо учениците почнуваат да им  кажуваат на сите дека Бог го подигнал Исус од мртвите. Дури и кога свештениците ги тепаат и убиваат некои од нив, тие и понатаму проповедаат. Знаат дека ако умрат, Бог нема да ги заборави исто како што не го заборавил својот Син.

За што размислуваат многумина во времето од годината кога воскреснал Исус? Но, за што размислуваш ти?

Колку само се разликувале тие рани ученици на Исус од многу луѓе денес! Во некои делови од светот, во времето од годината кога Исус бил воскреснат, овие луѓе мислат само на велигденските зајаци и на бојадисаните велигденски јајца. Но, Библијата не кажува ништо за велигденски зајаци и јајца. Таа ни кажува да му служиме на Бог.

Ние можеме да бидеме како учениците на Исус ако им кажуваме на луѓето дека Бог направил прекрасно нешто кога го воскреснал својот Син. Никогаш не треба да се плашиме, дури и ако луѓето речат дека ќе нѐ убијат. Ако се случи да умреме, Јехова нема да нѐ заборави и ќе нѐ воскресне, како што го воскреснал и Исус.

Зарем не сме среќни кога знаеме дека Бог не ги заборава оние што му служат и дека дури ќе ги воскресне од мртвите?— Тоа што ги знаеме овие работи треба нѐ поттикне да сакаме да дознаеме како можеме да го израдуваме Бог. Дали си знаел дека навистина можеме да го израдуваме?— Ајде како следно да позборуваме за ова.

Тоа што веруваме во воскресението на Исус треба да ја зацврсти нашата надеж и да ја зајакне нашата вера. Те молам, прочитај Дела 2:22-36; 4:18-20 и 1. Коринќаните 15:3-8, 20-23.