Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Учи од Големиот Учител

 ПОГЛАВЈЕ 4

Бог има име

Бог има име

ШТО е најчесто првото нешто за кое прашуваш кога првпат се среќаваш со некого?— Да, го прашуваш за името. Сите ние си имаме имиња. Бог му дал име на првиот човек на земјата. Го нарекол Адам. Жената на Адам ја нарекол Ева.

Но, немаат имиња само луѓето. Помисли само на другите работи што исто така имаат имиња. Кога некој ти дава кукла или некое милениче, му даваш име, нели?— Да, многу е важно да се има име.

Погледни ги многуте, многу ѕвезди навечер. Што мислиш, дали тие имаат имиња?— Да, Бог ѝ дал име на секоја ѕвезда на небото. Библијата ни кажува: „Тој го одредува бројот на ѕвездите, секоја ја наречува со нејзиното име“ (Псалм 147:4).

Дали си знаел дека сите ѕвезди имаат имиња?

Што би рекол ти, која е најважната личност во целата вселена?— Да, тоа е Бог. Што мислиш, дали тој има име?— Исус рекол дека има. Еднаш Исус во молитва му рекол на Бог: ‚Им го објавив твоето име на моите ученици‘ (Јован 17:26). Дали ти го знаеш Божјето име?— Самиот Бог ни го кажува. Тој вели: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“. Значи, Божјето име е ЈЕХОВА (Исаија 42:8NW).

Како ти е кога другите ќе ти го запомнат името?— Мило ти е, нели?— И Јехова сака луѓето да го знаат неговото име. Значи, треба да го користиме името Јехова кога зборуваме за Бог. Големиот Учител го користел Божјето име, Јехова, кога зборувал со луѓето. Еднаш Исус рекол: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце“ (Марко 12:30).

 Исус знаел дека „Јехова“ е многу важно име. Затоа ги поучил своите ученици да го користат Божјето име. Дури ги поучил и да зборуваат за Божјето име во своите молитви. Исус знаел дека Бог сака сите луѓе да го знаат Неговото име, Јехова.

Уште одамна Бог му ја покажал важноста на своето име на човекот Мојсеј, кој бил Израелец. Израелците живееле во земјата што се викала Египет. Луѓето од таа земја биле познати како Египќани. Тие ги направиле Израелците робови и биле многу лоши со нив. Кога пораснал, Мојсеј се обидел да му помогне на еден човек од својот народ. Тоа го разлутило фараонот, царот на Египет. Тој сакал да го убие Мојсеј! Затоа Мојсеј побегнал од Египет.

Мојсеј отишол во една друга земја. Тоа била земјата Мадијам. Таму Мојсеј се оженил и основал семејство.  Исто така, бил и овчар. Еден ден, додека Мојсеј бил зафатен околу своите овци во близина на една планина, видел нешто многу чудно. Една грмушка горела, но не изгорувала! Мојсеј се приближил за да види подобро за што се работи.

Знаеш ли што се случило?— Од среде грмушката што горела Мојсеј чул глас. Гласот повикал: „Мојсеј! Мојсеј!“ Кој го рекол тоа?— Бог бил тој што зборувал! Тој имал многу работа за Мојсеј. Му рекол: ‚Дојди и ќе те пратам кај фараонот, царот на Египет, и ќе го изведеш мојот народ, синовите на Израел, од Египет‘. Бог му ветил на Мојсеј дека ќе му помогне да го направи тоа.

Која важна работа ја научил Мојсеј кај грмушката што горела?

Но, Мојсеј му рекол на Бог: ‚Да речеме дека ќе одам кај синовите на Израел во Египет и ќе им кажам дека Бог ме испратил. Што ако тие ме прашаат: „Како му е името?“ Што да им кажам?‘ Бог му рекол на Мојсеј да им каже на синовите на Израел: ‚Јехова ме испрати кај вас, и тој ми рече  дека Јехова е неговото име засекогаш‘ (Излез 3:1-15NW). Ова покажува дека Бог ќе го задржел името Јехова. Немало никогаш да го смени. Бог сакал засекогаш да биде познат по своето име, Јехова.

На кој начин го објавил Бог своето име кај Црвеното Море?

Кога Мојсеј се вратил во Египет, Египќаните мислеле дека Јехова е само еден мал бог на Израелците. Не мислеле дека тој е Богот на целата земја. Затоа Јехова му рекол на царот на Египет: ‚Ќе го објавам моето име низ целата земја‘ (Излез 9:16). Јехова навистина го објавил своето име. Знаеш ли како?—

Па, тој преку Мојсеј ги извел Израелците од Египет. Кога дошле до Црвеното Море, Јехова направил сув пат низ него и Израелците преминале безбедно на суво копно. Но, откако фараонот и целата негова војска навлегле по сувото морско дно, водите што биле задржувани на двете страни паднале врз Египќаните, и сите умреле.

Набрзо луѓето по целата земја почнале да слушаат што сторил Јехова кај Црвеното Море. Од каде знаеме дека чуле за тоа?— Па, околу 40 години подоцна, Израелците дошле во Ханаан, земјата што  Јехова ветил дека ќе им ја даде. Таму младата Рава на двајца Израелци им рекла: „Чувме како [Јехова, NW] го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет“ (Исус Навин 2:10).

Денес многу луѓе се како тие Египќани. Не веруваат дека Јехова е Богот на целата земја. Затоа Јехова сака неговиот народ да им кажува на другите луѓе за него. Тоа го правел и Исус. Кон крајот на својот живот на земјата, тој во молитва  му рекол на Јехова: „Им го објавив твоето име“ (Јован 17:26).

Исус го објавил Божјето име. Можеш ли да го покажеш тоа име во Библијата?

Сакаш ли да бидеш како Исус? Тогаш, кажувај им на другите дека Божјето име е Јехова. Можеби ќе откриеш дека многу луѓе не го знаат тоа. Можеби ќе можеш да им го покажеш стихот во Библијата во Осија 12:5 (ПСП). Таму стои: „А Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“.

Што учиме додека го читаме ова?— Да, учиме дека Јехова е најважното име. Тоа е името на Семоќниот Бог, Таткото на Исус и Оној што ги направил сите работи. И, сети се, Исус рекол дека треба да го сакаме Јехова со сето свое срце. Го сакаш ли Јехова?—

Како можеме да покажеме дека го сакаме Јехова?— Еден начин е да го запознаеме како Пријател. Друг начин е да им кажуваме на другите кое е неговото име. Можеме да им покажеме директно од Библијата дека неговото име е Јехова. Исто така, можеме да им кажеме за прекрасните нешта кои Јехова ги создал и за добрите работи што ги направил. Ова многу го усреќува Јехова бидејќи тој сака луѓето да знаат за него. Можеме да го правиме тоа, нели?—

Нема секој да сака да слуша кога зборуваме за Јехова. Многу луѓе не слушале дури ни кога Исус, Големиот Учител, им зборувал за Него. Но, тоа не го спречило Исус да зборува за Јехова.

Затоа, да бидеме како Исус. Да продолжиме да зборуваме за Јехова. Ако го правиме тоа, Јехова Бог ќе биде задоволен со нас бидејќи покажуваме љубов кон неговото име.

Сега, да прочитаме заедно од Библијата уште неколку стихови што ја покажуваат важноста на Божјето име: Исаија 12:4, 5; Матеј 6:9; Јован 17:6 и Римјаните 10:13.