Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Сакаш ли да ја дознаеш вистината?

Сакаш ли да ја дознаеш вистината?

КОЈА вистина? Вистината за некои од најважните работи за кои размислуваат луѓето. Можеби и ти си го барал одговорот на следниве прашања:

  • Дали Бог е заинтересиран за нас?

  • Ќе има ли крај на војните и страдањата?

  • Што се случува кога човек ќе умре?

  • Има ли надеж за мртвите?

  • Кои молитви ги слуша Бог?

  • Како да бидам вистински среќен?

Каде би можел да го најдеш одговорот? Ако прашаш различни луѓе, ќе чуеш најразлични мислења. Во библиотеките или книжарниците можеш да најдеш стотици книги кои исто така тврдат дека ги имаат одговорите. Но, обично и тие содржат противречни информации. Некои, пак, се чини дека важат во еден момент, но за кратко време застаруваат и се ревидираат или се заменуваат со други.

Сепак, постои една книга која содржи веродостојни одговори. Тоа е книга на вистината. Во една молитва до Бог, Исус Христос рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Денес таа Реч е позната како Свето писмо или Библија. На следниве страници, во кратки црти се дадени јасните и точни библиски одговори на горенаведените прашања.

 Дали Бог е заинтересиран за нас?

ЗОШТО СЕ ПОСТАВУВА ОВА ПРАШАЊЕ: Живееме во суров и неправеден свет. Многу религии поучуваат дека страдањата се Божја волја.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Бог никогаш не предизвикува лоши работи. Во Јов 34:10 пишува: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ Всушност, Бог има прекрасна намера со луѓето. Затоа Исус нѐ поучил да се молиме: „Татко наш, кој си на небесата... да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Бог толку многу нѐ сака, што дури го жртвувал и својот Син за да ја оствари својата намера (Јован 3:16).

Види ги и стиховите во 1. Мојсеева 1:26-28; Јаков 1:13; 1. Петрово 5:6, 7.

Ќе има ли крај на војните и страдањата?

ЗОШТО СЕ ПОСТАВУВА ОВА ПРАШАЊЕ: Во војните и понатаму гинат безброј луѓе. А и секој од нас страдал на некој начин.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Бог прорекол дека ќе дојде време кога ќе воспостави мир на целата Земја. Под Божјето Царство, кое ќе владее од небото, луѓето „повеќе нема да учат да војуваат“ туку „ќе ги прековаат своите мечеви во плугови“ (Исаија 2:4). Бог ќе им стави крај на сите неправди и страдања. Библијата ветува: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано [вклучувајќи ги и денешните неправди и страдања], помина“ (Откровение 21:3, 4).

Види ги и стиховите во Псалм 37:10, 11; 46:9; Михеј 4:1-4.

Што се случува кога човек ќе умре?

ЗОШТО СЕ ПОСТАВУВА ОВА ПРАШАЊЕ: Повеќето религии во светот поучуваат дека во човекот има нешто што продолжува да живее и по смртта. Некои тврдат дека мртвите можат да им наштетат на живите или дека Бог ги казнува лошите луѓе со вечно мачење во пекол.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Кога човекот умира, едноставно престанува да постои. Во Проповедник 9:5 пишува: „Мртвите не се свесни за ништо“. Значи, тие повеќе не можат да слушаат, да гледаат, да зборуваат ниту да размислуваат за ништо. Затоа не можат ниту да им наштетат ниту да им помогнат на живите (Псалм 146:3, 4).

Види ги и стиховите во 1. Мојсеева 3:19; Проповедник 9:6, 10.

 Има ли надеж за мртвите?

ЗОШТО СЕ ПОСТАВУВА ОВА ПРАШАЊЕ: Сите сакаме да живееме и да му се радуваме на животот заедно со нашите најмили. Ако се случи некој од нив да умре, сосема е природно да имаме силна желба повторно да го видиме.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Повеќето луѓе што умреле ќе воскреснат. Исус ветил дека „оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Во склад со првобитната намера на Бог, воскреснатите ќе имаат можност да живеат во рај на Земјата (Исаија 65:21-25). Освен тоа, во иднина, луѓето што му се послушни на Бог ќе имаат совршено здравје и ќе живеат вечно. Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).

Види ги и стиховите во Јов 14:14, 15; Лука 7:11-17; Дела 24:15.

Кои молитви ги слуша Бог?

ЗОШТО СЕ ПОСТАВУВА ОВА ПРАШАЊЕ: Луѓето од речиси сите религии се молат. Сепак, мнозина мислат дека никој не им одговара на молитвите.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Исус нѐ поучил да не повторуваме едни исти зборови во нашите молитви. Тој рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто“ (Матеј 6:7). Ако сакаме Бог да ни ги слушне молитвите, мора да се молиме онака како што сака тој. Затоа, треба да дознаеме која е Божјата волја и потоа да се молиме во склад со неа. Во 1. Јованово 5:14 пишува: „Што и да бараме во склад со неговата волја, [Бог] нѐ слуша“.

Види ги и стиховите во Псалм 65:2; Јован 14:6, 14; 1. Јованово 3:22.

Како да бидам вистински среќен?

ЗОШТО СЕ ПОСТАВУВА ОВА ПРАШАЊЕ: Многу луѓе мислат дека ќе бидат среќни ако се богати, славни или убави. Затоа прават сѐ за да ги стекнат тие работи, но на крајот сфаќаат дека пак не се среќни.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Исус јасно кажал што е клучот за среќата: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28). Ќе бидеме вистински среќни само ако направиме сѐ што е потребно за да ја задоволиме нашата најважна потреба — жедта за духовната вистина за Бог и неговата намера со нас. Таа вистина се наоѓа во Библијата. Доколку ја знаеме, ќе сфатиме што навистина е важно, а што не. Ако нашите одлуки и постапки се во склад со библиската вистина, ќе водиме поисполнет живот.

Види ги и стиховите во Изреки 3:5, 6, 13-18; 1. Тимотеј 6:9, 10.

 Овде само накратко ги разгледавме библиските одговори на овие шест прашања. Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе? Ако си еден од оние што ја бараат вистината, сигурно сакаш. Можеби имаш и други прашања. На пример: ‚Ако Бог навистина ги сака луѓето, зошто дозволил да има толку зло и страдање низ историјата? Како можам да имам посреќен семеен живот?‘ Библијата дава целосен и јасен одговор на овие и на многу други прашања.

Сепак, мнозина денес не се баш спремни да ја испитаат Библијата. За нив таа е само една голема книга што тешко се разбира. Сакаш ли некој да ти помогне да ги најдеш одговорите во Библијата? Јеховините сведоци можат да го сторат тоа.

Тие би можеле да ти ја дадат книгата Што навистина учи Библијата? Таа е наменета да им даде јасни библиски одговори за важните прашања на луѓето кои обично немаат многу време. Освен тоа, некој Јеховин сведок може бесплатно да ја проучува Библијата со тебе. Би можеле кратко да проучувате секоја седмица кај тебе дома или на некое друго место каде што ти одговара. На милиони луѓе во светот им помогнало тоа што ја проучувале Библијата на таков начин. Мнозина од нив биле пресреќни што можеле да кажат: „Конечно ја најдов вистината!“

Библиската вистина е најголемото богатство што може да се најде. Таа нѐ ослободува од суеверие, несигурност и претеран страв. Ни дава надеж, радост и смисла во животот. Исус рекол: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).