Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ЕДИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Зошто Бог ги допушта страдањата?

Зошто Бог ги допушта страдањата?
  • Дали Бог ги предизвикува страдањата во светот?

  • Кое спорно прашање било подигнато во еденската градина?

  • Како Бог ќе ги отстрани последиците од човечкото страдање?

1, 2. Какви страдања доживуваат луѓето денес, и кои прашања си ги поставуваат многумина поради тоа?

ПО ЕДНА страшна битка што се водела во една земја погодена од војна, илјадници загинати жени и деца биле закопани во масовна гробница околу која биле ставени крстови. На секој од нив пишувало: „Зошто?“ Понекогаш ова е најболното прашање. Луѓето тажно го поставуваат кога некој од нивните блиски ќе настрада како недолжна жртва на војните, природните катастрофи, болестите или криминалот, кога ќе го изгубат својот дом или кога на некој друг начин ќе доживеат неописливо страдање. Тогаш сакаат да знаат зошто им се случуваат такви трагедии.

2 Зошто Бог ги допушта страдањата? Ако Јехова Бог е семоќен, ако нѐ сака, ако е мудар и ако е праведен, зошто во светот има толку многу омраза и неправди? Дали некогаш и ти си ги поставил овие прашања?

3, 4. а) Што покажува дека не е погрешно да се прашаме зошто Бог ги допушта страдањата? б) Како гледа Јехова на злото и на страдањата?

3 Дали е погрешно да се прашаме зошто Бог ги допушта страдањата? Некои си мислат дека, ако го постават  тоа прашање, ќе покажат дека немаат доволно вера или дека не го почитуваат Бог. Меѓутоа, ако ја читаш Библијата, ќе откриеш дека и некои верни, богобојазливи луѓе ги мачеле слични прашања. На пример, пророкот Авакум го прашал Јехова: „Зошто ме тераш да гледам зло и зошто гледаш неволја? Зошто се пљачката и насилството пред мене, зошто настануваат препирки и зошто избиваат караници?“ (Авакум 1:3).

Јехова ќе му стави крај на сето страдање

4 Дали Јехова го прекорил верниот пророк Авакум за тоа што ги поставил овие прашања? Не. Наместо тоа, Бог дозволил искрените зборови на Авакум да станат дел од вдахновениот библиски запис. Исто така, Бог му помогнал подобро да ги разбере работите и да си ја зацврсти верата. Јехова сака да го направи истото и за тебе. Сети се, Библијата вели дека ,тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7). Бог ги мрази злото и страдањата многу повеќе од кој и да е човек (Исаија 55:8, 9). Тогаш, зошто во светот има толку многу страдања?

ЗОШТО ИМА ТОЛКУ МНОГУ СТРАДАЊА?

5. Какво објаснување понекогаш се дава за тоа зошто луѓето страдаат, но што вели Библијата?

5 Луѓето од различни религии ги прашуваат своите верски водачи и учители зошто има толку многу  страдања. Честопати добиваат одговор дека страдањето е Божја волја и дека Бог уште одамна предодредил сѐ што ќе се случи, вклучувајќи ги и трагичните настани. Мнозина добиваат одговор дека Божјите патишта се тајна или дека Бог ја предизвикува смртта на луѓето — дури и на децата — и ги зема кај себе на небото. Но, како што веќе видовме, Јехова Бог никогаш не предизвикува лоши работи. Библијата вели: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10).

6. Зошто многу луѓе погрешно го обвинуваат Бог за страдањата во светот?

6 Дали знаеш зошто луѓето погрешно го обвинуваат Бог за сите страдања во светот? Најчесто, тие го обвинуваат Семоќниот Бог затоа што мислат дека тој е вистинскиот владетел на овој свет. Не знаат една едноставна, но важна вистина што ни ја кажува Библијата. Ти ја дозна таа вистина од третото поглавје од оваа книга. Вистинскиот владетел на овој свет е Сатана Ѓаволот.

7, 8. а) Како светот ги одразува особините на својот владетел? б) На кој начин човечката несовршеност, како и „времето и непредвидените настани“, се причина за страдање?

7 Библијата јасно вели: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Кога ќе размислиш малку, зарем тоа не ти звучи логично? Овој свет ги одразува особините на невидливото духовно суштество што „го заведува целиот свет“ (Откровение 12:9). Сатана е измамник, суров и полн со омраза. Затоа и светот што е под негово влијание е полн со измама, суровост и омраза. Тоа е една причина зошто има толку многу страдања.

8 Друга причина зошто има толку многу страдања е тоа што, како што видовме во третото поглавје, луѓето се несовршени и грешни уште од побуната во еденската градина. Грешните луѓе се склони да се борат за власт, а тоа води до војни, угнетување и страдања (Проповедник 4:1; 8:9). Трета причина за страдањето се „времето и непредвидените настани“. (Прочитај Проповедник 9:11.)  Јехова денес не го штити светот, и затоа луѓето може да настрадаат ако се најдат на погрешно место во погрешно време.

9. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова има добра причина што и понатаму ги допушта страдањата?

9 Утешно е да знаеме дека Бог не ги предизвикува страдањата. Тој не е виновен за војните, криминалот, угнетувањето, па дури ни за природните катастрофи во кои страдаат многу луѓе. Сепак, треба да знаеме зошто Јехова го допушта сето тоа страдање. Ако е Семоќен, тогаш има моќ да му стави крај. Но зошто не му стави крај? Богот на љубовта што го запознавме мора да има добра причина за тоа (1. Јованово 4:8).

ЕДНО ВАЖНО СПОРНО ПРАШАЊЕ

10. Што довел во прашање Сатана, и како?

10 За да дознаеме зошто Бог ги допушта страдањата, треба да се вратиме во времето кога тие започнале. Кога Сатана ги навел Адам и Ева да му бидат непослушни на Јехова, било подигнато едно важно прашање. Сатана не ја оспорил Јеховината моќ. Дури и тој знае дека Јехова има неограничена моќ. Сатана, всушност, го довел во прашање Јеховиното право да владее. Со тоа што го прикажал Бог како лажливец кој им скратува нешто добро на своите поданици, Сатана го обвинил Јехова дека е лош владетел. (Прочитај 1. Мојсеева 3:2-5.) Со ова сакал да каже дека на луѓето ќе им биде подобро ако Бог не владее со нив. Тоа било напад на Јеховиното право да владее.

11. Зошто Јехова едноставно не ги уништил бунтовниците во Еден?

11 Адам и Ева се побуниле против Јехова. На некој начин, како да рекле: ,Не ни треба Јехова да владее со нас. Сами можеме да одлучуваме што е исправно, а што погрешно‘. Како ќе го реши Јехова овој спор? Како ќе им покаже на сите живи суштества обдарени со разум дека бунтовниците не се во право и дека неговото водство е најдобро? Некој можеби ќе рече дека Бог требало  едноставно да ги уништи бунтовниците и да започне сѐ од почеток. Но, Јехова веќе кажал дека неговата намера е Земјата да се наполни со потомци на Адам и Ева, кои ќе живеат на неа во рај (1. Мојсеева 1:28). Јехова секогаш ги исполнува своите намери (Исаија 55:10, 11). Освен тоа, ако ги уништел бунтовниците во Еден, немало да биде одговорено прашањето дали тој има право да владее над сѐ.

12, 13. Објасни со пример зошто Јехова му дозволил на Сатана да владее со овој свет и зошто им дозволил на луѓето да владеат сами.

12 Да разгледаме еден пример. Замисли си дека еден наставник им објаснува на учениците како да решат некоја тешка задача. Еден паметен, но бунтовен ученик тврди дека наставникот не ја решава исправно задачата. Тој сака да ги наведе другите да мислат дека наставникот не е способен, и затоа тврди дека знае многу подобро да ја реши задачата. Некои од учениците му веруваат, па и тие застануваат на негова страна. Што ќе направи наставникот? Ако ги истера од час, што ќе помислат другите ученици? Нема ли да мислат дека тој ученик и оние што му се придружиле се во право? Сите други ученици  во класот би можеле да изгубат почит кон наставникот, мислејќи дека му е страв да не се докаже дека не ја решава задачата исправно. Но, да претпоставиме дека наставникот нема да го истера бунтовникот, туку ќе му дозволи да покаже пред целиот клас како тој би ја решил задачата.

Дали ученикот знае повеќе од учителот?

13 Јехова постапил слично како тој наставник. Сети се дека бунтовниците во Еден не биле единствените што биле вклучени во тој настан. Милиони ангели гледале што се случува (Јов 38:7; Даниел 7:10). Начинот на кој Јехова ќе реагирал на побуната многу ќе влијаел врз сите тие ангели, а со текот на времето и врз сите други суштества обдарени со разум. Што направил Јехова? Му дозволил на Сатана да покаже како тој би владеел со човештвото. Исто така, Бог им дозволил на луѓето да владеат сами под влијание на Сатана.

14. Каква полза има од тоа што Јехова одлучил да им дозволи на луѓето да владеат сами?

14 Наставникот од нашиот пример знае дека бунтовникот и учениците што се на негова страна не се во право. Но, тој исто така знае дека, ако им даде прилика да го докажат своето тврдење, тоа ќе му биде од полза на целиот клас. На крајот, кога ќе се види дека бунтовниците не се во право, сите непристрасни ученици ќе се уверат дека само наставникот знае најдобро да го води класот. А ако и во иднина некој ученик се побуни и наставникот го истера од часот, на сите ќе им биде јасно зошто го прави тоа. На сличен начин, Јехова знае дека на сите непристрасни луѓе и на ангелите ќе им биде од полза да видат дека Сатана и другите што се бунтуваат заедно со него не се во право и дека луѓето не можат да владеат сами без Божја помош. Исто како пророкот Еремија, тие ќе се уверат во една многу важна вистина: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).

 ЗОШТО ТОЛКУ ДОЛГО?

15, 16. а) Зошто Јехова допуштил страдањето да трае толку долго? б) Зошто Јехова не ги спречил лошите работи, како што се ужасните злосторства?

15 Но, зошто Јехова дозволил страдањето да трае толку долго? И зошто не ги спречува лошите работи? Па, да видиме кои две работи не ги направил наставникот од нашиот пример. Прво, не го спречил бунтовниот ученик да покаже како ќе ја реши задачата. И второ, не му помогнал да ја реши. Слично на тоа, и Јехова одлучил да не направи две работи. Прво, не го спречил Сатана и оние што застанале на негова страна да се обидат да докажат дека се во право. Но, за тоа било неопходно да им даде време. Во текот на неколкуте илјади години човечка историја, луѓето можеле да го испробаат секој можен облик на владеење. Точно е дека е постигнат извесен напредок во науката и на други полиња, но има и сѐ повеќе неправди, сиромаштија, криминал и војни. Се докажало дека луѓето не можат успешно да владеат сами без Божја помош.

16 Второ, Јехова не му помага на Сатана да владее со овој свет. На пример, кога Бог би ги спречил ужасните злосторства, зарем со тоа не би им помогнал на бунтовниците да докажат дека се во право? Зарем не би ги навел луѓето да помислат дека можеби сепак можат да владеат сами без некои страшни последици? Кога би постапил така, Јехова би станал соучесник во лага. Меѓутоа, ,невозможно е Бог да лаже‘ (Евреите 6:18).

17, 18. Што ќе направи Јехова со сета штета што произлегла од владеењето на луѓето и од влијанието на Сатана?

17 Но, зар во текот на долгата побуна против Бог не била нанесена огромна штета? Да, но не треба да заборавиме дека Јехова е семоќен. Тој не само што може да ги отстрани сите последици од човечкото страдање, туку и ќе го стори тоа. Како што веќе видовме, со тоа што Земјата ќе биде претворена во рај, нема да има ни трага од уништувањето на нашата планета. Последиците  од гревот ќе бидат отстранети на темел на верата во Исусовата откупна жртва, а со воскресението нема да остане ни трага од последиците од смртта. На тој начин, преку Исус, Бог ќе ги „уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8). Јехова ќе го направи сето ова во право време. Треба да сме среќни што не го направил тоа порано бидејќи благодарение на неговата стрпливост сме можеле да ја дознаеме вистината и да му служиме. (Прочитај 2. Петрово 3:9, 10.) Во меѓувреме, Бог ги бара искрените луѓе што сакаат да му служат и им помага да ги поднесат сите страдања што можеби ќе ги доживеат во овој немирен свет (Јован 4:23; 1. Коринќаните 10:13).

18 Некои можеби ќе се прашаат: ,Зарем немало да се избегне сето тоа страдање ако Бог ги создал Адам и Ева на таков начин што воопшто не би можеле да се побунат?‘ За да добиеш одговор на ова прашање, сети се на еден скапоцен дар што ти го дал Јехова.

КАКО ЌЕ ГО УПОТРЕБИШ ДАРОТ ОД БОГ?

Бог ќе ти помогне да ги поднесеш страдањата

19. Кој скапоцен дар ни го дал Јехова, и зошто треба да го цениме?

19 Како што видовме во петтото поглавје, луѓето биле создадени со слободна волја. Дали сфаќаш колку е скапоцен тој дар? Бог создал безброј животни, и тие главно се водат по инстинкт (Изреки 30:24). Човекот направил роботи што можат да се програмираат да ја извршат секоја наредба. Но, дали ние би биле среќни ако Бог нѐ создал такви? Не. Радосни сме што имаме слобода да избереме каква личност ќе бидеме, како ќе живееме, со кого ќе се дружиме и  слично. Ние сакаме да имаме извесна слобода, а токму тоа го сака и Бог.

20, 21. Како можеме да ја искористиме на најдобар можен начин слободната волја што ни е подарена, и зошто треба да го направиме тоа?

20 Јехова не сака да му служиме сосила (2. Коринќаните 9:7). Да земеме еден пример: Што ќе му биде помило на еден родител — детето да му рече „те сакам“ затоа што некој го натерал да каже така или затоа што го мисли тоа искрено, од срце? Значи, се поставува едно многу важно прашање: Како ќе ја користиш ти слободната волја што ти ја дал Јехова? Сатана, Адам и Ева ја искористиле на најлошиот можен начин. Тие го отфрлиле Јехова Бог. Што ќе направиш ти?

21 Ти имаш прилика да го искористиш овој прекрасен дар, слободната волја, на најдобар можен начин. Можеш да им се придружиш на милионите луѓе што застанале на Јеховината страна. Тие го радуваат Бог затоа што докажуваат дека Сатана е лажливец и лош владетел (Изреки 27:11). И ти можеш да го израдуваш Бог ако тргнеш по прав пат во животот. За тоа ќе стане збор во следното поглавје.

Нешто повеќе

БИБЛИСКИ КУРС

Зошто да ја проучуваш Библијата?

Библијата им помогнала на милиони луѓе низ целиот свет да ги дознаат одговорите на најважните прашања. Дали би сакал да ги дознаеш и ти?