Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ДОДАТОК

Што е Судниот ден?

Што е Судниот ден?

КАКО си го замислуваш Судниот ден? Мнозина мислат дека милиони луѓе ќе доаѓаат еден по еден пред Божјиот престол. Таму ќе биде суден секој поединечно. Некои ќе бидат наградени со живот во рај на небото, а други ќе бидат осудени на вечно мачење. Меѓутоа, Библијата дава една сосема поинаква слика за тоа време. Божјата Реч не го прикажува како некој страшен временски период, туку како време на надеж и обнова.

 Во Откровение 20:11, 12 читаме како апостол Јован го опишува Судниот ден: „Видов еден голем бел престол и оној што седи на него. Пред него побегнаа земјата и небото, и за нив не се најде повеќе место. И ги видов мртвите, големите и малите, како стојат пред престолот, и свитоци се отворија. А се отвори и еден друг свиток — свитокот на животот. И мртвите беа судени според нивните дела на темел на она што е напишано во свитоците“. Кој е Судијата што е опишан овде?

Јехова Бог е врховниот Судија над целото човештво. Меѓутоа, самото судење му го доверува на некој друг. Според Дела 17:31, апостол Павле рекол дека Бог ,определил ден во кој наумил да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одредил за тоа‘. Тој Судија е воскреснатиот Исус Христос (Јован 5:22). Но, кога започнува Судниот ден? Колку долго трае?

Книгата Откровение покажува дека Судниот ден започнува по војната Армагедон, кога ќе биде уништен Сатановиот поредок на Земјата * (Откровение 16:14, 16; 19:19 — 20:3). По Армагедон, Сатана и неговите демони ќе бидат затворени во бездна илјада години. За тоа време, 144.000 небесни совладетели ќе бидат судии и ќе ,царуваат со Христос илјада години‘ (Откровение 14:1-3; 20:1-4; Римјаните 8:17). Судниот ден не е нешто што ќе се случи брзо и што ќе заврши за само 24 часа. Тој ќе трае илјада години.

Во текот на тој илјадагодишен период, Исус Христос ќе „им суди на живите и на мртвите“ (2. Тимотеј 4:1). „Живите“ се ,големото мноштво‘ што ќе го преживее Армагедон (Откровение 7:9-17). Апостол Јован ги видел и ,мртвите како стојат пред [судискиот] престол‘. Како што ветил Исус, „сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Христовиот] глас и ќе излезат“ со тоа што ќе бидат воскреснати (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Но, врз која основа ќе им се суди?

Во видението што го добил апостол Јован ,биле отворени  свитоци‘, а ,мртвите биле судени според нивните дела на темел на она што било напишано во свитоците‘ (Откровение 20:12). Дали во тие свитоци е запишано она што луѓето го правеле во минатото? Не, тие нема да бидат судени врз основа на она што го правеле пред да умрат. Од каде го знаеме тоа? Библијата вели: „Оној што умрел, ослободен е од својот грев“ (Римјаните 6:7). Значи, на оние што ќе воскреснат ќе им бидат избришани сите гревови од минатото. Според тоа, свитоците сигурно ги претставуваат новите барања што ќе ги постави Бог за луѓето. За да живеат вечно, и оние што ќе го преживеат Армагедон и воскреснатите ќе мора да ги слушаат Божјите заповеди, вклучувајќи ги и сите нови барања што Јехова можеби ќе ги открие во текот на тие илјада години. Значи, на луѓето ќе им се суди врз основа на она што ќе го прават во текот на Судниот ден.

Во Судниот ден, милијарди луѓе првпат ќе имаат можност да дознаат која е Божјата волја и да го усогласат својот живот со неа. Тоа значи дека ќе треба да бидат поучени огромен број луѓе. Да, „оние што живеат на земјата ќе се учат на праведност“ (Исаија 26:9). Меѓутоа, нема сите да сакаат да го усогласат својот живот со Божјата волја. Во Исаија 26:10 стои: „Ако му се укаже милост на злиот, тој нема да се научи на праведност. Во земјата на праведноста тој ќе врши неправда и нема да ја види возвишеноста на Јехова“. Тие злобни луѓе ќе бидат засекогаш погубени додека сѐ уште трае Судниот ден (Исаија 65:20).

До крајот на Судниот ден, сите оние што ќе останат живи ќе станат совршени и со тоа ќе ,оживеат‘ во потполна смисла на зборот (Откровение 20:5). Значи, во текот на Судниот ден човештвото повторно ќе стане совршено, како што било во почетокот (1. Коринќаните 15:24-28). Тогаш ќе следи последниот испит. Сатана ќе биде пуштен од бездната и за последен пат ќе му биде дозволено да се обиде да ги заведе луѓето (Откровение 20:3, 7-10). Оние што нема да му подлегнат, ќе го доживеат целосното исполнување на библиското ветување: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Да, Судниот ден ќе биде благослов за сите верни луѓе!

^ пас. 3 За Армагедон можеш да прочиташ во книгите Увид во Светото писмо, том 1, страници 594-595; 1037-1038 (англ.), и Обожавај го единствениот вистински Бог, 20. поглавје. Двете публикации се издадени од Јеховините сведоци.

 

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА

Што е крајот?

Дали си знаел дека тоа што ни го открива Библијата за крајот е добра вест?