Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ВТОРО ПОГЛАВЈЕ

Библијата — книга од Бог

Библијата — книга од Бог
  • Во кои работи Библијата се разликува од сите други книги?

  • Како може Библијата да ти помогне да ги решиш проблемите?

  • Зошто можеш да имаш доверба во пророштвата што се запишани во Библијата?

1, 2. Зошто може да се рече дека Библијата е скапоцен подарок од Бог?

МОЖЕШ ЛИ да се сетиш на моментот кога некој драг пријател ти подарил нешто убаво? Веројатно си се воодушевил и многу си се израдувал. Подарокот, всушност, ти кажува нешто за оној што ти го дал — дека го цени вашето пријателство. Сигурно си му се заблагодарил на твојот пријател за подарокот со кој ти укажал внимание.

2 Библијата е подарок од Бог, дар за кој треба да бидеме многу благодарни. Оваа извонредна книга ни открива работи што без неа никогаш не би ги дознале. На пример, таа ни кажува за создавањето на ѕвезденото небо, на Земјата и на првите маж и жена. Библијата содржи проверени начела што ни помагаат да излеземе на крај со животните грижи и проблеми. Ни објаснува како Бог ќе ја исполни својата намера и како ќе се погрижи да завладеат подобри услови на Земјата. Библијата е навистина многу скапоцен подарок што нѐ воодушевува!

3. Што ни кажува за Јехова тоа што ни ја дал Библијата, и зошто многу ѝ се радуваме на оваа книга?

3 Библијата е и подарок на кој многу му се радуваме затоа што открива нешто за оној што ни го дал, Јехова  Бог. Тоа што ни подарил една таква книга е доказ дека сака добро да го запознаеме. Да, Библијата може да ти помогне да се зближиш со Јехова.

4. Што ти остава особен впечаток во врска со раширеноста на Библијата?

4 Можеби и ти, како и многу други луѓе, имаш Библија. Целата Библија или некои нејзини делови се издадени на околу 2.600 јазици и затоа можат да ја имаат над 90 проценти од луѓето во светот. Во просек, секоја седмица се раздаваат по повеќе од милион Библии! Отпечатени се милијарди примероци од целата Библија или од некој нејзин дел. Со сигурност може да се каже дека ниедна друга книга не е како Библијата.

,Светото писмо — превод Нов свет‘ го има на многу јазици

5. Во која смисла Библијата е ,вдахновена од Бог‘?

5 Освен тоа, Библијата е ,вдахновена од Бог‘. (Прочитај 2. Тимотеј 3:16.) Во која смисла? Самата Библија го дава одговорот: „Луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21). Да го објасниме тоа со еден пример: Директорот ѝ вели на секретарката да напише писмо. Во него таа ги запишува мислите и упатствата од директорот.  Значи, писмото е негово, а не на секретарката. Слично на тоа, пораката што ја содржи Библијата е од Бог, а не од луѓето што ја запишале. Затоа, може да се каже дека целата Библија е навистина „реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13).

СКЛАДНА И ТОЧНА

6, 7. Зошто складноста на Библијата е толку значајна?

6 Библијата била пишувана во период од околу 1.600 години. Луѓето што ја пишувале живееле во различно време и потекнувале од различни општествени слоеви. Некои биле земјоделци, рибари или овчари. Други биле пророци, судии или цареви. Лука, кој напишал едно евангелие, бил лекар. Иако ја пишувале луѓе со различно потекло, Библијата е складна од почеток до крај. *

7 Првата книга од Библијата ни кажува како започнале човечките проблеми. Последната книга ни покажува дека целата Земја ќе стане рај, односно прекрасна градина. Библијата опфаќа илјадници години од човечката историја и ни помага да разбереме која е Божјата намера и како ќе се оствари. Складноста на Библијата е навистина впечатлива, но токму тоа и би го очекувале од една книга што е од Бог.

8. Кои примери покажуваат дека Библијата е научно точна?

8 Библијата е научно точна. Таа содржи дури и информации што биле далеку пред нејзиното време. На пример, во книгата Трета Мојсеева се запишани законите за карантин и за хигиена што му биле дадени на древниот Израел уште во времето кога околните народи не знаеле ништо за тоа. Во време кога постоеле погрешни сфаќања во врска со обликот на Земјата, во Библијата пишувало дека таа е круг, односно топка (Исаија 40:22).  Во неа било точно кажано дека Земјата е „обесена на ништо“ (Јов 26:7). Се разбира, Библијата не е научна книга. Но, кога спомнува научни теми, таа наведува точни податоци. Зарем не би го очекувале тоа од една книга што е од Бог?

9. а) Како Библијата покажува дека е историски точна и веродостојна? б) Што ти кажува за Библијата искреноста на нејзините писатели?

9 Освен тоа, Библијата е и историски точна и веродостојна. Нејзините извештаи се детални. Во нив не се наведени само имиња на луѓе туку се дадени и нивните семејни лози. * За разлика од световните историчари, кои честопати не ги спомнуваат поразите на својот народ, библиските писатели биле искрени и ги запишале дури и сопствените грешки, како и грешките на својот народ. На пример, во библиската книга Четврта Мојсеева, Мојсеј признава дека направил една сериозна грешка поради која бил строго прекорен (4. Мојсеева 20:2-12). Таква искреност ретко се сретнува во други историски извештаи, но ја наоѓаме во Библијата затоа што таа е книга од Бог.

ПРАКТИЧНА И МУДРА КНИГА

10. Зошто не треба да нѐ чуди тоа што Библијата е практична книга?

10 Бидејќи Библијата е вдахновена од Бог, таа е ,корисна за поучување, за укорување и за поправање‘ (2. Тимотеј 3:16). Да, Библијата е практична книга. Од она што е запишано во неа може да се види дека оној што ја напишал добро ја разбира човечката природа. Тоа воопшто не треба да нѐ чуди затоа што нејзиниот Автор, Јехова Бог, е нашиот Творец! Тој ги разбира нашите мисли и чувства подобро од самите нас. Освен тоа, Јехова знае што ни е потребно за да бидеме среќни. Исто така, знае што не е добро за нас.

11, 12. а) Кои теми ги опфатил Исус во својата Проповед на Гората? б) За кои други практични работи се зборува во Библијата, и зошто нејзините совети никогаш не застаруваат?

 11 Размисли за говорот на Исус кој е познат како Проповед на Гората, а е запишан во Матеј, поглавја од 5 до 7. Во тој истакнат говор Исус опфатил многу теми. На пример, зборувал за тоа како да се пронајде вистинска среќа, како да се решаваат несогласувањата, како да се молиме и како да имаме исправно гледиште за материјалните работи.  Зборовите на Исус се подеднакво силни и практични денес како што биле и тогаш кога ги кажал.

12 Некои библиски начела се однесуваат на семејниот живот, на работните навики и на меѓучовечките односи. Начелата од Библијата важат за сите луѓе и нејзините совети секогаш се корисни. Од она што Бог го рекол преку пророкот Исаија може да се види зошто Библијата содржи толкава мудрост: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17).

КНИГА НА ПРОРОШТВА

Библискиот писател Исаија го прорекол падот на Вавилон

13. Кои детали во врска со Вавилон ги запишал пророкот Исаија под вдахновение од Јехова?

13 Библијата содржи бројни пророштва, и многу од нив веќе се исполниле. Да разгледаме еден пример. Преку пророкот Исаија, кој живеел во осмиот век пр.н.е., Јехова прорекол дека градот Вавилон ќе биде уништен (Исаија 13:19; 14:22, 23). Биле дадени детали за тоа како точно ќе биде освоен тој град. Непријателските војски ќе ја исушеле реката што течела низ Вавилон и ќе влегле во градот без борба. Но, тоа не е сѐ. Во своето пророштво Исаија го кажал дури и името на царот што ќе го освоел Вавилон. Тој цар ќе се викал Кир. (Прочитај Исаија 44:27 — 45:2.)

14, 15. Како се исполниле некои детали од пророштвото на Исаија во врска со Вавилон?

14 Околу 200 години подоцна — ноќта помеѓу 5 и 6 октомври 539 пр.н.е. — една војска се улогорила во близината на Вавилон. Кој заповедал со неа? Еден персиски цар по име Кир. Со тоа била поставена сцената за да се исполни едно неверојатно пророштво. Но, дали војската на Кир ќе влезе во Вавилон без борба, како што било проречено?

15 Таа ноќ, Вавилонците имале гозба и се чувствувале безбедни зад дебелите и високи градски ѕидови. Во меѓувреме, досетливиот Кир го свртел текот на реката што течела низ градот. За кратко време таа станала толку плитка што неговите војници можеле да го прегазат речното  корито и да дојдат до градските ѕидови. Но, како војската на Кир ќе влезе во градот? Од некоја причина, таа ноќ градската порта немарно била оставена отворена!

16. а) Што прорекол Исаија за крајот на Вавилон? б) Како се исполнило пророштвото на Исаија во врска со опустошувањето на Вавилон?

16 За Вавилон било проречено: „Никогаш повеќе нема да биде населен, ќе го нема повеќе во ниту едно идно поколение. Арапот таму нема да го распнува својот шатор и овчарите нема да ги водат своите стада таму за да пладнуваат“ (Исаија 13:20). Со ова пророштво не бил проречен само падот на градот. Во него било кажано дека Вавилон ќе биде опустошен засекогаш. Денес можат да се видат докази дека овие зборови се исполниле. На околу 80 километри јужно од Багдад, во Ирак, се наоѓаат урнатините на древниот Вавилон, кои и ден-денес се ненаселени. Тоа е доказ дека се исполнило она што Јехова го кажал преку Исаија: „Ќе го изметам со метлата на уништувањето“ (Исаија 14:22, 23). *

Урнатините на Вавилон

17. Како исполнувањето на библиските пророштва ни ја зајакнува верата?

 17 Зар не ни се зајакнува верата кога размислуваме за тоа дека Библијата е книга на веродостојни пророштва? Штом Јехова Бог ги исполнил своите ветувања во минатото, можеме да бидеме сосема уверени дека ќе го исполни и ветувањето дека еден ден Земјата ќе стане рај. (Прочитај 4. Мојсеева 23:19.) Навистина, имаме ,надеж во вечен живот, кој го вети Бог, кој не може да лаже, уште во дамнешно време‘ (Тит 1:2). *

„РЕЧТА БОЖЈА Е ЖИВА“

18. Со кои силни зборови апостол Павле ја опишал „речта Божја“?

18 Од она што го разгледавме во ова поглавје, јасно е дека Библијата е навистина една извонредна книга.  Но, нејзината вредност не се должи само на нејзиниот внатрешен склад, на нејзината научна и историска точност или на нејзината практичност, мудрост и веродостојни пророштва. Апостол Павле напишал: „Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот, коските и нивната срцевина, па може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).

19, 20. а) Како може Библијата да ти помогне да се преиспиташ? б) Како можеш да покажеш благодарност за Божјиот скапоцен подарок, Библијата?

19 Читањето на Божјата „реч“, односно пораката што се наоѓа во Библијата, може да ни го промени животот. Тоа може да ни помогне да се преиспитаме како никогаш досега. Можеби тврдиме дека го сакаме Бог, но начинот на кој реагираме на она што го учи неговата вдахновена Реч, Библијата, ќе ги открие нашите вистински мисли, па дури и намерите на нашето срце.

20 Библијата е навистина книга од Бог. Таа е книга што треба да се чита, да се проучува и да се цени. Покажи дека си благодарен за овој подарок од Бог со тоа што и понатаму ќе ја читаш. Така подобро ќе ја разбереш Божјата намера со човештвото. Во следното поглавје ќе дознаеме каква е таа намера и како ќе се оствари.

^ пас. 6 Некои велат дека извесни делови од Библијата си противречат, но таквите тврдења се неосновани. Види го 7. поглавје од книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 9 На пример, забележи ја деталната семејна лоза на Исус запишана во Лука 3:23-38.

^ пас. 16 За повеќе информации во врска со ова библиско пророштво, види страници 27-29 од брошурата Книга за сите луѓе, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 17 Уништувањето на Вавилон е само еден пример за тоа како се исполнило некое библиско пророштво. Други примери се уништувањето на Тир и Ниневија (Езекиел 26:1-5; Софонија 2:13-15). Исто така, во пророштвата на Даниел било кажано кои светски сили ќе дојдат на власт по Вавилон. Некои од нив биле Медо-Персија и Грција (Даниел 8:5-7, 20-22). Во Додатокот под темата „Исус Христос — ветениот Месија“ можеш да прочиташ за многуте месијански пророштва што се исполниле на Исус Христос.

Нешто повеќе

БИБЛИСКИ КУРС

Зошто да ја проучуваш Библијата?

Библијата им помогнала на милиони луѓе низ целиот свет да ги дознаат одговорите на најважните прашања. Дали би сакал да ги дознаеш и ти?