Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ДОДАТОК

Што се шеолот и адот?

Што се шеолот и адот?

НА ИЗВОРНИТЕ јазици, Библијата ги користи хебрејскиот збор шеол и грчкиот еквивалент ад повеќе од 70 пати. И двата збора се поврзани со смртта. Во некои библиски преводи тие се преведени со „гроб“, „пекол“ или „јама“. Меѓутоа, во повеќето јазици нема зборови што ја пренесуваат точната смисла ниту на хебрејскиот ниту на грчкиот збор. Затоа, во преводот Нов свет на секое место каде што во изворниот текст се појавуваат тие зборови, има фуснота која на читателите им укажува на тоа како гласи тој збор на изворните јазици. Што точно значат овие зборови? Да видиме како се користени во различни библиски стихови.

Во Проповедник 9:10 стои: „Нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот [шеолот, фуснота] во кој одиш“. Дали ова значи дека шеолот се однесува на некој конкретен, поединечен гроб каде што е погребан некој од нашите блиски? Не. Кога во Библијата се спомнува некое конкретно место, односно гроб, каде што е погребан некој, се користи друг збор на хебрејски и грчки јазик, а не шеол и ад. Исто така, во Библијата не се користи зборот „шеол“ за гроб во кој се погребани неколку луѓе, како што е некоја семејна или масовна гробница (1. Мојсеева 49:30, 31).

Тогаш, на какво место се однесува зборот „шеол“? Божјата Реч покажува дека зборовите „шеол“ и „ад“ се однесуваат  на нешто многу повеќе дури и од голема масовна гробница. На пример, во Исаија 5:14 стои дека шеолот ,се раширил и зинал со својата уста преку мерка‘. Иако шеолот веќе проголтал, така да се каже, безброј мртви луѓе, се чини дека никогаш не му е доста (Изреки 30:15, 16). За разлика од кое и да е дословно место за погреб, кое може да собере само ограничен број мртви, ,шеолот не може да се насити‘ (Изреки 27:20, фуснота). Тоа значи дека шеолот никогаш не може целосно да се наполни. Тој нема граници. Значи, шеолот, или адот, не е дословно место. Тој го означува симболичното заедничко место во кое се наоѓаат луѓето што умреле.

Библиското учење за воскресение ни помага подобро да го разбереме значењето на зборовите „шеол“ и „ад“. Божјата Реч ги поврзува зборовите шеол и ад со смрт од која има воскресение * (Јов 14:13; Дела 2:31; Откровение 20:13). Библијата исто така покажува дека во шеолот, или адот, не се наоѓаат само оние што му служеле на Јехова туку и многу луѓе што не му служеле (1. Мојсеева 37:35; Псалм 55:15). Затоа, Библијата учи дека Бог „ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).

^ пас. 1 За разлика од тоа, за мртвите што нема да бидат воскреснати се вели дека се „во геената“, а не во шеолот или во адот (Матеј 5:30; 10:28; 23:33). Исто како што шеолот и адот не се дословни места, така ни геената не е дословно место.