Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ПЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Откупнината — најголемиот дар од Бог

Откупнината — најголемиот дар од Бог
  • Што е откупнината?

  • Како била обезбедена?

  • Што може да значи таа за тебе?

  • Како можеш да покажеш дека си благодарен за неа?

1, 2. а) Кога еден подарок има голема вредност за тебе? б) Зошто може да се рече дека откупнината е најскапоцениот подарок што си можел да го добиеш?

КОЈ е најубавиот подарок што некогаш си го добил? Еден подарок не мора да биде скап за да ти значи нешто. Всушност, вистинската вредност на подарокот не се мери секогаш со пари. Напротив, кога некој подарок ќе те израдува или ќе задоволи некоја твоја потреба, тој ќе ти биде многу драг и скапоцен.

2 Од сите подароци што би посакал да ги добиеш, има еден што ги надминува сите други. Тоа е подарок што Бог му го дал на целото човештво. Јехова ни дава многу работи, но најголемиот дар што сме го добиле од него е откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос. (Прочитај Матеј 20:28.) Како што ќе видиме во ова поглавје, откупнината е најскапоцениот подарок што си можел да го добиеш, бидејќи може да ти донесе бескрајна радост и да ги задоволи твоите најважни потреби. Откупнината е навистина најголемиот израз на Јеховината љубов кон тебе.

 ШТО Е ОТКУПНИНАТА?

3. Што е откупнината, и што треба да разбереме за да бидеме свесни колку скапоцен подарок е таа?

3 Едноставно кажано, откупнината е средството со кое Јехова ќе го ослободи, односно ќе го спаси човештвото од гревот и смртта (Ефешаните 1:7). За да го разбереме значењето на ова библиско учење, мора да се потсетиме на она што се случило во еденската градина. Само ако разбереме што изгубил Адам кога згрешил, ќе можеме да сфатиме зошто откупнината е толку скапоцен подарок за нас.

4. Што значело за Адам тоа што бил совршен?

4 Кога го создал Адам, Јехова му дал нешто многу вредно — совршен човечки живот. Размисли што значело тоа за Адам. Бидејќи имал совршено тело и совршен ум, никогаш немало да се разболи, да остари или да умре. Како совршен човек, тој имал посебен однос со Јехова. Библијата вели дека Адам бил Божји син (Лука 3:38). Тие биле многу блиски, исто како што се блиски еден татко и неговиот сакан син. Јехова разговарал со својот син на Земјата кога му давал интересни задачи и кога му кажувал што очекува од него (1. Мојсеева 1:28-30; 2:16, 17).

5. На што се мисли кога во Библијата се вели дека Адам бил создаден „според Божјиот лик“?

5 Адам бил создаден „според Божјиот лик“ (1. Мојсеева 1:27). Тоа не значи дека по изглед личел на Бог. Како што видовме во првото поглавје од оваа книга, Јехова е невидлив Дух (Јован 4:24). Според тоа, Јехова нема тело од крв и месо. Тоа што Адам бил создаден според Божјиот лик значи дека бил создаден со истите особини што ги имал Бог, меѓу кои се љубовта, мудроста, правдата и моќта. Има уште една важна работа во која Адам бил како својот Татко — имал слободна волја. Значи, тој не бил како робот што може да го прави само она за што е програмиран. Адам можел сам да донесува одлуки  и да избира помеѓу доброто и лошото. Да изберел да го слуша Бог, ќе живеел вечно во рај на Земјата.

6. Што изгубил Адам затоа што не го послушал Бог, и како се одразило тоа врз неговите потомци?

6 Значи, Адам платил многу висока цена кога за својата непослушност бил осуден на смрт. За својот грев платил со својот совршен човечки живот и сите благослови што ги носел тој (1. Мојсеева 3:17-19). За жал, Адам го изгубил овој скапоцен живот не само за себе туку и за сите свои идни потомци. Божјата Реч вели: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Да, сите сме наследиле грев од Адам. Затоа Библијата вели дека тој се ,продал‘ себеси и своето потомство во ропство на гревот и смртта (Римјаните 7:14). За Адам и Ева немало никаква надеж бидејќи тие намерно одлучиле да не го послушаат Бог. Но, дали тоа важело и за нивните потомци, меѓу кои сме и ние?

7, 8. Кои две работи главно ги означува зборот откупнина?

7 Јехова одлучил да го спаси човештвото преку откупнината. Што значи зборот „откупнина“? Поимот откупнина означува главно две работи. Како прво, откупнина е цената, или износот што се плаќа за да се ослободи некој човек или за да се поврати нешто заложено. Ова би можело да се спореди со износот што се плаќа за да се ослободи некој воен заробеник. Второ, во Библијата зборот откупнина се користи и за да се означи износот со кој се покрива трошокот за нешто. Ова може да се спореди со отштета, односно сумата што се плаќа за да се надомести некоја штета. На пример, ако некој предизвика некаква незгода, ќе мора да плати сума што потполно одговара, односно е еднаква, на вредноста на она што било оштетено.

8 Како можела да се надомести огромната загуба што ни ја нанел Адам на сите нас, и како можеме да бидеме  ослободени од ропството на гревот и смртта? Најнапред да дознаеме нешто повеќе за откупнината што ја обезбедил Јехова и за тоа што може да значи таа за тебе.

КАКО ЈЕХОВА ЈА ОБЕЗБЕДИЛ ОТКУПНИНАТА

9. Каква откупнина била потребна?

9 Бидејќи бил изгубен совршен човечки живот, не можел да биде откупен со ниеден несовршен човечки живот (Псалм 49:7, 8). Била потребна откупнина што има еднаква вредност како она што било изгубено. Ова е во склад со начелото за совршена правда што се наоѓа во Божјата Реч, и гласи: „Душа за душа“ (5. Мојсеева 19:21). Според тоа, што би имало еднаква вредност како душата, односно совршениот човечки живот што го изгубил Адам? Како „соодветна откупнина“ требало да се даде друг совршен човечки живот (1. Тимотеј 2:6).

10. Како Јехова ја обезбедил откупнината?

10 Како Јехова ја обезбедил откупнината? Така што испратил на Земјата еден од своите совршени духовни синови. Но, Јехова не го испратил кое било духовно суштество, туку оној што му бил најмил — својот единороден Син. (Прочитај 1. Јованово 4:9, 10.) Тој Син спремно го напуштил својот дом на небото (Филипјаните 2:7). Како што видовме во претходното поглавје од оваа книга, Јехова направил чудо кога го пренел животот на овој Син во утробата на Марија. Со посредство на Божјиот свет дух, Исус се родил како совршен човек и не подлежел на казна за грев (Лука 1:35).

Јехова го дал својот единороден Син како откупнина за нас

11. Како можел еден човек да послужи како откупнина за милиони луѓе?

11 Како можел еден човек да послужи како откупнина за многу, всушност, за милиони луѓе? Па, како воопшто станале грешници тие милиони луѓе? Сети се дека со својот грев Адам изгубил нешто многу вредно — совршениот човечки живот што го имал. Затоа не можел да им пренесе совршенство на своите потомци.  Наместо тоа, можел да им пренесе само грев и смрт. Исус, кого Библијата го нарекува „последниот Адам“, бил совршен човек и никогаш не направил грев (1. Коринќаните 15:45). Во извесна смисла, Исус дошол како замена за Адам за да нѐ спаси. Со тоа што го жртвувал, односно го дал својот совршен живот и му останал потполно послушен на Бог, Исус ја платил цената за Адамовиот грев. На тој начин им дал надеж на потомците на Адам (Римјаните 5:19; 1. Коринќаните 15:21, 22).

12. Што докажал Исус со своето страдање?

12 Библијата детално ги опишува страдањата што ги претрпел Исус пред да умре. Тој бил камшикуван и прикован на маченички столб, на кој умрел со многу болна смрт (Јован 19:1, 16-18, 30; види го Додатокот под темата „Зошто вистинските христијани не користат крст за да го обожаваат Бог“). Зошто Исус морал да страда толку многу? Во едно од следните поглавја од оваа книга ќе видиме дека Сатана тврдел дека ниеден човек што му служи на Јехова нема да му остане верен кога ќе биде ставен на искушение. Со тоа што верно истрајал и покрај тоа што многу страдал, Исус го дал најдобриот можен одговор на тврдењата на Сатана. Докажал дека еден совршен човек кој има слободна волја може да му остане потполно верен на Бог, па макар што и да направи Ѓаволот. Јехова сигурно многу се радувал што неговиот драг Син му останал верен! (Изреки 27:11).

13. Како била платена откупнината?

13 Како била платена откупнината? На 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан во 33 год. од н.е., Бог дозволил да биде погубен неговиот совршен и безгрешен Син. Така, Исус го жртвувал својот совршен човечки живот „еднаш засекогаш“ (Евреите 10:10). Три дена откако умрел Исус, Јехова го воскреснал како духовно суштество. Кога отишол на небото, Исус му ја принел на Бог вредноста на својот совршен човечки живот што го дал како жртва за да го откупи потомството на Адам  (Евреите 9:24). Јехова ја прифатил вредноста на Исусовата жртва како откупнина што била потребна за да се ослободи човештвото од ропството на гревот и смртта. (Прочитај Римјаните 3:23, 24.)

ШТО МОЖЕ ДА ЗНАЧИ ОТКУПНИНАТА ЗА ТЕБЕ

14, 15. Што мораме да правиме за да ни бидат ,простени гревовите‘?

14 Благодарение на откупнината, можеме да добиеме непроценливи благослови иако сме грешни. Да видиме што може да значи за нас овој најголем подарок од Бог сега и во иднина.

15 Простување на гревовите. Поради несовршеноста што сме ја наследиле, постојано се бориме да го правиме она што е исправно. Сите грешиме, било со зборови било со постапки. Но, на темел на Исусовата откупна жртва можат да ни бидат ,простени гревовите‘ (Колошаните 1:13, 14). Меѓутоа, за да ни биде простено, мораме вистински да се каеме. Исто така, мораме понизно да му се обратиме на Јехова и да го молиме да ни прости на темел на нашата вера во откупната жртва на неговиот Син. (Прочитај 1. Јованово 1:8, 9.)

16. Зошто можеме да му служиме на Бог со чиста совест, и зошто е важно да имаме чиста совест?

16 Чиста совест пред Бог. Нечистата совест може лесно да води до очај и до чувство на безвредност. Но, затоа што ни е простено на темел на откупнината, Јехова милостиво ни дозволува да му служиме со чиста совест и покрај тоа што сме несовршени (Евреите 9:13, 14). Поради тоа можеме слободно да му се обраќаме на Јехова и да зборуваме со него во молитва (Евреите 4:14-16). Кога совеста ни е чиста, имаме душевен мир, поголема самопочит и среќни сме.

17. Кои благослови можеме да ги добиеме затоа што Исус умрел за нас?

17 Надеж за вечен живот на рајска Земја. „Платата за гревот е смрт“, стои во Римјаните 6:23. Во истиот стих  понатаму се вели: „А дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“. Во третото поглавје од оваа книга зборувавме за благословите што ќе ги уживаме во претстојниот рај на Земјата (Откровение 21:3, 4). Сите тие идни благослови, меѓу кои е и вечниот живот во совршено здравје, се возможни затоа што Исус умрел за нас. За да ги добиеме тие благослови, треба да покажеме дека сме благодарни за откупнината што ни е дадена како дар.

КАКО МОЖЕШ ДА ПОКАЖЕШ ДЕКА СИ БЛАГОДАРЕН?

18. Зошто треба да му бидеме благодарни на Јехова што обезбедил откупнина?

18 Зошто треба да му бидеме од срце благодарни на Јехова за откупнината? Еден подарок е особено скапоцен кога оној што го дава потрошил за него време, напор или пари. Сигурно сме многу трогнати кога гледаме дека еден подарок е израз на вистинската љубов што некој ја чувствува кон нас. Откупнината е најскапоцениот дар што постои, бидејќи Бог ја направил најголемата можна жртва за да ја обезбеди. „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син“, стои во Јован 3:16. Откупнината е најголемиот  доказ дека Јехова нѐ сака. Таа е доказ дека и Исус нѐ сака, бидејќи спремно го дал за нас својот живот. (Прочитај Јован 15:13.) Овој подарок, откупнината, треба да нѐ увери дека Јехова и неговиот Син го сакаат секого од нас (Галатите 2:20).

Со тоа што ќе го запознаеме Јехова, ќе покажеме дека сме благодарни за откупнината што сме ја добиле како дар

19, 20. Како можеш да покажеш дека си благодарен за откупнината како дар од Бог?

19 Според тоа, како можеш да покажеш дека си благодарен за откупнината како дар од Бог? Прво, запознај го Јехова, кој ја обезбедил откупнината (Јован 17:3). Во тоа ќе ти помогне проучувањето на Библијата со помош на оваа книга. Како што го запознаваш Јехова, така ќе расте и твојата љубов кон него. Таа љубов, пак, ќе роди во тебе желба да го правиш она што тој го бара од тебе (1. Јованово 5:3).

20 Покажувај вера во откупната жртва на Исус. За Исус во Библијата пишува: „Кој верува во Синот, има вечен живот“ (Јован 3:36). Како можеме да покажуваме вера во Исус? Таквата вера не се покажува само со зборови. „Верата без дела е мртва“, стои во Јаков 2:26. Да, вистинската вера ја докажуваме со „дела“, односно со нашите постапки. Еден начин да покажеме дека имаме вера во Исус е да даваме сѐ од себе за да бидеме како него, не само во тоа што го зборуваме туку и во тоа што го правиме (Јован 13:15).

21, 22. а) Зошто треба да присуствуваме на годишната прослава на Господаровата вечера? б) Што ќе биде објаснето во шестото и во седмото поглавје?

21 Присуствувај на годишната прослава на Господаровата вечера. Вечерта на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус вовел една посебна прослава која во Библијата е наречена „Господаровата вечера“ (1. Коринќаните 11:20; Матеј 26:26-28). Оваа прослава се нарекува и Спомен-свеченост со која се одбележува Христовата смрт. Исус ја вовел за да им помогне на своите апостоли и на сите вистински христијани по нив никогаш  да не заборават дека, со тоа што умрел како совршен човек, го дал својот живот, односно душа, како откупнина. Во врска со оваа прослава, Исус заповедал: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19). Спомен-свеченоста нѐ потсетува на големата љубов што ја покажале Јехова и Исус преку откупнината. Можеме да покажеме дека сме благодарни за откупнината со тоа што секоја година ќе присуствуваме на Спомен-свеченоста со која се одбележува Исусовата смрт. *

22 Откупнината што ни ја обезбедил Јехова е навистина подарок што има непроценлива вредност (2. Коринќаните 9:14, 15). Овој бесценет дар може да им користи дури и на оние што умреле. Во шестото и во седмото поглавје ќе биде објаснето како.

^ пас. 21 Нешто повеќе за значењето на Господаровата вечера можеш да дознаеш од Додатокот под темата „Господаровата вечера — прослава со која му се оддава чест на Бог“.