Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 СЕДМО ПОГЛАВЈЕ

Вистинска надеж за твоите најмили што умреле

Вистинска надеж за твоите најмили што умреле
  • Од каде знаеме дека навистина ќе има воскресение?

  • Што покажува дека Јехова сака да ги воскресне мртвите?

  • Кој ќе воскресне?

1-3. Кој непријател му е зад петици на секого од нас, и зошто ќе биде утешно да разгледаме што вели Библијата за него?

ЗАМИСЛИ СИ дека бегаш од некој злобен непријател. Тој е многу посилен и побрз од тебе. Знаеш дека е безмилосен затоа што си видел како убива некои твои пријатели. Колку и да се трудиш да му избегаш, тој сѐ повеќе ти се приближува. Се чини дека ти нема спас. Но, одеднаш некој ти притрчува на помош. Тој е многу посилен од твојот непријател и ветува дека ќе ти помогне. Колку ли ти олеснува!

2 Во извесна смисла, тебе навистина те гони еден таков непријател. Всушност, тој му е зад петици на секого од нас. Како што видовме во претходното поглавје, Библијата вели дека смртта е непријател. Никој од нас не може да ѝ избега ниту да ја победи. Повеќето од нас виделе како таа им го одзема животот на луѓе што ни се драги. Но, Јехова е многу посилен од смртта. Тој е добриот Спасител кој веќе покажал дека може да го победи овој непријател. Исто така, ветува дека ќе ја збрише смртта еднаш засекогаш. Библијата учи: „Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26). Колку убава вест!

 3 Да размислиме малку за тоа како се чувствуваме кога овој непријател, смртта, ќе ни одземе некого. Така ќе можеме полесно да разбереме едно ветување што ќе нѐ израдува. Станува збор за Јеховиното ветување дека мртвите повторно ќе живеат (Исаија 26:19). Ќе бидат вратени во живот. За нив постои надеж — а тоа е воскресението.

КОГА ЌЕ УМРЕ НЕКОЈ ОД ТВОИТЕ НАЈМИЛИ

4. а) Зошто можеме да речеме дека начинот на којшто реагирал Исус кога умрел еден негов драг пријател ни покажува како се чувствува Јехова кога ќе умре некој? б) Кои му биле блиски пријатели на Исус?

4 Дали смртта ти одзела некој од најмилите? Можеби чувствуваш неподнослива болка, жалост и беспомошност. Во тие моменти треба да побараме утеха во Божјата Реч. (2. Коринќаните 1:3, 4.) Библијата ни помага да сфатиме какви чувства предизвикува смртта кај Јехова и кај Исус. Исус, кој совршено ја одразувал личноста на својот Татко, знаел колку боли кога ќе изгубиме некого што ни е драг (Јован 14:9). Кога одел во Ерусалим, тој имал обичај да ги посетува Лазар и неговите сестри, Марија и Марта, кои живееле во блиското гратче Витанија. Тие станале блиски пријатели. Библијата вели: „Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар“ (Јован 11:5). Но, како што видовме во претходното поглавје, Лазар умрел.

5, 6. а) Како реагирал Исус кога се нашол меѓу ужалените роднини и пријатели на Лазар? б) Зошто може да нѐ охрабри тоа што и Исус тажел поради смртта на Лазар?

5 Како се чувствувал Исус кога починал неговиот пријател? Извештајот ни кажува дека отишол кај ужалените роднини и пријатели на Лазар. Кога ги видел, Исус почувствувал голема болка. Тој бил „длабоко трогнат и потресен“. Тогаш ,Исус почнал да рони солзи‘ (Јован 11:33, 35). Дали со тоа што Исус ја оплакувал смртта на Лазар покажал дека немал никаква надеж? Не. Всушност, тој знаел дека ќе се случи нешто прекрасно (Јован  11:3, 4). Сепак, почувствувал колкава болка и тага носи смртта.

6 На некој начин, тоа што Исус тажел може да нѐ охрабри. Ова ни покажува дека Исус и неговиот Татко, Јехова, ја мразат смртта. Но, Јехова Бог може да му се спротивстави на овој непријател и да го победи! Да видиме каква моќ му дал Бог на Исус.

„ЛАЗАРЕ, ИЗЛЕЗИ!“

7, 8. Зошто на луѓето им изгледало дека нема никаква надеж за Лазар, но што направил Исус?

7 Лазар бил положен во една пештера и Исус побарал да го тргнат каменот со кој бил затворен влезот на пештерата. Но, Марта рекла дека телото на Лазар сигурно почнало да се распаѓа бидејќи бил мртов веќе четири дена (Јован 11:39). Од човечка гледна точка, имало ли некаква надеж за него?

Воскресението на Лазар било повод за голема радост (Јован 11:38-44)

8 Кога го тргнале каменот, Исус извикал на сет глас: „Лазаре, излези!“ И, што се случило? „Умрениот излезе“ (Јован 11:43, 44). Можеш ли да си замислиш колку се израдувале луѓето што биле таму? Сите знаеле дека Лазар умрел — а сега, истиот тој драг брат, роднина, пријател или сосед, повторно стоел меѓу нив! Просто не можеле да си поверуваат на очите. Без сомнение, мнозина го прегрнувале од радост. Тоа било вистинска победа над смртта!

Илија го воскреснал синот на една вдовица (1. Царевите 17:17-24)

9, 10. а) На кој начин Исус покажал кој му ја дал моќта да го воскресне Лазар? б) Зошто е корисно да ги прочитаме извештаите за воскресенијата што се спомнати во Библијата?

9 Исус не тврдел дека ова неверојатно чудо го направил со своја моќ. Во молитвата што ја кажал кратко пред да го повика Лазар да излезе, јасно покажал дека зад тоа воскресение стои Јехова. (Прочитај Јован 11:41, 42.) Ова не било првпат Јехова да ја употреби својата сила на таков начин. Воскресението на Лазар е само едно од деветте такви чуда што се запишани во  Божјата Реч. * Вистинско задоволство е да се читаат и да се проучуваат тие извештаи. Од нив учиме дека Бог не е пристрасен, бидејќи меѓу воскреснатите имало и млади и стари, и мажи и жени, и Израелци и не-Израелци. Каква неизмерна радост е опишана во овие стихови! На пример, кога Исус воскреснал едно девојче, нејзините родители ,беа избезумени од радост‘ (Марко 5:42). Да, Јехова им дал причина за незаборавна радост.

Апостол Петар ја воскреснал христијанката Дорка (Дела 9:36-42)

10 Се разбира, луѓето што ги воскреснал Исус на крајот повторно умреле. Дали тоа значи дека немало никаква смисла да ги воскресне? Се разбира дека не. Тие библиски извештаи потврдуваат некои важни вистини и ни даваат надеж.

ШТО УЧИМЕ ОД ИЗВЕШТАИТЕ ЗА ВОСКРЕСЕНИЈАТА

11. Како извештајот за воскресението на Лазар ја потврдува вистината запишана во Проповедник 9:5?

11 Од Библијата учиме дека мртвите „не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Тие не се живи и не продолжуваат да постојат на некое друго место. Извештајот за Лазар го потврдува ова. Дали Лазар, откако оживеал, ги воодушевил луѓето опишувајќи им како е на небото? Или, пак, ги уплашил со страшни приказни за некаков пекол? Не. Никаде во Библијата не пишува дека Лазар кажал такво нешто. Тие четири дена додека бил мртов, тој ,не бил свесен за ништо‘. Лазар едноставно почивал во смртен сон (Јован 11:11).

12. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Лазар навистина воскреснал?

12 Од извештајот за Лазар учиме и дека воскресението е реалност, а не бајка. Исус го воскреснал Лазар пред голем број очевидци. Дури ни верските водачи, кои го мразеле Исус, не одрекувале дека тој го направил тоа  чудо. Напротив, тие рекле: „Што да правиме? Овој човек [Исус] прави многу чуда“ (Јован 11:47). Мнозина отишле да го видат воскреснатиот Лазар. Така, уште повеќе луѓе почнале да веруваат во Исус. За нив Лазар бил жив доказ дека Исус е испратен од Бог. Тој доказ бил толку силен што некои од бездушните еврејски верски водачи испланирале да ги убијат и Исус и Лазар (Јован 11:53; 12:9-11).

13. Зошто можеме да веруваме дека Јехова навистина може да ги воскресне мртвите?

13 Дали е нереално да се прифати воскресението како факт? Не, бидејќи Исус рекол дека еден ден „сите оние што се во гробовите“ ќе воскреснат (Јован 5:28). Јехова го создал животот. Зарем треба да ни биде тешко да веруваме дека може повторно да врати некого во живот? Се разбира, тоа многу би зависело од Јеховиното сеќавање. Дали тој може да се сети на нашите најмили што ни ги зела смртта? Замисли, во вселената има толку многу ѕвезди што не можат ни да се избројат, а Бог ја знае по име секоја од нив! (Исаија 40:26). Значи, Јехова Бог може да се сети на секој детаљ за нашите блиски што умреле, и спремен е да ги врати во живот.

14, 15. Како ни покажуваат зборовите на Јов дека Јехова сака да ги воскресне мртвите?

14 Библијата ни кажува дека Јехова сака да ги воскресне мртвите. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? Верниот Јов прашал: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ Јов рекол дека ќе чека во гробот додека не дојде време Бог да се сети на него. Тој му рекол на Јехова: „Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (Јов 14:13-15).

15 Замисли! Јехова едвај чека да дојде времето кога ќе ги врати мртвите во живот. Зарем срцето не ти затреперува од радост кога ќе помислиш на тоа? Но, што може да се каже за ова идно воскресение? Кој ќе воскресне, и каде?

 „СИТЕ ОНИЕ ШТО СЕ ВО ГРОБОВИТЕ“

16. Во какви услови ќе воскреснат мртвите?

16 Извештаите за воскресенијата што се спомнати во Библијата ни кажуваат многу за идното воскресение. Луѓето што воскреснале биле вратени во живот овде на Земјата и повторно биле заедно со своите најмили. Воскресението што ќе се одвива во иднина ќе биде слично — но многу подобро. Како што видовме во третото поглавје, Божјата намера е целата Земја да стане рај. Значи, мртвите нема да воскреснат во еден свет во кој беснеат војни, криминал и болести. Тие ќе имаат прилика вечно да живеат во мир и среќа на Земјата.

17. Кој сѐ ќе биде воскреснат?

17 Кој ќе воскресне? Исус рекол дека „сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Нешто слично пишува и во Откровение 20:13: „Морето ги предаде мртвите што беа во него, и смртта и гробот ги предадоа мртвите што беа во нив“. (Види го Додатокот под темата „Што се шеолот и адот?“.) Овој заеднички гроб ќе биде испразнет. Милијардите луѓе што почиваат таму повторно ќе живеат. Апостол Павле рекол: „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Што значи тоа?

Во рајот, мртвите ќе воскреснат и повторно ќе бидат со своите најмили

18. Кои се „праведните“ што ќе бидат воскреснати, и како може таа надеж да влијае врз тебе?

18 Во „праведните“ спаѓаат многу луѓе за кои читаме во Библијата, а живееле пред да дојде Исус на Земјата. Можеби помислуваш на Ное, Авраам, Сара, Мојсеј, Рут, Естира и многу други. Некои од тие мажи и жени што имале силна вера во Бог се спомнати во 11. поглавје од писмото до Евреите. Но, во „праведните“ спаѓаат и Јеховините слуги што умираат во денешно време. Бидејќи имаме надеж во воскресение, ние не треба да се плашиме од смртта (Евреите 2:15).

19. Кои се „неправедните“, и каква прилика ќе им даде Јехова во својата добрина?

19 А што ќе биде со сите оние што не му служеле на Јехова  и не му биле послушни затоа што никогаш не чуле за него? Овие милијарди ,неправедни‘ нема да бидат заборавени. И тие ќе воскреснат и ќе имаат доволно време да го запознаат вистинскиот Бог и да му служат. Во период од илјада години, мртвите ќе воскреснуваат и ќе им биде дадена прилика да му служат на Јехова заедно со другите верни луѓе на Земјата. Тој период, што Библијата го нарекува Суден ден, ќе биде нешто прекрасно. *

20. Што е геената, и кој оди таму?

20 Дали ова значи дека ќе воскреснат сите луѓе што живееле на Земјата? Не. Библијата вели дека некои од мртвите се во ,геена‘ (Лука 12:5). Зборот геена доаѓа од името на едно буниште што се наоѓало надвор од древниот Ерусалим. Таму се палеле мртовци и ѓубре. Во очите на Евреите, мртвите што биле фрлани таму не биле достојни за погреб и за воскресение. Затоа, геената е соодветен симбол за вечно уништување. Иако Исус ќе има удел во судењето на живите и на мртвите, Јехова е Судијата што ги донесува конечните пресуди (Дела 10:42). Тој никогаш нема да ги воскресне оние што ќе ги осуди како злобни луѓе кои не сакаат да се променат.

ВОСКРЕСЕНИЕ ЗА ЖИВОТ НА НЕБОТО

21, 22. а) Какво друго воскресение постои? б) Кој бил првиот што бил воскреснат како духовно суштество?

21 Библијата спомнува уште еден вид воскресение. Станува збор за тоа некој да биде воскреснат како духовно суштество на небото. Во Библијата е запишан само еден пример на вакво воскресение, а тоа е воскресението на Исус Христос.

22 Откако Исус бил убиен како човек, Јехова не дозволил неговиот верен Син да остане во гробот (Псалм 16:10; Дела 13:34, 35). Бог го воскреснал Исус, но не како човек. Апостол Петар објаснува дека Христос бил „убиен  во тело, но... оживеан во духот“ (1. Петрово 3:18). Тоа навистина било големо чудо. Исус бил вратен во живот како моќна духовна личност! (Прочитај 1. Коринќаните 15:3-6.) Тој бил првиот што добил вакво величествено воскресение, но немало да биде и последниот (Јован 3:13).

23, 24. Кој го сочинува Исусовото „мало стадо“, и колкав ќе биде нивниот број?

23 Бидејќи знаел дека наскоро ќе се врати на небото, Исус им рекол на своите верни следбеници дека таму ќе им ,приготви место‘ (Јован 14:2). Оние што одат на небото Исус ги нарекол свое „мало стадо“ (Лука 12:32). Колкав ќе биде бројот на таа релативно мала група верни христијани? Според Откровение 14:1, апостол Јован вели: „Видов, и гледај — Јагнето [Исус Христос] стои на гората Сион, и со него сто четириесет и четири илјади, кои го имаат неговото име и името на неговиот Татко напишано на своите чела“.

24 Тие 144.000 христијани, меѓу кои се и Исусовите верни апостоли, воскреснуваат за живот на небото. Кога воскреснуваат? Апостол Павле напишал дека тоа ќе биде за време на Христовата присутност (1. Коринќаните 15:23). Како што ќе видиме во деветтото поглавје, ние живееме во тоа време. Затоа, преостанатите од 144-те илјади, кои ги има уште малку на број и кои ќе умрат во нашево време, веднаш ќе воскреснат како духовни суштества на небото (1. Коринќаните 15:51-55). Меѓутоа, поголемиот дел од луѓето ќе воскреснат во иднина за да живеат во рај на Земјата.

25. Што ќе разгледаме во следното поглавје?

25 Да, Јехова навистина ќе го победи нашиот непријател, смртта, и ќе ја уништи засекогаш! (Прочитај Исаија 25:8.) Сепак, можеби се прашуваш: ,Што ќе прават на небото оние што ќе воскреснат таму?‘ Тие ќе бидат дел од една величествена царска влада на небото. Во следното поглавје ќе дознаеме нешто повеќе за таа влада.

^ пас. 19 Нешто повеќе за Судниот ден и за тоа на темел на што ќе им се суди на луѓето можеш да прочиташ во Додатокот под темата „Што е Судниот ден?“.