Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ЧЕТВРТО ПОГЛАВЈЕ

Кој е Исус Христос?

Кој е Исус Христос?
  • Која посебна улога ја има Исус?

  • Од каде дошол?

  • Каква личност бил?

1, 2. а) Зошто тоа што си чул за некоја славна личност не значи дека навистина ја познаваш? б) Кои различни гледишта за Исус постојат?

ВО СВЕТОТ има многу славни луѓе. Некои се познати во своето место, во градот или во земјата во која живеат. Други се познати во целиот свет. Но, тоа што го знаеш името на некој што е славен не значи дека навистина го познаваш. Исто така, не значи дека знаеш детали за неговото потекло и за тоа каква личност е.

2 Иако Исус Христос живеел на Земјата пред околу 2.000 години, луѓето во целиот свет имаат слушнато за него. Сепак, на многу од нив не им е сосема јасно кој навистина бил Исус. Некои велат дека тој бил само еден добар човек. Други тврдат дека бил обичен пророк. Трети, пак, веруваат дека Исус е Бог и дека треба да го обожаваат. Дали е така?

3. Зошто е важно да ја знаеш вистината за Јехова Бог и за Исус Христос?

3 Важно е да ја знаеш вистината за Исус. Зошто? Затоа што Библијата вели: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да, ако ја знаеме вистината за Јехова Бог и за Исус Христос, ќе можеме да живееме вечно во рај на Земјата (Јован 14:6). Освен тоа, Исус го дава најдобриот пример за тоа како да живееме и како да  постапуваме со другите (Јован 13:34, 35). Во првото поглавје од оваа книга зборувавме за тоа која е вистината за Бог. Да разгледаме сега што навистина учи Библијата за Исус Христос.

ВЕТЕНИОТ МЕСИЈА

4. Што значат титулите „Месија“ и „Христос“?

4 Долго време пред да се роди Исус, во Библијата било проречено дека Бог ќе испрати Месија, односно Христос. Титулите „Месија“ (на хебрејски) и „Христос“  (на грчки) значат „Помазаник“. Овој ветен Месија требало да биде помазан, односно поставен од Бог на една посебна положба. Во следните поглавја од оваа книга ќе дознаеме нешто повеќе за важната улога што ја има Месијата во исполнувањето на Божјите ветувања. Исто така, ќе дознаеме кои благослови можеме да ги добиеме преку Исус уште денес. Меѓутоа, пред да се роди Исус, мнозина несомнено се прашувале: ,Кој ќе биде Месијата?‘

5. Во што биле сосема уверени учениците на Исус во врска со него?

5 Во првиот век од н.е., учениците на Исус од Назарет биле сосема уверени дека тој е проречениот Месија (Јован 1:41). Еден од нив, кој се викал Симон Петар, отворено му рекол на Исус: „Ти си Христос“ (Матеј 16:16). Слично на Христовите ученици, како можеме и ние да бидеме сигурни дека Исус е навистина ветениот Месија?

6. Објасни со пример како Јехова им помогнал на верните луѓе да го препознаат Месијата.

6 Божјите пророци што живееле пред Исус прорекле многу детали во врска со Месијата. По тие детали луѓето ќе можеле да го препознаат. Тоа можеме да го објасниме со следниов пример: Да речеме дека треба да појдеш на некоја прометна автобуска или железничка станица или на аеродром за да пречекаш некого што никогаш порано не си го видел. Зарем нема да ти биде од помош ако некој ти каже неколку детали за тој човек? Слично на тоа, преку библиските пророци, Јехова дал прилично детален опис на она што ќе го прави и што ќе го доживее Месијата. Исполнувањето на тие бројни пророштва требало да им помогне на верните луѓе јасно да го препознаат.

7. Кои две пророштва за Исус се исполниле?

7 Да разгледаме само два примера. Како прво, повеќе од 700 години однапред, пророкот Михеј  претскажал дека ветениот Месија ќе се роди во Витлеем, едно мало гратче во Јуда (Михеј 5:2). Дали Исус навистина се родил таму? Да, се родил баш во тој град! (Матеј 2:1, 3-9). А второ, пророштвото од Даниел 9:25, запишано многу векови однапред, точно укажало на годината во која требало да се појави Месијата — 29 год. од н.е. * Исполнувањето на овие и на други пророштва е доказ дека Исус е ветениот Месија.

Кога се крстил, Исус станал Месија, односно Христос

8, 9. Кој доказ дека Исус е Месијата јасно се видел кога се крстил?

8 Уште еден доказ дека Исус е Месијата јасно се видел кон крајот на 29 год. од н.е. Таа година Исус отишол кај Јован Крстител за да се крсти во реката Јордан. Јехова му ветил на Јован дека ќе му даде знак по кој ќе може да го препознае Месијата. Јован го видел тој знак кога се крстил Исус. Еве како го опишува Библијата овој настан: „Кога се крсти, Исус веднаш се крена од водата. И гледај, небесата се отворија, и Јован виде како Божјиот дух слегува како гулаб и доаѓа на Исус. И гледај, се чу глас од небото кој рече: ,Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја‘“ (Матеј 3:16, 17). Откако го видел и чул сето тоа, Јован воопшто не се сомневал дека Исус е испратен од Бог (Јован 1:32-34). Во моментот кога светиот дух, т.е. силата што ја користи Бог, бил излеан врз Исус, тој станал Месија, односно Христос — оној што бил поставен за Водач и Цар (Исаија 55:4).

9 Исполнетите библиски пророштва и сведоштвото на самиот Јехова Бог јасно покажуваат дека Исус е ветениот Месија. Но, Библијата ни дава одговор на уште две важни прашања во врска со Исус Христос: Од каде дошол и каква личност бил?

 ОД КАДЕ ДОШОЛ ИСУС?

10. Што учиме од Библијата во врска со тоа каде бил Исус пред да дојде на Земјата?

10 Од Библијата учиме дека, пред да дојде на Земјата, Исус живеел на небото. Михеј прорекол дека Месијата ќе се роди во Витлеем и кажал дека потекнува „од дамнини“ (Михеј 5:2). Многу пати и самиот Исус рекол дека живеел на небото пред да се роди како човек. (Прочитај Јован 3:13; 6:38, 62; 17:4, 5.) Како духовно суштество на небото, Исус имал посебен однос со Јехова.

11. Како покажува Библијата дека Исус му е најмилиот Син на Јехова?

11 Исус му е најмилиот Син на Јехова — и има добра причина за тоа. Тој е наречен „првороден од сѐ што е создадено“, бидејќи Бог најпрво го создал него * (Колошаните 1:15). Овој Син е посебен од уште една причина — тој е „единороден Син“ (Јован 3:16). Тоа значи дека Исус е единствениот што бил создаден директно од Бог. Исто така, Исус е единствениот што Бог го користел кога создавал сѐ друго (Колошаните 1:16). Исус е наречен и „Речта“ (Јован 1:14). Ова ни покажува дека тој зборувал во името на Бог, несомнено пренесувајќи им пораки и упатства на другите синови на својот Татко, како на духовните така и на човечките.

12. Од каде знаеме дека првородениот Син не е еднаков со Бог?

12 Дали првородениот Син е еднаков со Бог, како што веруваат некои? Библијата не учи такво нешто. Како што видовме во претходниот пасус, Синот бил создаден. Според тоа, јасно е дека тој имал почеток, за разлика од Јехова Бог, кој нема ни почеток ни крај (Псалм 90:2). Овој единороден син никогаш не ни  помислувал да биде еднаков со својот Татко. Библијата јасно кажува дека Таткото е поголем од Синот. (Прочитај Јован 14:28; 1. Коринќаните 11:3.) Само Јехова е ,Семоќен Бог‘ (1. Мојсеева 17:1). Според тоа, никој не му е рамен. *

13. На што се мисли кога во Библијата се вели дека Синот е „сликата на невидливиот Бог“?

13 Јехова и неговиот првороден Син биле неразделни милијарди години — долго време пред да бидат создадени небото и Земјата. Сигурно ги врзувала многу голема љубов! (Јован 3:35; 14:31). Овој сакан Син многу личел на својот Татко. Затоа Библијата вели дека Синот е „сликата на невидливиот Бог“ (Колошаните 1:15). Да, исто како што синот на еден човек може многу да личи на својот татко, така и овој небесен Син ги одразувал особините и личноста на својот Татко.

14. Како Јеховиниот единороден Син се родил како човек?

14 Јеховиниот единороден Син спремно го напуштил небото и дошол на Земјата за да живее како човек. Но, можеби ќе се прашаш: ,Како било можно едно духовно суштество да се роди како човек?‘ За таа цел, Јехова направил чудо. Го пренел животот на својот првороден Син од небото во утробата на една еврејска девица, која се викала Марија. Значи, Исус немал човечки татко. Така Марија родила совршен син и му го дала името Исус (Лука 1:30-35).

КАКВА ЛИЧНОСТ БИЛ ИСУС?

15. Зошто можеме да речеме дека преку Исус подобро го запознаваме Јехова?

15 Она што го зборувал и што го правел Исус додека бил на Земјата ни помага добро да го запознаеме. Освен тоа, преку Исус подобро го запознаваме Јехова. Како? Сети се дека овој Син совршено ја одразува личноста  на својот Татко. Затоа, на еден од своите ученици Исус му рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Четирите библиски книги познати како Евангелија — според Матеј, Марко, Лука и Јован — многу ни кажуваат за животот, делата и особините на Исус Христос.

16. Која била главната порака што ја пренесувал Исус, и од кого доаѓале неговите учења?

16 Исус бил познат како ,Учител‘ (Јован 1:38; 13:13). За што ги поучувал луѓето? Пред сѐ, ја пренесувал „добрата вест за царството“ — односно за Божјето Царство, небесната влада што ќе владее над целата Земја и ќе им донесе бескрајни благослови на послушните луѓе (Матеј 4:23). Од кого била таа порака? Самиот Исус рекол: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“, а тоа е Јехова (Јован 7:16). Исус знаел дека неговиот Татко сака луѓето да ја чујат добрата вест за Царството. Во осмото поглавје ќе дознаеме нешто повеќе за Божјето Царство и за она што ќе го постигне тоа.

17. Каде поучувал Исус, и зошто се трудел толку многу да ги поучува другите?

17 Каде поучувал Исус? Секаде каде што имало луѓе — по селата и по градовите, на пазарите и по куќите. Исус не чекал луѓето да доаѓаат кај него. Тој одел кај нив (Марко 6:56; Лука 19:5, 6). Зошто се трудел толку многу и посветувал толку време за да проповеда и да поучува? Затоа што Божјата волја била да го прави тоа, а Исус секогаш ја вршел волјата на својот Татко (Јован 8:28, 29). Но, тој проповедал од уште една причина — сочувствувал со мноштвата луѓе што доаѓале кај него. (Прочитај Матеј 9:35, 36.) Тие биле запоставени од своите верски водачи, кои имале должност да ги научат која е вистината за Бог и за неговите намери. Исус знаел дека на луѓето очајно им требало да ја чујат веста за Царството.

18. Кои особини на Исус најмногу ти се допаѓаат?

 18 Исус бил нежен и срдечен човек со длабоки чувства. Луѓето го сметале за пристаплив и љубезен. Дури и на децата им било убаво кога биле со него (Марко 10:13-16). Исус не бил пристрасен. Ги мразел корупцијата и неправдата (Матеј 21:12, 13). Иако живеел во време кога жените не биле многу почитувани и немале големи права, тој внимавал на нивното достоинство (Јован 4:9, 27). Исус бил понизен во вистинска смисла на зборот. Во една прилика им ги измил нозете на своите апостоли, иако тоа обично го правел некој од слугите.

Исус проповедал секаде каде што имало луѓе

19. Кој пример покажува дека Исус не бил рамнодушен на потребите на другите?

19 Исус не бил рамнодушен на потребите на другите. Ова особено можело да се види кога, со помош на силата што му ја давал Божјиот дух, ги лекувал луѓето правејќи чуда (Матеј 14:14). На пример, еден човек што имал лепра дошол кај Исус и му рекол: „Ако сакаш,  можеш да ме исчистиш“. Исус ги почувствувал болката и страдањето на овој човек. Се сожалил, ја испружил раката за да го допре и рекол: „Сакам, исчисти се!“ И, болниот бил излекуван! (Марко 1:40-42). Можеш ли да си замислиш како се чувствувал тој човек?

ВЕРЕН ДО КРАЈ

20, 21. Како Исус дал пример за тоа што значи да се биде лојално послушен на Бог?

20 Исус е најдобар пример за тоа што значи да се биде лојално послушен на Бог. Тој му останал верен на својот небесен Татко во секакви околности и покрај секакво противење и страдања. Исус цврсто и успешно им се спротивставил на сите обиди на Сатана да го искуша (Матеј 4:1-11). Едно време и некои од неговите роднини не верувале во него, па дури велеле дека „се мрднал од умот“ (Марко 3:21). Но, Исус не дозволил да влијаат врз него, туку продолжил да го врши Божјето дело. И покрај навредите и малтретирањето,  секогаш се совладувал и никогаш не се обидел да им наштети на своите противници (1. Петрово 2:21-23).

21 Исус останал верен до смрт — сурова и болна смрт од рацете на неговите непријатели. (Прочитај Филипјаните 2:8.) Размисли за она што го претрпел последниот ден од својот живот како човек. Бил уапсен, обвинет на темел на искази на лажни сведоци, осуден од поткупени судии, исмеван од мноштвата и мачен од војниците. Кога бил прикован за столбот, пред да го испушти последниот здив, извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:30). Меѓутоа, на третиот ден откако умрел, неговиот небесен Татко го воскреснал како духовно суштество (1. Петрово 3:18). По неколку седмици, Исус се вратил на небото. Таму ,седнал од десната страна на Бог‘ и чекал да почне да владее како Цар (Евреите 10:12, 13).

22. Што постигнал Исус со тоа што останал верен до смрт?

22 Што постигнал Исус со тоа што останал верен до смрт? Благодарение на неговата смрт ќе можеме да живееме вечно во рај на Земјата, каква што била Јеховината првобитна намера. Во следното поглавје ќе разгледаме како Исусовата смрт го овозможува тоа.

^ пас. 7 Објаснување на пророштвото на Даниел што било исполнето на Исус можеш да најдеш во Додатокот под темата „Како пророштвото на Даниел го претскажува доаѓањето на Месијата“.

^ пас. 11 Јехова е наречен Татко затоа што тој е Творецот (Исаија 64:8). Исус е наречен Божји Син затоа што бил создаден од Бог. Од слични причини, и другите духовни суштества, па дури и човекот Адам, се наречени Божји синови (Јов 1:6; Лука 3:38).

^ пас. 12 Натамошни докази дека првородениот Син не е еднаков со Бог можеш да најдеш во Додатокот под темата „Вистината за Таткото, Синот и светиот дух“.