ДУХОВНОТО суштество наречено Михаел не се спомнува често во Библијата. Меѓутоа, секогаш кога се спомнува, тој презема одлучни чекори. На пример, во книгата Даниел, Михаел се бори против злите ангели. Во писмото на Јуда се препира со Сатана, а во Откровението води војна со Ѓаволот и неговите демони. Бранејќи ја Јеховината власт и борејќи се против Божјите непријатели, Михаел живее во склад со значењето на своето име — „Кој е како Бог?“ Но, кој е Михаел?

Понекогаш, некои личности се познати под повеќе имиња. На пример, патријархот Јаков бил наречен и Израел, а апостол Петар бил познат и како Симон (1. Мојсеева 49:1, 2; Матеј 10:2). Слично на тоа, Библијата покажува дека Михаел е уште едно име за Исус Христос, кое го има пред и по неговиот живот на Земјата. Да разгледаме некои библиски причини врз основа на кои доаѓаме до тој заклучок.

 Архангел. Божјата Реч го нарекува Михаел ,архангел‘ (Јуда 9). Овој збор значи „главен ангел“. Називот „архангел“ се појавува во Библијата само во еднина, а никогаш во множина. Тоа покажува дека постои само еден таков ангел. Освен тоа, Исус се доведува во врска со положбата на архангел. За воскреснатиот Господар Исус Христос, во 1. Солуњаните 4:16 стои: „Самиот Господар ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел“. Значи, за гласот на Исус е речено дека е глас на архангел. Според тоа, овој стих упатува на заклучокот дека самиот Исус е архангелот Михаел.

Војсководец. Библијата вели дека ,Михаел и неговите ангели се бореа против змејот и неговите ангели‘ (Откровение 12:7). Значи, Михаел е Водач на една војска од верни ангели. Во Откровението и Исус е опишан како Водач на војска од верни ангели (Откровение 19:14-16). И апостол Павле конкретно го спомнува „Господарот Исус“ и ,неговите моќни ангели‘ (2. Солуњаните 1:7). Значи, Библијата зборува за Михаел и „неговите ангели“, а и за Исус и ,неговите ангели‘ (Матеј 13:41; 16:27; 24:31; 1. Петрово 3:22). Бидејќи никаде во Божјата Реч не се спомнува дека има две војски од верни ангели на небото — една што ја предводи Михаел и друга што ја предводи Исус — логично е да заклучиме дека Михаел не е никој друг туку Исус Христос во својата положба што ја има на небото. *

^ пас. 2 Повеќе информации што покажуваат дека името Михаел се однесува на Божјиот Син можат да се најдат во книгите Увид во Светото писмо, том 2, страници 393-394 (англ.), и Резоновање на темељу Светог писма, страница 147-148. Двете публикации се издадени од Јеховините сведоци.