Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

Select language македонски

 СЕДУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Зближи се со Бог преку молитва

Зближи се со Бог преку молитва
  • Зошто треба да му се молиме на Бог?

  • Што треба да правиме за Бог да ги чуе нашите молитви?

  • Како одговара Бог на нашите молитви?

„Творецот на небото и на земјата“ спремно ги слуша нашите молитви

1, 2. Зошто треба молитвата да ја сметаме за голема чест, и зошто треба да знаеме што кажува Библијата за неа?

ВО СПОРЕДБА со огромната вселена, Земјата е многу мала. Всушност, за Јехова, „Творецот на небото и на земјата“, сите народи на Земјата се како една мала капка вода од ведро (Псалм 115:15; Исаија 40:15). Па сепак, Библијата вели: „Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина. Ќе им ја исполни желбата на оние што се бојат од него, ќе го чуе нивниот повик“ (Псалм 145:18, 19). Замисли што значи тоа! Семоќниот Творец е близу до нас и ќе нѐ чуе ако ,го повикуваме во вистина‘. Колку голема чест е тоа што можеме да му се обратиме на Бог во молитва!

2 Но, ако сакаме Јехова да ги чуе нашите молитви, мораме да му се молиме на начин што тој го одобрува. А како можеме да го правиме тоа ако не знаеме што кажува Библијата за молитвата? Многу е битно да знаеме што вели Светото писмо за ова, бидејќи молитвата ни помага да станеме уште поблиски со Јехова.

ЗОШТО ТРЕБА ДА МУ СЕ МОЛИМЕ НА ЈЕХОВА?

3. Од која важна причина треба да му се молиме на Јехова?

3 Една важна причина зошто треба да се молиме е тоа што Јехова нѐ повикува да му се молиме. Неговата Реч  нѐ поттикнува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Сигурно не би сакале да одбиеме една таква прекрасна можност што ни ја дава Врховниот Владетел на целата вселена!

4. Како го зајакнуваме својот однос со Јехова кога редовно му се молиме?

4 Друга причина зошто треба да се молиме е тоа што, кога редовно му се молиме на Јехова, го зајакнуваме нашиот однос со него. Вистинските пријатели не разговараат само кога им треба нешто. Наместо тоа, добрите пријатели се заинтересирани еден за друг, а нивното пријателство станува сѐ поцврсто додека слободно си ги доверуваат своите мисли, грижи и чувства. Во некој поглед, ситуацијата е слична и кога станува збор за нашиот однос со Јехова Бог. Со помош на оваа книга ти научи многу за она што ни го кажува Библијата за Јехова, за неговите особини и за неговите намери. Го запозна како вистинска личност. Молитвата ти дава прилика да му ги довериш на твојот небесен Татко своите мисли  и најдлабоки чувства. На тој начин стануваш уште поблизок со Јехова (Јаков 4:8).

КОИ УСЛОВИ МОРАМЕ ДА ГИ ИСПОЛНИМЕ?

5. Што покажува дека Јехова не ги слуша сите молитви?

5 Дали Јехова ги слуша сите молитви? Забележи што им рекол на бунтовните Израелци кои живееле во времето на пророкот Исаија: „Кажувате многу молитви, но јас не слушам — рацете ви се полни со крв“ (Исаија 1:15). Од ова се гледа дека некои наши постапки можат да го наведат Бог да не ги слуша нашите молитви. Значи, ако сакаме Бог да ни ги чуе молитвите, мораме да исполниме некои основни услови.

6. Кој е еден од главните услови за Бог да ги чуе нашите молитви, и како можеме да го исполниме?

6 Еден од главните услови е да покажуваме вера. (Прочитај Марко 11:24.) Апостол Павле напишал: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6). Вистинската вера не значи само да знаеме дека Бог постои и дека ги слуша нашите молитви и одговара на нив. Верата ја докажуваме со дела. Од нашиот секојдневен живот мора јасно да се види дека имаме вера (Јаков 2:26).

7. а) Зошто треба да покажуваме почит кога му се обраќаме на Јехова во молитва? б) Како можеме да покажеме понизност и искреност кога му се молиме на Бог?

7 Друг услов е да се молиме понизно и искрено. Зарем немаме причина да бидеме понизни кога зборуваме со Јехова? Кога луѓето имаат прилика да зборуваат со некој крал или претседател, обично го прават тоа со почит, признавајќи ја високата положба на тој владетел. Колку поголема почит треба да покажуваме кога му се обраќаме на Јехова, „Семоќниот Бог“! (1. Мојсеева 17:1; Псалм 138:6). Кога му се молиме на Бог, од начинот на кој му се обраќаме треба да се види дека сме понизни и свесни  за нашата положба пред него. Исто така, понизноста ќе нѐ поттикне да се молиме искрено и од срце, и да не кажуваме рутински молитви во кои постојано повторуваме едни исти зборови (Матеј 6:7, 8).

8. Како можеме да постапуваме во склад со нашите молитви?

8 Уште еден услов што треба да го исполниме за Бог да нѐ сослуша е да постапуваме во склад со нашите молитви. Јехова очекува од нас да правиме сѐ што е во наша моќ за да го добиеме она што го бараме. На пример, ако се молиме: „Лебот наш за овој ден дај ни го денес“, мораме трудољубиво да ја извршуваме секоја работа што ќе успееме да ја најдеме (Матеј 6:11; 2. Солуњаните 3:10). Ако се молиме за помош да совладаме некоја телесна слабост, мораме внимателно да одбегнуваме околности и ситуации што би можеле да нѐ доведат во искушение (Колошаните 3:5). Освен овие основни услови, има и некои прашања во врска со молитвата што треба да ги одговориме.

ОДГОВОР НА НЕКОИ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО МОЛИТВАТА

9. Кому треба да му се молиме, и преку кого?

9 Кому треба да му се молиме? Исус ги поучил своите следбеници да му се молат на ,својот Татко, кој е на небесата‘ (Матеј 6:9). Значи, молитвите треба да му ги упатуваме само на Јехова Бог. Меѓутоа, Јехова бара да ја признаеме положбата на неговиот единороден Син, Исус Христос. Како што видовме во петтото поглавје, Исус бил испратен на Земјата за да го даде својот живот како откуп со кој ќе нѐ избави од гревот и смртта (Јован 3:16; Римјаните 5:12). Тој е поставен за Првосвештеник и Судија (Јован 5:22; Евреите 6:20). Затоа, Библијата ни кажува дека молитвите треба да ги упатуваме преку Исус. Тој самиот рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6). За да ни бидат сослушани молитвите, мораме да му се молиме само на Јехова преку неговиот Син.

10. Зошто не е потребно да се наместиме во некоја посебна положба кога се молиме?

 10 Треба ли да бидеме во некоја посебна положба кога се молиме? Не. Јехова не бара да се наместиме во некоја посебна положба, ниту со рацете ниту со целото тело. Од Библијата учиме дека можеме да се молиме во најразлични положби. Можеме да седиме, да ја наведнеме главата како кога се поклонуваме, да клекнеме на колена или да стоиме (1. Летописи 17:16; Неемија 8:6; Даниел 6:10; Марко 11:25). Она што е навистина важно не е некоја посебна положба што можат да ја видат другите, туку исправниот став на срцето. Всушност, во нашите секојдневни активности или кога ќе се случи нешто непредвидено, можеме да се помолиме во себе каде и да сме. Јехова ги слуша таквите молитви иако луѓето околу нас воопшто не забележуваат дека сме се помолиле (Неемија 2:1-6).

11. За кои лични работи можеме да се молиме?

11 За што можеме да се молиме? Библијата објаснува: „Што и да бараме во склад со неговата волја, тој [Јехова] нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Значи, можеме да се молиме за сѐ што е во склад со Божјата волја. Дали е негова волја да се молиме за лични работи? Се разбира! Молитвата до Јехова може да биде како разговор со некој близок пријател. Можеме да зборуваме отворено и да си го ,излееме срцето‘ пред Бог (Псалм 62:8). Можеме да се молиме и за свет дух, бидејќи тој ќе ни помогне да го правиме она што е исправно (Лука 11:13). Исто така, можеме да се молиме за водство да донесуваме мудри одлуки и за сила да ги поднесеме тешкотиите (Јаков 1:5). Кога ќе згрешиме, треба да го молиме Бог да ни прости на темел на Христовата жртва (Ефешаните 1:3, 7). Се разбира, не треба да се молиме само за себе. Во нашите молитви треба да ги вклучиме и другите луѓе — како членовите на семејството, така и нашите браќа и сестри во верата (Дела 12:5; Колошаните 4:12).

12. Како можеме на прво место во нашите молитви да ставиме сѐ што е поврзано со нашиот небесен Татко?

 12 На прво место во нашите молитви треба да ставиме сѐ што е поврзано со Јехова Бог. Навистина имаме многу причини од сѐ срце да го фалиме Јехова и да му благодариме за сета негова добрина (1. Летописи 29:10-13). Во молитвата Оченаш, која е запишана во Матеј 6:9-13, Исус нѐ поучил да се молиме да се свети Божјето име. (Прочитај.) Потоа рекол да се молиме да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја како на небото така и на Земјата. Дури откако ги спомнал овие важни работи поврзани со Јехова, Исус преминал на личните работи. Кога и во нашите молитви Бог е на прво место, покажуваме дека не сме заинтересирани само за себе.

13. Што покажува Библијата во врска со должината на молитвите што ги сослушува Бог?

13 Колку долги треба да бидат нашите молитви? Библијата не поставува никакви ограничувања во врска со тоа колку долги треба да бидат личните или јавните молитви. Тие можат да бидат со најразлична должина — од кратки молитви пред некој оброк до подолги лични молитви во кои го излеваме своето срце пред Јехова (1. Самоилова 1:12, 15). Меѓутоа, Исус ги осудил самоправедните луѓе што се молеле долго само за да остават впечаток пред другите (Лука 20:46, 47). Таквите молитви не го импресионираат Јехова. Најважно е да се молиме од срце. Значи, должината на молитвите што ги сослушува Бог може да се разликува во зависност од потребите и од околностите.

Бог може да ја чуе твојата молитва во секое време

14. Што значи поттикот од Библијата ,да се молиме непрестајно‘, и зошто тоа е утешно?

14 Колку често треба да се молиме? Библијата нѐ поттикнува ,секогаш да се молиме‘, ,да истраеме во молитва‘ и ,да се молиме непрестајно‘ (Лука 18:1; Римјаните 12:12; 1. Солуњаните 5:17). Се разбира, овие изјави не значат дека мораме да му се молиме на Јехова по цел  ден. Библијата едноставно нѐ поттикнува редовно да се молиме, секогаш да му благодариме на Јехова за тоа што е добар со нас и да бараме од него водство, утеха и сила. Зарем не е утешно да се знае дека Јехова не поставува ограничувања за тоа колку долго или колку често можеме да зборуваме со него во молитва? Ако навистина ја цениме молитвата како посебна чест, ќе најдеме многу прилики да му се молиме на нашиот небесен Татко.

15. Зошто треба да речеме „амин“ на крајот на личните и на јавните молитви?

15 Зошто треба да кажеме „амин“ на крајот на молитвата? Зборот „амин“ значи „се согласувам“ или „така нека биде“. Примерите од Библијата покажуваат дека треба да се рече „амин“ на крајот на личните и на јавните молитви (1. Летописи 16:36; Псалм 41:13). Кога велиме „амин“ на крајот на нашите лични молитви, потврдуваме дека искрено го мислиме она што сме го кажале во нив. А кога на крајот на нечија јавна молитва ќе речеме „амин“, било во себе било наглас, покажуваме дека се согласуваме со она што било кажано во неа (1. Коринќаните 14:16).

КАКО БОГ ОДГОВАРА НА НАШИТЕ МОЛИТВИ

16. Во што можеме да бидеме уверени во врска со молитвите?

16 Дали Јехова навистина одговара на молитвите? Да, одговара! Имаме цврста основа да бидеме уверени дека Бог, кој „ги слуша молитвите“, одговара на искрените молитви што му ги упатуваат милиони луѓе (Псалм 65:2). Јехова може да ни одговори на молитвите на различни начини.

17. Што покажува дека Бог ги користи своите ангели и своите слуги на Земјата за да одговори на нашите молитви?

17 За да одговори на молитвите, Јехова ги користи своите ангели и своите слуги на Земјата (Евреите 1:13, 14). Има многу примери на луѓе што му се молеле на Бог да им помогне да ја разберат Библијата, и  кратко потоа сретнале некој Јеховин слуга. Ваквите искуства покажуваат дека ангелите го водат делото на проповедање на Царството (Откровение 14:6). За да ни одговори на молитвите што ги кажуваме кога ни е многу тешко, Јехова може да мотивира некој соверник да ни помогне (Изреки 12:25; Јаков 2:16).

Јехова може да одговори на нашите молитви со тоа што ќе поттикне некој соверник да ни помогне

18. Како Јехова ги користи својот свет дух и својата Реч за да одговори на молитвите на своите слуги?

18 Друг начин на кој Јехова Бог одговара на молитвите на своите слуги е преку светиот дух и преку  својата Реч, Библијата. Кога се молиме за помош да ги издржиме искушенијата, може да ни одговори на тој начин што ќе ни даде водство и сила преку својот свет дух (2. Коринќаните 4:7). Честопати, кога се молиме за водство, одговорот го наоѓаме во Библијата, преку која Јехова ни помага да донесуваме мудри одлуки. Додека ја проучуваме Библијата и додека ги читаме христијанските публикации, како што е оваа книга, можеме да најдеме библиски стихови што ќе ни бидат од помош. Освен тоа, на некој христијански состанок или кога разговараме со некој грижлив старешина во собранието, можеме да чуеме библиски мисли што треба да ги земеме во обѕир (Галатите 6:1).

19. Што треба да имаме на ум ако понекогаш ни се чини дека Бог не одговара на нашите молитви?

19 Понекогаш можеби ни се чини дека Јехова премногу долго не одговара на некои наши молитви. Но, ова во никој случај не значи дека тој не може да одговори на нив. Не смееме да заборавиме дека Јехова одговара на молитвите на свој начин и во свое време. Тој знае многу подобро од нас што ни треба и како да се погрижи за тоа. Бог честопати дозволува постојано ,да молиме, да бараме и да чукаме‘ (Лука 11:5-10). Таквата  упорност му покажува дека навистина ни е важно она за што го молиме и дека имаме вистинска вера. Освен тоа, Јехова може да ни одговори на молитвите на начин што ние нема веднаш да го забележиме. На пример, кога го молиме во врска со некое искушение, можеби нема да одговори со тоа што ќе го отстрани искушението туку со тоа што ќе ни даде сила да го пребродиме. (Прочитај Филипјаните 4:13.)

20. Зошто треба редовно да му се молиме на Јехова?

20 Колку треба да сме благодарни што Творецот на целата вселена е близу до сите што му се молат на исправен начин! (Прочитај Псалм 145:18.) Огромна чест е да можеме да му се обратиме на Јехова во молитва. Затоа, редовно да му се молиме. Така ќе стануваме сѐ поблиски со Јехова, Богот кој ги слуша молитвите.