Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ДЕВЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Дали живееме во „последните денови“?

Дали живееме во „последните денови“?
  • Кои настани што се случуваат денес биле проречени во Библијата?

  • Што вели Божјата Реч, какви ќе бидат луѓето во „последните денови“?

  • Кои убави работи се проречени во Библијата за „последните денови“?

1. Од каде можеме да дознаеме што ни носи иднината?

ДАЛИ некогаш, гледајќи вести на телевизија, си се прашал: ,Каде оди овој свет?‘ Трагедиите се случуваат толку ненадејно и неочекувано што ниеден човек не може да предвиди што ќе донесе утрешниот ден (Јаков 4:14). Но, Јехова знае што ни носи иднината (Исаија 46:10). Многу одамна, во неговата Реч, Библијата, биле проречени не само лошите работи што се случуваат во нашево време туку и убавите работи што нѐ очекуваат во блиска иднина.

2, 3. Кое прашање го поставиле учениците на Исус, и што им одговорил тој?

2 Исус Христос зборувал за Божјето Царство, кое ќе му стави крај на злото и ќе ја претвори Земјата во рај (Лука 4:43). Луѓето сакале да знаат кога ќе дојде тоа Царство. Всушност, учениците го прашале Исус: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Матеј 24:3). Тој им одговорил дека само Јехова Бог знае кога точно ќе дојде крајот на овој  поредок (Матеј 24:36). Но, Исус сепак прорекол што ќе се случува на Земјата непосредно пред тоа Царство да им донесе вистински мир и безбедност на луѓето. Она што го прорекол се исполнува денес!

3 Пред да ги разгледаме доказите што покажуваат дека живееме во „свршетокот на овој поредок“, накратко да се осврнеме на една војна што не можел да ја види ниеден човек. Иако оваа војна се водела во невидливото духовно подрачје, нејзиниот исход влијае врз нас.

ВОЈНА НА НЕБОТО

4, 5. а) Што се случило на небото набрзо откако Исус станал Цар? б) Според Откровение 12:12, каков бил исходот од војната на небото?

4 Во претходното поглавје од оваа книга беше објаснето дека во 1914 год. Исус Христос станал Цар на небото. (Прочитај Даниел 7:13, 14.) Кратко потоа Исус стапил во акција. „Избувна војна на небото“, вели Библијата. „Михаел [друго име за Исус] и неговите ангели се бореа против змејот [Сатана Ѓаволот]. И змејот се бореше заедно со своите ангели“. * Сатана и неговите злобни ангели, демоните, ја изгубиле таа војна и биле исфрлени од небото на Земјата. Божјите верни духовни синови многу се радувале поради тоа. Меѓутоа, луѓето немале причина за таква радост. За нив во Библијата било проречено нешто друго: ,Тешко на земјата . . . зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!‘ (Откровение 12:7, 9, 12).

5 Забележи каков бил исходот од таа војна што се водела на небото. Во својот бес, Сатана почнал да им нанесува неволји на оние што живеат на Земјата. Како што ќе видиш, ние денес живееме во времето на тие неволји. Но, тоа нема да трае долго — само „кратко време“.  Дури и Сатана го знае тоа. Овој период Библијата го нарекува „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Колку сме среќни што Бог наскоро ќе ја ослободи Земјата од влијанието на Ѓаволот! Да разгледаме некои работи што се проречени во Библијата, а се случуваат токму сега. Тие се доказ дека живееме во последните денови и дека Божјето Царство наскоро ќе им донесе вечни благослови на оние што го сакаат Јехова. Најнапред, да разгледаме четири работи од знакот што Исус рекол дека ќе го обележи нашево време.

ГЛАВНИ НАСТАНИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

6, 7. Како се исполнува денес она што го рекол Исус за војните и за гладот?

6 „Ќе се крене народ против народ и царство против царство“ (Матеј 24:7). Во војните во минатиот век биле убиени милиони луѓе. Еден британски историчар напишал: „Дваесеттиот век е најкрвавиот век во досегашната историја . . . Тоа беше век во кој речиси непрекинато се водеа војни и имаше само неколку кратки периоди без организирани вооружени конфликти“. Во еден извештај на Институтот за набљудување на настаните во светот стои: „Во војните во [20-тиот] век загинаа трипати повеќе луѓе отколку во сите војни што се воделе од  првиот век па сѐ до 1899 год.“ Од 1914 год., во војните загинале повеќе од 100 милиони луѓе. Дури и ако сме почувствувале колку е болно да изгубиме еден од своите најмили во војна, не можеме ни да си ги замислиме јадот и болката што ги носи смртта на милиони луѓе.

7 „Ќе има глад“ (Матеј 24:7). Истражувачите велат дека во последниве 30 години многу се зголемило производството на храна. Сепак, луѓето и понатаму гладуваат затоа што многу од нив немаат доволно пари за да си купат храна или немаат земја на која би можеле да засадат нешто. Во земјите во развој, над милијарда луѓе се принудени да живеат со помалку од 30 евра месечно. Повеќето од нив постојано гладуваат. Светската здравствена организација проценува дека неисхранетоста е една од главните причини за смртта на повеќе од пет милиони деца годишно.

8, 9. Што покажува дека се исполниле Исусовите пророштва за земјотресите и за смртоносните зарази?

8 „Ќе има силни земјотреси“ (Лука 21:11). Според Геолошкиот институт на САД се очекува да има просечно по 19 поголеми земјотреси годишно. Тие ќе бидат доволно силни за да ги оштетат зградите и да направат пукнатини во земјата. Исто така, отприлика секоја година  има земјотреси што се доволно силни за да предизвикаат потполно рушење на објектите. Извештаите покажуваат дека од 1900-тата година наваму земјотресите однеле преку два милиона животи. Според еден извор на информации, „напредокот во технологијата само незначително го намалил бројот на жртвите“.

9 „Ќе има смртоносни зарази“ (Лука 21:11). И покрај напредокот во медицината, меѓу луѓето беснеат и стари и нови болести. Во еден извештај се вели дека во последниве децении луѓето сѐ почесто заболуваат од 20 добро познати болести — меѓу кои се туберкулозата, маларијата и колерата — а некои болести сѐ потешко се лекуваат со лекарства. Всушност, се појавиле најмалку уште 30 нови болести. За некои од нив сѐ уште нема лек и завршуваат со смрт.

КАКВИ ЌЕ БИДАТ ЛУЃЕТО ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

10. Кои особини проречени во 2. Тимотеј 3:1-5 ги гледаш кај луѓето денес?

10 Освен тоа што дава опис на некои од настаните што ќе се случуваат во светот, Библијата прорекува дека во последните денови ќе се променат и самите луѓе. Апостол Павле навел какви особини ќе имаат повеќето луѓе. Библијата вели: „Во последните денови ќе настанат  особено тешки времиња“. (Прочитај 2. Тимотеј 3:1-5.) Меѓу другото, Павле рекол дека луѓето ќе бидат:

  • себични

  • алчни за пари

  • непослушни на родителите

  • нелојални

  • бесчувствителни кон другите

  • без самосовладување

  • сурови

  • повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог

  • на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо.

11. На кој начин во Псалм 92:7 е опишано што ќе се случи со злобните?

11 Дали и луѓето околу тебе станале такви? Без сомнение да. Насекаде има луѓе со лоши особини. Тоа покажува дека Бог наскоро ќе преземе нешто, бидејќи Библијата вели: „Кога злите никнуваат како трева и цветаат сите што прават зло, тоа е за да бидат истребени засекогаш“ (Псалм 92:7).

ИМА И УБАВИ РАБОТИ!

12, 13. Како се умножило „вистинското знаење“ во ова ,време на крајот‘?

12 Последните денови навистина се исполнети со неволји, баш како  што е проречено во Библијата. Меѓутоа, во овој немирен свет се случуваат и некои убави работи меѓу Јеховините слуги.

13 „Вистинското знаење ќе се умножи“, проречено е во библиската книга Даниел. Кога требало да се случи тоа? Во „времето на крајот“ (Даниел 12:4). Особено од 1914 год., на оние што искрено сакаат да му служат, Јехова им помага подобро да ја разберат Библијата. Оттогаш тие сѐ подобро ги разбираат скапоцените вистини во врска со Божјето име и неговата намера, откупната жртва на Исус Христос, состојбата на мртвите и воскресението. Освен тоа, Јеховините слуги научиле како да живеат на начин што е најдобар за нив и што му носи фалба на Бог. Исто така, подобро ја разбрале улогата на Божјето Царство и како ова Царство ќе ги реши проблемите во светот. Што прават тие со знаењето што го стекнале? Тоа прашање нѐ води до уште едно пророштво што се исполнува во овие последни денови.

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“ (Матеј 24:14)

14. Во колкав обем се проповеда добрата вест за Царството денес, и кој ја проповеда?

14 „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“, рекол Исус Христос во своето пророштво за „свршетокот на овој поредок“. (Прочитај Матеј 24:3, 14.) Насекаде во светот, добрата вест за Царството — што е Царството, што ќе направи тоа и како можеме и ние да ги доживееме неговите благослови — се проповеда во преку 230 земји и на стотици јазици. Милиони Јеховини сведоци ревносно ја проповедаат добрата вест за Царството. Тие доаѓаат од „сите народи и племиња и народности и јазици“ (Откровение 7:9). Сведоците бесплатно ја проучуваат Библијата со милиони луѓе што сакаат да дознаат што навистина учи таа. Зар ова не е впечатливо исполнување на пророштвото на Исус, особено затоа што тој прорекол дека ,сите ќе ги мразат‘ вистинските христијани? (Лука 21:17).

 ШТО ЌЕ НАПРАВИШ ТИ?

15. а) Дали веруваш дека живееме во последните денови, и зошто? б) Што ќе значи „крајот“ за оние што му се противат на Јехова, а што за оние што се подложуваат на владата на Божјето Царство?

15 Бидејќи денес се исполнуваат толку многу библиски пророштва, зарем не се согласуваш дека навистина живееме во последните денови? Кога Јехова ќе биде задоволен со обемот во кој е проповедана добрата вест, „крајот“ сигурно ќе дојде (Матеј 24:14). „Крајот“ е времето кога Бог ќе го отстрани злото од Земјата. Заедно со Исус и моќните ангели, Јехова ќе ги уништи сите што намерно му се противат (2. Солуњаните 1:6-9). Сатана и неговите демони нема повеќе да ги заведуваат народите. Потоа, Божјето Царство ќе излее многу благослови врз сите оние што се подложуваат на неговата праведна власт (Откровение 20:1-3; 21:3-5).

16. Што ќе биде мудро да правиш?

16 Бидејќи крајот на Сатановиот свет е близу, треба да се запрашаме: ,Што треба да правам јас?‘ Мудро е да продолжиш уште повеќе да учиш за Јехова и за она што тој го очекува од нас (Јован 17:3). Внимателно проучувај ја Библијата. Стекни навика редовно да се состануваш со оние што сакаат да ја извршуваат Јеховината волја. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) Запознај го Јехова Бог така што ќе ја проучуваш неговата Реч, и направи ги потребните промени во животот за да ја имаш Божјата наклоност (Јаков 4:8).

17. Зошто уништувањето на злите ќе ги изненади повеќето луѓе?

17 Исус прорекол дека повеќето луѓе нема да обрнуваат внимание на доказите што покажуваат дека живееме во последните денови. Уништувањето на злобните ќе дојде ненадејно и неочекувано. Како крадец во ноќта, ќе ги фати на препад повеќето луѓе. (Прочитај 1. Солуњаните 5:2.) Исус предупредил: „Како што беше во деновите на Ное, таква ќе биде присутноста  на Синот човечки. Зашто, како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа, сѐ до денот кога Ное влезе во арката, и не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37-39).

18. Кое предупредување што го дал Исус треба да го сфатиме сериозно?

18 Затоа, Исус им рекол на оние што го слушале: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка. Зашто, ќе дојде врз сите што живеат по целата земја. Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете [стекнувајќи наклоност] пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36). Мудро е сериозно да ги сфатиме Исусовите зборови. Зошто? Затоа што оние кои ја имаат наклоноста на Јехова Бог и на „Синот човечки“, Исус Христос, ќе можат да го преживеат крајот на Сатановиот свет и да живеат вечно во прекрасниот нов свет што сега е толку близу! (Јован 3:16; 2. Петрово 3:13).

^ пас. 4 Објаснување за тоа дека Михаел е друго име за Исус Христос можеш да најдеш во Додатокот под темата „Кој е архангелот Михаел?“.