Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Што навистина учи Библијата?

 ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ

Каква е Божјата намера со Земјата?

Каква е Божјата намера со Земјата?
  • Каква е Божјата намера со луѓето?

  • Како бил доведен во прашање Божјиот начин на владеење?

  • Каков ќе биде животот на Земјата во иднина?

1. Каква е Божјата намера со Земјата?

БОГ има навистина прекрасна намера со Земјата. Јехова сака на Земјата да живеат среќни, здрави луѓе. Библијата вели дека Бог ,насадил градина во Еден‘ и дека ,направил да никнат секакви дрвја привлечни за гледање и добри за јадење‘. Откако ги создал првите маж и жена, Адам и Ева, ги сместил во тој прекрасен дом и им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28; 2:8, 9, 15). Значи, Божјата намера била луѓето да имаат деца, да го прошират својот рајски дом по целата Земја и да се грижат за животните.

2. а) Од каде знаеме дека Бог ќе ја оствари својата намера со Земјата? б) Што вели Библијата, кои луѓе ќе живеат вечно?

2 Дали мислиш дека некогаш ќе се оствари намерата на Јехова Бог луѓето да живеат во рај на Земјата? „Ја кажав својата намера“, изјавува Бог, „и ќе ја исполнам“ (Исаија 46:9-11; 55:11). Да, Бог сигурно ќе го оствари тоа што го наумил! Тој вели дека ,не ја создал земјата залудно‘ туку ,ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 45:18). Какви луѓе сакал Бог да живеат  на Земјата? И колку долго сакал да живеат на неа? Библијата го дава одговорот: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29; Откровение 21:3, 4).

3. Какви очајни услови владеат на Земјата денес, и кои прашања се наметнуваат поради тоа?

3 Очигледно, овие зборови сѐ уште не се исполниле. Луѓето денес се разболуваат и умираат, дури и водат војни и се убиваат. Нешто тргнало наопаку. Но, Бог сигурно немал намера Земјата да биде таква каква што е денес! Што се случило? Зошто Бог не ја остварил својата намера? Ниту една книга по историја што ја напишале луѓето не може да ни го даде одговорот на овие прашања, затоа што проблемот започнал на небото.

СЕ ПОЈАВУВА ЕДЕН НЕПРИЈАТЕЛ

4, 5. а) Кој бил тој што зборувал со Ева преку една змија? б) Како може да стане крадец некој што порано бил добар и чесен човек?

4 Првата книга од Библијата ни кажува дека во еденската градина се појавил еден противник на Бог. Тој противник е наречен „змијата“, но не бил само едно обично животно. Последната книга од Библијата ни открива дека тој ,се вика Ѓавол и Сатана и дека го заведува целиот свет‘. Наречен е и „празмијата“ (1. Мојсеева 3:1; Откровение 12:9). Овој моќен ангел, односно невидливо духовно суштество, зборувал со Ева преку една змија, исто како што некои луѓе можат да остават впечаток дека нивниот глас доаѓа од некоја кукла. Без сомнение, таа духовна личност била присутна кога Бог ја подготвувал Земјата за луѓето (Јов 38:4, 7).

5 Меѓутоа, ако сѐ што создал Јехова е совршено, тогаш кој го направил овој „Ѓавол“ и „Сатана“? Едноставно речено, еден од моќните Божји духовни синови самиот станал Ѓавол. Како било можно ова? Па, и денес може да стане крадец некој што порано бил добар и  чесен. Како доаѓа до тоа? Човек може да дозволи во неговото срце да се роди некоја неисправна желба. Ако постојано размислува за неа, таа неисправна желба може да стане многу силна. А потоа, ако се укаже прилика, тој може и да го направи она на што го тера лошата желба за која размислувал. (Прочитај Јаков 1:13-15.)

6. На кој начин еден моќен Божји духовен син станал Сатана Ѓаволот?

6 Токму ова се случило со Сатана Ѓаволот. По сѐ изгледа, тој чул кога Бог им рекол на Адам и Ева да имаат деца и да ја наполнат Земјата со свои потомци (1. Мојсеева 1:27, 28). Сатана веројатно си мислел: ,Сите тие луѓе би можеле да ме обожаваат мене, а не Бог!‘ Така, во неговото срце се родила една неисправна желба. На крајот постапил во склад со неа и ја завел Ева со тоа што ѝ кажал лаги за Бог. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-5.) Со тоа станал „Ѓавол“, што значи „клеветник“. Во исто време станал и „Сатана“, што значи „противник“.

7. а) Зошто умреле Адам и Ева? б) Зошто стареат и умираат сите потомци на Адам?

7 Служејќи се со лаги и измама, Сатана Ѓаволот ги навел Адам и Ева да му бидат непослушни на Бог (1. Мојсеева 2:17; 3:6). Затоа на крајот умреле, токму како што Бог рекол дека ќе се случи ако не бидат послушни (1. Мојсеева 3:17-19). Бидејќи Адам станал несовршен кога згрешил, сите негови потомци наследиле грев од него. (Прочитај Римјаните 5:12.) Таа ситуација би можела да се објасни со една тепсија за печење леб. Ако тепсијата има вдлабнатина, каков ќе биде лебот што ќе се пече во неа? Секој леб ќе има вдлабнатина, односно грешка. Слично на тоа, секој човек наследил „грешка“, односно несовршенство од Адам. Затоа сите луѓе стареат и умираат (Римјаните 3:23).

8, 9. а) Како Сатана го довел во прашање Јеховиниот начин на владеење? б) Зошто Бог не ги уништил бунтовниците веднаш?

 8 Кога Сатана ги навел Адам и Ева да му згрешат на Бог, тој, всушност, кренал побуна. Го довел во прашање Јеховиниот начин на владеење. Сатана како да рекол: ,Бог е лош владетел. Тој лаже и им скратува некои добри работи на своите поданици. На луѓето не им треба  Бог да владее со нив. Тие можат самите да одлучуваат што е добро, а што лошо. Ќе им биде подобро ако јас владеам со нив‘. Како одговорил Бог на ова навредливо обвинение? Некои мислат дека требало едноставно да ги погуби бунтовниците. Но, дали со тоа ќе се одговорело на обвинението на Сатана? Дали ќе се докажело дека Божјиот начин на владеење е праведен?

9 Бидејќи Јехова има совршено чувство за правда, не ги погубил бунтовниците веднаш. Тој знаел дека е потребно време за да се даде задоволувачки одговор на обвинението што го изнел Сатана и за да се докаже дека Ѓаволот е лажливец. Затоа Бог решил да им дозволи на луѓето извесно време да владеат сами под влијание на Сатана. Во единаесеттото поглавје од оваа книга ќе видиме зошто Јехова го сторил тоа, и зошто дозволил да помине толку време за да се решат тие спорни прашања. Но, сега е добро да размислиме за следново: Требало ли Адам и Ева да му поверуваат на Сатана, кој никогаш не направил ништо добро за нив? Зарем требало да поверуваат дека Јехова, кој им дал сѐ што имале, е злобен лажливец? Што би направил ти?

10. Како можеш да застанеш на Јеховината страна и да дадеш одговор на обвинението од Сатана?

10 Добро е да размислиме за ова затоа што секој од нас денес се соочува со слични прашања. Да, и ти имаш прилика да застанеш на Јеховината страна и да го дадеш својот одговор на обвинението што го изнел Сатана. Можеш да го прифатиш Јехова како свој Владетел и да помогнеш да се докаже дека Сатана е лажливец (Псалм 73:28; прочитај Изреки 27:11). За жал, од милијардите луѓе во светот, тоа го направиле само малкумина. Затоа се поставува едно важно прашање: Дали Библијата навистина учи дека Сатана владее со овој свет?

 КОЈ ВЛАДЕЕ СО ОВОЈ СВЕТ?

Зар Сатана би можел да му ги понуди на Исус сите царства на светот ако не биле негови?

11, 12. а) Како едно искушение пред кое се нашол Исус открива дека Сатана е владетелот на овој свет? б) Што друго докажува дека Сатана владее со светот?

11 Исус никогаш не се сомневал во тоа дека Сатана е владетелот на овој свет. На некаков натприроден начин, во една прилика Сатана му ги покажал на Исус „сите царства на светот и нивната слава“. Тогаш Сатана му ветил на Исус: „Сето ова ќе ти го дадам ако паднеш и ми се поклониш“ (Матеј 4:8, 9; Лука 4:5, 6). Размисли за ова. Дали таа понуда ќе била искушение за Исус ако Сатана не бил владетелот на тие царства? Исус не одрекол дека сите тие царства во светот му припаѓаат на Сатана. Тој сигурно ќе го направел тоа ако Сатана немал власт над нив.

12 Се разбира, Јехова е Семоќниот Бог, Творецот на прекрасната вселена (Откровение 4:11). Сепак, никаде во Библијата не пишува дека Јехова Бог или Исус Христос се владетели на овој свет. Всушност, Исус јасно рекол дека Сатана е „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 14:30; 16:11). Во Библијата, Сатана Ѓаволот е наречен дури и „богот на овој свет“ (2. Коринќаните 4:3, 4). Во врска со овој противник, односно Сатана, апостол Јован напишал: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19).

КАКО ЌЕ БИДЕ УНИШТЕН СВЕТОТ НА САТАНА

13. Зошто ни е потребен еден нов свет?

13 Од година на година, светот станува сѐ поопасен. Преплавен е со војни, со нечесни политичари, со лицемерни верски водачи и со закоравени криминалци. Едноставно, не е возможно да се поправи целиот свет. Библијата открива дека е близу времето кога Бог ќе го уништи овој злобен свет во својата војна наречена Армагедон, и ќе го замени со еден праведен нов свет (Откровение 16:14-16).

14. Кого го избрал Бог за Владетел на своето Царство, и како било проречено тоа?

 14 Јехова Бог го избрал Исус Христос за Владетел на своето небесно Царство, односно влада. Пред многу години во Библијата било проречено: „Ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде . . . Кнез на Мирот. Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот“ (Исаија 9:6, 7, ДХК). Во врска со оваа влада, Исус ги поучил своите следбеници да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Како што ќе видиме понатаму во оваа книга, Божјето Царство наскоро ќе ги отстрани сите влади на овој свет и ќе владее наместо нив. (Прочитај Даниел 2:44.) Потоа, под владата на Божјето Царство, Земјата ќе биде претворена во рај.

БЛИЗУ Е ЕДЕН НОВ СВЕТ!

15. Што е ,новата земја‘?

15 Библијата нѐ уверува: „Според неговото [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13; Исаија 65:17). Понекогаш, кога во Библијата се зборува за ,земјата‘, се мисли на луѓето што живеат на неа (1. Мојсеева 11:1). Според тоа, праведната „нова земја“ е општество кое се состои од луѓе што ја извршуваат Божјата волја.

16. Каков скапоцен подарок од Бог ќе добијат оние што ја извршуваат неговата волја, и што мораме да правиме за да го добиеме и ние?

16 Исус ветил дека на оние што ја извршуваат Божјата волја ќе им биде подарен „вечен живот“ во претстојниот нов свет (Марко 10:30). Отвори ја Библијата во Јован 3:16 и 17:3 и прочитај што рекол Исус дека мораме да правиме за да добиеме вечен живот. А сега, да видиме што вели Библијата за тоа какви благослови ги очекуваат оние што во претстојниот рај на Земјата ќе го добијат тој прекрасен подарок од Бог.

17, 18. Зошто можеме да бидеме сигурни дека на целата Земја ќе владее мир и луѓето нема да живеат во страв?

 17 Нема да има повеќе злоба, војни, криминал и насилство. „Злиот ќе го снема . . . А кротките ќе ја поседуваат земјата“ (Псалм 37:10, 11). Ќе владее мир затоа што ,Бог ќе ги прекине војните до крајот на земјата‘ (Псалм 46:9; Исаија 2:4). Тогаш „ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината“ — што значи, засекогаш! (Псалм 72:7).

18 Јеховините слуги нема да живеат во страв. Сѐ додека Израелците од библиските времиња му биле послушни на Бог, немале од што да се плашат (3. Мојсеева 25:18, 19). Колку ќе биде убаво кога и во рајот ќе живееме без никаков страв! (Прочитај Исаија 32:18; Михеј 4:4).

19. Од каде знаеме дека во Божјиот нов свет ќе има изобилство храна?

19 Нема да има глад. „На земјата житото богато ќе роди“, во песна рекол псалмистот. „По планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16). Јехова Бог ќе ги благослови своите праведни слуги и „земјата ќе го даде својот род“ (Псалм 67:6).

20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека целата Земја ќе стане рај?

20 Целата Земја ќе стане рај. Земјата што некогаш ја уништувале грешните луѓе ќе биде полна со убави нови куќи и градини. (Прочитај Исаија 65:21-24; Откровение 11:18.) Малку по малку, Земјата ќе се уредува сѐ додека целата планета не стане убава и плодна како што била еденската градина. Бог никогаш нема да престане да ја ,отвора својата рака и да ја задоволува желбата на сѐ што е живо‘ (Псалм 145:16).

21. Од каде знаеме дека ќе владее мир меѓу луѓето и животните?

21 Меѓу луѓето и животните ќе владее мир. Дивите и домашните животни ќе јадат заедно. Дури и малото дете нема да се плаши од животните што денес се опасни. (Прочитај Исаија 11:6-9; 65:25.)

22. Што ќе се случи со болестите?

 22 Ќе нема болести. Како Владетел на Божјето небесно Царство, Исус ќе лекува во многу поголема мера отколку што лекувал кога бил на Земјата (Матеј 9:35; Марко 1:40-42; Јован 5:5-9). Тогаш „никој од жителите нема да рече: ,Болен сум‘“ (Исаија 33:24; 35:5, 6).

23. Зошто воскресението ќе ни донесе радост?

23 Нашите најмили што умреле ќе бидат вратени во живот и никогаш повторно нема да мораат да умрат. Сите оние што спијат во смртен сон, а се наоѓаат во Божјето сеќавање, ќе бидат вратени во живот. Всушност, Бог „ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15; прочитај Јован 5:28, 29).

24. Како се чувствуваш кога размислуваш за животот во рајот на Земјата?

24 Оние што ќе одлучат да го запознаат и да му служат на нашиот Величествен Творец, Јехова Бог, ги очекува прекрасна иднина! Кога на злосторникот кој умрел покрај него Исус му ветил: „Ќе бидеш со мене во Рајот“, тој мислел на рајот што ќе дојде на Земјата (Лука 23:43). Многу е важно да научиме нешто повеќе за Исус Христос, преку кого ќе се остварат сите овие благослови.