Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Младите прашуваат — 10 практични одговори

 ПРАШАЊЕ 2

Зошто премногу се грижам за мојот изглед?

Зошто премногу се грижам за мојот изглед?

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ГО ЗНАЕШ ТОА

Во животот има поважни работи од тоа што го гледаш во огледалото.

ШТО БИ НАПРАВИЛА ТИ?

Замисли си ја следнава ситуација: Секогаш кога ќе се погледне во огледало, Емили мисли дека е дебела. „Мора да ослабам“, си вели таа, и покрај тоа што нејзините родители и пријатели велат дека е коски и кожа.

Пред некое време, Емили почна да размислува да преземе драстични мерки за да ослабне само некое кило. Тоа би значело неколку дена да не јаде ништо...

Што би направила * ти кога би била на нејзино место?

ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!

Сликата што ја имаш за себе може да наликува на одразот во едно искривено огледало

Нема ништо погрешно во тоа да водиш сметка за својот изглед. Всушност, во Библијата се зборува за физичката убавина на повеќе мажи и жени, а некои од нив се Сара, Рахела, Авигеја Јосиф и Давид. За една девојка по име Ависага, во Библијата пишува дека била „посебно убава“ (1. Царевите 1:4).

Меѓутоа, голем број млади се опседнати со својот изглед. Тоа може да води до сериозни проблеми. Размисли за следново:

  • Во едно истражување, 58 отсто од девојките сметале дека имаат вишок килограми, а всушност, само 17 отсто имале прекумерна тежина.

  • Во едно друго истражување, 45 отсто од жените мислеле дека имаат вишок килограми иако, всушност, нивната тежина била под нормалната!

  • Обидувајќи се да ослабнат, некои млади станале жртви на анорексијата — сериозно нарушување во исхраната кое е опасно по живот и е рамно на изгладнување.

 Ако имаш симптоми на анорексија или некое друго нарушување во исхраната, побарај помош. Довери им се на родителите или на некој друг возрасен во кого имаш доверба. Една библиска изрека вели: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

ШТО Е ВИСТИНСКА УБАВИНА?

Дали некој е привлечен или не, зависи од тоа каква личност е. Размисли за Авесалом кој му бил син на цар Давид. Во Библијата пишува:

„Немаше човек кого толку го фалеа поради неговата убавина... Од стапалата до темето немаше недостаток на него“ (2. Самоилова 14:25).

Но, овој млад човек бил горд, амбициозен и подмолен. Затоа во Библијата Авесалом не е прикажан во убаво светло. За него пишува дека бил бесрамен предавник и убиец полн со омраза.

Библијата со добра причина нѐ советува:

„Облечете ја новата личност“ (Колошаните 3:10).

„Вашиот украс нека не биде надворешен... туку тоа нека биде тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:3, 4).

Иако не е погрешно да сакаш да изгледаш добро, сепак многу е поважно каква личност си. Долгорочно гледано, на другите ќе им бидеш привлечен поради твоите убави особини, а не поради големите мускули или убавата линија. Една девојка по име Филисија вели: „Ако си убав, другите лесно ќе те забележат, ама најмногу ќе те паметат по твоите убави особини“.

ШТО МИСЛИШ ЗА СВОЈОТ ИЗГЛЕД?

Дали често се разочаруваш од својот изглед?

Дали некогаш си размислувала за пластична операција или за строга диета за да поправиш нешто во својот изглед?

Избери кои физички карактеристики би ги сменила кај себе:

  • ВИСИНА

  • ТЕЖИНА

  • КОСА

  • ГРАДБА

  • ЛИЦЕ

  • ТЕН

Ако на првите две прашања одговори со „да“ и избра три или повеќе карактеристики во третото прашање, размисли за следново: Најверојатно другите не те гледаат толку негативно како што се гледаш ти. Лесно е да отидеш во крајност и да бидеш претерано загрижена за својот изглед (1. Самоилова 16:7).

^ пас. 8 Во оваа статија ќе користиме женски род, но советите важат и за девојките и за момчињата.

Нешто повеќе

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ МЛАДИ

Неколку млади луѓе зборуваат за здравиот начин на живот

Дали ти е тешко да се храниш здраво и да вежбаш редовно? Во оваа видеоснимка ќе видиш што прават некои млади за да си го зачуваат здравјето.