Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Младите прашуваат — 10 практични одговори

 ПРАШАЊЕ 1

Дали имам свое јас?

Дали имам свое јас?

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ГО ЗНАЕШ ТОА

Ако се познаваш себеси и ако имаш изградено свои ставови, ќе можеш да донесеш мудри одлуки кога ќе се најдеш под притисок.

ШТО БИ НАПРАВИЛ ТИ?

Замисли си ја следнава ситуација: Кети, која е малолетна, доаѓа на забава. Но, само десет минути подоцна зад себе слуша еден познат глас.

„Кај си ма Кети? Што стоиш како здрвена?“

Кети се свртува и ја гледа својата другарка Јулија со две шишиња пиво во рацете. „Јас знам што ќе те опушти“, ѝ вели Јулија, подавајќи ѝ го едното шише. Кети малку се колеба, па Јулија продолжува: „Ајде ма, не си веќе дете! Уживај во животот“.

Кети не сака да го земе пивото. Но, Јулија ѝ е другарка и Кети не сака таа да мисли за неа дека е уништувач на забави. Освен тоа, Јулија важи за добра девојка. Ако таа пие, значи не е толку страшно. „Па тоа е само пиво“, си вели Кети, „не е дрога“.

Што би направил ти кога би бил на местото на Кети?

ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!

За да донесеш мудра одлука во ваква ситуација, треба да имаш свое јас. Треба да имаш јасна слика за тоа кој си ти и да имаш изградено свои ставови. Така нема да им дозволиш на другите да ти го контролираат животот, туку ти ќе ги држиш конците во свои раце (1. Коринќаните 9:26, 27).

Како можеш да стекнеш таква самодоверба? Од помош ќе ти бидат следниве четири прашања.

 1. КОИ СЕ МОИТЕ ЈАКИ СТРАНИ?

Ако си свесен за своите способности и позитивни страни, ќе имаш поголема самодоверба.

БИБЛИСКИ ПРИМЕР: Апостол Павле напишал: „И да сум невешт во говорот, не сум во знаењето“ (2. Коринќаните 11:6). Бидејќи многу добро ги разбирал светите списи, Павле можел цврсто да остане на својот став кога другите го напаѓале. Не дозволувал нивните негативни забелешки да му ја разнишаат самодовербата (2. Коринќаните 10:10; 11:5).

АНАЛИЗИРАЈ СЕ: Напиши еден твој талент или вештина.

Сега, наведи една своја позитивна карактерна црта. (На пример, дали си грижлив? великодушен? точен? одговорен?)

2. КОИ СЕ МОИТЕ СЛАБИ СТРАНИ?

Ако не ги контролираш твоите слаби страни, тогаш тие ќе завладеат со тебе и ти ќе се смениш на полошо.

БИБЛИСКИ ПРИМЕР: Павле бил свесен за своите слабости. Тој напишал: „Според својот внатрешен човек навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот“ (Римјаните 7:22, 23).

АНАЛИЗИРАЈ СЕ: Кои слабости треба да научиш да ги контролираш?

 3. КОИ СЕ МОИТЕ ЦЕЛИ?

Дали ќе влезеш во такси и ќе му речеш на шоферот да те вози низ твоето маало сѐ додека не снема бензин? Тоа би било глупаво — и скапо!

Која е поуката? Кога имаш цели, не луташ во животот како мува без глава. Знаеш каде одиш и имаш план како да стигнеш до таму.

БИБЛИСКИ ПРИМЕР: Павле напишал: „Јас не трчам бесцелно“ (1. Коринќаните 9:26). Тој не дозволувал животот да му помине тукутака. Наместо тоа, Павле си поставувал цели и живеел во склад со нив (Филипјаните 3:12-14).

АНАЛИЗИРАЈ СЕ: Напиши три цели што би сакал да ги постигнеш во рок од една година.

4. КОИ СЕ МОИТЕ УБЕДУВАЊА?

Кога имаш свое јас, ти си како дрво со длабоки корени кое може да издржи силни бури

Ако немаш свои убедувања, лесно ќе потпаѓаш под туѓо влијание. Ќе ги менуваш боите како камелеон за да се вклопиш во друштвото на твоите врсници — што е сигурен показател дека немаш свое јас.

Од друга страна, кога постапуваш во склад со своите убедувања, не си го погазуваш своето јас, без разлика што прават другите.

БИБЛИСКИ ПРИМЕР: Уште кога бил млад, најверојатно во тинејџерски години, пророкот Даниел одлучил во своето срце да се држи за Божјите закони иако бил далеку од семејството (Даниел 1:8). На тој начин, покажал дека има свое јас. Даниел живеел според своите убедувања.

АНАЛИЗИРАЈ СЕ: Какви убедувања имаш ти? На пример: Веруваш ли во Бог? Ако да, зошто? Кои докази те уверуваат тебе дека има Бог?

Дали си уверен дека Божјите морални мерила се за твое добро? Ако да, зошто?

На крај, размисли за следново: На што би сакал да личиш — на паднат лист што може да го дувне и најслабо ветре или на цврсто дрво што може да издржи и најсилни бури? Ако изградиш свое јас, ќе бидеш стабилен како едно такво дрво. Ќе имаш јасна слика за себеси и ќе знаеш што сакаш во животот.