Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Младите прашуваат — 10 практични одговори

 ПРАШАЊЕ 8

Што треба да знам за сексуалното насилство?

Што треба да знам за сексуалното насилство?

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ГО ЗНАЕШ ТОА

Секоја година, милиони луѓе се жртва на силување или на некој друг вид сексуално злоупотребување, а младите се главна мета.

ШТО БИ НАПРАВИЛА ТИ?

Уште пред Анета да биде свесна што ѝ се случува, напасникот ја турнал на земја. Таа вели: „Пробав да се бранам на секој можен начин. Се обидов да врискам, но немав глас. Го туркав, го клоцав, го удирав и го гребев. Тогаш почувствував убод од нож. Целосно се парализирав од страв“.

Што би направила * ти доколку се најдеш во слична ситуација?

ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!

Можеби си внимателна, особено кога навечер излегуваш сама од дома. Но, и покрај тоа може да се случат лоши работи. Во Библијата пишува: „Трката не ја добиваат брзите... ниту се во милост оние што имаат знаење; зашто, времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“ (Проповедник 9:11).

Некои, како Анета, биле нападнати од непознат човек. Други, пак, се нападнати од некој што го познаваат или од некој член на семејството. Кога имала само десет години, Натали била силувана од еден тинејџер од соседството. „Толку ми беше страв и срам што отпрвин не кажав никому“, вели таа.

 НЕ СИ ТИ ВИНОВНА

Анета сѐ уште се бори со чувства на вина поради тоа што се случило. Таа вели: „Постојано се навраќам на таа вечер во мислите. Си велам дека требаше да пружам поголем отпор. Но, откако ме прободе, се парализирав од страв. Знам дека не можев да направам ништо повеќе, а сепак мислам дека требаше“.

И Натали се бори со чувства на вина. Таа вели: „Не требаше да бидам толку наивна. Родителите ни зборуваа мене и на сестра ми дека секогаш треба да бидеме заедно кога си играме надвор, но јас не ги послушав. Затоа, мислам дека самата му дадов можност на соседот да ме повреди. Она што ми се случи многу го погоди моето семејство. Се чувствувам виновна што им нанесов толкава болка на моите најблиски. Тоа најмногу ме мачи“.

Ако и тебе те измачуваат слични чувства како Анета и Натали, не заборавај дека тоа што си била силувана не било по твоја волја. Некои ја намалуваат сериозноста на тоа злодело со тоа што велат: „Жртвата сама си го барала“. Но, никој не заслужува да биде силуван. Ако и ти си била жртва на такво злосторство, тоа не е твоја вина!

Се разбира, лесно е да прочиташ „не си ти виновна“, но многу потешко е да се убедиш дека е така. Некои не зборуваат никому за она што им се случило и се измачуваат со чувства на вина и со други негативни емоции. Меѓутоа, ако молчиш, кому му правиш услуга — себеси или на оној што те силувал? Затоа, можеш да избереш една подобра опција.

ДОВЕРИ СЕ НЕКОМУ

Библијата ни кажува дека во моментите кога му било најтешко, праведниот Јов рекол: „Отворено ќе ја изразам грижата што ја чувствувам поради својата состојба. Ќе зборувам од горчина во душата“ (Јов 10:1). И тебе ќе ти биде полесно ако го направиш истото. Ако разговараш со некој доверлив пријател, со текот на времето тоа може да ти помогне да научиш да живееш со она што се случило и да се ослободиш од негативните чувства.

Чувствата што ги имаш поради силувањето може да ти бидат претежок товар. Зошто не си помогнеш со тоа што ќе зборуваш со некого?

Анета самата се уверила во тоа. Таа вели: „Зборував со една блиска пријателка која ме поттикна да им кажам на двајца старешини од моето собрание. И мило ми е што го направив тоа. Тие неколкупати разговараа со мене и ми го кажаа токму она што ми требаше — дека ни најмалку не сум виновна за она што се случи“.

На Натали многу ѝ помогнало тоа што им се доверила на своите родители. „Тие ми ја дадоа сета поддршка што ми требаше“, вели таа. „Ме поттикнаа отворено да зборувам, а тоа ми помогна да не бидам толку потиштена и гневна.“

Натали нашла голема утеха и во молитвата. „Многу ми помогна тоа што му се молев на Бог“, вели таа, „особено во моментите кога не можев да зборувам со никој друг. Во молитва можам сѐ да му кажам на Јехова. Тоа ми дава вистински мир и спокој.“

И ти ќе се увериш дека има „време за лекување“ (Проповедник 3:3). Води сметка за твоето физичко и емоционално здравје. Одморај се доволно, бори се против негативните мисли и труди се да размислуваш за позитивни работи. И што е најважно, потпирај се на Јехова, Богот на секоја утеха (2. Коринќаните 1:3, 4).

 АКО СИ ДОВОЛНО ВОЗРАСНА ЗА ВРСКА

Ако твојот дечко те наговара да се впуштиш во нечисто однесување, воопшто не е погрешно цврсто да речеш: „Престани!“ или „Тргни ги рацете од мене!“ Немој да молчиш од страв дека ќе го изгубиш дечкото. Ако ти раскине поради тоа, таков човек не ти ни треба! Ти заслужуваш вистински маж кој ќе ги почитува и твоето тело и твоите принципи.

КВИЗ

„Во основно училиште момчињата ми го влечеа градникот одназад и ми кажуваа безобразни работи — на пример, колку ќе уживам ако спијам со нив“ (Корета).

Што мислиш, дали момчињата...

  1. А. само се шегувале со неа?

  2. Б. флертувале со неа?

  3. В. сексуално ја вознемирувале?

„Во автобус еден дечко почна да ми кажува безобразни работи и непристојно да ме допира. Го плеснав по раката и му реков да се тргне од мене. Ме погледна како да сум ненормална“ (Клара).

Што мислиш, дали ова момче...

  1. А. само се шегувало со неа?

  2. Б. флертувало со неа?

  3. В. сексуално ја вознемирувало?

„Лани, еден дечко цело време ми кажуваше дека многу му се допаѓам и дека сака да му бидам девојка, иако постојано го одбивав. Понекогаш, ќе ме погалеше по раката. Ќе му речев да прекине, но тој продолжуваше. А еднаш, додека си ги врзував чевлите, ме плесна по задникот“ (Бетани).

Што мислиш, дали ова момче...

  1. А. само се шегувало со неа?

  2. Б. флертувало со неа?

  3. В. сексуално ја вознемирувало?

Точниот одговор на сите три прашања е под В.

По што се разликува сексуалното вознемирување од флертувањето или од шегувањето?

Сексуалното вознемирување е себична и сурова постапка. Напасникот нема да престане да ја вознемирува жртвата дури и кога таа ќе му каже да ја остави на мир.

Сексуалното вознемирување е сериозен проблем. Со текот на времето тоа може да води до сексуално насилство.

^ пас. 7 Во оваа статија ќе користиме женски род, но советите важат и за девојките и за момчињата.

Нешто повеќе

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што можам да направам во врска со сексуалното вознемирување?

Дознај што е сексуално вознемирување и што да правиш ако и самиот си жртва.