Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Младите прашуваат — 10 практични одговори

 ПРАШАЊЕ 6

Како да се справам со притисокот од врсниците?

Како да се справам со притисокот од врсниците?

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ГО ЗНАЕШ ТОА

Ако цврсто стоиш на своите ставови, нема да дозволиш другите да го контролираат твојот живот.

ШТО БИ НАПРАВИЛ ТИ?

Замисли си ја следнава ситуација: Филип гледа како две момчиња од класот му приоѓаат. Нозете му се пресекуваат. Веќе двапати оваа седмица пробаа да го натераат да пуши. Ова ќе им биде третпат.

Првото момче му вели:

„Пак си сам, а? Имам нешто за тебе.“

Му намигнува на Филип, а потоа вади цигара од џебот и му ја нуди.

Филип полека почнува да го фаќа паника.

„Извини“, вели Филип, „ама, веќе ви кажав дека не...“

Второто момче го прекинува: „Ај не биди кукавица!“

Филип успева да собере храброст и вели: „Не сум кукавица!“

Второто момче ја префрла раката околу неговото рамо и со пријатен глас му вели: „Абе ај земи“.

Првото момче ја приближува цигарата до устата на Филип и му шепнува: „Нема да кажеме никому. Никој нема да знае“.

Што ќе направеше ти да беше на местото на Филип?

 ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!

Дали врсниците на Филип воопшто знаат зошто пушат? Дали размислиле со своја глава? Веројатно не. Всушност, тие потпаднале под туѓо влијание. Сакаат да бидат прифатени и затоа им дозволуваат на другите да влијаат врз нивните ставови.

Ако се најдеш во слична ситуација како Филип, што можеш да направиш за да му се спротивставиш на притисокот од врсниците?

  1. ПРЕДВИДИ ГО ПРОБЛЕМОТ

    Во Библијата пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а неискусните одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3, фус.).

    Честопати, однапред можеш да видиш дека ќе дојде до некоја незгодна ситуација. На пример, треба да поминеш покрај група соученици, но оддалеку гледаш дека пушат. Ако предвидиш дека ќе дојде до проблем, ќе бидеш подготвен да се соочиш со него.

  2. РАЗМИСЛИ

    Во Библијата пишува: „Зачувајте чиста совест“ (1. Петрово 3:16).

    Прашај се: „Како ќе се чувствувам во иднина ако сега попуштам под притисокот од другите?“ Точно, можеби некое време ќе бидеш прифатен од врсниците и нема да те задеваат. Но, како ќе се чувствуваш подоцна? Спремен ли си да ги погазиш своите ставови само за да им угодиш на соучениците? (2. Мојсеева 23:2).

  3. ОДЛУЧИ

    Во Библијата пишува: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).

    Кога-тогаш, сите ќе мора да донесеме одлука за тоа како да постапиме во некоја ситуација и потоа да ги прифатиме последиците. Во Библијата се спомнати луѓе како Јосиф, Јов и Исус кои донеле исправни одлуки. А се спомнуваат и луѓе како Каин, Исав и Јуда кои донеле лоши одлуки. Каква одлука ќе донесеш ти?

Во Библијата стои: „Држете се за доброто“ (Римјаните 12:9). Ако веќе си размислил за последиците и си донел одлука како да постапиш, ќе се изненадиш колку е лесно да си го кажеш ставот. Ќе видиш и дека тоа ќе те направи среќен.

Не грижи се! Не мора да им држиш предавање на своите врсници. Може да биде доволно и само одлучно да кажеш „НЕ“. Или, за јасно да го покажеш својот цврст став, би можел да речеш:

  • „Јас такво нешто не правам!“

  • „Мене не ме интересираат такви работи!“

  • „Де бре дечки, уште ли не ме знаете?!“

Поентата е во тоа да одговориш брзо и со увереност. Ако постапиш така, можеби ќе се изненадиш колку брзо врсниците ќе те остават на раат!

КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО ИСМЕВАЊЕТО?

Ако попуштиш на притисокот од врсниците, ќе бидеш како робот што тие ќе го управуваат како сакаат

Што ако врсниците те исмеваат? На пример, ако ти речат: „Што е — да не ти е страв?“ Имај на ум дека исмевањето е уште еден начин на кој врсниците ти вршат притисок. Како би можел да постапиш во ваква ситуација? Имаш најмалку две опции.

  • Би можел да признаеш дека е точно тоа за што те исмеваат. („Во право сте, страв ми е!“ Потоа накратко кажи зошто.)

  • Би можел да ја префрлиш топката кај нив. Кажи зошто ги одбиваш и потоа поттикни ги да размислат дали е паметно тоа што го прават. („Не знаев дека пушите, мислев дека сте попаметни.“)

Ако продолжат да те исмеваат, замини си! Колку подолго си со нив, толку посилен ќе биде притисокот. Со тоа што ќе си заминеш им покажуваш дека не им дозволуваш да те стават во нивниот калап!

Да бидеме реални — не можеш да избегаш од притисокот од врсниците. Но, можеш да заземеш став, да си го кажеш ставот и да ги држиш работите под контрола. Значи, изборот е твој! (Исус Навин 24:15).