Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 11

Утешни и поучни песни вдахновени од Бог

Утешни и поучни песни вдахновени од Бог

Давид и други Божји слуги составуваат песни со кои се слави Јехова. Библиската книга Псалми се состои од 150 такви песни

НАЈГОЛЕМАТА библиска книга претставува збирка од свети песни, кои биле пишувани во период од околу 1.000 години. Псалмите содржат некои од најдлабоките и највпечатливи зборови со кои Божјите слуги ја изразиле својата вера. Во нив се испреплетуваат многу човечки чувства — од радост и благодарност до болка, длабока тага и каење. Очигледно е дека писателите на псалмите имале близок однос со Бог и целосна доверба во него. Да видиме за што се зборува во некои од тие песни.

Само Јехова има право да биде Севишен Владетел, кој заслужува да го почитуваме и да го фалиме. Во Псалм 83:18 пишува: „Да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ Во неколку псалми се велича Јехова поради она што го создал, како што се ѕвезденото небо, чудесните животни облици на Земјата и прекрасното човечко тело (Псалми 8, 19, 139, 148). Други псалми го слават Јехова како Бог кој ги избавува и ги штити оние што му се верни (Псалми 18, 97, 138). А во некои, пак, се велича како Бог на правдата, кој им помага на угнетените и ги казнува злите (Псалми 11, 68, 146).

Јехова ги теши и им помага на оние што го сакаат. Веројатно најпознат од сите е Псалм 23, во кој Давид го опишува Јехова како нежен Пастир што ги води, ги штити и се грижи за своите овци. Псалм 65:2 ги потсетува Божјите слуги дека Јехова „ги слуша молитвите“. Мнозина што направиле тежок грев нашле голема утеха во Псалми 39 и 51. Во нив Давид со трогателни зборови го изразил своето искрено каење поради тешките гревови што ги направил, и покажал вера дека Јехова ќе му прости. Псалм 55:22 нѐ поттикнува да имаме доверба во Јехова и да му го префрлиме „своето бреме“, односно да му ги довериме своите грижи.

Јехова ќе го смени светот преку месијанското Царство. Многу стихови во Псалмите се однесуваат на Месијата, проречениот Цар. Во Псалм 2 е проречено дека тој ќе ги уништи злите народи што му се противат. Во Псалм 72 се вели дека ќе ги отстрани гладот, неправдите и угнетувањето. Според Псалм 46:9, преку месијанското Царство, Бог ќе ги прекине сите војни и ќе го уништи сето оружје. Во Псалм 37 читаме дека злите ќе бидат истребени, а праведниците ќе живеат засекогаш во мир и слога на Земјата.

Се темели на Псалмите.